11. Времето и знаците
1. Знаците како весници за Христовото враќање
Библијата е гласник на Оној кој е „Господар над господарите и Цар над царевите“. Нејзиниот глас вика: „Пригответе Му пат на Господ, исправете ги во пустината патеките за нашиот Бог“ (Откровение 17,14; Исаија 40,3). Пророците го рамнеле патот на првото Христово доаѓање, а Христос ги поставил знаците на патот што завршува со Неговото второ доаѓање. Новиот завет го прогласува Исуса Христа за свршеник или младоженец и воскликнува: „Еве го младоженецот, излезете да го пречекате!“ (Матеј 25,6)
Истовремено Исус е и цар на вселенското царство и свршеник на нашиот свет кој доаѓа по своите поклоници како и некогаш младоженецот по својата невеста. Гласот на Библијата, како гласник, се слуша во знаците на земјата и на небото, во знаците што ги предупредуваат поканетите дека е време сериозно да се подготват и да излезат во пресрет на својот Господ и Спасител. Времето на гласовите е време на подготовка, а времето на подготовка е време на знаците.
Првото Христово доаѓање на светот било време на веридба. Времето за подготовка за вселенската свадба е сегашното време, време на знаците на второто Христово доаѓање. Христос го открил тоа време, но не и денот и часот на своето доаѓање. Тој рекол: „А за тој ден и час никој не знае, ниту ангелите небесни, туку само Мојот Отец“ (Матеј 24,36). Денот и часот на Христовото враќање на земјата ќе биде изненадување и за неговите чекатели, час на неизмерна радост за средбата на Учителот со учениците и Спасителот со спасените, почеток на свадбената свеченост во вселената. Дури и на своите најблиски соработници Исус им рекол:
„Затоа и вие треба да бидете подготвени, зашто Синот Човечки доаѓа во часот кога не очекувате.“.
Времето на знаците е објавено за да се подготви светот за тој необичен, свечен ден.
Дури и Јован Крстител накусо ја опишал подготвеноста на пријателот повикан на свадбата: „Оној што ја има невестата е младоженец; а пријателот на младоженецот, кој стои и го слуша, многу се радува на гласот од младоженецот“ (Јован 3,29). Пријателот на младоженецот стои подготвен и чека да го чуе гласот за неговото наближување.
Библискиот глас за Исусовото враќање на светот нема да остане без одзив. Христовиот проглас за неговото доаѓање ќе има свои подготвени слушатели и чекатели. Библијата ни ја открива неискажливата среќа на оние што стрпливо се подготвуваат да го пречекаат Христа со зборовите: „Пристигна младоженецот и приготвените влегоа со него на свадбата, и вратите се затворија“ (Матеј 25,10).
Исус ја отворил вратата на свадбената сала за спасение на сите луѓе со овие зборови: „Јас сум вратата: Кој ќе влезе преку Мене, ќе се спаси“ (Јован 10,9). Денеска е време за подготовка, денеска додека вратата сè уште е отворена. Библијата прогласува: „Денес, ако го чуете гласот Негов…“ (Евреите 3,7). Колебањето е еднакво на задоцнување. И уште еднаш Библијата повикува:
„Еве, сега е времето благопријатно; ете, сега е денот на спасението!“ (2. Коринќаните 6,2).
Иако небото е високо и широко, вратата му е тесна; иако повикот е упатен до сите, се бара напор во подготовката; влегувањето е условно и Христос повикува на смелост: „Потрудете се да влезете низ тесната врата; зашто ви велам: мнозина ќе сакат да влезат и не ќе можат“ (Лука 13,24).
Гласовите како повик за свадбата и знаците како докази за близината на Христовото враќање на светот ќе се чујат на земјата и ќе се видат на небото. Меѓу народите тие гласови ќе бидат знаци на зрели плодови на гревот, а на небото знаци на конечната божествена интервенција за собирање на жетвата.
2. Жално време на страв меѓу народите
Исусовите ученици посебно сакале да го знаат времето на непосредната близина на второто Христово доаѓање на светот за да можат подготвени да кажат: „Благословен е Оној, Кој иде во името Господово!“ (Матеј 23,39). Под молчаливите маслинки на Маслинската гора, место каде Христос често наоѓал одмор, неговите ученици го запрашале:
„Учителе, а кога ќе биде тоа и каков ќе е знакот дека тоа почнува да се случува?“ (Лука 21,7).
