9. Откријте ги чекорите кон Бога
Неочекуван подарок
Се викаше Даниела. За својот 18-ти роденден доби неочекуван подарок: тестот за бременост беше позитивен. Долго се бореше со помислата да абортира, така што на крајот беше предоцна тоа да го стори во својата земја. Затоа ја износе бременоста до крај. Веќе беше договорено и посвојувањето. Детето е посвоено веднаш штом се роди, по нејзин избор, а своето новороденче не го ни виде, ниту пак го зеде в раце. Само знаеше дека е машко дете.
Подоцна ја мачеа сомнежи и вина, и се обвинуваше себеси. Кога и да поминеше некој покрај неа што држи дете, таа ќе забавеше. Да не е тоа нејзиното дете? Кога и да видеше некој што турка количка со бебе, таа ќе ѕирнеше внатре во количката, сакајќи да провери дали детето личи на неа или на таткото. Како минуваа годините, почна да загледува сè постари деца – деца кои тукушто прооделе, па на предучилишна возраст, па деца на раноучилишна возраст. Се џареше во момчиња на игралишта, барајќи го своето момченце. Таа, всушност, се качуваше во автобус и одеше по разните училишта во градот и ги набљудуваше децата како си играат, во надеж дека ќе го пронајде своето дете. Како минуваа годините, многупати веруваше дека си го пронашла своето изгубено дете, но само можеше да гледа и да плаче.
Повремено, мракот што ја обвиваше беше толку голем што мислеше дека веќе не може да издржи. Дури и во соништата гледаше како нејзиното синче или за некој кој мислеше дека е тоа тој, ги подава своите рачиња и плаче: Мамо! Мамо! Овде сум! Овде сум!
Дури кога посака да се убие, побара професионална помош. Сепак, вината, иако помала, никогаш не ја напушти.
Исто како Даниела, многумина од нас, или барем повеќето од нас, сме се соочувале со вина од причини познати само за нас – кои понекогаш не биле ни толку тајни – со совест која нè разјадува дека сме сториле нешто погрешно.
Расата на виновниците
Донекаде, вината е дел од нашата човечка природа. Тоа е така затоа што сите сме грешници, затоа што сме го прекршиле Божјиот закон и затоа што сите сме се родиле со падната, грешна природа. Сепак, тоа не е најлошото од сè, зашто, згора на ова, се наоѓаме и среде големата борба меѓу доброто и злото. Мрачните демонски сили исто така постојат и исклучително уживаат да нè наведуваат да го правиме она што е погрешно, а потоа да ни предизвикуваат такво чувство на вина за да станеме сигурни дека нема да ни биде простено за тоа што сме го сториле!
Павле ни ги пренесува Божјите зборови кога напишал:
Човештвото воопшто не се променило во изминатите две илјади години, зар не?
Разгледајте го цитатот на покојниот Џорџ Карлин, комичар со злобен јазик кому ништо не му било свето:
„Уморен сум од слушање за невини жртви; тоа е старомодна идеја. Нема невини жртви. Ако сте родени на овој свет, криви сте и точка … готово, преоѓаме на следниот случај. Вашата крштеница е доказ за вината.“
Хм, дури и Џорџ Карлин тоа можел да го види…
Неуспехот на смоквините лисја
Една стара изрека вели за некој кој наследил некоја карактерна особина: „Чесно ја заработил“. Тоа важи и за нашата грешност, како и за вината, со срамот и мракот што го носат.
Како што читавме во една од претходните лекции, овој свет е создаден како совршен, сосем нерасипан, а бил населен со совршени и нерасипани суштества. Меѓутоа, тоа совршенство ја вклучувало и способноста да се сака, а љубовта бара слобода. Роботот може да биде програмиран да слуша – дури и совршено – но не може да сака. Бог сакал да можеме ние да се сакаме. Затоа нè создал како човечки суштества, а не како роботи.
Како што видовме, сатаната, кој е исто така создаден со слобода на избор, ја злоупотребил таа слобода и го внел бунтот на Земјата, каде што другите слободни суштества ги навел на грев. Забележете дека тоа, според Библијата, се случило откако луѓето згрешиле вкусувајќи го плодот од дрвото за кое им било строго забрането да го јадат. Споредете со 1. Мојсеева 2,16-17.
