22. Дали Бог е праведен?

22. Дали Бог е праведен?

Во една сиромашна градска населба, заталкан куршум убива дете додека си ја пишувало домашната задача на масата во кујната.

Млада мајка од некое предградие дознава дека нејзиното дете, по трансфузија со заразена крв, заболува од сида.

Слични несреќи непрекинато се повторуваат во нашиот свет. Необјасниви и болни трагедии. А ние копнееме по одговор, по траен одговор.

Писателот Алистер Максрат се прашува:

„Каде е Бог во светот на бесмислени страдања и смрт? Можеби е на Небото, но дали Тој е тука?“ (The Mystery of the Cross, Grand Rapids, Zondervan, 1988. p. 107).

Слушнавме дека Бог е добар и праведен. Псалмистот вели:

„Тој ги љуби правдата и правосудството, полна е земјата со Господовата милост“ (Псалм 33,5).

Но ако е тоа вистина, како Тој ќе ја воспостави правдата во светот? Како мисли да ги доведе до крај страдањата и несреќите? Ние знаеме дека Тој може да ни даде сила и храброст да ги пребродиме тешките мигови, но ние не сакаме тешките мигови вечно да траат. Ние копнееме по трајно решение. Сакаме да видиме светлина на крајот од тунелот.

Во оваа лекција ќе дознаете како Бог ќе ги уништи гревот и страдањата. И кога тоа ќе го стори, секое суштество во вселената ќе се осведочи дека Тој е праведен. Важната 20 глава од книгата Откровение покажува како и кога ќе се случи сето тоа.

1. Откриен периодот од илјада години

Дваесеттата глава од Откровение се сосредоточува на илјадагодишницата што следи по Второто Христово доаѓање. Случувањата пред и по илјадагодишницата ја обележуваат завршницата на судирот меѓу Христа и сатаната, судир кој трае од појавата на гревот во вселената.

Овој вселенски судир почнал на Небото кога Луцифер, љубоморен на Христа, започнал војна меѓу ангелите, бил отфрлен и истеран на нашиот свет. Судирот продолжил на Земјата, најпрво во Едемската градина, а потоа низ вековите на човековата историја што следеле, сè додека не дошол до онаа клучна точка кога ѓаволот ги поттикнал луѓето да го распнат Христос. (Да потсетиме дека за овој настан проучувавме во третата лекција). Судирот ќе кулминира на крајот на периодот од илјада години, кога нашиот грешен свет ќе биде исчистен и вратен под Христов надзор.

Откровение 20 глава дава опис на две воскресенија кои го обележуваат почетокот и крајот на периодот од илјада години.

Кого Бог го крева од мртвите при првото воскресение на почетокот на илјадагодишницата?

„Блажен е и свет оној, кој има дел во првото воскресение; над овие втората смрт нема власт, туку ќе бидат Божји и Христови свештеници и ќе царуваат со него илјада години“ (Откровение 20,6).

„Блажен е и свет“ секој оној кој ќе го прифати Исуса како Спасител и ќе воскресне при првото воскресение: За да можат да царуваат со Христа во текот на илјада години, мораат да се вратат во живот на почетокот на тој период.

Кои се воскреснатите при второто воскресение, на крајот од илјада години?

„А другите мртовци не оживеаја, додека не се навршија илјада години“ (Откровение 20,5).

Изразот „другите мртовци“ може да се однесува само на безбожниците зашто праведните, оние кои се спасени со вера во Христа, се вратени во живот на почетокот од илјадагодишницата.

Така периодот од илјада години е обележан со две воскресенија: со воскресението на праведниците на почетокот и со воскресението на безбожниците на крајот.

2. Воскреснатите при Христовото доаѓање

Првото воскресение, воскресението на праведниците, се случува при Второто Христово доаѓање.

„Зашто Самиот Господ на заповед, при глас на архангел и при Божја труба, ќе слезе од небото и мртвите во Христа ќе воскреснат прво. Потоа ние живите, ние кои останавме, ќе бидеме грабнати заедно со нив на облаците, во воздух, во пресрет на Господа; и така засекогаш ќе бидеме заедно со Господа. Затоа, утешувајте се еден со друг со овие зборови“ (1. Солуњаните 4,16-18).

Кога Исус повторно ќе дојде на Земјата, ќе воскреснат „мртвите во Христа“ и ќе ги земе заедно со живите праведници на Небо (Јован 14,1-3). Во тој миг Тој ќе ги преобрази сите праведници и тие ќе станат безгрешни и бесмртни, и повеќе нема да бидат подложни на болест, стареење и смрт (1. Коринќаните 15,51-53)

Што ќе се случи со живите безбожници при Христовото доаѓање?

Бидејќи останале во грев и не го прифатиле Христа, тие не можат да издржат во Божјата присутност и ќе бидат уништени од „светлината на Неговото доаѓање“ (Лука 17,29-30; 2. Солуњаните 2,7-9).