Исус не одговорил директно на прашањето на своите ученици за да го задоволи нивното љубопитство, туку настаните ги изнел на таков начин за секој, кој ја чита Библијата и верува во семудрите зборови на Спасителот, да може да го познае времето во кое живее и да се подготви за Неговото доаѓање.
Во времето кога Исус Христос поучувал, исцелувал, правел чудесни и добри дела, отпадот на свештенството и народот од верата го постигнал својот врв. Кога еврејскиот народ го отфрлил Христа како Месија и го распнал на крст, тие ја отфрлиле вистината и застанале на страната на Христовиот непријател, сатаната. Додека Пилат ги миел рацете и го потпишувал актот за распнување на „Овој Праведник“, Евреите викале: „Крвта Негова нека падне на нас и на нашите деца!“ (Матеј 27,24.25) Тој страшен извик се издигнал до Божјиот престол и бил запишан на небото. Крвта на Божјиот Син почивала на нивните идни поколенија како клетва, која се обвистинила во немилосрдното уништување на Ерусалим и во состојбата на народот во текот на идните векови.
Во времето на второто Христово доаѓање исто така ќе се исполни судот дека „што ќе си посее човекот, тоа и ќе си жнее“ (Галатјаните 6,7). Светот на современата христијанска цивилизација ќе мора да ги бере горчливите плодови на меѓусебната омраза и завист. Дури и денес, современо звучат Исусовите зборови со кои го почнал својот сликовит приказ за настаните и знаците на последното време: „Пазете се, да не ве излаже некој…“ (Матеј 24,4). Среде самозадоволната бучава поради напредните достигнувања во материјалната култура, Исус своите ученици ги предупредува на реалноста: „Ќе слушнете за војни и повици на војни… Зашто ќе се крене народ против народ, и царство против царство“ (Матеј 24,6.7).
Човечките гласови Исус ги сторил весници за своето второ доаѓање. Луѓето објавуваат мир, подготвувајќи се за војна. Гласовите за војни се човечки, а не Божји. Поимот светска војна во Христово време бил непознат. Се гинело на боиштето, но заднината била мирна. Векови поминале од ова Христово пророштво, а денес тоа е веќе одамнешна вистина. Светската војна беше болно искуство само на една единствена генерација во два наврата, во Првата и Втората светска војна. Во еден општ современ страв од војна, тешко е да не се види еден од гласовите на Библијата: „Луѓето, пак, ќе умираат од страв и од исчекување на она што ќе го снајде светот“ (Лука 21,26).
Триумфот на научниците над решените вековни тајни за структурата на атомот набргу потоа е заменет со панични предупредувања од сите државници на светот на потребата од благовремено разоружување, на нужноста своите атомски мечеви да ги „прековаат во плугови“, и своите блескави копја „во српови“ (Исаија 2,4). Библијата за миг замолкнала, зашто самите држави, кои биле силно наоружани со атомски бомби, почнале да зборуваат со јазикот на нејзините предупредувања и да ги повторуваат нејзините предвидувања. Во времето на знаците на второто Христово доаѓање и слабиот ќе каже: „Јунак сум“ (Јоил 4,10). Светот веќе доволно е вооружен за да може неколку пати да ја уништи својата родна планета.
Времето на страв и оружје е жално време, време на недоверба од меѓународни размери, време на бркотија и неизвесност. Едно такво време одамна преткажал пророк Даниел, министерот и советникот на вавилонскиот цар Навуходоносор – основоположникот на Вавилонското царство. Тој напишал: „И ќе настане време тешко, какво што немало откако постојат луѓето, па се до денес“ (Даниел 12,1). Жално е затоа што би можело да биде најрадосно, и тажно затоа што не мора да биде такво. Исус само ја повторил оваа пророчка мисла и во својата проповед уште поцврсто го потцртал тој сигурен знак на човечката несигурност наспроти Божјата сигурност: „Луѓето, пак, ќе умираат од страв и од исчекување на она што ќе го снајде светот, зашто и силите небесни ќе бидат разнишани“ (Лука 21,26).
