17. Откријте ја правдата

17. Откријте ја правдата

Претстојното судење

Животот не е праведен!

Во своето класично дело „Патот по кој поретко се оди“, Скот Пек вели дека ова е еден од големите извесни факти на постоењето – животот не е праведен. Тој сугерира дека, колку порано го прифатиме тој факт, толку порано и нашиот живот ќе има смисла.

Сепак, пред да заврши човековата историја, правдата мора да биде задоволена.

Пред неколку векови германскиот филозоф Имануел Кант рекол дека, ако можете да прифатите една премиса – само една – а таа е дека Бог е праведен, тогаш треба да претпоставите дека мора да постои и некој вид живот по животот, во еден или друг облик.

Зошто?

„Затоа што е“, тврдел тој, „толку очигледно дека Божјата правда не се открива во овој живот.“ Ако некогаш ја видиме правдата, тогаш тоа мора да биде во другиот живот!

И ќе ја видиме правдата. Библијата тоа јасно го кажува – Бог е Бог на правдата и на судот.

Ако воопшто нешто сме сфатиле за драматичната положба во која се наоѓа Бог, тогаш тоа е секако дека таа драма сè уште се одвива. Нејзиното полно значење нема да стане јасно сè до последните сцени. Бог е праведен. Правдата е животна состојка на љубовта, како и благодатта, милоста и милосрдието.

Прочитајте ги овие стихови:

„Зашто Бог ќе ја изведе на суд секоја работа, и што е тајно, било да е добро или лошо“ (Проповедник 12,14).
„Но Господ вечно седи на престолот; го подготвил престолот Свој за суд; Тој ќе му суди на светот според правда, на луѓето ќе им суди праведно“ (Псалм 9,7-8).
„И еве, ќе дојдам скоро, и платата Моја е со Мене, за да му дадам на секого според делата негови“ (Откровение 22,12).
„Но, ви велам: полесно ќе им биде на Тир и Сидон во судниот ден, отколку вам“ (Матеј 11,22).
„И како што на човекот му е определено да умре еднаш, а потоа суд“ (Евреите 9,27).
„А сегашните небеса и земјата, пазени од истото слово, се чуваат за оган во денот на судот и погибелта на нечестивите луѓе“ (2. Петрово 3,7).
„Бојте се од Бога и подајте Му слава, зашто дојде часот на Неговиот суд!“ (Откровение 14,7).

Постојат, покрај овие, уште многу други текстови за судот, кои, иако се јавуваат во различни контексти, сите упатуваат на тоа дека Бог е всушност Бог на судот и дека правдата ќе стигне. А како да не стигне? Како, кога Бог кој сака, кој е праведен, во даден момент да не ја покаже правдата, која сега толку многу му недостига на светот?

„Не одмаздувајте се за себе, возљубени; туку дајте му место на Божјиот гнев, зашто е напишано: ‚Одмаздата е Моја, Јас ќе ја отплатам! – говори Господ‘“ (Римјаните 12,19).

Божјите луѓе отсекогаш го очекувале времето кога ќе се покаже Божјата правда. Всушност, тие се молеле за тоа. Крикот на Божјиот народ „до кога?“ се слуша низ целата Библија. На пример, Давид извикал кон Господа:

„До кога, Господи, сосема ќе ме забораваш, до кога ќе го одвраќаш лицето Свое од мене?“ (Псалм 13,1)

Исус умрел на крстот за ние да живееме

Судењето на крстот

Библијата јасно кажува дека гревот носи смрт; требало и Адам и Ева да умрат кога згрешиле. Требало таму и тогаш да се соочат со праведниот Божји суд против гревот. Бог јасно рекол:

„Освен од дрвото за познавање на доброто и на злото; од него не јади; зашто во оној ден кога ќе вкусиш од него, ќе умреш“ (1. Мојсеева 2,17).

Оригиналниот јазик е недвосмислен – тој ист ден кога ќе изедеш од него, ќе умреш. Адам сепак не умрел – барем не тој ден. Всушност, тој проживеал уште стотици години. Зошто не умрел? Затоа што во мигот на појавата на гревот постоел и Спасител. Бог имал план, ако човештвото се побуни, да создаде и излез од таа ситуација.

„Кој беше предназначен, пред создавањето на светот, а се јави на крајот на времето заради вас…“ (1. Петрово 1,20).

Кога нашите прародители прв пат згрешиле против Бога, обелоденет е веќе создадениот план, кој Бог почнал да го спроведува. Тој на Адама и Ева им дал надеж и ветување дека ќе бидат спасени, што им го открил и ним и на сатаната во 1. Мојсеева 3,15:

„И ставам непријателство меѓу тебе и жената и меѓу родот твој и породот нејзин. Тој ќе ти ја смачкува главата, а ти ќе го каснуваш во петата“ (1. Мојсеева 3,15).

