13. Откријте го оригиналот

13. Откријте го оригиналот

Богатство

Амадео Модилјани бил италијански сликар и скулптор кој станал познат по својата смрт во 36. година, за што придонеле големи количества алкохол и употреба на дрога.

Во летото 1912 година, осум години пред смртта, Модилјани работел на една скулптура во италијанскиот град Ливорно. Според една приказна, тој една од своите скулптури ја однел во некое кафуле за да им ја покаже на своите пријатели, но тие ја исмеале. Вознемирениот Модилјани ја фрлил скулптурата во реката покрај кафулето. Посрамотен од исмејувањето, Модилјани, како што се раскажува, тогаш зел количка во која натоварил уште три свои скулптури и сите ги фрлил во каналот, заедно сосе количката.

Меѓутоа, кустосот на еден музеј во Ливорно, во 1984 година наумил да ги убеди градските власти да го исчистат каналот! Таа година се одбележувала стогодишница од раѓањето на Модилјани, па така изнесувањето на овие дела во јавноста претставувало неверојатен уметнички подвиг. Градското собрание се согласило и, на големо изненадување на сите, извлечени се од водата една стара количка и три скулптури – токму на местото каде што се претпоставувало дека се фрлени!

Не само што тие скулптури ги имале особеностите на работата на Модилјани, туку и биле потемнети од милта на реката, покажувајќи дека биле нурнати таму со децении. Стручњаците се согласиле – овие скулптури се вистински! Еден критичар дури се расплакал кога ги видел. Истакнати историчари на уметноста сметале дека се вистинско богатство, волшебни лица, прекрасни глави со примитивен изглед, дури и со знак на воскреснување на уметникот.

Сепак, се појавил и еден проблем. Неколку недели подоцна, тројца локални студенти изјавиле дека лично ги направиле копиите на скулптурите, користејќи чекани, длето, шрафцигери и електрични дупчалки од фирмата „Блекендекер“. Исто така, објасниле и како постигнале тие скулптури да изгледаат старо. Критичарите на уметноста, не сакајќи да се откажат, побарале од студентите тоа да го докажат. Тоа било грешка, зашто фалсификаторите на телевизија ги реконструирале Модилјаниевите дела за четири часа. Критичарите, кои првобитно се расплакале здогледувајќи ги скулптурите, сега се онесвестиле и морале да бидат хоспитализирани. Стручњаците – и покрај своето знаење, авторитет и вештина – биле насамарени. Големиот победник во сето тоа била фирмата „Блекендекер“, која снимила и реклама врз основа на овој настан, а нивниот слоган гласел: „Лесно е да се биде талентиран покрај ’Блекендекер‘“.

Скулптурите на Амадео Модилјани

Измамник

Сево ова добро се вклопува во темата што се провлекува низ овие лекции – темата за големата борба која се води меѓу Христа и сатаната. Како што видовме, сите ние сме дел од оваа вистинска битка, вистинска борба на срцето и умот, чии последици се вечни.

Во самото средиште на оваа борба е измамата, слична на онаа што ја осмислиле споменатите студенти.

„И настана војна во небото; Михаило со своите ангели завојува против змевот. И змевот и неговите ангели завојуваа, но беа поразени и не им се најде веќе место во небото. И беше исфрлен големиот змев, старата змија, наречена ѓавол и сатана, која го заведува целиот свет; беше соборен на земјата, и неговите ангели беа исфрлени со него“ (Откровение 12,7-9).

Кој го мами сиот вселенски свет? Ова е неверојатно сериозна, дури и застрашувачка мисла.

Секако, за да функционира измамата, оние кои се измамени не смеат тоа да го знаат. Ако не признаеле студентите, нивните фалсификати сега би биле во некој музеј и илјадници фасцинирани посетители би ги гледале мислејќи дека тоа се ремек-дела на големиот Модилјани.

Што е тогаш со измамите на сатаната, со кои тој го мами сиот вселенски свет? Можеме ли да знаеме кои се тие измами и како да ги избегнеме за да не бидеме и самите измамени? Бог нè предупредил дека ќе дојде безаконикот (да се види: 2. Солуњаните 2,9).

