4. План за вашиот живот

4. План за вашиот живот

Кога пасторот ја заврши проповедта под наслов „Зошто верувам во Исус“, во неговата канцеларија влезе убаво облечен млад човек и рече: „Вечерашната проповед беше интересна, но сè што кажавте за Исуса Христа се базираше на Библијата. Кажете ми, ако Исус живеел на оваа земја, зошто за него нема одредени историски податоци?“

„Тоа е добро прашање“, одговори проповедникот додека се вртеше да дофати неколку книги. „Постои цврст факт дека историјата зборува за Исус“.

„Би сакал сам да се уверам во тоа“, одговори младичот.

„Ова е 96. и 97. Писмо од Десеттата книга на писма на Плиниј Помладиот, римскиот проконзул во Витинија, провинција на стара Мала Азија. Плиниј му пишувал на римскиот цар Трајан, известувајќи го за случувањата во својата провинција. Во овие писма тој бара совет како да постапи кон новата секта, христијаните. Пишува за нивната нагла експанзија и за тоа како му пеат химни на својот водач Христос. Плиниј го испратил писмото околу 110-тата година по Христа. Ова писмо нуди историски докази за Христа и за ширењето на христијанството во апостолските денови.“

Изненаден, младичот замоли: „Продолжете!“

Проповедникот продолжи прелистувајќи друга книга: „Тацит, исто така, бил историчар и современик на Плиниј. Тој во своите Анали (книга 15, 44 поглавје) зборува за омразата на Нерон и прогонувањето на христијаните по пожарот во Рим. Тацит во нив толкува дека името „христијани“ доаѓа од името Христос. Тој споменува дека Понтиј Пилат, прокуратор на Јудеја за време на владеењето на царот Тибериј, дозволил да го погубат Исуса Христа, основачот на христијанството. Сите детали што ги наведува Тацит се во согласност со настаните, имињата и местата што ги наоѓаме во Библијата“.

„Не знаев дека вакви податоци постојат во светската историја“, забележа посетителот.

Додека разговараа, пасторот додаде: „Добро запомнете дека околу 180. година по Христа, Целз напишал книга во која го напаѓа христијанството. Ако сè уште се сомневате, не заборавајте дека и евангелијата се историски книги“. Младиот човек замина уверен дека Исус Христос бил вистинска личност.

И светските и религиските извори се согласуваат дека Исус живеел како човек на Земјата. Меѓутоа, за него можеме да дознаеме уште повеќе.

1. Христос постои од вечноста

Според Библијата, Исус не бил само добар човек. Тој е и Бог. Еве што рекол Исус за својата божественост:

„Ако Ме бевте познавале, ќе Го познававте и Мојот Отец. А отсега Го познавате и сте Го виделе… Кој Ме видел Мене, Го видел и Отецот“ (Јован 14,7-9).
„Јас и Отецот едно сме“ (Јован 10,30).

Ако сакате да знаете кој е Бог, гледајте го Исус. Бог Отецот покажува иста љубов и грижа за секој поединец кои Исус, додека бил отелотворен, ги покажувал за време на својот живот на Земјата.

Што пишува Јован за Исусовата божествена природа?

„Во почетокот беше Словото (Христос), и Словото беше во Бога, и Словото беше Бог. Тоа во почетокот беше во Бога. Сè стана преку Него, и без Него ништо не стана, од она што постана. И Словото стана тело и се всели меѓу нас, полно со благодат и вистина; и ние ја видовме Неговата слава, слава како на Единороден од Отецот“ (Јован 1,1-2 и 14).

Исус, Словото, (или Речта) е Бог како и Бог Отецот. Исус на почетокот беше со Бога. Тој со збор создал сè што постои.

Од кога е Бог-Синот заедно со Бог-Отецот?

„Твојот престол, Боже, е вечен…“ (Евреите 1,8).

Бог-Отецот и Исус-Синот заедно постојат од вечноста. Исус секогаш бил едно со Таткото.

