5. Кон животното задоволство

5. Кон животното задоволство

Крај едно засолниште на пуст остров сред Атлантскиот Океан бил пронајден човечки костур. Тоа биле остатоци на непознат морепловец, кој во својот дневник ги зачувал деталите за своето четиримесечно страдање. Во 1725 година, холандската флота го оставила на брегот на овој остров поради некој, за нас непознат, престап. Набргу бил присилен неподносливата жед да ја гасне со крв од желки. Страдањата на овој човек станувале сè понеподносливи, но тој во својот дневник опишува друго, уште поголемо страдање: чувство на вина.

Неговите очајнички зборови гласат: „Неискажлива болка поднесува смртникот кога ќе го напушти патот на праведноста“. Осаменоста на овој морнар на ненаселениот остров произлегла од чувството на одвоеност од Бога. Токму тоа на крај и го скршило.

Човечките суштества страдаат поради душевна осаменост од времето кога Адам и Ева се скриле пред Господа (1. Мојсеева 3, 8). Чудно и непознато чувство на срам, вина и страв ја принудило првата двојка, Адам и Ева, да се скријат кога Бог ги повикал. Тие чувства, за жал, и денес им се познати на сите луѓе.

Што нè одвојува од Бога?

„Туку вашите беззаконија создадоа разделба, меѓу вас и вашиот Бог. Вашите гревови го сокрија Неговото лице, и Тој веќе не ве слуша“ (Исаија 59,2).

Гревот поставува препреки; гревот нè одделува од Бога. Меѓутоа, овој голем јаз што го одвојува грешникот од светиот Бог не е Божје дело. Бог не бегал од Адама и Ева, туку тие побегнале од Него.

1. Задоволување на нашата прикриена глад

Пред појавата на гревот, Адам и Ева уживале во непосредниот однос со својот Творец во прекрасната Едемска градина. Било трагично што ја прифатиле лагата на сатаната, и поверувале дека можат да станат мудри како Бог. На тој начин ја прекинале врската со својот Творец. Нивниот грев ги довел до оттуѓување и им донел смрт:

„Зашто, платата, што ја дава гревот, е смрт“ (Римјаните 6,23).

Кога се нашле надвор од Едем, животот им станал многу потежок. Раѓањето деца и обработувањето на земјата сега биле проследени со крв, пот и солзи. Во новите животни околности најтешко било да се поднесува празнината на срцето, која сè повеќе ги обременувала. Нивниот близок меѓусебен однос со Бога бил прекинат и тие сфатиле и доживеале нивниот копнеж болно да ги ранува. Биле во слична ситуација како оној морнар оставен на пустиот остров, соочени со најголемата болка – осаменоста поради гревот.

Во каква состојба се наоѓа човештвото сега?

„Затоа, како што гревот влезе во светот преку еден човек, а преку гревот – смртта, по таков начин и смртта премина на сите луѓе преку еден човек, зашто сите згрешија“ (Римјаните 5,12).

Од првиот бунт на човекот сите, целиот човечки род, паднал во грев и станале робови на смртта, конечната казна за гревот.

Секој од нас чувствува стремеж кон сигурноста што може да ни ја даде само Бог. Многупати се обидуваме да ја потиснеме со привремени решенија: со незауздана желба за купување, со трчање по кариера, со патувања во егзотични земји. Понекогаш се обидуваме да ја потиснеме со пиење, дрога или со менување на животниот партнер.

Но сите наши стремежи и неисполнети желби се само симптоми на нашата осаменост. Затоа, нема друг лек освен да доживееме Божјата љубов да го облагороди нашето срце.

Како може да се задоволи гладот на човечкото срце?

„Ќе ми го покажеш патот на животот, во Твоето присуство има полнота на радоста, десно од Тебе – вечно блаженство“ (Псалм 16,11).

Целосното задоволство ќе настапи дури кога ќе го напуштиме островот, кога ќе го премостиме јазот меѓу Бог и нас и ќе ја прифатиме Неговата божествена заштита.

