19. Извор без вода
1. Библијата – вистинита Божја реч
Библијата никогаш не била, ниту смеела да биде, предмет на „сопствено кажување на пророкот… туку светите Божји луѓе зборувале водени од Светиот Дух“ (2. Петрово 1,20.21). Уште во времето на апостолите се појавила опасност од погрешно „толкување“ на Библијата; уште тогаш во неа имало „работи тешки за разбирање, што неучените и неутврдените ги изопачуваат, како и другите Писма, за своја погибел“ (2. Петрово 3,16). Затоа Библијата не може ниту да се пишува, ниту да се разбере, додека нејзините писатели и читатели не добијат „сила од Светиот Дух, Кој ќе слезе“ врз нив (Дела на апостолите 1,8). Библијата ја вдахнал Светиот Дух, и без негова помош никој не може правилно да ја разбере, ниту да ја толкува. Секој кој со произволно толкување ја извртува, тоа го прави „на своја погибел“.
Апостол Јован бил последниот писател на Библијата, но ниту тој не бил произволен нејзин толкувач, туку верен сведок кој „го посведочи словото Божјо и сведоштвото на Исус Христос, и сѐ што виде“ (Откровение 1,2). Сведок бил и апостол Петар, кој заедно со Јован изјавил за Христа: „самите бевме очевидци на Неговото величие“ (2. Петрово 1,16). За сета вистина може да се каже: „Ова го зборува Светиот и Вистинитиот“ (Откровение 3,7). Библијата ја пишувале сведоци, а го пишувале она „што го чувме, она што со очите свои го видовме“ (1. Јованово 1,1). Во Библијата „имаме околу себе огромен облак од сведоци“ (Евреите 12,1), што е вистинско чудо, што не може да се случи ако не бидеме накиснати со дождот на небесната духовна радост. Библијата е „Исусовото сведоштво“ (Откровение 19,10), затоа што сите нејзини писатели „испитаа, во кое или какво време им јавуваше Духот Христов однапред, Кој беше во нив“ (1. Петрово 1,11). Во име на сите апостоли и ученици на соборот на Седумдесеттемина (Синедрионот), апостол Петар им изјавил на црковните великодостојници: „зашто ние не можеме да не зборуваме за она што сме го виделе и чуле“ (Дела на апостолите 4,20). Како сведок на Исуса Христа тој го поставил христијанското правило на безусловна верност кон Божјата реч:
„Треба да Му се покоруваме на Бога, отколку на луѓето.“
Библијата е Божја реч, дадена на човекот „директно, и јавно, а не преку скриени зборови“ (4. Мојсеева 12,8). Писателите на Библијата нејзините страници не ги пишувале како што се пишуваат собрани народни умотворби. Библијата не настанала со запишување на некакво усно предание – со некакво пренесување на нејзините свети вистини од колено на колено. Таа не настанала според „човечкото преданија, според стихиите на светот“ (Колошаните 2,8). Секој писател на Библијата својот спис и книга ги пишувал исто како и Мојсеј – дури тогаш кога Бог го „вложи во неговото срце Својот Свет Дух“ (Исаија 63,11). На последниот писател на Библијата, Господ Исус Христос му го рекол истото што му го рекол и на првиот: „И така напиши што виде, што е и што има да стане по тоа“ (Откровение 1,19).
Библијата се бори „за вистинската вера, која им е дадена на светиите еднаш засекогаш“ (Јуда 1,3). Целата Библија зборува како и апостол Павле: „А јас го примив од Господ она, што ви го предадов“ (1. Коринќаните 11,23). Од римскиот затвор, апостолот на незнабошците му пишувал послание на младиот старешина и проповедник на Ефеската црква, Тимотеј, за значењето на Светото писмо – Библијата, заколнувајќи го: „Проповедај го словото, настојувај во погодно време и во невреме, укорувај, забранувај, советувај со голема долготрпеливост и поука. Зашто ќе дојде време кога луѓето нема да го слушаат здравото учење, но, водени по своите похоти, ќе си изберат учители да им го залажат слухот; тие ќе го одвратат слухот свој од вистината и ќе се свртат кон бајки“ (2. Тимотеј 4,2-4).
