18. Откријте го Божјиот суд

18. Откријте го Божјиот суд

Линди и О. Џеј

Што ги поврзува Линди Чемберлејн и О. Џеј Симпсон? Двајцата се уапсени поради смрт на невини личности. Во што е разликата меѓу нив? Линди поминала години в затвор за злосторство кое не го сторила, додека О. Џеј Симпсон е ослободен иако најверојатно извршил злосторство.

Меѓутоа, што е тука чудно? Човечките судови, дури и во слободни и отворени општества, често донесуваат погрешни пресуди. На крајот на краиштата, кој не чул за приказните – особено изминатите години, благодарение на напреднатите тестови за ДНК – за мажи и жени кои минале години, дури и децении зад решетки, за дури многу подоцна да бидат ослободени од обвинение?

„Одмаздата е моја“

Човек може само да ја замисли неверојатната неправда што им ја нанеле судовите на луѓето низ историјата. Меѓу најбезумните биле таканаречените случаи „лов на вештерки“ во Европа. На некои судења, обвинетите жени ги фрлале во вода. Ако се удавеле, би докажале дека се невини – а ако преживеале, тоа би докажало дека се вештерки, и затоа би биле палени на клада.

Меѓутоа, Библијата постојано говори за Бога дека е праведен, и можеме да бидеме сигурни дека Тој нема да погреши кога ќе суди.

Разгледајте го овој текст:

„Зашто Бог ќе ја изведе на суд секоја работа, и што е тајно, било да е добро или лошо“ (Проповедник 12,14).

Бог кој ја знае „секоја тајна“ е Бог на љубовта, Бог кој простува, но и Бог на правдата, кој исто така ветил:

„Моја е одмаздата и моја наградата, кога ќе им се затресе ногата нивна, зашто денот на загинувањето нивно е блиску, брзо ќе настапи подготвеното за нив“ (5. Мојсеева 32,35).
„Зашто ние Го знаеме Оној што рекол: ’Одмаздата е Моја, Јас ќе платам‘, вели Господ. И пак: „Господ ќе му суди на Својот народ“ (Евреите 10,30).

Без сомнеж, Бог е Бог на судот, а судот и правдата ќе бидат спроведени. Ние веќе видовме, во лекцијата за пеколот, голем пример за праведноста на неговото судење: за разлика од ужасното гледиште за вечното мачење, Божјата правда ќе доведе до конечното уништување на загубените. Тие ќе се вратат во ништожноста од која и дошле, што е многу далеку од милијарди и милијарди еони грчење во оганот на пеколот. Како што веќе кажавме, таквата казна, сама по себе, би била најголема неправда.

Судот и правдата ќе бидат спроведени

Судење на Бога?

Обвиненијата кои Луцифер ги изрекол против Бога кога се побунил, на некој начин го извеле Бога на суд. Дали е Бог она што го тврди за себеси или обвиненијата на Луцифер се вистинити? Тоа е најголемото судење на сите времиња.

Затоа во Библијата постои уште еден елемент на судењето кој мнозина пропуштаат да го видат. Иако некои елементи од ова сфаќање можеме да ги најдеме на разни места во Библијата, едно од првите конкретни објаснувања го наоѓаме во Псалмот 51. Царот Давид извршил ужасно злосторство. Откако ги признал своите гревови и се покајал, тој напишал:

„Помилуј ме, Боже… Измиј ме темелно од моето беззаконие и очисти ме од мојот грев… Против Тебе, само против Тебе згрешив и пред Тебе зло извршив, така што Ти си праведен кога ќе пресудуваш и беспрекорен кога ќе судиш“ (Псалм 51,1-4).

Што рекол царот Давид? Тој побарал од Господа да му ги измие неговите гревови и да го исчисти за да… што?

Во еден друг преводи стои:

„[…] за да се покаже дека Ти си праведен кога пресудуваш и беспрекорен кога судиш“ (Псалм 51,4).

Бог да се покаже праведен во своите зборови? Бог да биде чист во својот суд?

Овој текст упатува на тоа дека лично на Бога ќе му биде судено поради начинот на кој се однесува спрема Давидовиот грев. Со други зборови, самиот Бог ќе се соочи со испрашување во врска со неговиот однос спрема грешните човечки суштества.