2. Премостен јазот меѓу гревот и смртта

Не е само човекот осамен поради гревот. Осамен е и Бог. Доживеал длабока тага кога Адам и Ева му го завртеле грбот. Тој и сега жали поради човечките трагедии и страдања. Бог сака да ги задоволи нашите скриени стремежи и да ги излечи нашите душевни рани. Тој не се задоволува со можноста само да гледа како јазот на гревот и смртта нè одделува од Него. Тој решил да изгради мост.

Како Бог го премостил тој јаз?

„Христос Исус дојде во светот да ги спаси грешниците…“ (1. Тимотеј 1,15).

Тој се принел себеси како жртва за гревот, плаќајќи ја сам смртната казна. Својот праведен живот го ставил на располагање на оние кои бараат проштавање, кое го нуди крстот. Христовиот крст го премостува јазот меѓу нашиот немир и среќата која може да ја даде само Бог. На тој начин крстот ја поврзува земјата на смртта и обезвредените животи со земјата на неминливиот живот. Зошто Исус бил подготвен да дојде на Земјата?

„Зашто Бог толку го возљуби светот, што Го даде Својот Единороден Син, та секој, кој верува во Него, да не загине туку да има вечен живот. Зашто Бог не Го испрати Својот Син во светот за да му суди на светот, туку светот да се спаси преку Него“ (Јован 3,16-17).

Доаѓајќи на светот, Исус ја покажал јасната спротивност меѓу Божјето царство и царството на сатаната. Неговиот живот, смрт и воскресение овозможиле проштавање и спасување на грешниците без прикривање на стравотиите на гревот. Така пред вселената е откриена вистинската природа на Христос и на сатаната. Љубовта го премостува јазот и му овозможува на секој кој верува во Христа како Спасител и Господ да зачекори во вечен живот.

3. Седум вистини што секој треба да ги знае за Исуса

Овие вистини не можат да се применат на ниеден човек што кога било живеел на Земјата.

1. Исус дошол од Небото на Земјата

Како може да се препознае Исус?

„Името ќе Му биде: Чудесен Советник, Силен Бог, Вечен Татко, Кнез на Мирот“ (Исаија 9,6).

Иако Исус го родила жена (Матеј 1,22-23), Тој е Бог, Бог во човечко тело.

Од кога постои Исус?

„Јас Сум, пред да се родил Авраам“ (Јован 8,58).

Исус го употребил името „Јас Сум“, оној кој постои сам од себе, кој постоел секогаш и кој ќе постои секогаш. Двајт Л. Муди, славниот евангелизатор од 19 век, за Исусовото отелотворување рекол вака: „Би било голема жртва Исус да дошол да Го лулаат во сребрена лулка, да Го чува ангел и да биде хранет со златна лажица. Меѓутоа, Творецот на Небото и на Земјата зел човечко тело, бил роден во штала во најтешки можни околности како дете на сиромашни родители“.

Зошто Исус дошол на овој свет?

Во времето кога Исус требало да се роди, ангел му рекол на Јосифа:

„Таа ќе роди Син и ти ќе Му го дадеш името Исус, зашто Тој ќе го спаси својот народ од нивните гревови“ (Матеј 1,21).

Исус, Творецот на вселената (Јован 1,1-3;14), дошол на овој свет да нè спаси од гревот и смртта. Во Неговото име постои ветување упатено до слабите човечки суштества дека ќе најдат вистинска среќа и вечен живот.

2. Исус живеел безгрешен живот

„И така, го имаме… Исуса, Божјиот Син… Кој бил искушуван во сè како нас, освен гревот“ (Евреите 4,14-15).

Исус живеел со вистински човечки, морално совршен живот. Така ни пружил најдобар пример и поткрепа. Преживувајќи ги сите искушенија што го обременуваат човечкото постоење, Христовиот живот без грев бил многу поделотворен од каква било проповед.