Законот и Евангелието

Досега во овие лекции видовме дека спасението се добива само со верата во Исус, а не со делата на законот. Попрво ќе ја оживеете статуата давајќи ѝ храна и вода в уста, отколку што ќе стигнете на Небото благодарение на своите дела.

Во исто време, не треба да ги заборавиме зборовите на Павле дека, иако сме спасени со благодатта, не можеме да грешиме без последици:

„И така, што ќе речеме? Да останеме ли и натаму во гревот, за да се умножи благодатта? Далеку од тоа! Ние, кои умревме за гревот, како ќе живееме уште во него?“ (Римјаните 6,1-2)

Или:

„А дали го укинуваме Законот преку верата? Никако, туку уште посилно го утврдуваме“ (Римјаните 3,31).

Да се сетиме и на Јовановите зборови:

„Бидејќи љубовта кон Бога се состои во ова: да ги пазиме заповедите Негови, а Неговите заповеди не се тешки“ (1. Јованово 5,3).

Или на Јаковлевите:

„Зашто кој го пази целиот закон, а згреши само во едно, станува виновен за сè. Зашто Оној кој рекол: ’Не прави прељуба!‘ рекол и: ’Не убивај!‘ Ако не направиш прељуба, а убиеш, стануваш престапник на законот“ (Јаков 2,10-11).

Без сомнение, благодатта не го поништува законот. Напротив, законот, кој го дефинира гревот, ни ја покажува нашата потреба за благодат. Така, законот и Евангелието се нераздвојни.

Се одвива голема борба за умот на секој човек

Големиот парадокс

Како што веќе видовме, во средиштето на Божјиот закон е саботата, заповедта со која седмиот ден – саботата – ја сметаме за света.

Многу е иронично и парадоксално да се мисли дека почитувањето на единствената заповед што зборува за одмор – одмор од работа – е облик на спасување со дела, а почитувањето на другите не е тоа.

Вџашувачки изјави

Прашањето за неделата како ден за богослужение, наспроти саботата, станува сè поинтересно кога откриваме дека многумина кои ја почитуваат неделата признаваат оти ништо во Библијата не говори дека неделата – првиот ден од седмицата – е замена за седмиот ден, сабота.

Промовирајќи го почитувањето на неделата во својата книга „Ден Господов“, Семјуел А. Картлиџ признава: „Мораме да признаеме дека не можеме непосредно да укажеме на некоја заповед која би барала да престанеме да го почитуваме седмиот ден и да почнеме да го почитуваме првиот ден“.

Во врска со преминувањето од сабота на недела, Џејмс Вестбери, кој едно време беше на чело на организацијата посветена на промовирањето на богослужението в недела, призна: „Никаде нема никаков запис, ни изјава дека Исус дозволил посветување на неделата, ниту пак апостолите изјавиле нешто слично“.

Евангелистот Харолд Линдзел пишува во познатото списание Кристијанити тудеј: „Ништо во Светото писмо не бара од нас неделата, а не саботата, да ја сметаме за свет ден“.

Самиот католички кардинал Џејмс Гибонс го напишал следново: „Можете да ја читате Библијата од Прва Мојсеева до Откровение, но нема да најдете ниту еден стих кој ќе го оправда празнувањето на неделата. Библијата налага верско почитување на саботата, ден кој ние никогаш не сме го почитувале“.

Во Светото писмо не постои заповед за празнување на неделата

Даниеловото пророштво

Тогаш, зошто повеќето христијани го почитуваат првиот ден од седмицата, па дури и оние кои го почитуваат признаваат дека нема библиска основа за празнување на првиот наместо седмиот ден?

Клучот се наоѓа во старозаветната книга на пророкот Даниел, кој, во своето восхитувачко пророштво, многу години однапред предвидел дека ќе дојде до обид за промена.

Во третата лекција проучувавме некои делови од втората глава на Книгата на пророк Даниел, пророштвото кое ја покрива речиси сета историја на светот, почнувајќи од древниот Вавилон, па сè до вечното Божјо царство.

Краткиот преглед на царствата што ги најавува втората глава на Даниел, изгледа вака:

  • Вавилонското царство
  • Медо-Персиското
  • Царството на Александар Македонски
  • Римското – подоцна разделено на народите на Европа
  • Божјото царство

Во Даниеловата книга овој редослед на царствата се повторува и во седмата глава; меѓутоа, седмата глава содржи повеќе подробности, особено за четвртото царство, во кое со векови проучувачите на Библијата, речиси едногласно, го виделе Рим.

