3. Откријте ја вистината

3. Откријте ја вистината

Добри прашања 

Оваа серија го изнесува гледиштето дека сево ова што се случува околу нас и во нас е дел од една поопсежна приказна раскажана од Божји агол.

Тоа е приказна со величествен крај, и таа ни пружа надеж. Дотогаш, овде и понатаму војуваат Бог и сатаната, доброто и злото, а ние сме сред тој вкрстен оган. Злото прави сè што може за да ги претстави и оклевети сите личности и средства што се ангажирани на страната на доброто. Од таа причина, можеме да очекуваме напад на верувањето во Бога – и верувањето дека Тој е љубов. Би можеле да очекуваме и голем број обиди да се обезвредни една од главните линии на спогодбата меѓу Бога и нас – Библијата. Токму тоа се случува пред нашите очи.

Толку сили, толку гласови нè одвлекуваат во една или друга насока. Како да знаеме што да правиме, што да веруваме, на што да се надеваме? Многумина веруваат дека не можат да се изборат со она што е во нив и надвор од нив, дека мораат да се потпрат на нешто поголемо од нив самите за да преживеат.

Даглас Копланд, кој ја измисли кованицата „Генерација Х“, напиша: „Мојата тајна се состои во тоа што ми е потребен Бог – дека сум болен и дека не можам сам“. Можеби не би бил секој олку искрен, олку отворен, но кој одвреме-навреме не чувствува нешто слично додека го носат ветриштата на војната во која учествува против своја волја?

Сепак, сред овој метеж, страв и неизвесност, многумина нашле утеха, сигурност и надеж во Бога, во оној Бог за кого зборува Библијата.
Затоа се прашуваме: „Зошто треба да имаме доверба во Библијата? Што е тоа во Библијата што ни дава причина да веруваме во неа и во нејзините ветувања?“

Добри прашања. Да ги истражиме заедно.

Слепа вера

За почеток, новозаветното Послание до Евреите тврди нешто многу важно:

„А без вера не е можно да Му се угоди на Бога; бидејќи оние кои доаѓаат кај Бога, треба да веруваат дека Тој постои и дека ги наградува оние што Го бараат“ (Евреите 11,6).

Библијата ни говори дека верата во Бога е од пресудно значење, дека е темел на сè. Во тој контекст, тоа не е вера во кого било, туку во Бога кој се открива во Библијата. Значи, за да веруваме во Бога, треба да ѝ веруваме на Библијата.

Добрата вест е дека навистина постојат доволно добри причини да ѝ веруваме на Библијата. Со други зборови, од нас не се очекува слепо да веруваме. Напротив…

Зошто треба да ѝ веруваме на Библијата?

Исусовото воскресение

Едно од најчудесните случувања опишани во Библијата било воскреснувањето на Исус, третиот ден по неговата смрт. Сите четворица писатели на Евангелијата сведочат за Исусовото воскресение.

„А Исус, кога воскресна во првиот ден од седмицата, ѝ се јави најнапред на Марија Магдалена, од која беше истерал седум демони“ (Марко 16,9).
„Додека тие уште зборуваа за тоа, Самиот Исус застана сред нив и им рече: ’Мир вам!‘ А тие, така збунети и уплашени, помислија дека гледаат дух. Но Тој им рече: ’Што се плашите и зошто такви мисли влегуваат во срцата ваши? Видете ги рацете Мои и нозете Мои: Јас сум Истиот; допрете се до Мене и гледајте; зашто духот нема тело и коски, а, како што гледате, Јас имам‘“ (Лука 24,36-39).

Матеј и Јован исто така зборуваат за своето искуство со Исус по неговото воскресение (види Матеј 28 и Јован 20,21). Сите четворица сведочат за чудото на неговото враќање во живот, што Тој повеќепати и го најавил.

Теории

Исусовото воскреснување од гробот е моќен доказ дека не само што Тој е Месија, туку и дека можеме да ѝ веруваме на Библијата.