Во текот на целиот Негов живот, сатаната се обидувал да Го наведе на грев. Кога Исус, по крштавањето а пред почетокот на јавното дејствување, постел во Јудејската пустина, ѓаволот го извел својот најголем напад на Месија (Матеј 4,1-11). За време на долгите ноќи во Гетсиманија, непосредно пред распнувањето, искушението било толку жестоко што од Христовото лице се слевала крвава пот (Лука 22,44).

Никој до тогаш не се соочил со толку долг напад од сатаната. Меѓутоа, Христос успешно им одолеал на сите напади на сатаната и не згрешил. Бидејќи ги искусил сите човечки искушенија и тешкотии, Исус ги разбира сите наши страдања и потреби. Тој може да „сочувствува со нашите слабости“ (Евреите 4,15).

Зошто било потребно Исус да живее безгрешен живот?

„Оној, Кој не знаеше за грев, Бог Го направи грев за нас, за да станеме Божја правда во Него“ (2. Коринќаните 5,21).

Исус ги победил искушенијата и живеел безгрешен живот за да ни го препушти нам во замена за нашиот стар живот во гревот. Така грешниците, поради Христовите заслуги, се оправдани и прогласени за праведници пред светиот Бог.

3. Исус умрел за да ги земе нашите гревови

Колку луѓе се грешни?

„Зашто сите згрешија и им недостасува Божјата слава“ (Римјаните 3,23).

Каква е казната за гревот?

„Зашто смртта е плата за грев, но благодатниот Божји дар е – вечен живот во Исуса Христа“ (Римјаните 6,23).

Зошто умрел Исус?

„За праведник одвај некој ќе умре, а за добриот можеби некој и ќе се осмели да умре. Но Бог ја покажа Својата љубов кон нас со тоа што Христос умре за нас додека уште бевме грешници“ (Римјаните 5,7-8).
 
„Еве го Божјето Јагне, кое Ги зема гревовите на светот“ (Јован 1,29).

Сите ние сме грешни и подложни на вечната смрт, конечната казна за гревот. Меѓутоа, Исус умрел наместо нас. Тој станал „грев за нас“ (2. Коринќаните 5,21) и ја платил казната за гревот место нас. Неговиот чин на умирање е подарок со кој Тој плаќа за нашите гревови: „Благодатниот Божји дар е – вечен живот во Христа Исуса, нашиот Господ“.

Еден ден командантот на нацистичкиот логор Аушвиц објавил дека мора да умрат десет затвореници од логорот бидејќи избегал еден затвореник. За време на постројувањето биле прочитани имињата на десеттемината затвореници. Кога последниот го слушнал своето име, извикал: „Мојата жена и моите деца!“

Одеднаш, еден постар затвореник се истуркал напред. Тоа бил свештеникот Максимилијан Колбе, човек кој сред ужасите на Аушвиц зборувал за Божјата љубов. „Господине“, извикал Колбе, „ве молам, може ли јас да го заземам неговото место?“

Зачудениот офицер дозволил Колбе да им се придружи на другите деветмина затвореници на патот кон блокот тринаесет. Во темниот и влажен подрум требало да умрат од глад. Во текот на следните неколку дена можеле да се слушнат молитви и песни на благодарност кои доаѓале од самицата на Колбе. На крајот бил усмртен со инјекција со киселина. Свештеникот Колбе бил подготвен да го даде својот живот за непознат човек. Ваквата љубов ги надминува границите на човечката способност на сфаќање. Исус ни го подарил својот совршен, праведен живот на оние кои не се достојни. Благодарение на Неговата смрт, ние, „оправдани преку верата, имаме мир со Бога, преку нашиот Господ Исус Христос“ (Римјаните 5,1).

4. Исус станал од мртвите

Христовата смрт на крстот не е крај на оваа возвишена приказна. Ако е крај, во тој случај Тој би останал мртов Спасител. Меѓутоа, Тој дејствува во нашиот свет.