2. Христос центар на историјата на пророштвата

Тоа што Исус го прави единствен е фактот дека Неговата биографија е напишана пред Неговото раѓање. Животот на Христос е исполнување на пророштвата. Старозаветните пророштва, од кои последното е дадено во пишана форма најмалку 250 години пред Христа, зашто Септуагинта – грчкиот превод на Стариот завет постои во тоа време, однапред ги исцртуваат јасните контури на Христовиот живот. Новиот завет е исполнување на однапред напишана животна приказна.

Секој што го чита внимателно Стариот завет, ќе забележи дека тој постојано го најавува доаѓањето на Месија. Кога Адам и Ева паднале во грев, Бог веднаш им ветил дека ќе испрати некој на нашиот свет, кој ќе го победи сатаната (1. Мојсеева 3,15). Таа личност, открива понатаму Писмото, ќе биде Месија. Старозаветниот еврејски збор „Месија“, а значи „Помазаник“, одговара на грчкиот збор „Христос“ што се употребува во Новиот завет (види: Јован 1,12; 4,25). Исус Христос е Месија. Ова е најважното тврдење на Новиот завет.

Иако живееле од пет до десет века пред Христовото раѓање, старозаветните пророци искажале многу пророштва за животот на Месија. Нивните пророштва ги претскажуваат местото на Христовото раѓање, Неговото име и Неговото животно дело. Тие ги откриваат деталите за Неговото судење и случувањата во врска со Неговата смрт. Во пророштвата стои дека Тој на судењето нема да се брани, па дури и се наведуваат и некои зборови што ќе ги изговори во последните мигови од својот живот на Земјата. Наведени се дури и годината, денот и во која доба од денот ќе го испушти последниот здив и дека ќе воскресне по три дена.

На самиот почеток од Неговата служба на Земјата, луѓето го споредувале неговиот живот со старозаветните пророштва. Што заклучиле?

„Го најдовме Оној, за кого пишува Мојсеј во Законот и Пророците: Исуса, синот Јосифов од Назарет“ (Јован 1,45).

Во своето прво јавно појавување, нашиот Спасител се повикал на пророштвото за да го потврди својот идентитет. Откакo го навел старозаветниот текст, тој изјавил:

„Денес се исполни ова пророштво во вашите уши“ (Лука 4,21).

Со кои зборови Исус, набргу по своето воскресение, ги потсетил двајцата свои следбеници на исполнувањето на пророштвата кои укажуваат на Него?

„И Тој им рече: – О неразумни и спори во срце, за да верувате во сè што рекле пророците! Не требаше ли Христос да го претрпи тоа и да влезе во Својата Слава? – И кога почна од Мојсеја и од сите пророци, им протолкува што е пишано за Него во целото Писмо“ (Лука 24,25-27).

Исполнетите пророштва дале убедливи докази дека Христос е ветениот Месија.

3. Исполнети пророштва за Христовиот живот

Да разгледаме некои старозаветни текстови и нивното исполнување во новозаветните извештаи за Христовиот живот.

Местото на Неговото раѓање

Старозаветно пророштво:

„Но ти, Витлееме Ефратов, иако си најмал меѓу илјадниците Јудејци, од тебе ќе ни излезе Оној, Кој ќе владее во Израел и чие потекло е од почетокот, од вечноста“ (Михеј, 5,2).

Новозаветно исполнување:

„А кога се роди Исус во Витлеем Јудејски, во времето кога царуваше Ирод…“ (Матеј 2,1).

Ќе Го роди девица Марија

Старозаветно пророштво:

„Затоа Самиот Господ ќе ви даде доказ: ете, Девица ќе зачне и ќе роди Син, и ќе Му го дадат името Емануил (Бог со нас)!“ (Исаија 7,14)

Новозаветно исполнување:

„Јосифе, сине Давидов, не бој се да ја земеш Марија, својата жена, зашто зачнатото во неа е од Светиот Дух. Таа ќе роди Син и ти ќе Му го дадеш името Исус, зашто Тој ќе го спаси својот народ од нивните гревови“ (Матеј 1,20-21).