Некои тврдат дека сите писатели на евангелијата халуцинирале, што е прилично необична теорија, зошто кој чул дека четворица можат да имаат исти халуцинации?

Други тврдат дека учениците сковале заговор, измислувајќи ја приказната за Исусовото воскресение. А зошто би го правеле тоа библиските писатели? За своите сведоштва за Исус и за неговото воскресение, за возврат, добиле прогонство, отфрленост, омраза, затвор, а конечно и смрт. Можете ли да ја замислите Џоан К. Роулинг како оди во затвор или умира со сурова смрт бидејќи инсистирала на тоа дека нејзините приказни за Хари Потер се вистинити?

Имало и такви кои тврделе дека, иако учениците сковале заговор за да ја измислат приказната за воскресението бидејќи работите не се одвивале според планот, морале да продолжат со таа приказна за да го зачуваат образот. И тука постои еден голем проблем: некои од евангелијата се напишани дваесет или триесет години по случувањето кое го опишуваат. Учениците имале доволно време да исчезнат тивко од сцената. Во она време сигурно не можеле многу лесно да ги „изгуглаат“, зар не? Наместо тоа, тие со децении по овој настан и понатаму зборувале за воскресението, дури и по цена на сопствениот живот – што е чудно доколку сами ја измислеле приказната поради која и ќе загинат.

„Видете ги рацете Мои и нозете Мои: Јас сум Истиот; допрете се до Мене и гледајте…“

Одете и прашајте ги

Уште посилен доказ за Исусовото воскресение, како и за вистинитоста на Библијата, може да се најде во следните стихови на апостол Павле:

„Ви го предадов најнапред она што го бев и примил, дека Христос умре за нашите гревови, според Писмата; дека Тој беше погребан и дека на третиот ден воскресна, според Писмата, и дека му се јави на Кифа и потоа на Дванаесетте; после им се јави еднаш на повеќе од петстотини браќа, од кои повеќето се живи и до денес, а некои починаа“ (1. Коринќаните 15,3-6).

Павле вели дека повеќе од 500 луѓе го виделе Исуса, иако некои од нив се веќе мртви, повеќето не се. Со други зборови, Павле кажува: „Не мора да ми верувате дека Христос воскреснал. Одете и прашајте други сведоци, зашто тие сè уште се живи.“ Би било доста чудно Павле да изрекол такво нешто знаејќи дека тоа не е вистина.

Поради сиве овие причини, како и многу други, постојат доволно силни докази за Исусовото воскресение, и тие претставуваат доволно силна причина да ѝ веруваме на Библијата.

Во последните стихови што ги читавме, Павле кажува нешто што вреди да се повтори:

„…Дека Христос умре за нашите гревови, според Писмата; дека Тој беше погребан и дека на третиот ден воскресна, според Писмата“ (1. Коринќаните 15,3.4).

Павле нагласува дека Исус умрел и воскреснал според Писмото. Ова значи дека тоа што се случило со Исус било исполнување на библиските пророштва, најавено во старозаветниот дел од Библијата долго пред да се оствари.

Веродостоен збор

Исусовата смрт и воскресение, според Писмото, претставува исполнување само на некои од многубројните пророштва, кои ни даваат добра причина да веруваме во Библијата.

Апостол Павле бил очевидец на многу чуда; тој дури и го слушнал Божјиот глас од небото. Тој на тоа додава една клучна мисла:

„И тој глас, што дојде од небото, ние го чувме, кога бевме со Него на светата гора. А освен тоа, ние имаме нешто уште поверно, а тоа е пророчкото слово“ (2. Петрово 1,18-19).

Со други зборови, Петар вели дека тој и другите го слушнале Божјиот глас, дека виделе чуда, но исто така и дека имаат и најверодостоен пророчки збор. Тоа ни укажува на важноста на библиските пророштва за христијанската вера.