Ова сфаќање се наоѓа и во Новиот завет, кој цитира од Псалмите додека ја разгледува истата тема. Зборувајќи за грешноста на човековиот род, Павле пишува:

„Никако! Нека се признае дека Бог е вистинит, а секој човек лажлив, како што е напишано: ’За да се покаже дека си праведен во зборовите Свои, и да победиш кога ќе ти се суди‘“ (Римјаните 3,4).

Повторно ја среќаваме истата замисла, според која на самиот Бог ќе му биде судено во врска со неговите постапки со човештвото.

Да му биде судено на Бога? Иако таа замисла, на прв поглед, се чини богохулна, па дури и апсурдна, сепак, кога ќе го сфатиме контекстот, не само што таа има смисла, туку го прави Бога уште поправеден, пољубезен, почесен, а неговата љубов станува уште поголема. Бог е толку искрен што се става себеси на проверка излагајќи се на судењето. Тоа е она што го открива оваа драма од епски размери; тоа е целосната слика. Ако пропуштите да ја согледате таа голема слика, тогаш погрешно ќе го разберете она што ви се случува.

Псалмистот Давид

Божјиот суд

Во овие лекции често ја споменувавме клучната тема на големата борба, која започнала со бунт против Бога на Небото. Во претходните проучувања видовме дека сатаната посакал да го преземе Божјиот престол. Во тек е вселенска војна, а влоговите се поголеми и посеопфатни отколку на Земјата. Имаат ли можеби прашања и небесните суштества за ужасните услови што владеат на Земјата? Тие, имено, сигурно го набљудуваат сево ова, „станавме глетка за светот – на ангелите и на луѓето“ (1. Коринќаните 4,9).

Меѓу спорните прашања е и карактерот на самиот Бог. Погледнете ги претходните текстови. На Бога ќе му биде судено. Ова не е како кога судат луѓето дали е некој виновен или невин, туку овде се поставува прашање како Бог ќе го совлада бунтот. Целата вселена го набљудува ова.

На крајот на краиштата, за многу луѓе прашањето за постоењето на Бога обично се однесува на еден проблем – зошто постојат злото и страдањето? Ако е Бог семоќен, полн со љубов и сезнаен, зошто ние минуваме низ сево ова?

Зар секој од нас не пропатил доволно поради разни неправди? А сме виделе и други како патат прашувајќи се дали е тоа воопшто праведно. Кој не се запрашал: „Зошто Бог дозволи ова да се случи?“

Имајќи го ова предвид, разгледајте ги следниве текстови:

„Потоа го чув ангелот на водите како вели: ’Праведен си, Господи, кој си, кој беше, Свет си, зашто така пресуди’“ (Откровение 16,5).

„И чув друг како зборува од жртвеникот: ’Да, Господи Боже Седржителе, вистинити и праведни се Твоите пресуди!’“ (Откровение 16,7)

Тие го слават Бога за пресудите кои ги донел. Тоа што го видовме овде се нарекува теодикеја. Овој термин потекнува од два грчки збора кои заедно значат „оправдување на Бога“. Овде не станува збор за оправдувањето кое ни е потребно нам, на луѓето – да ни се простат нашите гревови – туку за тоа дека ќе ги согледаме љубовта, добрината и правдата Божја, и покрај ужасните работи што се случиле.

Мојата плата

Во Библијата се претставени разни видови судења. На Исуса, како што видовме, му било судено на крстот, и тогаш е осуден наместо нас. Постои и судење во текот на милениумот и пресудата на крајот од тој период, кога загубените ќе бидат уништени засекогаш, поднесувајќи ја праведната казна за своите гревови.

Меѓутоа, Библијата јасно учи и за уште еден вид судење, за предадвентен суд кој се одвива пред Исусовото враќање

Погледнете го овој текст:

„И еве, ќе дојдам скоро, и платата Моја е со Мене, за да му дадам на секого според делата негови“ (Откровение 22,12).