Апостол Петар додава: „А во народот имаше и лажни пророци, како што и меѓу вас ќе има лажни учители, кои ќе внесат погубни ереси и, откако се одречат од Господ, Кој ги откупил, ќе навлечат врз себеси брза погибел“ (2. Петрово 2,1). Двајцата истакнати апостоли знаеле дека по нивното заминување, во христијанските редови ќе влезат „лути волци, кои нема да го штедат стадото“, кои „ќе зборуваат искривено, за да ги одвлечат учениците заедно со себе“ (Дела 20,29.30). Цел свет е сведок како се исполнуваат овие зборови. Човечкото предание и традиција сè уште се ставаат над Божјата реч – над Библијата.
„Ќе го одвратат слухот свој од вистината“ значи отфрлање на „здравото учење“ – отфрлање на Библијата, а „ќе се свртат кон бајки“ кон „преданието на старите“ (Марко 7,5). Тоа значи прифаќање на човечки зборови наместо Божјите. „Одречувањето од Господ“ значи одрекување на Божјите заповеди, а тоа особено се гледа во изменувањето на четвртата заповед која зборува за Божјата власт над светот што го создал. Во Библијата за преданието се зборува како за наука под чие влијание ќе се изменат Божјите заповеди. Уште преку Мојсеј Бог наредил да се чува оригиналното писмо на неговиот Закон: „Не додавајте ни збор повеќе на она што ви го заповедам, ниту да одземате од него; исполнувајте ги заповедите на Господ, вашиот Бог, кои јас ви ги предавам“ (5. Мојсеева 4,2).
Речиси истите зборови Христос му ги повторил и на последниот писател на Библијата – на апостол Јован: „И Јас му сведочам на секого кој ги слуша пророчките зборови на оваа книга. Ако некој нешто додаде кон нив, нему Бог ќе му наметне казни опишани во оваа книга. Ако некој одземе од пророчките зборови на оваа книга, Бог ќе му го одземе делот од книгата на животот, и од светиот град, и од она што е напишано во оваа книга“ (Откровение 22,18.19). Религиската традиција е збир на изопачени верски мислења и сфаќања на народот, на праксата и обичаите што настанале со извртување, одземање и додавање кон Божјата реч.
2а. Христос ги отфрла преданијата еднаш засекогаш
Скриена цел на преданијата отсекогаш била откажување од Творецот и Спасителот на светот, од Исуса Христа, укинувајќи ги Неговите заповеди. За да им ја наметнат на Христовите ученици својата човечка власт наместо Божјата, фарисеите, свештениците и книжевниците во Христово време ја укинувале Божјата заповед, а поставувале човечки заповеди, издигнувајќи го со тоа својот авторитет, а не Божјиот. Индиректно тие го укорувале и Христа кому му поставиле прашање: „Зошто учениците Твои не постапуваат според преданието на старите, но со неизмиени раце јадат леб?“ (Марко 7,5). Според стариот обичај, фарисеите и книжевниците „држејќи го преданието на старите, не јадат, дури не ги измијат рацете до лактите“ (стих 3).
На Христовите усни веднаш се нашла Библијата, единственото мерило на религиската вистина. Без колебање Тој им одговорил со целисходната сила на Божјата реч:
„Добро пророкувал Исаија за вас лицемерите, како што е напишано: ‚Овој народ со уста Ме почитува, но срцето им е далеку од Мене; но напразно Ме почитува, зашто проповеда човечки повелби.‘ Зашто, вие, оставајќи ја Божјата заповед, го држите преданието човечко… И така ја отфрлате Божјата заповед, за да го запазите вашето предание“ (Марко 7,6-8.13).