„А ако Христос не воскреснал, суетна е вашата вера; вие сте уште во вашите гревови. Тогаш и оние кои умреле во Христа, загинале“ (1. Коринќаните 15,17-18).

Мухамед и Буда му дариле на светот големи мисловни достигнувања. Тие ги инспирирале животите на милиони луѓе, но немаат божествена сила да даваат живот бидејќи и самите почиваат во своите гробови.

Бидејќи Исус станал од гробот по три дена (Лука 24), кое ветување ни го дава?

„И Живиот, и умрев, и ете, Жив Сум во сите векови. Амин! И ги имам клучевите на Подземјето и смртта“ (Откровение 1,18).

Само Исус со своето излегување од гробот покажал дека може да го надвладее гревот.

Кое дополнително ветување го дал воскреснатиот Исус?

„Зашто Јас живеам и вие ќе живеете“ (Јован 14,19).

Исус живее! Оној кој станал од смртта, објавил: „Јас живеам“. Тој денес ни нуди вечен живот. Тој ќе живее во нашите срца ако го повикаме (Откровение 3,20).

Дали воскреснатиот Христос е подготвен да ги исполни нашите потреби и денес?

„Јас сум со вас преку сите дни до свршетокот на светот!“ (Матеј 28,20)

Луѓето низ светот кажуваат искуства за Христа, кој ги ослободил од најтешките облици на зависност и од најдлабоките емоционални трауми. Многу докази непосредно упатуваат на дејствувањето на силата на воскреснатиот Спасител.

Еден ученик на нашата Дописна библиска школа ги напиша следниве зборови на благодарност: „Јас бев алкохоличар. Еден ден, кога излегов од кафеана, во ендекот здогледав порачка од дописната библиска школа, која повикуваше на проучување на Библијата. Ја зедов, ја пополнив и набргу, по прв пат, дознав нешто за Исуса Христа. Кога го завршив курсот, му го предадов своето срце на Бога и престанав да пијам алкохол“.

Исус го освоил срцето на овој човек и му дал сила да ја победи својата зависност од алкохолот. Настапила нова сила во неговиот живот, сила која била посилна од неговата зависност. Христос воскреснал, и затоа Тој може да ги спаси оние кои ќе ја побараат неговата помош.

5. Исус се вознесол на небото

По воскресението, Исус се вратил кај Отецот:

„И кога го рече тоа, се вознесе пред нивните очи, и еден облак Го зеде од пред нивните погледи“ (Дела на апостолите 1,9).

Какво ветување им дал Исус на своите следбеници непосредно пред да се вознесе?

„Да не се вознемирува вашето срце; вие верувате во Бога, верувајте и во Мене! Во Домот на Мојот Татко има многу живеалишта; ако не беше така, Јас ќе ви кажев, зашто одам да ви приготвам место. И кога ќе отидам и ви приготвам место, пак ќе дојдам и ќе ве земам при Себе, за да бидете и вие каде што Сум и Јас“ (Јован 14,1-3).

6. Исус служи како небесен Свештеник

Исус работи непрекинато за да ни подготви место на Небото. Со Неговото доаѓање, живот, смрт, воскресение и вознесение имал една цел – да го направи спасението достапно за сите луѓе. Следните зборови од Библијата јасно ја изразуваат неговата намера:

„Бидејќи пак децата имаат учество во месото и крвта, така и Тој зеде учество во тоа, и со смртта да го уништи оној кој ја имаше власта над смртта, односно ѓаволот, и да ги избави оние, кои заради стравот од смртта, цел живот беа во ропство… Затоа требаше во сè да стане како Своите Браќа, за да биде милостив и верен Првосвештеник пред Бога, за да изврши помирување за гревовите на луѓето“ (Евреите 2,14-17).

Според овие зборови, Исус дошол на светов за:

* да ги ослободи луѓето од страдањата и робувањето на гревот;

* да го смири човекот со Бога служејќи како наш милостив и верен Првосвештеник;

* да ја искорени причината за гревот, страдањето и смртта со конечно уништување на сатаната.

