2. Пронајдете ја смислата

Зелените дрвја

На нашата планета Земја, за среќа, има доволно добри и убави работи. Тоа го гледаме меѓу луѓето и во природата. Да се потсетиме на сите оние кои несебично работат за да им помогнат на луѓето во некоја потреба, кои се жртвуваат и ги даваат своите средства за да им помогнат на оние на кои им е потребна помош.

А како е во природата? Што е инспирација во песната „What a Wonderful World“ (Колку е прекрасен овој свет), чиј автор е најпознатиот изведувач Луј Армстронг?

„Гледам зелени дрвја и црвени рози,

Гледам како цутат за мене и за тебе,

И размислувам за тоа колку е прекрасен овој свет.“

Без сомнеж, и додека текстописците ги запишувале овие зборови и додека Луј Армстронг ги пеел, злото секако беснеело по светот – дури можеби и не било толку далеку од нив, можеби се случувало и со звуците на оваа иста песна. Колку често зелените дрвја се сведоци на смрт и уништување во природата и меѓу луѓето? Преубавата роза и трњето се дел од стварноста на животот.

Василиј Гросман бил советски новинар кој ја следел Црвената армија сè до Берлин. Потиснувајќи ги Германците, Советите стигнале до еден од најозлoгласените нацистички логори на смртта, Треблинка.

Она што го дознал Гросман, го прогонувало сè до смртта. Во многубројните извештаи за злосторствата што се одиграле, еден се истакнува. Гросман го опишува на следниов начин:

„Заповедникот на логорот избра неколку деца од еден конвој, им ги уби родителите, ги облече децата во најубава облека, им даде многу слатки, си играше со нив, а тогаш, неколку дена подоцна, кога му здодеа таа игра, издаде наредба да ги убијат“. Тоа било само почетокот.

Колку и да е единствен, холокаустот претставува само една од изразитите впечатливи манифестации на злото кое е активно во текот на целата човечка историја. Независно дали читаме за измачување, поробување, силување, за грабеж или за убиство – одамна случени или сегашни – како човек да не онеми и не остане без здив, и како да не лелека сред злото што го преплавува светот?

Затвореници на патот за Треблинка

Големата борба

Овој свет како да е манијакално-депресивен: навидум е полн со добрина и волшепства, а веќе следниот миг тоне во зло и расипаност. Небаре насекаде беснее сеопшта војна, борба меѓу доброто и злото, правдата и неправдата.

Луѓето веќе илјадници години укажуваат на некои облици од овој судир. Многу стари религии создале различни учења за тоа дека натприродни суштества учествуваат во застрашувачка битка во која сме вовлечени и ние. Векови пред Христа, Зороастер учел дека постои војна меѓу силите на доброто и злото.

Поетот Т. С. Елиот напишал: „Светот се врти и менува, но едно никогаш. За сиве овие години, едно не се променило – Вечната војна меѓу Доброто и Злото.“

Еразмо Ротердамски, холандски теолог од 16-тиот век, запишал: „За почеток, постојано треба да бидеме свесни за фактот дека животот на овој свет е најдобро опишан како своевидна војна која нема крај“.

Војна на личен план

Нема потреба човек да биде теолог или писател за да ја доживее стварноста на оваа борба. Кој не ја искусил оваа борба, овој судир на спротивставени сили во сопствениот ум, совест, срце? Дали да мамам на испитот? Дали да го излажам шефот? Што да правам кога ми се бендисува туѓа жена? Кој, макар повремено, не почувствувал како некоја моќна сила го оддалечува од морално исправните ставови?

Постојано ни се нудат различни избори и можности, а невидливи и видливи сили нè влечат на различни, па дури и спротивставени страни. Додека во некои пригоди сосем е јасно што е исправно а што погрешно, во некои други пригоди не е лесно да се препознае таа разлика. И повторно, зошто понекогаш знаеме што е исправно а што погрешно, но сепак, како некоја сила да нè тера да го правиме она што е погрешно?

Зошто го правиме она што е погрешно, дури и кога знаеме дека е погрешно?