Текстот содржи два клучни елемента:
Прво, тие се срамеле и чувствувале вина, па поради тоа и се скриле од Бога. Првите запишани човечки емоции по падот во грев биле вината, срамот и стравот – тие црти оттогаш се провлекуваат низ секоја генерација, па дури и ние, илјадници години подоцна, ги носиме вткаени во својот ДНК код.
Второ, и најзначајно за она на што сакаме да укажеме се Адамовите зборови: „Го чув одењето Твое низ рајот, па се уплашив, бидејќи сум гол, и се сокрив“.
Меѓутоа, големата иронија е во тоа што тој не бил гол. Тој се покрил со смоквини лисја. Очигледно, Адам почувствувал дека ваквото покривало не е доволно, дека неговото дело – себепокривањето со смоквини лисја – не може да ги покрие срамот и вината.
Овде наоѓаме прв пример кога луѓето се обидуваат да ги прикријат – со свои сопствени дела – својата вина и срамота. Тој обид тогаш пропаднал, како што се случувало и подоцна. Ние можеме да се препуштиме на мода, секс, дрога, пиење, забава, работа, на што било; сепак, сето тоа само нè одвраќа од ламјите кои – барем делумно – ни се притаиле во умот. Подоцна тие можат да ни ги опустошат и телото и душата.
Токму затоа ни е потребен Спасител – јунак. Затоа и Исус дошол, да го направи за нас она што ние никогаш не можеме да го направиме за себе.
„Зашто, уште кога бевме слаби, Христос во одреденото време умре за безбожниците“ (Римјаните 5,6).
Смоквините лисја тоа не можат да го спречат. Како што рекол Џорџ Карлин: „Извештајот е заклучен, преминуваме на следниот случај. Вашата крштеница е доказот за вина“. Доволна е само Исусовата жртва заради нас.
Тоа е суштината на планот на спасението – Исус ја отстранува нашата вина. Затоа што Тој на крстот презел сè врз себе.
Радосната вест гласи дека нашата вина, благодарение на Исуса Христа, може да се „испере“, да се искорени и никогаш повторно да не се појави. Мрачната вина може да биде минато, а ние можеме да одиме во светлината на Божјата љубов и проштавање.
Наследници
Во еден голем град, во весниците бил објавен оглас на цела страница, со кој ја известуваат јавноста дека имот вреден повеќе милиони долари ги чека законските сопственици да се појават и да го примат наследството. Со други зборови, било потребно наследниците да дојдат и да го прифатат она што им е оставено. Ако тие го прифатат, тоа ќе стане нивно.
Забележете ги сликите што се користат во следниве текстови:
„А, ако сте, пак, вие Христови, тогаш сте Авраамово семе, и по ветување наследници“ (Галатјаните 3,29).
Овде се зборува за посвојување, наследници, примање наследство. Затоа оној оглас во весниците претставува толку впечатлива споредба со она што го сторил Христос за нас. Како што видовме, дури и пред да биде создаден светот, Божјиот план бил да стекнете прекрасно наследство на вечен живот во Христа. Понудена ви е можност да имате спасение, да бидете откупени, да имате вечен живот во Христа.
Потребно е само тоа да го прифатите. Потребно е вие тоа да го сторите. Потребно е со вера да посегнете по она што ви е дарувано, а што никогаш сами не би можеле да го заработите.
Да повториме нешто од претходната глава: Иако сте грешник, иако сте сториле нешто погрешно, кога ја признавате и ја прифаќате Исусовата праведност, која е токму Божја праведност, тогаш, колку и да ви е грешен животот, вие се сметате за совршен, свет и праведен пред Бога. Не затоа што вие навистина сте таков, туку затоа што Исус бил – а големиот дар на благодатта се состои во тоа што Бог ја прифаќа Христовата праведност како да е ваша.
И таа со вера станува наша, кога веруваме дека е така. Тоа значи дека мораме да ја примиме, да ја прифатиме, да веруваме и да се надеваме во неа – ништо повеќе. Мораме да веруваме дека Бог не нè прифаќа поради што можеме ние да направиме што било, туку поради она што го направил Исус за нас.
Закон
Несомнено е дека ние сме грешници, и како грешници сите се бориме со некоја вина. Па сепак, во исто време, Бог може да ја употреби таа вина така што таа ќе ни покажува дека ни треба помош, проштавање и исцелување.