Кипот од Книгата на пророк Даниел 2. глава

Библијата и Европа

Што содржат библиските пророштва? Еве некои од нив.

Книгата на пророкот Даниел дава подалекусежен преглед на светската историја од Даниеловото време – т. е. од 600 г. пред Христа – преку нашето време, па сè до крајот. Тоа пророштво зборува за четирите големи светски царства кои ќе исчезнат, а тие лесно можат да се препознаат како: Вавилон, Медо-Персија, Царството на Александар Велики и Рим (видете Даниел 2. глава).

Најчудесниот дел од тоа пророштво е описот на народот на модерна Европа, симболизирана со стапалата на една статуа – при што не треба да се заборави дека зборовите што следат се запишани 600 години пред Христа. Тука се кажува дека некои од народите во Европа ќе бидат јаки, а некои кревки, слаби. Колку точен опис на Европа! Да го прочитаме!

„А тоа што си ги видел – нозете и прстите на нозете направени делумно од грнчарска глина и делумно од железо, тоа царство ќе биде разделено и во него ќе остане само нешто од цврстината на железото, бидејќи си видел железо, измешано со грнчарска глина. И како што прстите на нозете беа делумно од железо, а делумно од глина, така и царството ќе биде делум силно, а делум слабо. А она, пак, што си видел железо, измешано со грнчарска глина, тоа значи дека царевите на тоа царство ќе се обидат да се соединат преку мешани бракови меѓу себе, но нема да се слеат едно со друго, како што железото не се меша со глината“ (Даниел 2,41-43).

Уште што вели ова неверојатно пророштво? Вели дека тие ќе се „соединат преку мешани бракови“. Со други зборови, Шпанците се венчавале со Французите, Французите со Италијанците, Германците со Швајцарците, Швеѓаните со Холанѓаните итн. Во текот на претходните векови, имало склучено многу кралски бракови меѓу европските народи заради зацврстување на политичките врски.

Па сепак, според ова библиско пророштво, што треба уште да се случи?

И покрај бескрајните обиди за обединување на Европа, до тоа никогаш не дошло. Погледнете ја историјата на Европа: војна по војна во текот на целиот 20 век. Од 1066 година и битката кај Хејстингс до војните на Балканот во текот на 1990-тите години; од Триесетгодишната војна 1618-1648 до Втората светска војна меѓу 1939 и 1945 година, овие народи војуваат веќе со векови.

Иако, барем засега, инвазиите и молскавичните рововски војни престанаа, Европа – со своите слаби економски врски – останува поделен континент, токму така како што и предвидело Даниеловото пророштво пред повеќе од 2600 години!

Навистина, добрата вест на која можеме да се потпреме гласи, според ова пророштво, дека следното светско царство ќе владее засекогаш:

„И во деновите на тие царства небесниот Бог ќе подигне царство кое нема да се разруши никогаш, а тоа царство нема да биде предадено на друг народ; тоа ќе ги победи и разруши сите царства, а само тоа ќе остане вечно“ (Даниел 2,44).

Садамовиот Вавилон

Пишувајќи за Вавилон, најголемото древно царство, старозаветниот пророк Еремија вели дека не само што ќе биде уништено, туку засекогаш ќе остане разорено. Замислете некој денес да предвиди дека Соединетите Американски Држави ќе бидат уништени и дека никогаш нема да закрепнат. Така тоа му изгледало на Еремија зашто своето пророштво го напишал кога Вавилон бил на врвот од својата моќ како неспорна политичка и воена сила на стариот век.

„И таму ќе се населат пустински ѕверови со чакали, и ќе живеат на неа ноеви, а таа нема да биде населена довека и населувана од род во род“ (Еремија 50,39).

Неколку илјади години подоцна, многу години по уривањето и пустошењето на Вавилон, неговите остатоци лежат во песокот на денешен Ирак. Садам Хусеин имал големи планови да го обнови тој град, но тие планови, како што е добро познато, веќе долго чекаат некои подобри времиња.