Несомнено e дека мнозина ја чувствуваат стварноста на борбата меѓу доброто и злото, и ние тоа не го гледаме само во големите настани што се одвиваат околу нас. Го препознаваме тоа, го чувствуваме и доживуваме во сопствениот живот, во своите лични борби. Сите ние имаме своја приказна. Сиот наш живот е борба, од првиот до последниот ден.

Какви сили се тоа? Дали се само дел од нашата фантазија? Или, ако не се, ако навистина постојат сили поголеми од нас самите, како настанале? Од каде доаѓаат? Што сакаат од нас? И како да се поставиме пред нив?

Постојано ни се нудат различни избори и можности

Вселената

За почеток, едно е сигурно: нашата вселена е многу голема, многу повеќе отколку што можеле научниците некогаш да си замислат. Речиси низ целата историја луѓето имале скудно разбирање за големината на вселената, при што некои мислеле дека ѕвездите се оддалечени од нас само неколку километри. Многумина верувале, дури и само пред стотина години, дека вселената ја сочинува само Млечниот Пат, нашата галаксија. Ние денес знаеме дека не е така, и вчудовидено стоиме пред неизмерната големина на вселената.
Уште повеќе зачудува што сега научниците сметаат дека вселената, што ја гледаме со помош на телескопот „Хабл“ и други телескопи, претставува само околу 10% од она што сè уште не сме го досегнале!

Со оглед на она што го знаеме за огромната големина на вселената, за бројноста на ѕвездите и галаксиите во неа, сè повеќе луѓе мислат дека не сме сами, и дека таму некаде веројатно има и други облици на живот.

Всушност, една научна дисциплина – астробиологија – го проучува животот во вселената. НАСА (Национална администрација за вселената и аеронаутиката во САД) поседува Институт за астробиологија, на чија веб-страница пишува: „Астробиологијата ги изучува потеклото, развојот, распространетоста и иднината на животот во вселената. … Дали постои живот и во другите светови освен на Земјата? Како земниот живот може да преживее и да се приспособи на некоја друга планета?“

Библијата и вселената

Научниците и астрономите ги насочуваат телескопите кон небото, во надеж дека ќе фатат некој интелигентен сигнал од небото.

Колку повеќе ја запознаваат вселената, толку повеќе откриваат колку е сè големо и чудесно. Додека тие го пребаруваат небото, Библијата не само што зборува за постоењето на живот надвор од Земјата туку и ни нуди некои восхитувачки сознанија за тоа што е животот. Таа јасно зборува за она што науката само го насетува – Земјата не е единственото место во вселената населено од разумни суштества.

Зошто би била? Кога уште еднаш ќе ја разгледаме величината на вселената и огромниот број небесни тела што се дел од неа, не е тешко да се поверува дека уште некаде постои живот. Ако е така, зошто би било нелогично или невозможно да се претпостави дека тие други суштества на некој начин можат да комуницираат со човештвото?
(Важно е да се забележи дека зборот небо во Библијата може да се однесува на вселената, т.е. на целокупниот универзум, а не само на небото во вообичаеното значење на зборот. Види, на пример, Псалм 19).

„Та многуразличната Божја мудрост да им се соопшти сега преку Црквата на началствата и на властите во небесните места“ (Ефесјаните 3,10).
„Зашто нашата борба не е против крвта и телото, туку против началствата, против властите, против светските владетели на темнината на овој век: против духовните сили на злото во небесните места“ (Ефесјаните 6,12).

Според тоа, овие стихови од самиот почеток укажуваат на постоење на интелигентен живот во другите делови од вселената. Дури, тие го опишуваат влијанието што го имаат овие сили врз нас, земјаните.

„Зашто ми се чини, Бог нè постави нас апостолите најпоследни, како осудени на смрт; зашто им станавме призор на светот, и на ангелите и на луѓето“ (1. Коринќаните 4,9).

Светот и ангелите гледаат и се чудат? Ова многу јасно покажува дека суштества од други делови на вселената го набљудуваат епскиот судир што се одвива овде.