Во втората лекција видовме дека овој стих ја открива евангелската надеж – дека Змијата еден ден ќе биде поразена, а го видовме и тоа дека тој пораз е веќе осигуран со Исусовата смрт на крстот.

Со други зборови, судот и осудата на Адама и Ева за нивниот грев – како и судот и осудата за она што сите го заслужуваме – паднала на Исус на крстот. Нему му е судено таму и Тој е осуден наместо нас.

„Зашто Бог толку го возљуби светот, што Го даде Својот Единороден Син, та секој што верува во Него да не загине, туку да има вечен живот. Зашто Бог не Го испрати Својот Син во светот за да му суди на светот, туку светот да се спаси преку Него“ (Јован 3,16-17).

Сатаната очекувал дека Бог ќе го осуди овој свет. Наместо тоа, Тој го пратил Исуса да го спаси човекот, а средиштето на тоа спасување бил крстот. Токму таму се случило неверојатното откривање на Божјиот карактер на љубовта.

Погледнете ги овие текстови:

„Сите ние бевме заблудени како овци, секој си одеше по својот пат, – и Господ ги натовари врз Него гревовите на сите нас“ (Исаија 53,6).
„Зашто Оној, Кој не знаеше грев, Бог за нас Го направи грев, та преку Него да станеме праведност Божја“ (2. Коринќаните 5,21).
„Христос нè откупи од проклетството на Законот, откако поради нас стана проклетство, бидејќи е напишано: ’Секој да е проклет што виси на дрво!‘“ (Галатјаните 3,13)

Така, со други зборови, сиве овие текстови учат исто – дека Исус сам ја платил казната за нашите гревови. Бог праведно пресудил против гревот, но Тој тоа го сторил на крстот преку личноста Исус Христос. Иако невин, Исус е осуден како виновен, така што ние, иако виновни, на судот можеме да бидеме прогласени за невини.

Ова се Христовите зборови изречени непосредно пред одењето на крстот:

„Сега е судот на овој свет; сега кнезот на овој свет ќе биде исфрлен надвор“ (Јован 12,31).

Ова било пресвртница во оваа епска борба – откривањето на Божјиот карактер но и разоткривањето на карактерот на злосторникот. На овој свет требало да му се суди и да се прогласи виновен, но Исус лично ја презел таа осуда врз себе, осигурувајќи дека сатаната – кнезот на овој свет – ќе биде отфрлен, односно дека неговата пресуда ќе биде сигурна.

Исус сам ја платил казната за нашите гревови

Раздвојување

Исус умрел како наша Замена. Ние не мораме да ја платиме казната за нашите гревови зашто Исус ја платил за нас. Во моментот кога ќе го прифатиме Исуса, нашите гревови ќе бидат покриени и нам ќе ни биде простено. Ова е обезбедено за секого.

Сè што треба да направиме е лично за нас тоа да го прифатиме. Секако, дури и површното читање на Библијата открива дека на луѓето ќе им биде судено и дека на крајот многумина ќе бидат осудени. Ќе дојде до раздвојување на спасените и загубените, оправданите и осудените.

Погледнете ги овие текстови:

„Не чудете се на ова, зашто иде часот кога сите, кои се во гробовите, ќе го чујат гласот на Синот Божји, и ќе излезат: кои правеле добро – ќе воскреснат за живот, а кои правеле зло, ќе воскреснат за осудување. Јас ништо не можам да правам Сам“ (Јован 5,28-29).
„И многумина од оние што спијат во земниот прав ќе се разбудат – едни за живот вечен, а други за вечен срам“ (Даниел 12,2).
„А кога ќе дојде Синот Човечки во Својата слава и сите свети ангели со Него, тогаш ќе седне на престолот на славата Своја, и ќе се соберат пред Него сите народи, па ќе ги оддели едни од други, како што ги одделува овците од козите; и ќе ги постави овците од Својата десна страна, а козите од левата“ (Матеј 25,31-33).
„И не плашете се од оние што го убиваат телото, а душата не можат да ја убијат; туку плашете се повеќе од Оној Кој може и душата и телото да ги погуби во пеколот!“ (Матеј 10,28)
„Ако те наведува на грев десното око, извади го и фрли го од себе; зашто подобро ти е да изгубиш еден дел од твоето тело, отколку целото да биде фрлено во пеколот. И десната рака, ако те наведува на грев, исечи ја и фрли ја од себе; зашто подобро ти е да изгубиш еден дел, отколку целото твое тело да биде фрлено во пеколот“ (Матеј 5,29-30).