Христос им зборувал така на „оние кон кои беше упатено словото Божјо“, зашто знаел дека „Писмото не може да се урне“ (Јован 10,35). Кога Христос бил гладен по четириесетдневниот пост во пустината, се спротивставил на искушението на сатаната со Божјата реч. Тој истакнал: „Напишано е – ‚Човек не живее само од леб, туку и од секој збор што излегува од устата на Бога“ (Матеј 4,4). Библијата е Божје Писмо, Божјо слово, а не предание. Кога сатаната, престорен во светлосен ангел, му ги понудил сите царства на овој свет, Исус ни за миг не се поколебал, туку јасно изјавил дека никогаш нема да се укине ниту првата, ниту последната заповед од Законот, па дури ни тогаш кога тоа му го предложил „ангел од небото“ (Галатјаните 1,8). Со божествен авторитет, Тој му одговорил: „Бегај од Мене, сатано, зашто е напишано: ‚На Господ, Твојот Бог, да Му се поклонуваш и само Нему да Му служиш!‘“ (Матеј 4,10). Во Христовата рака силно блескотел мечот на Библијата!
2б. Дошол да ја пренесе библиската наука
И вториот напад на „небесниот ангел“ – на Луцифер, сатаната – дошол од неочекувана страна: од самата Библија! Сепак, тоа била „извртена наука“ зашто, цитирајќи еден библиски текст, сатаната од него изоставил еден значаен збор, со што ја изменил целата негова смисла. Но Христос повторно му одговорил со зборовите на Библијата: „Напишано е исто така –’Не искушувај Го Господ, Твојот Бог‘“ (Матеј 4,7).
Христос не цитирал човечки зборови, туку Божји – Библијата. Според Христа, само гласот на Библијата е Божји глас. Да се следат гласовите на поранешната и подоцнежната верска традиција и преданија, значи да се следат „оние кои не помагаат“ (Еремија 2,8) и да се копаат „извори издупчени, кои не можат да држат вода“ – (Еремија 2,13).
Христос имал сила зашто се држел за Божјата реч, и на крај, како победник над гревот и смртта, ја објавил својата вечна власт како Господар на вселената: „Дадена ми е сета власт на небото и на земјата“ (Матеј 28,18). Денеска само Христос, и на небесата и на земјата, е Оној „Кој отвора, и никој не може да затвори, – и Кој затвора, и никој не може да отвори“ (Откровение 3,7). Само Господ Исус Христос има власт и може да спаси од смртта. Самиот Христос ги кажал следните зборови: „Не плаши се! Јас сум Првиот и Последниот и Живиот. Бев мртов, и ете, жив сум за сите векови и ги имам клучевите од адот и смртта“ (Откровение 1,17.18). Целта на Христовото доаѓање на светот не била да му ја предаде некому власта над човечките души, туку да ја предаде својата наука. На своите ученици не им дал власт „на небото и на земјата“ да го менуваат Божјиот закон и неговите наредби, туку им дал задача: „Одете и направете ги сите народи мои ученици“ (Матеј 28,19). Апостол Петар примил наредба од Господа не да владее, туку да учи: „Исус му рече: ’Паси ги овците мои’“ (Јован 21,17). Библијата е вистинско пасиште за Христовото стадо.
Верен на наредбата на Учителот, апостол Петар ги поучувал помладите со следните зборови: „Пасете го Божјото стадо, што го имате, надгледувајќи го не присилно, туку драговолно и според Бога; не заради срамна печалба, туку од сѐ срце. И не како да управувате со народот, туку давајќи му пример на стадото“ (1. Петрово 5,2.3). На црковните пастири им е даден налог да го учат стадото „како треба да се однесуваат во Божјиот дом“, учејќи ги со Христовата наука која во новозаветната црква е вистински и единствен „столб и потпора на вистината“ (1. Тимотеј 3,15). Нивно учење не било некакво предание, туку евангелието што им било предадено од Бога, не човечко мислење за Бога, туку Божјето Слово. Црквата не добила власт од Исуса да ги менува Божјите заповеди и наредби и тие измени да ги оправдува со обичаите и човечките сфаќања.