„Еден ден дојдоа синовите Божји да застанат пред Господ; со нив дојде и ѓаволот. И му рече Господ на ѓаволот: ’Од каде дојде?‘ А ѓаволот Му одговори на Господ и Му рече: ’Одев по земјата и ја обиколив‘“ (Книгата за Јов 1,6-7).
„И настана војна на небото: Михаил и неговите ангели војуваа против змевот, а змевот и неговите ангели војуваа против нив; но беа поразени, и за нив веќе не се најде место на небото. И беше исфрлен големиот змев старата змија, наречена ѓавол и сатана, која ја мами целата вселена, беше соборена на земјата, и заедно со неа и ангелите нејзини беа исфрлени… Затоа веселете се, небеса, и вие, кои живеете на нив! Тешко вам, кои живеете на земјата и морето, зашто ѓаволот слегол кај вас со голем гнев, бидејќи знае дека му останува малку време!“ (Откровение 12,7-9.12)

Сеопфатна слика на стварноста

Согледани заедно, споменативе текстови покажуваат дека:

  • интелигентни облици на живот постојат и во други делови од вселената;
  • тие други суштества нè набљудуваат;
  • некои од тие суштества се отворено непријателски настроени спрема нас.

Библијата ја опишува војната меѓу ангелите – во еден друг дел од вселената. Предводникот на ангелите, во нашиот превод наречен ѕвезда Деница, (според Исаија 14,12; буквално „сјаен“) и неговите ангели – кои, според овие текстови, ја изгубиле војната – биле исфрлени на Земјата, каде што продолжува борбата, вклучувајќи нè сега и нас.

Имајќи го ова на ум, како и оние текстови кои зборуваат за ангелите кои се пријателски настроени кон нас, увидуваме дека ние на Земјата, според Библијата, сме во жариштето на оваа борба. Тоа е борба меѓу доброто и злото – духовна борба меѓу силите на темнината и силите на светлината. Тоа што ние не можеме да ги видиме овие суштества не докажува дека тие не постојат, исто како што се невидливи природните зрачења, не значи дека тие не постојат.

Размислете: Колку повици на мобилен телефон се одвиваат насекаде околу нас токму сега, толку стварни колку што е и воздухот што го дишеме? Па сепак, ако не можеме да ги видиме сите тие повици, ако во себе или на себе немаме рецептори кои ќе ги препознаат, ќе одрекуваме ли дека тие постојат?

Мнозина се подбиваат и на самата помисла дека постојат сатаната и ангелите, или што било натприродно. За нив постои само природниот свет кој ги следи природните закони и научните принципи. Меѓутоа, ова е ограничен поглед на стварноста. Наспроти тоа, иако Библијата го признава светот на природата, со сите нејзини закони и принципи, станува збор и за тоа дека стварноста таа секако не ја сведува на нив. Таа ни укажува на еден поголем свет и посеопфатна реалност.

Борбата го зафатила и Небото

Падот на утринската ѕвезда

Како започнала оваа борба од епски размери? Од каде дошле овие зли натприродни суштества? Како можело злото да се појави во вселената што ја создал Бог, кој тврди дека ги сака сите и дека е семоќен? Ова се добри прашања.

Едно од чудесните библиски откритија за животот во другите делови од вселената се наоѓа во една од книгите на Стариот завет, во книгата на пророкот Езекиел. Опишувајќи ги овие вонземни суштества со симболот на древниот цар – а Библијата често користи симболи од земско потекло за да укаже на една опсежна стварност – овој текст говори за величественото и возвишено битие од еден друг дел на вселената. Види, Езекиел 28,11-19.

Опишувајќи го ова величествено, преубаво и возвишено суштество, наречено ѕвезда Деница – или на латински Луцифер – Библијата за него изрекува нешто што нè вчудовидува:

„Ти беше совршен во патиштата свои, од денот кога беше создаден, сè додека не се најде во тебе беззаконие“ (Езекиел 28,15).