Исус е наш Свештеник, наш Посредник кој посредува за нас пред Отецот. Истиот Исус кој ги благословил децата, кој им простил на жената фатена во прељуба и на разбојникот што умирал на крстот, сега им служи на нашите потреби на Небото. Тој може да му помогне на секој што поминува низ искушенија.

7. Исус повторно ќе дојде

Какво ветување дал Исус пред да се врати на Небото?

„И кога ќе отидам и ви приготвам место, пак ќе дојдам и ќе ве земам при Себе, за да бидете и вие каде што Сум и Јас“ (Јован 14,3). Кога ќе се врати, Исус засекогаш ќе нè ослободи од гревот, болестите, тагите и смртта кои пустошат на оваа планета. Во седмата и десеттата лекција потемелно ќе се запознаеме со настаните што му претстојат на Исусовото второ доаѓање.

Исус:

  • дошол како Бог во човечко тело;
  • живеел безгрешен живот наместо нас;
  • умрел за нашите гревови;
  • воскреснал за да нè ослободи од смртта;
  • отишол на Небото за да ни подготви дом таму;
  • е наш Првосвештеник, кој секој ден посредува за нас на Небото;
  • е Спасител кој доаѓа по нас за да бидеме со Него засекогаш.

4. Неисцрпна љубов

Во Тајван постои приказна за несреќно склучениот брак меѓу У Лонг и Златен Цвет што го договориле нивните родители. Кога по обредот на венчавањето У Лонг го кренал превезот од лицето на невестата, се вџашил, а чувство на одвратност проструило низ целото негово битие. Лицето на неговата жена било прекриено со лузни од големи сипаници.

По венчавката, У Лонг се обидувал да минува што помалку време со својата жена. Таа правела сè што можела за да го усреќи, надевајќи се дека нејзиниот маж сепак ќе ја прифати. Меѓутоа, тој останал рамнодушен на сите обиди да ги изрази своите чувства. Златен Цвет живеела несреќно, речиси како вдовица.

По дванаесет години брак, У Лонг почнал да го губи видот. Докторот му рекол дека ќе остане слеп ако не ја прифати операцијата за пресадување рожница. Меѓутоа, операцијата била скапа, а листата на чекање бескрајно долга.

Златен Цвет почнала да работи до доцна во ноќта, обидувајќи се да изработи што повеќе сламени шапки. Еден ден У Лонг го известиле дека во болничката база на органи нашле рожници кои би можеле да му бидат пресадени. Побрзал во болницата на операција.

Кога заздравел и неволно решил да ѝ се заблагодари на сопругата за парите што ги заработила, ја подигнал нејзината наведната глава за да може да го види, У Лонг се стаписал. Неговата жена имала безживотни очи. Таа била донаторот. Совладан од чувствата, паднал пред нејзините нозе и заплакал. Тогаш, прв пат по венчавката, го шепнал нејзиното име: „Златен Цвет“.

Исус сака да воспостави заедница со оние кои се рамнодушни кон Него. Тој сака да го повикаме Неговото име, името на Спасителот. Тој ги жртвувал не само своите очи, туку целото тело, и така ја покажал својата неисцрпна љубов. Неговата љубов е толку силна што „Христос Исус дојде во светов да ги спаси грешниците…“ (1. Тимотеј 1,15). Христовата голема жртва изградила мост кој ја премостува нашата рамнодушност и отуѓеност. Зошто да не му одговорите со молба: „Исусе, јас Те сакам. Ти благодарам за Твојата возвишена жртва. Дојди во моето срце и спаси ме, спаси ме во целост, спаси ме за цела вечност“.

Доколку сакате да добиете диплома на крајот од овој курс, треба да се регистрирате, да ги прочитате сите лекции на курсот и да ги изработите сите тестови, а потоа ќе ви ја врачиме дипломата.