Овој текст разјаснува дека пред Христовото второ враќање ќе се одржи еден божествен претрес или судење. Ако неговата плата доаѓа со него, тогаш мора да се одржи некој вид предадвентно судење, некој вид одлука кој каква плата добива.

Што можеме да знаеме за ова судење?

Пред воспоставувањето на Божјото царство ќе настапи судење

До каде се протега историјата

Да се присетиме на редоследот на царствата од 2. глава на Даниеловата книга – со статуата направена од различни метали, за што говоревме во една од претходните лекции. Тој може да се резимира на следниов начин:

  • Вавилон
  • Медо-Персија
  • Царството на Александар Македонски
  • Рим
  • Божјото царство – Второто доаѓање

При проучувањето на преминот од сабота на недела, видовме дека 7. глава на Даниел го прикажува паралелниот редослед на истите народи, само што има повеќе детали. Во 7. глава на Даниел, пророкот сонил сон во кој видел како четири ѕверови излегуваат од морето (да се види: Даниел 7,1-3).

Подоцна во оваа глава, нему му е речено дека овие четири ѕверови претставуваат „четири цара“ (Даниел 7,17) или царства што ќе настанат во наредните векови – а тоа се истите четири царства од Даниел 2: Вавилон, Медо-Персија, царството на Александар Македонски и Рим. Оваа глава се завршува со Божјото вечно царство, како во 2. глава на Даниеловата книга.

Меѓутоа, 7. глава на Даниел во добар дел се задржува на четвртото царство, на Рим, и особено на силата на малиот рог што се издигнува во него.

Нè фасцинира фактот дека, веднаш по описот на Рим во Даниел 7,23-25, Библијата говори за небесното судење кое на крајот води кон Божјето царство.

Погледнете што следува веднаш по описот на римскиот мал рог, а пред второто Исусово доаѓање:

„Потоа небесниот Суд ќе ја одземе од него власта и сосема ќе го уништи и докрајчи, а царството и власта и царското величие по целиот поднебесен свод ќе му се даде на народот од светиите на Севишниот, чие царство е царство вечно и сите великодостојници ќе Му служат и ќе Му се покоруваат Нему“ (Даниел 7,26.27).

Божјиот суд заседава, а како краен резултат се јавува последното и вечно царство – она кое Исус ќе го создаде на Земјата по своето второ доаѓање и периодот од илјада години, како што видовме претходно.

Суштината е во тоа што пред Исусовото второ доаѓање, пред воспоставувањето на Божјото конечно царство, настапува судењето, кое директно води кон Божјото царство.

„Судот седна и книгите се отворија.“

Отворени книги

Меѓутоа, сржта на нашата стварност можеме уште подобро да ја согледаме нешто порано во истото глава. По подробниот опис на другите активности на силата на малиот рог во Даниел 7,7.8, настапува следнава сцена:

„Ги гледав тие рогови, и ете, меѓу нив се појави уште еден мал рог, а три од првите рогови беа од корен истргнати пред него; на тој рог имаше очи, како човечки очи, и уста што горделиво се фали. Видов најпосле дека се поставија престоли и седна Старец; облеклото му беше бело како снег, а косата на главата Негова како чиста волна; престолот Негов личеше на огнен пламен, со тркала како оган што пламти. Река огнена излегуваше и минуваше пред Него; илјада илјади му служеа, и десетина илјади по десет илјади стоеја пред Него; седнаа судиите и книгите се отворија“ (Даниел 7,8-10).

Каква глетка на небесниот суд! Илјадници и илјадници му служат, судот заседава, и книгите се отвораат. Ако ова не е небесен суд – што е? Бог не спроведува тајно судење, скриено од погледи. Не, многу небесни суштества се таму и книгите се отворени, што упатува на испрашување. Тоа е библиска тема. Да, Бог знае сè. Сепак, да не заборавиме дека илјадници и илјадници суштества кои живеат на Небото не знаат сè. Исто така, имајте ја на ум содржината на големата борба. Можеби и другите суштества сакаат одговор на некои прашања, исто како нас, а сега е во тек судењето, кое е отворено за сите кои сакаат да видат дека Бог праведно суди.

За нас овде од клучно значење е што ова судење се одвива пред Бог да го утврди своето последно царство. Со други зборови, ова е предадвентен суд, кој се случува пред да се врати Христос.