3. Време на неправда, немилост и неверство
Во времето додека Христос првпат престојувал на светот, таканаречениот Божји народ ги отфрлил нормите на Божјиот закон. Исус морал да им ја каже вистината: „Тешко вам, книжници и фарисеи, лицемери, што… сте го оставиле најважното во Законот: праведноста, милоста и верата“ (Матеј 23,23). Времето пред второто Христово доаѓање Библијата исто така го опишува како време слично со фарисејското време.
При крајот на времето на знаците, Библијата вели дека ќе настанат тешки времиња и „жална“ состојба,
„Зашто луѓето ќе станат себељубиви, среброљубиви, самофалци, горделивци, хулители, непокорни кон родителите, неблагодарни, неправедни, безбожници, непомирливи, клеветници, невоздржливи, нескротливи, недоброљупци, предавници, пребрзи, надуени, повеќе сластољубиви отколку богољубиви, на изглед побожни, а од силата на Бога се одрекле.“
Секој искрен истражувач на Библијата кога го чита овој текст, ќе признае дека денес навистина живееме во такво време и дека знаците на последното време опишани во Библијата се исполнуваат. Христијанството ќе биде бледа слика на своето име и неговата модерна доктрина ќе гласи: „Каде е ветувањето за Неговото доаѓање? Зашто, откако, татковците наши изумреа, се си стои така како од создавањето на светот“ (2. Петрово 3,3.4).
Како и да се чувствуваме пред фактите на своето време, кои јасно го потврдуваат она што е запишано во свитоците на Библијата, мора да признаеме дека мнозинството луѓе во својот живот повеќе гледаат на сообраќајните знаци, отколку на пророчките знаци. И токму таквиот став на светот е уште еден знак кој укажува дека сме на прагот на свадбената свеченост, второто Христово доаѓање. За тој знак Библијата вели: „И ги испрати своите слуги да ги повикаат поканетите на свадба; а тие не сакаа да дојдат“ (Матеј 22,3). Но, иако ставот на мнозинството е таков, сепак, она што Христос го кажува сигурно се исполнува и е вистински патоказ за секој што во Неговите зборови верува.
4. Ладење на човечноста
Пророкот Даниел, на крајот од својот живот, морал да ја запечати книгата на пророштвата. И тој самиот останал длабоко замислен над тајната на векот што ќе биде најжалосен и најнаучен, ’најнапреден‘, но сепак несреќен. Тој го напишал и последното пророштво за времето на знаците:
„А ти, Даниеле, сокри ги овие зборови и запечати ја оваа книга до последното време; мнозина ќе талкаат овде-онде, обидувајќи се да разберат што се случува.“
Крајот на времето на поминливоста на овој несреќен свет претставува почеток на вечноста.
Човештвото во нашите ѕвездени мигови направи крупен исчекор – изврши скок на Месечината, со своите електронски очи загледа во површината на Марс, со прецизните камери допре до Венера, и сето тоа го гледа седејќи во своите соби пред телевизорите, восхитувајќи им се на компјутерите, но во исто време непријатно слушајќи ги репортажите за гладните т. е. за оние што умираат од глад во Африка и на други места. Паралелното умножување на знаењето и бројот на гладните, богатството и бедата, насилството и лицемерството – сето тоа, пред очите на современиот забрзан свет, се знаци од серијата на знаците. Кој очекувал ваква прецизност на едно илјадагодишно пророштво: „И бидејќи беззаконијата ќе се умножат, кај мнозина љубовта ќе олади“ (Матеј 24,12). Умножување на насилствата – ладење на човечноста!
Брзиот пораст на знаењето, експлозијата и татнежот на насилствата и гасењето на човечките обѕири, ги заглушуваат ушите на современиот свет. Генерацијата на светските војни љубопитно ја отпечатува и книгата на пророкот Даниел – ги умножува своите феноменални пронајдоци и пронаоѓа сè, освен мир.