Тоа функционира толку едноставно – кога ќе ја увидиме својата потреба и ќе ја искусиме залудноста од обидите да ја покриеме со смоквини лисја, тоа нè води до покајание, до признавање и до Исуса како Оној кој ја платил казната за нашите гревови и кој ни нуди целосно проштавање и обнова.
Внимателно погледнете ги следниве текстови:
„Зашто преку делата на Законот пред Него нема да биде оправдан никој; бидејќи преку Законот се познава гревот“ (Римјаните 3,20).
Овде е и клучната врска меѓу законот, благодатта и гревот – тема што ќе ја проучиме во некоја следна лекција. Божјиот закон – неговите Десет заповеди – ни покажуваат што е правилно, а што е погрешно. Законот укажува на нашиот грев, ни покажува дека сме погрешиле. Законот ни покажува во колкава мера сме грешни.
Павловиот аргумент, меѓутоа, е дека Законот го открива проблемот, но не може да го реши, како што ни гледањето во огледало не може да ги отстрани лузните на лицето, акните, белата коса или каков било друг недостаток.
Не; Законот ни помага да увидиме дека сме грешници и дека ни е потребно проштавање, а кога ова ќе го сфатиме, тогаш тоа нè води кон Исуса. Знаејќи дека сме изгубени, дека сме грешни, свесни дека сами по себе не можеме да го повратиме своето достоинство пред Бога, тогаш ние ја прифаќаме неговата благодат како наша единствена надеж.
Што морам јас да сторам?
Можеби одвреме-навреме се чувствувате недостојни за спасение, или дека сте ја преминале секоја граница, или дека е предоцна за вас и дека ве обвила темнина. Сепак, таквите чувства се најголем доказ дека Божјиот Свет Дух тукушто работи на вашето срце водејќи ве кон покајание, кон признавање и прифаќање на она што Христос веќе го сторил за вас.
Многу е важно никогаш да не чекаме да почувствуваме дека сме доволно добри за да дојдеме кај Бога да нè спаси, зашто, искрено, ниту сме доволно добри, ниту некогаш ќе бидеме или ќе можеме да бидеме. Да можеме, Исус не би морал да умре. Но фактот дека ние не можеме да бидеме доволно добри е токму причината зашто Исус дошол и умрел. Тој бил доволно добар, и таа добрина ви е понудена ако ја прифатите со вера. Сите ние сме во иста ситуација, без оглед на привидот – славните и нивните поклоници, успешните и неуспешните.
Прочитајте ја Исусовата парабола која покажува како можеме да го добиеме спасението кое Тој ни го нуди. Погледнете колку е тоа едноставно:
Господе, биди милостив спрема мене грешниот!
Еве го клучот за спасението во Исуса – признајте ја својата вина, исповедајте ја на Бога, а тогаш фатете се за милоста, благодатта и спасението кое ви го нуди Христос. Во суштина, тоа е тоа!
Цариникот – негативецот од параболата – отишол оправдан не само затоа што тој знаел дека е грешен, туку, признавајќи го тоа, се потпрел на Божјата милост како единствена надеж дека ќе му биде простено.
Што морам да сторам за да бидам спасен? Морате да го направите истото што го направил и цариникот, и да се молите како него: Боже, биди милостив спрема мене грешниот! Признајте дека сте грешник. Како да знаете дека сте грешник? Тоа не е само чувство на вина – погледнете се во огледалото на Божјите Десет заповеди и ќе го увидите тоа. Прочитајте ја 2. Мојсеева 20,1-17. Потоа признајте ја својата вина и применете го на себеси она што ви е бесплатно понудено во Исуса – проштавање на вашите гревови. Така е не затоа што вие го заслужувате тоа проштавање – бидејќи не го заслужувате – туку затоа што Бог е доволно благодатен да ви прости. Тој ве сака.
Во оваа голема борба, најголемото лукавство на сатаната е да ви шепне в уво дека за вас нема проштавање, а нашата најголема грешка би била да му поверуваме.
Немојте да му верувате!
Наместо тоа, верувајќи во Исусовите ветувања, признајте дека сте погрешиле, признајте го својот грев и препуштете се на Божјата милост. Кога ќе постапите така, тогаш таа вина и гревот се мијат, се чистат, и вие можете да бидете совршени, свети и прифатени во Исуса Христа, без оглед на тоа колку сте грешеле во минатото. Тоа е единствениот пат кон вистинската слобода.