Според тоа, ако ги споредиме 2. и 7. глава на Даниел, тоа би изгледало вака:

Даниел 2. глава

Даниел 7. глава
Вавилон
Вавилон 
Медо-Персија
Медо-Персија
Царството на Александар Македонски
Царството на Александар Македонски
Рим
Рим (паганскиот/папскиот)
 
Судење на Небото
Божјото вечно царство
Божјото вечно царство

 

Клучно е дека на небото се одвива величествена глетка од судењето на мноштво луѓе, а крајниот резултат е воспоставување на Божјото вечно царство. Така, предадвентното судење е голем настан.

Понатаму, тоа е радосна вест за Божјите следбеници, бидејќи овој суд има за цел „царството и власта и царското величие по целиот поднебесен свод ќе му се даде на народот од светиите на Севишниот“ (Даниел 7,27).

Чистење на светињата

Секоја визија на Даниел ја надоградува и проширува претходната. Подлабок увид во природата на ова судење наоѓаме во Даниел 8. глава. Како и во 2. и во 7. глава на Даниел, и овде се прикажува низата од царства, но сега опишани со симболи на овен, јарец и мал рог, кој го симболизира папскиот Рим во Даниел 7. глава. Таа визија потоа се завршува со Даниел 8,14, каде што пишува:

„Другиот му рече: ’Две илјади и триста вечери и утра; и тогаш светилиштето ќе се очисти‘“ (Даниел 8,14).

Првите четиринаесет стихови од оваа глава, самата визија, можат да се резимираат вака:

Даниел 8

Овен – Јарец – малечок рог – чистење на Светињата

Втората половина од 8. глава на Даниел потоа ја толкува првата половина. Еве што пишува тука:

„Овенот што го виде – неговите два рога – тоа се мидискиот цар и персискиот. А косестиот козел (јарец) е царот на Јаван“ (Даниел 8,20-21).
 

Јарецот и овенот од Даниел 8. глава

За разлика од 2. и 7. глава на Даниел, оваа визија го прескокнува Вавилон, веројатно затоа што, во времето кога визијата била забележена, ја снемувало вавилонската империја. Сепак, забележете како двете царства се јасно именувани, а тоа се истите две царства кои се појавуваат во 2. и 7. глава на Даниел. Остатокот од објаснувањето е посветен на малечкиот рог, кој се создава по овие две царства – оваа прогонувачка сила, како во 2. и во 7. глава на Даниел, е Рим – паганскиот и папскиот. Ова царство, Рим, на крајот „ќе биде победен – не со човечка рака“ (Даниел 8,25), што симболизира соборување/симнување по натприроден пат, токму како што каменото царство во 2. глава на Даниел паѓа „без раце“, што е симбол на крајот на светот во текот на Исусовото второ доаѓање (да се види: Даниел 2,34).

Според тоа, вака можеме да го резимираме толкувањето на визијата од 8. глава на Даниел:

Даниел 8. глава
Медо-Персија
Царството на Александар Македонски
Рим
Светињата е очистена
Второто доаѓање

 

Дали ова ви звучи познато?

Постојат очигледни паралели меѓу 2., 7. и 8. глава од Книгата на пророкот Даниел:

Даниел 2. глава

Даниел 7. глава

Даниел 8. глава

Вавилон 
Вавилон
 
Медо-Персија
Медо-Персија
Медо-Персија
Царството на Александар Македонски
Царството на Александар Македонски
Царството на Александар Македонски
Рим
Рим (пагански/папски)
Рим
 
Судење на Небото 
Светињата е очистена
Божјото вечно царство
Божјото вечно царство
Божјото вечно царство

 

Исус е нашиот Небесен првосвештеник

Поглед во светињата

Забележете дека сцената на предадвентниот суд во Даниел 7. глава одговара на чистењето на Светињата во Даниел 8. Меѓутоа, 8. глава на Даниел го воведува клучниот елемент на Светињата, за која зборувавме во 5. лекција. Видовме дека Светињата е симболичка претстава на целокупниот план на спасението. Жртвувањето на животните и службата на свештениците симболизирале сè што направил Исус, не само како наша Жртва, туку и како наш Првосвештеник во Светињата на Небото.

