23. Што е пеколот и каде се наоѓа?
Во јули 1976 година, Гари Гилмор влегол во продавница на бензинска пумпа и го убил продавачот. Следната вечер со пиштол го присилил младиот хотелски службеник да му ги предаде парите, а потоа побарал од својата жртва да клекне и ја усмртил со истрел во тилот.
Најголем дел од Американците сметале дека овој човек заслужува смрт за овие ладнокрвни убиства. Но кога судот на државата Јута го осудил на смрт со стрелање, започнала жолчна расправа на сојузно ниво. Поради одредбите на Врховниот суд, никој во САД не бил стрелан речиси една деценија. Гасните комори и електричните столови биле надвор од употреба, а можноста за нивното повторно активирање вознемирила многумина.
Адвокатите кои го застапувале правото на живот, очајнички се обидувале да го одложат извршувањето на казната врз Гилмор, иако тој самиот побарал да умре. Здружението против смртната казна силно протестирало, нарекувајќи ја нехуман, „пагански ритуал“. Други ја одобрувале смртната казна како средство за спречување на можни убиства со предумисла. Некои луѓе дури ги повикувале чуварите од државниот затвор да му се придружат на стрелачкиот вод.
И така, продолжила јавната расправа. Има ли државата право да му го одземе животот на Гари Гилмор? Дали за него имало спас? Кој е најхуманиот начин за извршување смртна казна врз осуден криминалец? Некои мислеле дека инјекцијата со смртоносна доза била најбезболна, додека други тврделе дека прво би требало да биде обесен.
Во сиве овие расправи, во сите овие горливи дебати за смртната казна никој не размислувал за една можност. Никој не предложил Гилмор да се измачува сѐ додека не умре затоа што имал долгогодишно полициско досие. Тој сурово одзел два живота. Изгледало дека тоа бил безнадежен случај. Па сепак, никој од оние кои најгласно ја поддржувале смртната казна не предложил Гилмор да биде измачуван. Никој, на пример, не побарал полека да го горат додека не умре.
Сепак, многу искрени христијани очекуваат нашиот небесен Татко да постапи посурово од нас. Безбожниците, велат тие, мораат да бидат измачувани за да платат за своите гревови. Уште повеќе, тие го замислуваат местото на кое Бог казнува како место за вечно измачување, место на кое агонијата на грешниците трае вечно.
Тогаш што се случува со безбожниците во пеколот? И како нивната конечна судбина се согласува со Божјата љубов и праведност? Да ги побараме библиските одговори во продолжението на оваа лекција.
1. Исусовата последна болка на срцето
Шест илјади години Бог ги моли луѓето да Го прифатат и да бидат спасени од гревот. Пророкот Езекиел го пренесува секогаш повторуваниот повик:
Исус продолжил да го упатува истиот повик во текот на својата служба на Земјата:
Кога возвикнал на крстот: „Татко, прости им, оти не знаат што прават!“, Исус ја открил болката на своето срце (Лука 23,34). Потоа додал: „Боже Мој, Боже Мој! Зошто си Ме оставил?“ (Матеј 27,46). Набргу потоа, Исус го предал својот живот и умрел со скршено срце (Јован 19,30.34). Крстот открил колку Бог сакал да го спаси паднатото човештво.
Но и покрај овој силен приказ на божествената љубов, многу поединци не сакаат да се обратат кон Исуса. Тие кои истрајуваат во гревовите, на крајот ќе доживеат уништување. Додека гледа како оган ги голта оние за кои умрел за да ги спаси, Исус ќе го раскинува чувство на болка.
Исус сака сите да бидат спасени и да го избегнат уништувањето што ја очекува Земјата загадена со грев.
Сè додека на овој свет владее гревот, човечката беда ќе се зголемува. Затоа, гревот во целост мора да биде уништен. Кој ќе одбие да го отфрли гревот, ќе го снема во „огненото езеро“ (Откровение 20,14.15). Христос ќе страда кога ќе мора да ја исчисти вселената од гревот и да ги отстрани оние кои останале во гревот, оние за кои Тој умрел и сторил сè за да ги спаси.
2. Каде и кога ќе гори огнот на пеколот?
Спротивно на раширеното верување, Бог нема место кое ние го нарекуваме пекол, во кој заминуваат грешниците кога ќе умрат. Пеколот ќе настане кога оваа Земја ќе се претвори во огнено езеро (2. Петрово 3,9-13). Безбожниците не одат во пеколот во мигот на смртта. Бог чека со извршување на својата казна до завршниот дел, до Судот на крајот од илјада години (Откровение 20,9-15).