3. Сатаната врзан на Земјата илјада години

Кога ќе почне периодот од илјада години, праведниците веќе ќе бидат на Небото, а безбожниците мртви.

Што ќе се случува со светот за тоа време од илјада години?

„И видов ангел, како слегува од небото, кој имаше во својата рака: клуч од Бездната и голема верига. Тој го фати змевот, старата змија која е ѓаволот и сатаната и го врза за илјада години, и го фрли во Бездната и го заклучи, ја запечати над него, за да не ги заведува народите, додека не се навршат илјада години, потоа треба да биде одврзан за малку време“ (Откровение 20,1-3).

При Исусовото доаѓање, сатаната ќе биде врзан и ќе остане во синџири за време од илјада години. Каде ќе биде затворен? Во Бездната. Оригиналниот збор за бездната, „abussos“, се појавува во Септуагинта (грчки превод на Стариот завет од предхристијанско време). Во 1. Мојсеева 1,2, Септуагинтата го употребува зборот abussos за да ја опише Земјата пред почетокот на создавањето. Затоа е и логично дека Земјата ќе биде abussos каде што Бог ќе го затвори сатаната.

Светото писмо го опишува сатаната врзан со големи вериги. Дали тоа се вистински вериги? Не, контекстот јасно покажува дека тоа е симболичен израз, а се однесува на ограничени околности. Сличен израз употребуваме, на пример, кога некому не можеме да му помогнеме а многу би сакале да му помогнеме, но рацете ни се врзани.

Сатаната, без сомнеж, би продолжил да ги заведува и угнетува луѓето и во текот на времето од илјада години, но неговите раце се врзани со веригите на околностите. Тој не може да најде праведници кои би ги искушувал во тој период зашто се на Небото, а исто така не може да најде ни безбожници да ги води, зашто се мртви, спијат во земниот прав. Сатаната талка по опустошената и уништена Земја, без луѓе на кои би им господарел. Околностите го спречуваат да „ги заведува народите, додека не се навршат илјада години“ (Откровение 20,3).

Тука сатаната се наоѓа во последниот чин од вековната борба против Бога. Неговиот лош карактер останува непроменет. Тој и неговите ангели се заробени на нашиот опустошен свет. Оневозможени да мамат, тие талкаат по светот присилени да размислуваат за сета болка и несреќа што ја предизвикале во текот на многуте векови.

4. Праведните им судат на безбожните

Периодот од илјада години е време на Судот. Не заборавајте дека Судот се одвива во четири фази:

  1. Предадвентен суд на праведниците пред второто Христово доаѓање.
  2. Наградување на праведниците при второто Христово доаѓање.
  3. Суд над безбожниците во текот на илјада години.
  4. Суд над сатаната и безбожниците на крајот од илјада години. (Тринаесеттата лекција се занимава со првиот и вториот период на судот, истражување на животот и награда за праведните.) Ние сега ќе го проучуваме третиот и четвртиот период – испитување на животот и судење на безбожниците.

Веќе видовме дека мртвите праведници излегуваат од гробовите при второто Христово доаѓање, па со праведниците кои не умреле ја напуштаат Земјата заедно со Исуса и светите ангели и одат во Божјиот небесен рај. Овие Христови откупеници ќе најдат свој дом на Небото во периодот од илјада години.

Што ќе прават праведните на Небото за тоа време?

„Или не знаете дека светите ќе му судат на светот?… Не знаете ли дека ќе им судиме на ангелите!“ (1. Коринќаните 6,2.3)
 
„И видов престоли; и на оние, кои седеа на нив, им беше дадено да судат; и душите, чии глави беа исечени заради сведоштвото за Исуса и за Божјото слово, кои не му се поклонија на ѕверот ни на неговиот лик, и кои не ја примија ознаката на своето чело и на својата рака; тие оживеаја и царуваа со Христа илјада години“ (Откровение 20,4).

Во текот на илјада години праведниците ќе ги истражуваат случаите за паднатите човечки суштества и ангели, вклучувајќи го и нивниот водач, сатаната. Така, ќе дојде време кога мачениците, победниците и со битка измачените следбеници на Евангелието ќе го истражуваат и ќе го сфатат Божјиот суд на безбожниците.

Бог на откупените човечки суштества милосливо им дава можност да го вреднуваат Неговото постапување кон безбожниците. Ние знаеме како изгледа човек да се бори со грешниот свет, секој ден да доаѓа во допир со грешни луѓе. Можеби затоа ќе имаме бројни прашања, како на пример: „Зошто мојот сосед не е тука? Тој изгледаше толку добар!“. Или: „Зошто мојата роднина не е тука“. На овој степен на судење ќе ги добиеме одговорите на сите прашања. Додека ги прегледуваме записите и им судиме на мртвите „според она што е запишано во книгите“ (Откровение 20,12), и самите ќе увидиме дека Бог во постапувањето кон човечките суштества бил добар и праведен кон сите.