Прво, глаголот „создаден“ во овој текст потекнува од хебрејскиот збор „бара“, кој ја означува самата Божја создателска активност. Тоа значи дека Бог директно го создал ова битие. Според тоа, Луцифер бил совршен, совршен дури и на своите патишта.

Како тогаш во Луцифер, нарекуван и сатана – во тоа битие кое Бог го создал совршено – се нашло беззаконие, толку големо што иницирало војна на Небото? (Да се види погореспоменатиот текст во Откровение 12,7-9.12.)

Совршениот Бог создал совршено битие и го сместил во совршено опкружување: но како беззаконието – со други зборови, гревот и злото – се јавило во него?

Претходно споменатиот текст од Езекиел, како и многу други, не кажува непосредно, туку претпоставува дека слободата е својствена за Божјите интелигенти суштества.
Што значи тоа? Одговорот го наоѓаме во еден збор – љубов. Може да се прашувате каква врска има тоа, но ако продолжите со читање, ќе ви стане јасно.

Факторот на слободата

Кога Го прашале која е најзначајната Божја заповед, Исус одговорил дека таа гласи:

„Возљуби Го Господа, својот Бог, со сето свое срце, и со сета своја душа, и со сиот свој разум“ (Матеј 22,37).

Интересно е да се забележи дека најзначајната од сите заповеди е онаа чие извршување не трпи присила. За да биде љубовта љубов, мора да произлезе од слободен избор. Ни Бог не може сосила да изнуди љубов од некого, еднакво како што не може да создаде круг со четири прави агли. Таму каде што постојат четири прави агли, тоа веќе не е круг. На ист начин, ни присилната љубов веќе не е љубов. Бог би можел сите свои разумни суштества да ги натера да се плашат од него, да го слават, па дури и да му бидат послушни, но ниедно не може да го присили да го сака. Љубовта мора да биде возвратена доброволно; во спротивно, тоа не е љубов.

Затоа, Божјото создавање вклучува и извесен степен на слобода на совеста. Тоа е така бидејќи љубовта тоа го бара. Ако Божјите суштества не се слободни, тие не би можеле да го сакаат ниту него, ниту да се сакаат едно со друго.

Беззаконието се појавило во совршено битие

Беззаконието се појавило во ова совршено битие, и во совршено опкружување, затоа што совршенството ја вклучувало слободата на совеста, оној вид слобода која била неопходна доколку Бог сакал да создаде разумни суштества способни да го сакаат. А слободата, вистинската слобода, подразбира и ризик.

Парафразирајќи ја мислата од книгата на Грегори Бојд „Господ како воин“ (God at War, стр. 58), ќе кажеме дека доживувањето на светот како бојно поле (исто така, познат и како концепт на „Големата борба“) пред сè, подразбира дека Божјите суштества, и ангелите и луѓето, се создадени со слобода да изберат што сакаат. Тие имале можност да ја употребат својата моќ на избор. Тоа значи дека можеле да изберат да се спротивстават на Божјата волја или да се усогласат со неа. Таков бил предизвикот што го избрал Бог. Според тоа, Бог морал да предвиди што ќе преземе ако дојде и кога ќе дојде до тоа. Судејќи според извештајот за оваа космичка драма, токму тоа и се случило. Вселената и оваа Земја станале бојно поле.

Слобода на Земјата

Истото начело за слободата на совеста го наоѓаме во најраните поглавја од историјата на Земјата. Библијата вели:

„Во почетокот Бог ги создаде небото и земјата“ (1. Мојсеева 1,1).
„И Бог виде дека сето она што го создаде е многу добро. И настапи вечер, и настапи утро – шести ден“ (1. Мојсеева 1,31).
„И му заповеда Господ Бог на човекот, велејќи: ’Од секое дрво во градината можеш да јадеш, освен од дрвото за познавање на доброто и на злото; од него не јади; зашто во оној ден кога ќе вкусиш од него, ќе умреш‘“ (1. Мојсеева 2,16-17).
 