Во седмата глава на Книгата на пророкот Даниел, пророкот сонувал сон во кој видел како четири ѕверови излегуваат од море.

„Во првата година на Валтазар, вавилонскиот цар, Даниил виде сон пророчки и виденија во главата своја врз своето легло. Тогаш тој го запиша тој сон, откако го забележа главното. Велеше вака: Видов во ноќното свое видение, а таму, четири небесни ветра го брануваа Големото Море, и четири големи ѕвера излегоа од морето, секој поинаков од другиот“ (Даниел 7,1-3).

Подоцна во оваа глава, нему му е речено дека овие четири ѕверови претставуваат „четири цара“ (Даниел 7,17) или царства што ќе настанат во следните векови – тоа се истите четири царства од втората глава на Даниел: Вавилонското, Медо-персиското, царството на Александар Македонски и Римското. Оваа глава се завршува со Божјето вечно царство, како и во втората глава на Даниел.

Меѓутоа, поголем дел од 7. глава на Даниел се однесува на четвртото царство, Рим, а особено на силата на „малиот рог“ што се издигнува внатре во тоа царство:

„Освен тоа тој рече: Четвртиот ѕвер го означува четвртото царство што ќе постои на земјата, различно од сите царства и што ќе ја голтне целата земја, ќе ја гази и ќе ја измачува. А десетте рогови значат дека од тоа царство ќе се кренат десет цареви и потоа ќе се појави друг, поинаков од поранешните и ќе ги покори трите цара. И против Севишниот ќе зборува и ќе ги угнетува светиите на Севишниот; дури ќе си помисли да ги измени празниците нивни и закони, па тие ќе бидат предадени во раката негова за време од три и пол години“ (Даниел 7,23-25).

Ѕверовите од визијата на пророк Даниел

Малиот рог

Многу работи во овие текстови заслужуваат длабоко истражување, но ние засега само ќе допреме неколку подробности.

Прво, силата на овој мал рог, како што е наречен во Даниел 7,8, е римската сила. Тоа не е некој нов ѕвер, независна сила како што биле трите ѕверa што ѝ претходеле на оваа четвртава. Едноставно, силата на овој мал рог е нова фаза на Рим, и таа останува негов дел.

Веќе во првиот дел од оваa главa, четвртиот ѕвер е прикажан со „десет рогови“ (Даниeл 7,7). Претходните стихови ги толкуваат како десет цареви или царства што ќе настанат од овој четврти ѕвер. Ова потсетува на стапалата од Даниел 2 глава – десетте прсти на нозете. Седмaтa главa од Даниел, како и втората, овде го предвидува распаѓањето на големата паганска Римска империја. Според тие текстови, прикажано е како овој моќен мал рог од корен ги корне тие царства за да се добере до власт.

Исто така, тој е прикажан како зборува „против Севишниот“. Ова ја покажува верската димензија на оваа сила, димензија која не е прикажана во ниедно друго царство.

Овој мал рог ќе биде поинаков од другите царства.

Власта на овој мал рог „ќе ги угнетува светиите на Севишниот“.

Исто така, „ќе си помисли да ги измени празниците нивни и закони“.

На крајот, во тоа глава е речено дека силата на овој мал рог ќе постои до крајот на времето, сè додека Бог не го воспостави своето вечно царство, исто како што е опишано во вторaтa главa на Даниел:

„Тогаш замолив точно објаснување за четвртиот ѕвер … и за десетте рогови што беа на неговата глава и за другиот што се појави, пред кој паднаа трите, за оној ист рог, на кој имаше очи и уста што зборуваа горделиво и како да стана поголем од другите. Видов како тој рог водеше борба со светиите и ги надвиваше, додека најпосле не дојде Старецот по определени дни и судот беше даден на светиите од Севишниот, па настапи време светиите да го завладеат царството.“
Даниел 7,19-22

Според тоа, бидејќи силата на овој мал рог ќе биде уништена на крајот на времето, тој мора да постои дотогаш.