Неговото потекло од Јудиното племе

Старозаветно пророштво:

„Нема да се оддалечат од Јуда: ни царското жезло, ниту владетелската палка од кај неговите нозе, додека не дојде Оној, кому му припаѓа, кому ќе Му се покорат народите“ (1. Мојсеева 49,10).

Новозаветно исполнување:

„Затоа што е познато дека нашиот Господ произлезе од Јудиното племе…“ (Евреите 7,14).

Исус ќе биде отфрлен

Старозаветно пророштво:

„Беше презрен, отфрлен од луѓето…“ (Исаија 53,3).

Новозаветно исполнување:

„Дојде кај Своите, но Своите не Го примија“ (Јован 1,11).

Предавството на Спасителот

Старозаветно пророштво:

„А и мојот пријател, во кого имав доверба, кој јадеше мој леб, ја крена петицата против мене“ (Псалм 41,9).

Новозаветно исполнување:

„Исус одговори: ’Оној е, на кого Јас ќе му натопам залак и ќе му го подадам.’ И кога натопи залак, му го подаде на Јуда Симонов Искариот“ (Јован 13,26).

Парите исплатени на издајникот

Старозаветно пророштво:

„Тогаш им реков: – Ако ви е добро тоа, дајте ми плата; ако не е, не давајте. – Тие ми ја одмерија платата, триесет сребреници“ (Захарија 11,12).

Новозаветно исполнување:

„Тогаш еден од Дванаесеттемина, кој се вика Јуда Искариотски, отиде при првосвештениците и им рече: – Што ќе ми дадете за да ви Го предадам? – А тие му предложија триесет сребреници“ (Матеј 26,14-15).

Страдањето на Спасителот

Старозаветно пророштво:

„Mи ги прободоа рацете и нозете“ (Псалм 22,16).

Новозаветно исполнување:

„И кога дојдоа на местото, наречено Черепница (Голгота), Го распнаа таму Него и злосторниците…“ (Лука 23,33).

Псалмот 22 и Исаија, 53 глава, сликовито опишуваат како оние, за кои дојде да ги спаси, го прогонуваат и го убиваат Месија.

Воскресението

Старозаветно пророштво:

„Зашто нема да ја оставиш мојата душа во Подземјето, ниту ќе дозволиш твојот светец да види гниење“ (Псалм 16,10).

Новозаветно исполнување:

„Предвидувајќи за воскресението на Христа, рече: – Ниту беше оставен во Подземјето, ниту телото Му се распадна. – Бог го воскресна Овој Исус, за кое сите сме сведоци“ (Дела на апостолите 3,31-32).

Целокупниот Христов живот го потврдува исполнувањето на библиските пророштва. Петер Стонер ја проверил, со теоријата на веројатноста, можноста за појава на случајности во исполнувањето на овие пророштва. Од 60 клучни пророштва за Христос, тој избрал осум, па заклучил: „Веројатноста некој човек да живеел во тоа време и во неговиот живот да се исполнат сите осум пророштва е 1 спрема 100.000.000.000.000.000. Постојат цврсти докази дека овие пророштва не се исполниле случајно во животот на Исус. Натприродна сила однапред ја напишала Неговата биографија. Исус навистина е Месија, Божји Син“.

Исусовите ученици, од кои многумина се сомневале во Неговите тврдења, одушевено поверувале бидејќи увиделе дека старозаветните пророштва се исполнуваат во секој детаљ од Неговиот живот (Дела на апостолите 18,28). Ваквите заеднички сведочења на очевидците нè принудуваат сериозно да ги сфатиме тврдењата на Исус дека Тој е Божји син (2. Петрово 1,16; Јован 20,30.31; Лука 1,1-4).

Кога во молитва ќе ги испитаме доказите, можеме да донесеме одлука кој ќе биде господар на нашиот живот. Ако тоа не сте го сториле, дали сакате својот живот да го предадете во Христови раце?