Бог ќе ја изложи целата наша планета на оган кој чисти.
Бог никогаш не планирал некое човечко суштество да го заврши својот живот во огнот на пеколот. Но кога некој ќе одбие да ја раскине својата врска со сатаната и ќе остане во своите гревови, тој на крајот ќе мора да ги поднесе последиците на своите гревови.
Кој, според Исусовите зборови, ќе се најде во пеколот?
Луѓето кои прават зло ќе бидат уништени дури на крајот на светот. Пред извршувањето на оваа пресуда, целата вселена ќе се увери дека Бог постапува праведно кон секое човечко суштество. Низ големата борба, која се случува меѓу Христа и сатаната, сатаната се обидува да ѝ докаже на вселената дека патот на гревот е подобар, а Исус покажува дека патот на послушноста е клучот за животниот успех. Ова докажување ќе го достигне својот максимум за време на судењето на сатаната, неговите ангели и безбожниците на „крајот на светот“.
На крајот од илјадата години, бидејќи ангелите ќе ги отворат записите кои откриваат каква улога имал секој човек во оваа голема драма, сатаната, смртта и пеколот, заедно со секој поединец кој „не беше запишан во Книгата на Животот“, Бог ќе ги фрли во „огненото езеро“ (Откровение 20,15).
Според стихот, кој следи во Откровение 21,1, Бог, откако со оган ќе го исчисти светот од гревот, ќе создаде „ново небо и нова земја“.
3. Колку долго ќе гори огнот на пеколот?
Многу верници сметаат дека огнот на пеколот ќе гори вечно, создавајќи вечни маки. Да ја земеме, на пример, сликата на пеколот што ја дал Џонатан Едвардс: „Пеколот е место за мачење каде Семоќниот Бог постојано го распалува пламенот на огнот врз тебе. Ти викаш, молејќи за милост и ѕвечејќи со синџирите на својата беда, но Бог седи на својот престол неподвижен, намуртен и гневен, а Неговите вилици се стегнати додека ужива во мачењето на осудените“.
Малку верници денес можат да се утешат со овој морничав, страшен опис на налутениот Бог. Многумина сè уште ја прифаќаат помислата за вечниот пекол, бидејќи им е кажано дека на тоа сè учи Библијата. Да ги разгледаме внимателно стиховите кои опишуваат како Бог постапува со гревот и со грешниците:
Забележете дека „вечна смрт“ не е исто што и „вечно мачење“. Тоа всушност значи дека последиците на уништувањето се вечни – смрт засекогаш. Вечната смрт е дело на вечното уништување. Еве што рекол самиот Исус за пеколот:
Според Исусовите зборови, во пеколот се уништуваат и телото и душата. Во својата проповед на гората, зборувајќи за судбината на човештвото на крајот на времето, Исус зборувал за патот и за тесната врата „што водат во живот… и широка е вратата и простран е патот што водат кон пропаст“ (Матеј 7,13.14).
Во најпознатиот библиски стих, Јован 3,16, Исус објаснува дека Бог го даде „Својот Единороден Син, та секој, кој верува во него, да не загине, туку да има вечен живот“. Тука се спротивставени две судбини: вечен живот и уништување. Во согласност со овие библиски стихови, можеме да констатираме дека пеколот е последица на смртта на безбожниците. Тоа е, всушност, она за што јасно зборуваат многу библиски стихови: „Ќе биде истребено потомството на безбожниците“ (Псалм 37,28); „самите ќе загинат во својот разврат“ (2. Петрово 2,12); „безбожниците ќе погинат, ќе се расплинат како дим“ (Псалм 37,20); „ќе биде истребена од народот“ (Дела на апостолите 3,23). Апостол Петар зборувал за судниот ден и за „погибелта на безбожните луѓе“ (2. Петрово 3,7). Апостол Павле вака зборува за оние кои станале Христови непријатели: „Нивниот крај е погибел“ (Филипјаните 3,19). Стручњаците велат дека оригиналниот грчки збор кој е преведен со зборот „погибел“, е најсилен израз со кој може да се опише губењето на животот.
Целта на конечната казна, огненото езеро, е ослободување на вселената од гревот, а не вечно зачувување на гревот. Тешко е да се замисли дека Христос, кој плачел над судбината на тврдоглавиот Ерусалим и кој им простил на оние што Го убиле, би можел во текот на вечноста да го набљудува мачењето на осудените. Библијата нè убедува дека на пеколот сигурно ќе му дојде крајот.