Вие тогаш, навистина, сте преминале од мракот во светлината. Како што рекол апостолот:
Овој план за спасение, сочинет уште пред почетокот на времето, Бог го обезбедил за секој од нас одделно затоа што сме сите грешници. Секој од нас се отуѓил од Бога и секој од нас на некој свој начин побегнал од Бога – како Адам во Едем – а тогаш се обидува да ги скрие својата вина и срамота од очите на Сезнајниот, Сегледачкиот Бог… со што?
Со смоквини лисја?
И, како што видовме, како што знаеме и самите – тоа не успева без оглед на тоа колку напорно се обидуваме или колку се големи тие лисја.
Место за мене
Еден од најпознатите атеисти на 20. век, сер Бертранд Расел, автор на книгата Зошто не сум христијанин, бил немилосрден критичар на религијата. Расел бил сексуален сладострасник и агресивно гласен „нов атеист“, дури и пред постоењето на денешните агресивни нови атеисти.
Сепак, кога умрел, неговата ќерка напишала за својот татко и за неговиот бурен живот: „Верувам дека целиот негов живот беше потрага по Бога. … Навистина, тој најнапред се занимаваше со филозофијата во надеж дека ќе го докаже Божјето постоење. … Некаде длабоко во потсвеста на мојот татко, во длабочината на неговото срце, во длабочината на неговата душа, имаше празен простор кој некогаш беше исполнет со Бога и тој никогаш не успеа да најде нешто друго за да ја пополни таа празнина“.
Еден човек од САД, осуден на смрт, го чекал своето погубување. Неговите последни зборови биле: „Имав тежок живот. Се прашувам дали Бог има место за мене“.
Има. Тоа место би го чекало кај Исус ако тој, или Бертран Расел, го прифател.
Значи, како оваа лична борба се вклопува во големиот епски судир? Исто како што во една војна постојат многубројни поединечни битки, така и големата борба е збир на безбројните лични битки со проблемите кои ги инспирирал сатаната. Не само што околу нас се одвива космичка драма, како што видовме, туку истото се случува и во животот на секој од нас. Слободата на изборот што ни е дадена ни дозволува да ги избереме или да ги следиме Луциферовиот бунт и неговите обвинувања на сметка на Бога, постапувајќи според нашата волја, или да го следиме Бога, неговата љубов и неговите мисли за нас, постапувајќи во согласност со неговата волја.
Можеби се прашувате: „Како можам себеси да му се предадам на Бога?“ Вие сакате да му се предадете нему, но ви недостигаат морални сили, му робувате на сомневањето и ограничени сте со навиките на вашиот грешен живот. Вашите ветувања и вашите одлуки личат на кули од песок. Не сте во состојба да управувате со своите мисли, со своите побуди, со своите чувства. Свеста дека сте ги прекршиле своите ветувања и сте ги изневериле своите дадени зборови ја слаби вашата доверба во сопствената чесност и ве наведува на помисла дека Бог не може да ве прими; но не треба да очајувате. Вам ви е неопходно да сфатите колкава е вистинската сила на волјата. Таа е сила што владее во човековата природа, способност на одлучување или бирање. Сè зависи од правилната употреба на волјата. Бог ни дал власт да бираме и од нас зависи дали ќе се послужиме со неа. Вие не можете да го промените срцето, вие не можете сами од себе да му ги посветите на Бога чувствата на срцето; но можете да решите, да одберете да му служите! Можете да му ја предадете својата волја; тогаш Тој ќе дејствува во вас и ќе стори да сакате и да го правите она што му е нему угодно. Со тоа целата ваша природа ќе биде ставена под управа на Христовиот Дух; Тој ќе биде центар на сите ваши чувства, вашите мисли ќе стапат во хармонија со него. Ако правилно ја користите својата волја, може да настане комплетна промена во вашиот живот. Ако волјата му ја потчините на Христа, вие ќе се здружите со сила која стои над сите поглаварства и власти. Ќе имате на располагање сила озгора која ќе ви помогне да бидете постојани, и со верна и предана служба на Бога, оспособени да живеете нов живот, живот со вера.
Дали веќе ја донесовте таа животна одлука? Таа ќе има вечни последици, што и да одлучите.