Остатоците од Вавилон

Сега додека читате

Библиските пророштва се толку моќни што можете дури и да доживеете дека едно од нив токму сега се исполнува.

Пред и во текот на Исусовото време, многумина Евреи го очекувале доаѓањето на Месија. Постоеле две главни причини за тоа: прво, тие страдале под владеењето на Рим, а второ, на тоа укажувале и некои пророштва. Мнозина се претставувале како месии. Меѓутоа, сите такви месии и нивните следбеници веќе одамна исчезнале од историјата.

Исус од Назарет е значаен исклучок. Мораме да се потсетиме на фактот дека Исус немал многу следбеници во текот на трите и пол години од неговата мисија. Тој, во суштина, бил патувачки проповедник, кој живеел во мала и безначајна провинција на огромното Римско царство. Тој никогаш ниту предводел народ ниту управувал со војска. Од световна перспектива, Тој бил само еден од многуте милијарди луѓе кои минале низ овој живот осудени да потонат во заборав.

Сепак, послушајте што прорекол Тој за себе:

„Небото и земјата ќе минат, но зборовите Мои нема да минат“ (Матеј 24,35).

Што нема да мине? Исусовите зборови – зборовите што ги читате токму сега. Читајќи, вие тукушто учествувате во исполнувањето на библиското пророштво кое е дадено речиси пред 2000 години.

Археологијата и Библијата

Со години археологијата се сметала за оружје со кое може да се побие точноста на библиските учења. Голем дел од нападите се одвивале со аргументот на молкот; меѓутоа, молчењето го прекинале откритијата кои го собориле овој аргумент како кула од карти.

Да наведеме само два примера:

„Царот Валтазар приреди голема гозба за илјада свои достоинственици и заедно со нив пиеше вино“ (Даниел 5,1).

Критичарите тврделе дека овој библиски текст не е точен, и дека нема ниту еден археолошки доказ оти некој цар со такво име владеел на вавилонскиот престол. Меѓутоа, во 19. век се откриени древни таблички во кои името Валтазар, царот на Вавилон, се споменува на многу места, што ги посрамотило оние кои се исмевале. Уште поимпресивно било кога откриле од кога датираат табличките, според кои тој владеел со Вавилон токму во времето што е запишано во Библијата!

На сличен начин, со години критичарите ја прозивале историската точност на текстот на Лука:

„А бидејќи не ги најдоа, го изведоа Јасон и некои браќа пред градските началници и викаа дека оние што го побуниле целиот свет сега дошле и тука“ (Дела апостолски 17,6).

Проблемот е во тоа, рекле тие, што грчкиот збор преведен како старешина – politarh – не постоел во класичната грчка литература, така што Лука не го користел правилно.

За жал на критичарите, пронајден е запис со овој термин. Всушност, подоцна се пронајдени уште 35 записи во кои се јавува овој збор, од кои 19 се од Солун, каде што и се случил настанот опишан во наведениот текст. Што е уште поинтересно, од тие 19 споменувања, три потекнуваат од 1. век по Христа – а тоа е времето што е опишано во текстот на Лука.

Ова се само неколку настани во кои археологијата ја потврдила историската точност на Библијата.

Кировиот цилиндар го спомнува Валтазар како цар на Вавилон

Без фотокопирања

Библијата за себе вели:

„Целото Писмо е од Бога вдахновено“ (2. Тимотеј 3,16).

Дури и некој да ја прифати оваа изјава како вистинита, што е со точноста на самите ракописи? Тогашните луѓе немале машини за фотокопирање. Како да веруваме дека расположливите копии – кои се обично копии на копиите – се точни?

Овој аргумент, барем кога станува збор за Новиот завет, нема тежина. За разлика од кој било грчки, римски или еврејски дел, Новиот завет располага со огромен број преписи. Илјадниците копии, било во делови било во целина, не дозволуваат да се доведе во прашање веродостојноста на новозаветните текстови.