Пеколот е последната фаза од Божјото протерување на гревот од вселената.

Овие текстови, како и многу други, мошне јасно говорат дека не само што постои пеколот, туку и дека некои луѓе ќе бидат фрлени и уништени таму. Ќе дојде до завршно судење, и оние кои не се покриени со Исусовата крв, оние кои не ја презеле Исусовата праведност како своја, ќе стојат пред Бога во целосна срамотија од своите гревови и зла.

„Зашто Бог ќе ја изведе на суд секоја работа, и што е тајно, било да е добро или лошо“ (Проповедник 12,14)

Секое дело, секоја тајна, сè ќе биде изнесено на судот пред Сезнајниот и Семоќен Бог, Бог кој гледа сè. Кој би можел да стои пред Божјиот испитувачки поглед кога сè што правел лошо ќе биде обелоденето?

Никој. Затоа ни е потребен Спасител – Замена – сега и на судењето.

Ова завршно судење, искоренување на бунтот и бунтовниците еднаш и засекогаш, претставува она што во Библијата се нарекува пекол.

Голема неправда 

Магазинот Тајм еднаш објави ударна статија со наслов „Што ако нема пекол?“. Во статијата се зборува за популарниот американски проповедник кој го побил ставот дека луѓето кои ќе бидат осудени вечно ќе горат во пеколот. Тој толку енергично се спротивставил на оваа идеја што се запрашал дали пеколот е само симбол и нема ли, на крајот, сите да бидат спасени.

Тој немал право, барем во некои точки. Библијата е јасна – на луѓето ќе им биде судено и ќе бидат осудени ако не им биде простено. Така мора да биде. Како поинаку? Зар Адолф Хитлер да заврши на исто место со оние кои ги убил?

Каква правда би била тоа?

Пеколот е стварен и неговиот оган е стварен. Меѓутоа, има право кога станува збор за неверојатната неправедност и бесмисленост на сфаќањето дека луѓето довека ќе горат во пеколот.

Кога станува збор за неправдата, од оваа полоша нема.

Непокајаните грешници ќе бидат уништени во оган

Вечно уништување 

Да прочитаме еден од најцитираните текстови во Библијата:

„Зашто Бог толку го возљуби светот, што Го даде Својот Единороден Син, та секој што верува во Него да не загине, туку да има вечен живот“ (Јован 3,16).

Обрнете внимание на еден од двата можни исхода на сечиј живот. Едниот е вечен живот, наспроти што? Вечно мачење?

Не, тука се говори за погибел. Кога некој ќе загине, тоа значи уништување. Загине значи дека ќе го снема засекогаш. Загинување подразбира вечна смрт. Спротивно од вечен живот не е вечно мачење, зашто тоа и понатаму е живот, живот во агонија. Спротивно од вечен живот е вечна смрт, вечно уништување.

„Тие со вечна погибел ќе бидат казнети далеку од лицето на Господ и од славата на Неговата моќ“ (2. Солуњаните 1,9).

Вечно, што? Мачење? Агонија? Казнување? Не, вечна погибел, уништување. Крајниот резултат е трајна, вечна смрт, заборав, а не мачење во некоја дупка во Земјата, како во популарното верување.

Вечно е уништувањето, а не самото дело на уништување.

Прочитајте ги следниве текстови:

„Влезете низ тесната врата; зашто широки се вратите и широк е патот што води кон пропаст, и мнозина минуваат низ нив“ (Матеј 7,13).
„Нивниот крај е погибел, нивниот бог – стомакот, а славата – во нивниот срам; тие мислат за земните работи“ (Филипјаните 3,19).

Пеколот е стварен. Казната е стварна. Оганот е стварен, само не е вечен. Луѓето во пеколот ќе бидат уништени, и таму нема вечно да се мачат. Всушност, оганот на пеколот е поврел отколку што учат обично, затоа што, според Библијата, оганот на пеколот конечно ќе ги уништи загубените, и тоа целосно, што е спротивно од вечното мачење.

Разгледајте ги овие Исусови зборови:

„И не плашете се од оние што го убиваат телото, а душата не можат да ја убијат; туку плашете се повеќе од Оној Кој може и душата и телото да ги погуби во пеколот!“ (Матеј 10,28)

Ако воопшто некој текст докажува дека душата не е бесмртна или дека пеколот не е вечен, тогаш тоа е овој текст. Каква е судбината на оние кои ќе се соочат со пеколот? Тие се уништени, а тоа не е исто што и вечно мачење.