Слободата на избор мора да постои за да може да постои и љубов

Совршениот Бог создал совршени суштества во совршено опкружување. Ова совршенство вклучува слобода која мора да постои за да може да постои и љубов. 

Овие суштества можеле да бираат. Самиот факт дека Бог ги предупредил да не јадат од ова дрво, покажува дека имале слобода да изберат да не го послушаат. Не постои смисла во тоа да се предупредуваат роботи!

Исто така, како што покажува натамошниот развој на настаните, не само што имале слобода да не го послушаат, туку имале слобода да бидат непослушни, да ги послушаат зборовите на сатаната преку непосредниот бунт против Бога. Ова довело до појава на гревот, страдањето и смртта во нашиот свет, и ја произвело борбата меѓу доброто и злото на планетата Земја.

„Тешко вам, кои живеете на земјата и морето, зашто ѓаволот слегол кај вас со голем гнев, бидејќи знае дека му останува малку време!“ (Откровение 12,12)

Деталното разгледување на овие библиски стихови открива дека главната причина за судирот на Луцифер со Бога е тврдењето дека Божјата љубов и Божјите закони се противречни: според неа, Бог не е она што тврди дека е – љубов. Што се однесува до сатаната, тој сакал љубов без никакви ограничувања.

Непријателство

Всушност, откако сатаната, преправен во змија, го предизвикал падот на човештвото (видете 1. Мојсеева 3,1-14), Господ му рекол:

„И ставам непријателство меѓу тебе и жената и меѓу родот твој и породот нејзин. Тој ќе ти ја смачкува главата, а ти ќе го каснуваш во петата“ (1. Мојсеева 3,15).

Во овој текст многу нешта заслужуваат истражување, но од клучно значење е тоа што во него го препознаваме навестувањето на големата борба меѓу двете спротивставени сили. Тој го најавува непријателството на соперниците кои ќе се газат еден со друг, и укажува на борбата која ќе беснее не само меѓу големите народи и идеологии на овој свет, туку и во срцата и умовите на луѓето.

„Бидете трезвени, бидете будни, зашто вашиот противник, ѓаволот, обиколува како лав што рика и бара некого да проголта“ (1. Петрово 5,8).

Иако во извесна мера го користи јазикот на симболите, ова предупредување не е симболичко. Тоа е вистинско, токму како што се вистински и борбите, предизвиците и судирите со кои се соочуваме.

Библијата зборува за непријателството кое ќе беснее меѓу Бога и сатаната

Доброто победува

Меѓутоа, добрата вест е дека Библијата го открива и конечниот исход од сите овие борби. Тие ќе завршат со прекрасно ветување дека злото ќе биде искоренето, заедно со болестите, страдањата и смртта.

„И чув висок глас од небото како зборува: ’Ете го светиот шатор, светилиштето на Бога меѓу луѓето, и Тој ќе живее со нив; тие ќе бидат Негов народ, а Сам Бог ќе биде со нив – нивниот Бог. И ќе ја избрише Бог секоја солза од очите нивни, и смрт нема да има веќе; ни плач, ни пискот, ниту болка нема да има веќе, бидејќи поранешното помина‘“ (Откровение 21,3.4).

На крајот од оваа голема борба доброто ќе победи, а ние, заедно со целата вселена, ќе ја согледаме Божјата добрина, милост и правда, кои ќе се покажат во неговото постапување кон слободните битија што Тој ги создал, а кои ја злоупотребиле дадената слобода.

Големата борба е длабока и важна тема. Таа во епски размери ја претставува драматичната историја на човечкиот род. Определувајќи го библискиот поглед на светот, таа нуди рамка и темел за разбирањето на светот и неговата историја, добрините и сите зла што ги гледаме насекаде околу нас, иднината и нашето место во сето тоа.

Нашето патување низ оваа серија ќе ни покаже како овој космички судир влијае на целокупниот живот.

Доколку сакате да добиете диплома на крајот од овој курс, треба да се регистрирате, да ги прочитате сите лекции на курсот и да ги изработите сите тестови, а потоа ќе ви ја врачиме дипломата.