Безбожниците нема да горат вечно. Огнот ќе ги претвори во пепел, па така ќе биде вечна нивната одделеност од Бога. „Смртта е плата за грев“ (Римјаните 6,23), а не вечен живот во огнот на пеколот.
На крајот од периодот од илјада години секој грешник, вдахнат од злото, ќе го преземе последниот решителен напор да го порази Бога и да го освои Новиот Ерусалим (Откровение 20,7-10). Тогаш Бог, со огнен дожд од небото ќе ги отстрани сатаната, гревот и тие што останале истрајни во своите гревови.
Некои сметаат дека стихот „Каде нивниот црв не умира, огнот не изгорува“ (Марко 9,48), истакнува дека огнот за мачење е траен и дека црвот на совеста вечно ги гони осудените. Меѓутоа, Исусовите зборови запишани на ова место се цитати од Книгата на пророкот Исаија 66,24. Исаија опишува стравотна глетка во која црви јадат човечко месо, а огнот ги голта телата. Главната мисла претставува опис на целосно уништување. Црвот не умира, огнот не се гасне сè додека не ја заврши работата и ништо не остане. Според Исусовите зборови, овој оган е неизгаслив (Матеј 3,12). Никаква сила нема да може да го згасне додека не уништи сè во целост.
Бог ветува дека од овој оган кој чисти, ќе излезе нова, исчистена Земја, дом за спасените:
Каков ден ќе биде тоа! Причините за сите таги ќе ги снема. Бог од секое срце ќе ги отстрани раните од гревот и „поранешните веќе не ќе се спомнуваат, ниту ќе ви доаѓаат на ум“. Нашата среќа ќе биде целосна, а Исусовото срце повторно ќе биде исполнето со среќа поради успехот на својот народ.
4. Изразите „вечен“ и „засекогаш“ во Светото писмо
Да побараме сега неколку стихови, кои на прв поглед упатуваат на постоењето на пеколот кој вечно гори. На многу верници мислата за вечно измачување им е одбивна, па не гледаат друго значење поради начинот на кој се толкуваат некои текстови.
Веќе знаеме дека „вечната мака“, за која зборува Исус во Евангелието според Матеј 25,46, не е бесконечно горење на огнот, туку „вечната погибел“ (2. Солуњаните 1,9). Казната и нејзиното дејство се „вечни“, а последица им е вечна смрт. Друг нејасен стих се наоѓа во Евангелието според Матеј 25,41, во кој Исус зборува за „вечниот оган, приготвен за ѓаволот и за неговите ангели“. Дали зборот „вечен“ нè упатува на вечен пекол? Да го проучиме првото значење на истиот израз во други стихови. Јуда 1,7 ги опишува Содом и Гомора дека „стојат за пример, трпејќи ја казната на вечниот оган“. Очигледно е дека денес овие градови не горат. Огнот е вечен затоа што донел вечно уништување. Текстот во 2. Петрово 2,6 јасно укажува дека вечниот Бог „ги осуди на пропаст градовите Содом и Гомора и ги претвори во пепел, и ги постави за пример на идните безбожници“. Безбожниците од Содом и Гомора денес не се мачат во Светата земја. Овие градови и нивните жители одамна се претворени во пепел. Огнот кој ги изгорел е вечен по своите последици, по трајното уништување. Да ја запаметиме разликата: вечно значи трајно уништување, а не мачење.
Бидејќи јазикот на Книгата Откровение е сликовит и симболичен, некои стихови се толкуваат погрешно. На пример, во Откровение 14,11 стои: „Димот од нивното мачење ќе се издига во вечни векови“. Ова сигурно звучи како бескрајно измачување. Меѓутоа, да дозволиме Библијата повторно да се толкува себеси.
Пророкот Исаија се служи со истите изрази зборувајќи за Божјиот суд над безбожниот Едом. Тој вели:
Едомската земја денес веќе не гори. Огнот веќе одамна се изгасил. Бог употребил симболични изрази за да го нагласи целосното уништување, кое е дел од овој суд.
Текстот во 2. Мојсеева 21,6 зборува за обичајот со шило да се прободе увото на робот кој решил вечно да му служи на својот господар. Во овој случај „довека – вечно“ значи „додека е жив“. Пророкот Јона, кој три дена и три ноќи минал во стомакот на морското чудовиште (Матеј 12,40), тврди дека таму бил „довека“ (Јона 2,7). Нема сомневање дека три дена во утробата на чудовиштето му се чинеле како вечност.