Единствено, целосно и само Рим

Која сила се вклопува во овој опис? Единствено папскиот Рим. Тоа е римската сила, која произлегува непосредно од паганскиот Рим. Како што запишал политичкиот филозоф Томас Хобс во Левитијан, една од најголемите политички расправи на сите времиња, „Ако се разгледува потеклото на оваа голема свештеничка држава, лесно може да се забележи дека папството не е ништо друго освен духот на покојната Римска империја, која владее на нејзина територија“.

Историјата покажува дека папството од корен ги искорнало трите цара за да ја зацврсти својата положба.

Папството секако било поинакво од другите царства.

Папството е верска сила.

Папството ги прогонувало луѓето, како, на пример, за време на инквизицијата.

Исто така, тоа постои и денес. Така и требало да биде бидејќи претходните текстови веќе рекле дека тоа ќе постои до крајот на овој свет.

Конечно, уште една, и тоа клучна негова карактеристика е дека ќе помислува да ги менува „празниците нивни и закони“ (Даниел 7,25).

Дали папството тоа го сторило? Иако, историски гледано, преминот од сабота на недела е многу сложен, овие неколку цитати – сите од римокатолички извори – одговараат на тоа прашање:

„Прашање: Кој е денот за одмор?
Одговор: Саботата е ден за одмор.
Прашање: Зошто ние празнуваме недела наместо сабота?
Одговор: „Ние ја празнуваме неделата наместо сабота затоа што Католичката црква, на Соборот во Лаодикеја, во 364 г по Христа, светоста од саботата ја пренела на недела“ (Питер Гајерман, The Convert’s Cathecism of Catholic Doctrine [Катихизмот на католичкото учење за обратеници] стр. 50, 3. издание, 1957).

„Божјата пишана реч најенергично повторува и налага луѓето да го слават исклучиво во сабота, недвосмислено заканувајќи се со смрт за оној кој нема да ја послуша оваа заповед. Католичката црква пред повеќе од илјада години од настанокот на протестантизмот, а врз основа на своето божествено послание, го променила денот од сабота на недела. Повеќето христијани сметаат дека неделата е библиски втемелен ден за богослужение. Католичката црква тврди дека таа го преместила христијанското богослужение од библиската сабота (шабат) на недела, како и обидот да се докаже дека таа промена е извршена во Библијата е нечесен и дека претставува негирање на авторитетот на Католичката црква. Ако протестантизмот сака своите учења да ги заснова само на Библијата, тогаш треба да ја почитува саботата“ (Статијата е објавена во 2003 година на веб-страницата www.immaculateheart.com).

„Во поглед на преминувањето од еврејската сабота на христијанската недела како ден за богослужение, сакам да ви го насочам вниманието на два факта: 1) протестантите, кои ја прифаќаат Библијата како единствено правило на верата и религијата, треба по секоја цена да се вратат на почитувањето на саботата. Фактот дека тие тоа не го прават, туку, напротив, ја почитуваат неделата, ги прави смешни во очите на секој мисловен човек; 2) ние, католиците, не ја прифаќаме Библијата како единствено правило на верата. Освен Библијата, ние имаме и жива Црква, авторитетна Црква, како и правило по кое се раководиме. Ние велиме дека оваа Црква, која Христос ја воспоставил да ги учи и да ги води луѓето низ животот, има право да ги менува церемонијалните закони на Стариот завет и затоа го прифаќаме тоа што ја заменила саботата за недела. Ние искрено кажуваме дека Црквата ја извршила таа промена, го донела тој закон, како што донела и
многу други закони, како, на пример, оние за постот в петок, целибатот на свештениците, за мешовитите бракови, потоа одредбите за католичкиот брак и илјада други закони. Малку е смешно да се видат протестантските цркви, како од проповедалниците и во своето учење бараат почитување на неделата, за што не пишува ништо во нивната Библија“ (Питер Р. Кремер, Catholic Church Extension Society [Здружение за проширување на Католичката црква], 1975, Чикаго, Илиноис).

Постојат уште многу слични исечоци цитати кои покажуваат дека почитувањето на неделата нема свое упориште во Библијата.

Зарем е тоа важно?

Веднаш да истакнеме: ова не е напад на поединци, особено не на оние од Римокатоличката црква. Оваа лекција едноставно зборува за она што го учи Библијата за верско-политичкиот систем кој тргнал по лош пат и кој бара начини да ја преземе власта која му припаѓа единствено на Бога.