3. Почетоците кога вистината е заменета со лага
Луѓето „ја заменија вистината Божја со лага“, тогаш кога „му се поклонија и му служеа на создаденото, наместо на Создателот“ (Римјаните 1,25). Најсветла Божја творба е сонцето. И во дамнешните векови тоа светело со иста слава, како што свети и денеска, но и луѓето останале исти. Пред и по големите води на потопот, луѓето ги заменувале Божјите заповеди со свои одредби. Првата генерација градители на храмови по потопот, првиот храм му го посветила на сонцето како создание, наместо на Бога како Творец: „Потоа рекоа: „Ајде да си соѕидаме град и кула, висока до небото; и да се здобиеме со име“ (1. Мојсеева 11,4).
Нивниот духовен прадедо, Каин, сакал да го сочува своето име, но на каков начин? Во своето богослужение, јагнето – симболот на Христа како Спасител на светот – тој го заменил со земни плодови и го отфрлил Творецот, заминувајќи „источно од Едем“ (1. Мојсеева 4,16). Сонцето го прогласил за симбол на Бога и почнал да му служи на идолопоклонички начин. И неговите потомци исто така го обожавале светлото сонце и затоа „нивното неразумно срце им се помрачи“ (Римјаните 1,21). Светлината и блескотот на сонцето ги потемнеле нивните срца и нивниот ум.
Градителите на првата сончева кула напразно својот пат го насочиле кон небото за да се здобијат со име. Потфатот им пропаднал. Се растуриле по сета земја, но не престанале да го обожаваат сонцето. Нивното влијание било толку силно, што Бог дури и на својот избран народ морал да му упати строго предупредување: „Бидете цврсто убедени во душите свои… и да не се соблазниш ти, кога ќе погледнеш кон небото и ќе го видиш сонцето, месечината и ѕвездите и сето воинство небеско, та да им се поклониш и да им служиш“ (5. Мојсеева 4,15.19).
Кога израелскиот народ би го држел Божјиот закон и неговите прописи, а не човечки прописи, никогаш не би бил заведен да се клања на сонцето и на небесните тела, правејќи од нив идоли. Тие добро ја познавале првата заповед на Законот: „Јас сум Господ, Бог твој, Кој те изведе од земјата египетска, од домот на ропството. Немој да имаш други богови освен Мене“, и втората: „Не прави за себе идол, ниту некаква слика на она, што е горе на небото, што е долу на земјата и што е во водата под земјата; немој да им се поклонуваш, ниту да им служиш“ (2. Мојсеева 20,2-5). Но, прифаќајќи ги обичаите на околните незнабожечки народи – на поклониците на сонцето – тие ги оставиле Божјите свети заповеди. Библијата кажува дека и тие на сонцето му принесувале земни дарови „пред вратата на храмот Господов“ и му се клањале на „сонцето кон исток“ (Езекиел 8,16).
Идолопоклонството на сонцето (хелиолатрија) на стариот израелски народ во Библијата е напишано со најцрна боја: „Туку се смешаа со незнабошците и свикнаа на нивните дела; им служеа за нивните идоли, кои им станаа замка, и ги жртвуваа синовите свои и ќерките свои на злите духови; и проливаа невина крв, крвта на синовите свои и на ќерките свои, што им ги жртвуваа на хананските идоли, па земјата се извалка од таа крв“ (Псалм 106,35-38). Врховен халдејски бог бил сонцето под име Ваал (Баал, Бел) и Шамаш. Кога човечките обичаи ќе ги заменат Божјите заповеди, тогаш ќе настапи идолопоклонство.