Затоа мораме да бидеме внимателни кога го толкуваме симболичкиот, поетски јазик на Светото писмо. Димот, кој вечно се издигнува од огненото езеро, е сликовит опис на вечното уништување. Текстот од Откровение 21,8 јасно ни кажува дека езерото кое гори со оган и сулфур е „втора смрт“. Пеколот има свој крај. Безбожниците се проголтани, тие умираат, ги снемува, стануваат уништени.
5. Зошто пекол?
На почетокот, Бог создал совршен свет. Но се појавил гревот и донел пропаст, уништување и смрт. Кога би се вратиле некоја вечер дома и би нашле сè испревртено и украдено, дали би оставиле сè така? Не, сигурно. Би ги исчистиле отпадоците и нечистотијата и би ги исфрлиле работите што не можат да се поправат. Тој еднаш засекогаш ќе ја тргне нечистотијата и пропаста на гревот и ќе создаде нова Земја.
Но Бог се соочува со сериозен проблем бидејќи гревот не го уништил само надворешниот свет, туку ги заразил и луѓето. Гревот ги разорува нашите меѓусебни односи и односот со Бога. Човештвото е заразено со злоупотреба на деца, тероризам, порнографија и илјада други рак-рани на душата. Бог еден ден мора да го уништи гревот бидејќи гревот ги уништува луѓето. Тој се нашол пред тешка одлука, како да го тргне смртниот вирус на гревот а да не ги уништи луѓето кои се заразени со него. Неговото решение било да го земе вирусот во своето тело и да дозволи ракот на гревот да Го убие на крстот. Последица на тој потфат е:
Бог секому бесплатно му нуди решение за проблемот на гревот. Жално е што некои не сакаат да земат лек. Тие и понатаму упорно се држат за болеста на гревот. Бог нема да ги принудува луѓето да го одберат Неговиот пат до вечниот живот. Оние кои ќе ја отфрлат Неговата понуда, на крајот ќе бидат уништени со таа иста болест. Вистинската причина за постоењето на пеколот е:
6. Цената на гревот
Иако Светото писмо не учи дека огнот на пеколот создава бесконечно страдање, сепак тоа ни дава делумен увид во ужасното искуство на оние што ќе бидат изгубени.
Безбожниците ќе изгубат. Тие ќе го изгубат вечниот живот и ќе добијат „вечна погибел од лицето Господово“. Поради тоа ќе има „плач и чкртање на заби“ (Матеј 22,13). Колку ќе биде страшно сознанието дека ја испуштиле од раце радоста на вечниот живот со Бога и дека никогаш нема да го доживеат сјајот на овој совршен, прекрасен однос.
Додека висел на крстот со гревовите кои го одделувале од Отецот, Христос ја преживувал агонијата на вечна одделеност. Додека гледаат во темнината пред себе, грешниците ќе гледаат само вечна пропаст. Тие ќе умрат без надеж за второто воскресение. Во исто време, ќе гледаат како постојано го одбивале Христа секогаш кога ќе им се доближел, нудејќи им ја својата љубов. На крајот ќе паднат на коленици и ќе ја признаат Божјата праведност и љубов (Откровение 15,4; Филипјаните 2,10-11).
Поради тоа библиските писатели сериозно нè повикуваат да ги усогласиме своите одлуки со она што Христос го очекува од нас.
Не може да се замисли поголема трагедија од онаа која настанува кога некој со својот личен избор ја пренебрегнува непроценливата Христова жртва и останува изгубен. Затоа не е ништо необично што Исус рекол:
Можноста за избор, со која се соочуваме, сосема е јасна: или вечно уништување, вечна оддалеченост од Божјата присутност, или вечно пријателство со Исус, кое ги задоволува нашите најдлабоки копнежи. Вашата иднина е Христос. Што ќе изберете? Денес можете да застанете на Христова страна.
„Драг Татко на милоста, љубовта и правдата, благодарен сум што ме сакаш и што си му дал на Исуса да го даде својот живот за мене. Помогни ми сега да застанам на страната на спасението и вечниот живот, а не на страната на вечната смрт. Подготви ме да бидам еден од оние кои ќе клечат крај Исусовите нозе кога ќе биде крунисан како Цар над Царевите и Господар над Господарите. Направи да Ти бидам верен и да ја слушам Твојата реч и сите Твои заповеди. Те молам за ова во Исусово име. Амин.“