4. Живот според Божјиот план

Исус живеел во хармонија со Божјиот план осмислен со векови пред Неговото раѓање. Тој, знаејќи за тоа, секогаш бил свесен за Божјето водство. Во една пригода рекол:

„…Ништо не правам Сам од Себе, туку дека зборувам она што Отецот Ме научи… зашто секогаш го вршам она што Му е угодно“ (Јован 8,28-29).

Како што го испланирал Исусовиот живот пред Неговото раѓање на Земјата, Бог има план за секое човечко суштество. Тој знае како можеме да ги исполниме своите животни желби и да живееме богат живот.

Александар не бил секогаш сигурен дека сака да се потчини на Божјиот план. Длабоко во себе размислувал вака: „Ако Бог навистина го води мојот живот, можеби ќе завршам во црна Африка“.

Но кога требало да го одбере училиштето во кое ќе оди, решил првпат во животот да побара Божје водство. Се молел неколку дена и го наслушнувал одговорот. По некое време му се чинело дека постојат добри причини да се определи за голем и поевтин универзитет. Се двоумел, но сепак се запишал. Набргу по почетокот на предавањата се запознал со група сесрдни и ревносни христијани. Неговото искуство од дружењето со нив, во текот на следните две години, во целост го изменило неговиот живот.

Неколку години подоцна се соочил со друга голема одлука: дали да остане уште една година во Јапонија како учител или да се врати во својот град. Повторно решил да побара Божје водство и Бог му дал неколку добри причини поради кои требало да остане. На почетокот од втората година на престојот, сосема неочекувано добил можност да снима филм за евангелизирањето. Тоа било негова долгогодишна желба, а сега му се чинело дека Бог ја реализира на начин на кој најмалку очекувал.

Кога ќе се сврти наназад, Александар гледа дека Бог секогаш му ја отворал вратата, кога и да се соочувал со некое важно решение и го барал Неговото водство. Во согласност со таквото сознание, ги напишал следните зборови: „Господи, ако имаш уште некој план со мене, Те молам, кажи ми“.

Како можеме да знаеме кој е Божјиот план за нашиот живот? Бог нè води на три начини:

Преку Библијата

Која книга, според зборовите на псалмистот, е сигурен водач во нашиот живот?

„Твоето слово е светилник на нозете мои и светлина за патеката моја“ (Псалм 119,105).
„Сето тоа ним им се случуваше да служат како пример, а беше запишано нам за опомена, до кои стигна крајот на вековите“ (1. Коринќаните 10,11).

Божјиот збор го обновува нашиот ум и ни дава разбраност (Римјаните 12,2; Псалм 119,99). Наместо без размислување и случајно да отвораме библиски текстови за да ја дознаеме Божјата волја, да се обидеме да го следиме Божјиот ум истражувајќи ги бројните библиски текстови во целата Божја реч. Редовното проучување на Светото Писмо е најдобриот начин за донесување исправни одлуки во животот.

Преку провидението

Бог нè води со своето провидение. Овчарот го води своето стадо низ богати пасишта или преку негостољубиви клисури. Бог може да ни помогне да учиме од своите животни искуства, кои така ни стануваат благослов. Ние имаме Пастир кој цврсто стои до нас.

Со непосредна и жива комуникација со човечкото срце.

Бог нè води и на тој начин што ѝ зборува на нашата совест. Апостол Павле потврдува дека Бог го води верникот ако „…испитува сè, па дури и Божјите длабочини“ (1. Коринќаните 2,10). Тој вели дека Духот може да: „ги избистри очите на вашето срце…“ (Ефесјаните 1,18). Подоцна, во поуката за молитвата, ќе дознаеме дека молитвата ни овозможува непосредно да разговараме со Бога. Колку повеќе време минуваме во редовни разговори со Бога, толку подобро Тој ќе нè води. Тој ги обликува нашите ставови, нашиот начин на размислување и расудување и на тој начин појасно го гледаме следниот чекор.