Казната е вечна, а не самото казнување. Последицата, казната, која е смрт, трае вечно. Уште еднаш, вечната смрт, вечното уништување е спротивно од вечниот живот. Тоа е судбината која, во текот на второто воскресение, ги чека загубените:

„И тие ќе отидат во вечна мака (буквално казна), а праведниците – во живот вечен“ (Матеј 25,46).

Бог го фрлил огнот од небото и што им направил? Почнал да ги мачи засекогаш? Секако дека не! Наместо тоа, тука пишува дека огнот ги изел. Тоа значи дека ги уништил.

Тука не пишува дека платата за гревот е вечен живот во мачење. Тука пишува дека Божјиот дар е вечен живот, живот исполнет со среќа. Спротивставени се смртта или вечниот живот.

Исус ни е потребен и на судењето

Засекогаш

Зборувајќи за вечната казна, Откровението за загубените вели дека ќе бидат „мачени со оган и сулфур пред светите ангели и пред Јагнето. Димот од мачењето нивно ќе се издига во сите векови; нема да имаат мир ни дење, ни ноќе оние што ќе му се поклонат на ѕверот и на неговата биста, и што ќе го примат белегот на неговото име!” (Откровение 14,10-11)

Дали е тоа вечно мачење?

Книгата Откровение е полна со изрази и слики од Стариот завет, а на многу места во Стариот завет изразот во век и веков и концептот кому тој му одговара значат нешто сосем друго од она што ние денес обично го подразбираме.

„Слегнав до корените на планините, земјата со резињата свои за навек ме затвори, но Ти, Господи, Боже мој, ја изведе душата моја од јамата“ (Книгата за Јона 2,7).

На пример, раскажувајќи за Јона во стомакот на големата риба, Библијата вели:

Јона во стомакот на големата риба бил три дена, а не довека, па сепак е употребен тој збор.

Првата книга Мојсеева, во 19. глава, зборува за уништувањето на градовите Содом и Гомора. Кога Новиот завет ги споменува овие градови како пример за судбината на загубените, вели:

„Како што Содом и Гомора и околните градови, блудствуваа, а на ист начин како и тие, одеа по друго тело, станаа пример со тоа што беа накажани со вечен оган“ (Јуда 1,7).

Вечен оган? Овие места веќе не горат. Не, тие се уништени. Ако и понатаму таму гори вечниот оган, тогаш лесно ќе ги најдеме. Вечен во овој контекст значи „завршен, исполнет, вечно завршен“. Ова е карактеристично библиско изразување.

Кога Библијата говори за Бога кој суди на некое место, на пример, за Ерусалим, таа говори како Тој го уништува тоа место со оган кој „нема да се изгасне“ (Еремија 7,20). Нема да се изгасне? Дали тоа значи дека вечно ќе гори? Како? Таму нема вечен оган. Наместо тоа, тоа е библиски јазик кој дава идеја дека нешто е завршено или исполнето, идеја дека оганот ќе ја одработи својата работа и дека ништо нема да го сопре во тоа.

Крајот

Еден од највлијателните прикази преку кои сатаната сака да го оцрни и деформира Божјиот карактер го претставува Бога како тиранин кој ги мачи грешниците низ сета вечност. Овој проблем е во средиштето на големата борба – дали Бог е љубов, како што тврди, или е немилосрден и неправеден? Колку ужива сатаната кога гледа дека луѓето ги користат неговите аргументи и ги претставуваат како вистина, па згора и во името на Христа! Не нè чуди што ова учење произвело повеќе неверници од кое било друго погрешно учење.

„Уште малку, и грешникот ќе го нема; ќе го побараш местото негово и нема да го најдеш“ (Псалм 37,10).

Безбожници веќе „нема да има“. Загубените буквално се враќаат во ништожноста од која дошле.

Така нашата драма се приближува кон својот крај. Бог, кој е полн со љубов, нема да дозволи гревот, страдањето, тагата и болката да траат вечно. Тој не е тиранин. Тој чека затоа што нè сака, копнеејќи да го изберат што повеќе луѓе.

„Господ нема да задоцни со Своето ветување, како што некои мислат за бавењето; но долго време трпи, бидејќи не сака да загине некој, туку сите да се покаат“ (2. Петрово 3,9).

Сè уште никој не е во пеколот. Пеколот сè уште е иднина. Тоа ќе биде последниот чин на Бога за искоренување на гревот од Неговата вселена. Тој тоа ќе го стори со оган, и тоа ќе биде само за оние кои ќе ја отфрлат Неговата понуда за вечен живот.

Доколку сакате да добиете диплома на крајот од овој курс, треба да се регистрирате, да ги прочитате сите лекции на курсот и да ги изработите сите тестови, а потоа ќе ви ја врачиме дипломата.