Натприродни знаци во природата
На крстопатот на поминливоста и вечноста уште еден знак сè подлабоко навлегува во потсвеста на човештвото, а тоа е знакот дека живееме во ера на сè поголема појава и манифестација на натприродни сили. На сите страни се слушаат различни гласови: во утробата на земјата атомски проби, а на нејзината површина потреси, уривање на брани, разурнувачки поројни дождови и поплави од редот на големините „еднаш во сто години“, загадување на воздухот со отпадни гасови и на океаните и морињата со отровни материи. Зар сето тоа не се врежува со црни букви во книгата на нашите стравови? Сами да го процениме совпаѓањето на сликата на нашето време со она што е запишано во Библијата пред речиси 30 векови: „Земјата се ниша како пијана и се лула како лулка, и беззаконието ѝ тежи врз неа; таа ќе падне – и повеќе нема да стане“ (Исаија 24,20). Библијата како да сака да каже дека земјата ќе биде опиена беззаконието на луѓето. Што се случува со тие земјотреси на сите страни? Навистина Исус бил во право кога преткажал: „На разми места ќе има глад, помор и потреси“ (Матеј 24,7).
Истражувачите на Библијата одамна знаат за серија на веќе регистрирани несфатливи феномени на подрачјето на астрономијата, чијшто редослед и појава Библијата ги објавила како знаци што ќе претходат на славното Христово доаѓање. Целата таа канонада од натприродни знаци во светот на природата, преткажани и исполнети, пророкот ја опишал на следниот начин: „И, ете, настана голем земјотрес, и сонцето стана црно како вреќа од кострет, и месечината стана како крв; ѕвездите, пак, небесни паднаа на земјата, како што смоквата лулана од силен ветар, ги исфрла пупките свои“ (Откровение 6,12.13).
Последниот знак од серијата знаци за непосредната близина на најсреќниот настан на сите времиња, Библијата ненаметливо ни го дава како знак на радост во тажно време, како глас на младоженецот на полноќ во древните ориентални свадби. Да го прочитаме:
„И ќе биде проповедано ова Евангелие за царството по целиот свет, за сведоштво на сите народи; и тогаш ќе дојде крајот“ (Матеј 24,14).
Силното и славно проповедање на евангелието во последното време Библијата го претставува со ангел кој „лета среде небото, кој имаше вечно Евангелие, за да им благовести на жителите земни, на секое племе и колено, јазик и народ. Тој зборуваше со висок глас: „Имајте страхопочит кон Бога и подајте Му слава, зашто настапи часот на Неговиот суд, и поклонете Му се на Оној Кој ги создал небото и земјата, морето и водните извори!“ (Откровение 14,6.7). Денеска речиси нема народ и јазик каде што не се испратени вестители да ја објават веста за Христовото доаѓање. Последниот знак е веќе на крајот на патот на стравот и несигурноста, а на почетокот на мирот и бесмртноста.
Природните и натприродните знаци го бележат своето исполнување. Денес Библијата е отворена книга, единствена која може да ни го покаже вистинскиот пат кон небото. Да појдеме и ние по Божјиот пат, по патот на повиканите – подготвени за Христовата небесна свадбена трпеза.
Кратка содржина на лекцијата
- Библијата не го открива точниот датум на Христовото враќање, но времето за неговото доаѓање го одбележува со многу значајни настани.
- Времето на второто Христово доаѓање е одбележано со недостаток на хуманост во меѓучовечките односи, со недоверба меѓу народите, со земјотреси и со натприродни небесни појави.
- Копнежот за мир среде сè пообемните воени подготовки, тешкотиите и неизвесноста и покрај процутот на материјалната култура – сето тоа е карактеристика на „жалното време“ пред почетокот на најрадосниот настан – пред второто Христово доаѓање.
- Гаснењето на верата во Христовото враќање во таканаречениот христијански свет, исто така е еден од значајните знаци на нашите денови. Огромното мноштво формални христијани многу повеќе ќе ги ценат световните задоволства отколку подготовката за продолжување на животот во вечноста.
- Моралната изопаченост на претпотопната генерација ќе се повтори и кај генерацијата што ќе живее непосредно пред второто Христово доаѓање. Таа изопаченост ќе се покаже во злоупотребата на бракот и во неумереноста во јадењето и пиењето.
- Експанзијата на знаењето, бранот на криминалот и истовременото постоење на свет на изобилство и свет на глад, исто така се карактеристики на „времето на знаците“ што му претходи на Христовото доаѓање.