5. Водачите треба да се усогласат

Често ни се чини дека живееме во согласност со Божјите упатства, но, всушност, ние ги следиме само своите лични склоности или чувства. Библијата ни укажува на оваа стапица:

„Некој пат му се чини прав на човекот, а на крајот води кон смртта“ (Мудри изреки Соломонови 16,25).

Нашите чувства мораат да бидат усогласени со библиските учења. Всушност, не можеме да тврдиме дека Бог нè води ако сите три гореспомнати водичи не дејствуваат усогласено.

Да земеме пример од животот на Павле. Имал прекрасна сопруга и две деца, но влегол во врска со друга жена. Како може да се усогласи неговото однесување со библискиот став за прељубата? Еден ден им рекол на своите пријатели: „Се молев за тоа, и чувствувам дека тоа е Божја волја“.

Било очигледно дека чувствата и „внатрешното убедување“ го одвеле по погрешен пат. Се убедил самиот себеси дека провидението му ја испратило другата жена, и затоа не го преиспитал својот став во светлината на библиското учење. Библиската заповед против прељубата и советите за мажите да ги почитуваат своите жени, можела многу бргу да го запознаат Павле со ужасните последици што ќе произлезат од неговиот прељубнички живот, и дека тој всушност го следи својот нагон а не Божјото провидение.

Како можеме да ја провериме исправноста на одлуките во животот?

„Покрај Законот! Покрај сведоштвата! Ако не зборуваат според ова слово, нема светлина во нив“ (Исаија 8,20).

Библијата, Законот и сведоштвото се нашиот единствен судија и сигурен водич. Не смееме да дозволиме впечатоците и наводните „среќни околности“ да нè оддалечат од библиските начела.

6. Покорност на Божјиот план

Кога дошол во пустината да го искуша Исуса, ѓаволот ја искушувал неговата покорност на Бога. Дали Исус, заради остварувањето на својата цел, повеќе ќе сака да се послужи со начелото применувајќи ги методите на овој свет, или безусловно ќе се покори на волјата на Отецот? Ѓаволот се договарал: – Ако се откажеш од жртвата, како што испланира твојот Отец, цел свет ќе го ставам на Твојата дланка, слава, среќа и удобен живот! Сатаната дури и го цитирал Писмото со желба да го прелаже Христа. Но Исус секој пат го одбивал со зборовите „Напишано е!“ (Матеј 4,1-11)

Покорност на Божјата волја – тоа е највлијателната поука што можеме да ја научиме од Христовиот живот. Во смртната борба во Гетсиманија, Исус извикал: „Татко Мој! Ако е можно, нека Ме одмине оваа чаша, но не како што сакам Јас, туку како Ти!“ (Матеј 26,39) По три години совршено усогласен живот со Божјиот план, последните Христови зборови биле: „Се сврши!“ (Јован 19,30) Исус, всушност, рекол:

„Животот што Бог ми го определил, сега е завршен и исполнет“.

Додека го слушате Божјиот глас, кој од Неговата Реч, Библијата, хармонично допира до вас и ѝ се обраќа на вашата совест, можете да научите како со цело срце да го прифатите Неговото водство. На тој начин можете да ја искусите радоста на „добро насочениот живот“ – живот под Божје водство.

„Драг Татко, Ти благодарам што го испрати Исус на овој свет да го победи сатаната. Ти благодарам, Исусе, што доброволно дојде да ме спасиш од моите гревови и да ми го откриеш животот полн со изобилство. Твојата љубов го придвижува и грее моето срце. Татко, сакам да ме водиш во мојот живот како што го водеше мојот Спасител. Те молам, дојди и биди Господар на моето срце и на мојот ум. Сè ова Те молам во Христово име, амин.“

За размислување:
Според Римјаните 6,23, што е Божји дар?
Како Христос овозможил уништување на злото?
Дали го прифаќате Божјиот милостив повик да управува со вашиот живот како што управувал со Христовиот живот на оваа земја?

Доколку сакате да добиете диплома на крајот од овој курс, треба да се регистрирате, да ги прочитате сите лекции на курсот и да ги изработите сите тестови, а потоа ќе ви ја врачиме дипломата.