Со Стариот завет долго време било поинаку. Најраните копии датираат од средниот век, околу 900-1000 години по Христа. Критичарите тврделе дека на тие ракописи не може да им се верува. Како и би можело кога се појавиле толку долго време по оригиналот?

А тогаш, низ низа настани кои потсетуваат на крими роман, откриени се прочуените свитоци од Мртво Море, од кои многу датираат од пред Христа. Тоа се досега најстарите познати преписи на Стариот завет. На изненадување на научниот свет, свитоците од Мртво Море откриле во која мера се точни списите на Стариот завет. Разликите се толку мали што немаат значење за теологијата и историјата на Стариот завет. Свитоците од Мртво Море во најмала рака го замолкнаа тврдењето дека Стариот завет, каков што го имаме денес, не е точен препис на она што го пишувале пророците пред неколку илјади години.

Не е ни чудно што Библијата вели:

„Тревата се суши, цвеќето свенува, а словото на нашиот Бог останува довека“ (Исаија 40,8).

Светски бестселер

Во историјата нема книга каква што е Библијата: ја сочинуваат 66 книги, кои ги пишувале неколку десетици луѓе, од цареви до рибари, од научници до пастири, а во некои случаи нејзините писатели ги дели период поголем од илјада години. Но сепак, оваа книга претставува вчудовидувачка целина.

Нејзината единствена порака е: наспроти човечкото зло, наспроти човечката грешност, постои милостив Бог кој ги сака луѓето. Можеби затоа Библијата и понатаму е најпродаваната книга во светот, бидејќи ни нуди надеж како што не може да ни понуди ништо друго на светот.

Милиони луѓе доживеале коренита промена на својот живот благодарение на оваа книга – не поради неа самата, туку затоа што преку неа се открива Бог, Бог кој нè создал и кој преку Исуса ни нуди одговори во светот кој постојано ни наметнува тешки прашања. На некој начин, Библијата човековата слава ја сместува во прав, а ни го открива Бога кој ќе го стори за нас она што ние никогаш самите за себе не би можеле.

„И ќе ја избрише Бог секоја солза од очите нивни, и смрт нема да има веќе; ни плач, ни пискот, ниту болка нема да има веќе, бидејќи поранешното помина“ (Откровение 21,4).

Дотогаш, живееме во застрашувачки свет. Затоа ни треба нешто поголемо од светот да ни даде надеж. Потребен ни е Бог кој ни се открива преку Библијата и кој ни дал доволно причини да ѝ веруваме. На крајот на краиштата, зошто би ни се открил Бог преку книга која не е вредна за нашата доверба?

Милиони луѓе доживеале коренита промена во својот живот благодарение на Библијата

Библијата е книга која ни дава најјасен и најавторитативен извештај за Божјата епопеја, негов извештај за тоа како неговото владеење е побивано на Небото, а потоа и на Земјата. Во својата приказна Тој зборува за спасувачката мисија на Исуса Христа. Таа ни открива каде се наоѓаме денес со оглед на знаците на времето, и ни укажува на времето, а тоа ќе биде наскоро, кога бунтот засекогаш ќе престане.

Постојат многубројни и разновидни верувања во светот. Не можат сите да бидат вистинити затоа што се меѓусебно противречни. Денес е популарна замислата според која не постои конечна вистина. Многумина веруваат во тоа. Меѓутоа, ако Библијата е јасна во поглед на нешто, тогаш тоа е следново: постојат вистина и заблуда, добро и зло, исправно и погрешно; тие се наоѓаат во самото средиште на оваа епска приказна, на драматичната историја на која и ние ѝ припаѓаме.

Не е доволно да се верува во нешто. Треба да го надминеме самото верување и да бидеме сигурни дека тоа е засновано на вистина. Исус за Божјото Слово рекол:

„Твоето Слово е вистина“ (Јован 17,17).

Изработете го тестот за да продолжите со следната лекција.