4. Врвот на хелиолатријата до небото
Сонцето било општ, традиционален врховен бог на незнабошците. Дури и првата генерација христијани во Римската империја паднала под влијание на обожавателите на сонцето. Мешањето на христијаните со незнабошците не се случило преку ноќ, туку култот на сонцето во христијанизираното Римско царство се засилувал од колено на колено, од татко на син, особено во оние семејства што не биле темелно поучени на Христовата наука. Некои од подоцнежните учители на младата христијанска црква полесно прифаќале жезли на власт отколку пастирски стап, и повеќе грчката филозофија отколку Христовата наука. Црковните отци на своите потомци почнале да им предаваат митови, наместо Речта Божја, копнееле повеќе за власт отколку за вистината и за здравата Христова наука. Мнозина станале угледни потпирајќи се на „филозофијата и на празната измама на човечките преданија… а не на Христа“ (Колошаните 2,8).
Најголемото произволно толкување на евангелието било прифаќањето на првиот ден на седмицата за богослужбен ден. Сè поголем број неупатени христијани почнале да ја празнуваат неделата. Со одлуки на црковните собори, сите белези на светоста што му припаѓале на седмиот ден – на саботата – се пренесени на првиот ден на седмицата – на неделата. Тоа е сторено за да се прилагодат кон незнабожечкиот свет што го празнувал денот кој во Рим бил под заштита на богот на сонцето – Митра. Римскиот цар Константин во 321 година издал закон за празнување на неделата како „почесен ден на сонцето“.
Во Библијата не постои закон за измена на заповедта за празнување на саботата – на четвртата Божја заповед. Библијата не познава и не признава никаква наредба или одлука со која може да се менува која било Божја заповед. Библијата за вистински христијани ги смета само оние „што ги пазат заповедите Божји и верата Исусова“ (Откровение 14,12). Сè уште за Божјиот народ „останува саботната починка“ (Евреите 4,9). Библијата сè уште зборува: „Возљубени, грижејќи се постојано, да ви пишувам за нашето општо спасение, сметав дека е неопходно да ви напишам и да ве замолам – да се борите за вистинската вера, која им е дадена на светиите еднаш засекогаш“ (Јуда 1,3).
Библијата секогаш зборува како што зборува Господ, а не како што зборуваат луѓето. Саботата е знак за верноста и за почитувањето на Творецот, а не на созданијата или на материјата, и така ќе биде и во вечноста. Библијата, и само Библијата е „столб и потпора на вистината“, а столб и потпора на вистината е и црквата која учи и живее според Библијата, онака „како што е напишано“.
На сите кои поради своето досегашно непознавање на Божјата реч ја чувствуваат „жалоста што потекнува од Бога… за спасение“ (2. Коринќаните 7,10), Библијата им кажува:
„Бог, пак, не осврнувајќи се на времињата на незнаење, сега редум им заповеда на сите луѓе да се покаат“ (Дела на апостолите 17,30).
Знаењето секогаш е и обврска.
Кратка содржина на лекцијата
- Библијата не е предадена по пат на преданија, туку по пат на непосредно откровение: „Целото Писмо е од Бога вдахновено!“ (2. Тимотеј 3,16).
- Преданието е зборник на човечки одлуки и правила за верата и не може да се спореди со Библијата. Уште помалку учењето на традицијата или катихизисот можат да се стават над Библијата и со преданието да се оправдува укинувањето на Божјите заповеди и воспоставувањето на човечки правила и прописи.
- Во Христово време филозофите на религијата сметале дека без традиција нема црква, ниту црква без традиција. Но Христос тоа гледиште го отфрлил како неисправно, а Библијата ја потврдил како единствено правило на верата и како извор на вистинско посветување.
- Човечките претстави за Бога и за религијата Библијата ги споредува со „извор без вода“.
- Библијата не е продукт на ниедна црква во светот. Признатиот попис на библиските книги во Христово време не ги содржел апокрифите (поттурени, фалсификувани) книги, кои дури од 1546 година во некои изданија на Библијата се наоѓаат паралелно со нејзините првобитни книги. Многу погрешни учења на црковната традиција земени се од тие апокрифни извори.
- Воздржувањето од работа во првиот ден на седмицата не е во согласност со заповедта за празнување на денот за одмор и не се согласува со Божјата реч. Неделата, наспроти саботата, е производ на човечки невдахновени одлуки и нема основа во Библијата.