Да, Библијата учи дека на Небото постои стварна Светиња, и дека, по својата смрт и воскресение, Исус отишол во Светињата за да посредува за нас.

Прочитајте ги овие текстови:

„А најважното од ова што го зборуваме, е дека имаме таков Првосвештеник, Кој седна од десната страна на престолот на величието на небесата, и е служител на светилиштето и на вистинската скинија, што ја постави Господ, а не човек“ (Евреите 8,1-2).

Писателот во претходните глави на посланието до Евреите го објаснил делото на свештеникот во службата во земската Светиња, што веќе го проучувавме. Тој потоа објаснува дека сите тие биле симболи за активностите кои Исус, како наш Првосвештеник, сега ги извршува за нас во небесното Светилиште, она кое е јасно опишано во посланието до Евреите.

Оваа фасцинантна тема открива многу работи, вклучувајќи го и времето на овие случувања. Меѓутоа, за нас сега е од клучно значење тоа што воведувањето на Светињата го вклучува во пророштвото она најважното, а тоа е благодатта.

Да, постои предадвентен суд, кој ќе биде непосреден вовед во Божјото царство. Тоа е сосема јасно врз основа на Даниел 7. глава. А тоа судење ги вклучува, како што ни е речено, и „светите на Вишниот“ (Даниел 7,22).

Дали на тоа судење пресудата ќе биде во негова полза затоа што тие луѓе се безгрешни, без мани и се совршени? Не, туку поради Исусовата праведност која ги покрива на тоа судење, а за тоа проучувавме во службата за Светињата. Затоа споменувањето на темата Светиња и нејзиното чистење во Даниел 8 е всушност радосна вест. Тоа ни покажува дека на тој суд, кој е близу, ние го имаме Исуса, Јагнето кое е заклано за да биде наша Замена; го имаме Христа, кој е наш Првосвештеник во небесната светиња, што според Библијата е исто така радосна вест.

„Затоа Тој и може за вечно да ги спаси оние што преку Него доаѓаат кон Бога, бидејќи е секогаш жив за да се моли за нив“ (Евреите 7,25).

Затоа, поради она што ни го открива Светињата за Исуса и сето она што го направил и го прави за нас, ние знаеме дека „нема никакво осудување за оние кои се во Исус Христос“ (Римјаните 8,1) – ни сега ни на предадвентниот суд..

На овој свет долго и залудно ќе ја чекаме правдата и правичното судење. Затоа полагаме големи надежи во правдата на Божјиот суд – предадвентниот суд, чиј врв се достигнува со Исусовото второ доаѓање.

Настаните во светот ни покажуваат дека оваа историја се приближува кон својот драматичен крај. Проповедањето на Евангелието, со последната Божја молба, го вклучува и овој итен проглас:

„…Кој имаше вечно Евангелие, за да им благовести на жителите земни, на секое племе и колено, јазик и народ. Тој зборуваше со висок глас: Имајте страхопочит кон Бога и подајте Му слава, зашто настапи часот на Неговиот суд“ (Откровение 14,6-7).

Во меѓувреме, исто така на небесниот суд, се одвива предадвентното судење и тоа наскоро ќе заврши. Кога тоа судење ќе заврши, судбината на секоја личност ќе биде запечатена засекогаш. Тогаш ќе биде предоцна да се предомислиме.

Бог ова ни го открил за да бидеме сигурни дека ќе дојде Оној што ветил дека ќе дојде. Божјата сатница не знае за брзање ни за доцнење. Со оглед на Божјата објективност и правичност, во завршницата на ова судење сите ќе увидат дека Бог е она што отсекогаш го тврдел за себе. Зашто е запишано:

„Јас сум жив, вели Господ, зашто пред Мене ќе се свитка секое колено и секој јазик ќе Го славослови Бога“ (Римјаните 14,11).

Доколку сакате да добиете диплома на крајот од овој курс, треба да се регистрирате, да ги прочитате сите лекции на курсот и да ги изработите сите тестови, а потоа ќе ви ја врачиме дипломата.