Погледнете ги овие текстови од Светото писмо:

„Никој да не ве измами на ниеден начин; зашто оној ден нема да настапи додека најнапред не дојде отпаѓање и не се открие Човекот на гревот, Синот на погибелта, кој се противи и се превознесува над сè што се нарекува Бог или светост, за да седне како бог во Божјиот храм, претставувајќи се себе самиот како Бог“ (2. Солуњаните 2,3-4).

Овде Павле предупредува на измамата во која една сила тврди дека има права кои му припаѓаат само на Бога. На тоа се однесува поимот Антихрист, кој не само што му се противи на Христа, туку го зазема Христовото место, ја узурпира Христовата положба – бидејќи што би можело да претставува поголема узурпација од настојувањето да се промени Божјиот закон, и тоа посебно оној дел кој прецизно говори за него како за Создател?

Како што веќе видовме, седмиот ден е библиски симбол, библиски знак, темелна ознака на Бог Создателот која лично Бог ја поставил! Цврсто вткаен во извештајот за Создавањето, овој знак – седмиот ден – сведочи за создателското дејствување. Кога ќе се вратите на самиот почеток на историјата, стигнувате до самиот Бог.

„И на седмиот ден Бог ги заврши своите дела, што ги направи. И се одмори во седмиот ден од сите Свои дела, што ги направи. И Бог го благослови седмиот ден, и го освети, зашто во него се одмори од сите Свои дела, кои ги создаде Бог и ги направи“ (1. Мојсеева 2,2-3).

Значи, да се негира тој знак дека Бог е Создател значи да му се oдземе улогата на самиот Бог!

Секако, милиони луѓе кои одат в црква во недела, не ја негираат намерно Божјата улога како Создател. Повеќето од нив едноставно не го знаат тоа. Сепак, ова не треба да нè изненади зашто, како што читавме веќе, сатаната успешно го мами сиот свет.

За време на претседателските избори во 2008 година, штабот на Обама предизвикал метеж кога некој за кандидатот Обама направил негова лична верзија на претседателски печат – знак, симбол на претседателот.

Од каде толкава грешка? Иако бил лажен – дури не ни личел на вистински печат – тој изгледал доволно добро за да ги симболизира моќта, авторитетот и положбата на претседателот на САД, а во тоа време Барак Обама немал таква моќ, ни авторитет ни положба.

Замислете што би било да го направеле тој печат во тимот на Обама, кој би изгледал вистински, и би се обиделе да го користат?

Токму тоа се случило со седмиот ден, саботата, изворниот знак на Божјата создателска моќ и авторитет – тој знак е заменет со првиот ден, кој симболизира една друга сила која настојува да му ја преземе положбата на самиот Бог.

Поради тоа, овде не станува збор само за седмичниот ден. Наместо тоа, се работи за верноста кон Бога кој нè повикува:

„Подајте Му слава, зашто настапи часот на Неговиот суд, и поклонете Му се на Оној Кој ги создал небото и земјата, морето и водните извори!“ (Откровение 14,7)

Oвде наоѓаме речиси истоветен текст од четвртата заповед за саботата (2. Мојсеева 20,11) кој, како таков, претставува уште една причина зошто би требале да ја почитуваме саботата и, правејќи така, да уживаме во Христовиот одмор, во одморот кој седмиот ден, саботата, ни се нуди уште од создавањето на овој свет.

Тогаш како овој фалсификат се вклопува во епскиот судир меѓу Христа и сатаната, што се одвива околу нас? Многу големи случувања во оваа епопеја веќе се минато, но има и такви кои допрва ќе се случат. Овој фалсификат го поткопува Божјиот авторитет и удира во самите темели на богослужението зашто се однесува на прашања кој, кога и зошто се слави. Ќе видиме како прашањето за богослужение се поставува на глобално ниво за време на последната опомена, како и во последната битка меѓу правдата и неправдата, вистината и лагата, пред да дојде Исус по втор пат.

Дали е ова важно?

Дали е ова сериозно прашање?

Смртно сериозно!?

Доколку сакате да добиете диплома на крајот од овој курс, треба да се регистрирате, да ги прочитате сите лекции на курсот и да ги изработите сите тестови, а потоа ќе ви ја врачиме дипломата.