Некој професор во една пригода ги изненадил своите студенти со прашањето: „Знаете ли дека на Небото ќе се плаче?“ Студентите останале збунети. Меѓутоа, професорот им објаснил дека праведниците во текот на илјада години на Небото ќе им судат на своите загубени пријатели и сакани. Ќе биде тоа тажно искуство, зашто ќе ни стане јасно како поединците се свртеле од Божјите упорни обиди да ги спаси. Ќе видиме како Светиот Дух им пружал можности на луѓето да му се предадат на Бога. Праведноста на секоја пресуда ќе биде очевидна. Ќе биде тоа време за жалење, но Бог ветува дека кога ќе ја преболиме оваа трагедија, „ќе ја избрише секоја солза од нашите очи“ (Откровение 21,4).

5. Сатаната ќе биде ослободен на крајот од илјада години

На крајот од илјадагодишницата започнува последниот чин на судската драма:

„Тогаш јас, Јован, го видов Светиот Град – Новиот Ерусалим, како слегува од небо, од Бога, стокмен како невеста, која е украсена за својот маж“ (Откровение 21,2).

Овој прекрасен град, чии златни улици и бисерни врати одекнуваат од нашите восхитени пофалби, беше наш дом илјада години. Сега Светиот Град, со Христа и сите кои Тој ги откупил, слегуваат од Небото на Земја.

Што се случува со безбожниците во тоа време?

„А другите мртовци не оживеаја додека не се навршија илјада години. Тоа е првото воскресение“ (Откровение 20,5).

Изразот „другите мртовци“ се однесува на безбожниците, зашто праведниците веќе се воскреснати при првото воскресение на почетокот на илјада години. Според тоа, безбожниците ќе воскреснат при второто воскресение на крајот од илјадагодишницата.

Што прави сатаната на крајот од илјадагодишницата?

„А кога ќе се навршат илјадата години, сатаната ќе биде пуштен од својот затвор, и ќе излезе да ги заведува народите по четирите краишта на земјата… и да ги собере за војна, чиј број е како морскиот песок… и слезе оган од небото, од Бога, и ги проголта“ (Откровение 20,7-9).

Кога праведниците ќе се спуштат на Земјата со Светиот Град, а безбожниците ќе воскреснат, сатаната ќе биде ослободен. Тој повторно ќе ги предводи безбожниците, а праведниците ќе му бидат цел. Не губејќи време, тој веднаш ќе започне да ги организира безбожниците, а праведниците ќе му бидат цел. Не обѕрнувајќи се на околностите, веднаш ќе започне да ги организира безбожниците во голема армија.

Сатаната ова ќе го смета за совршена можност. Светиот град не е утврден, неговите жители не се вооружени. Решавајќи да го заземе сосила и да ги украде неговите богатства, тој ги убедува своите следбеници дека победата над малубројните праведници е сигурна.

Сатаната смислува тактика со најголемите воени гении од сите историски периоди. Неговата армија ја предводат заповедници кои освојувале царства. Научниците се обидуваат да создадат ново оружје за масовно уништување. Ова второ воскресение ја открива жалната вистина: овие мртви не доживеале промена на карактерот. Тие излегуваат од гробовите со истите амбиции и истите себични копнежи.

Сатаната, на крајот, ќе издаде наредба за напад. Безбројно мноштво тргнува да ја заземе оваа блескава метропола за свој главен град. Сатаната и безбожниците го опседнуваат Новиот Ерусалим зашто тоа е нивната последна можност да го попречат Христовиот план засекогаш да го спаси човештвото од проклетството на гревот. Меѓутоа, додека ги заземаат позициите околу Новиот Ерусалим, тие почнуваат да ја сфаќаат страшната вистина: „Ние сме надвор од градот! Ние сме надвор во темнината!“ Безбожниците за миг ја увидуваат вистинската стравотија на изгубеноста, вечната изгубеност.

6. Завршната глетка на судот

Тука, за прв и последен пат, целото човештво се соочува лице в лице. Исус ги води откупените Божји деца кои се наоѓаат во градот, а сатаната ја предводи групата безбожници кои се наоѓаат надвор од градските ѕидишта. Во тој пресуден миг Бог ќе го изврши последниот дел од Судот, а безбожниците ќе ја примат пресудата.

„И видов голем бел престол, и Оној кој седеше на него… И ги видов мртвите, големи и мали, како стојат пред престолот, и се отворија книжните свитоци; и друг книжен свиток се отвори – Книгата на Животот; и на мртвите им беше судено според она што е запишано во книгите, според своите дела. И морето ги даде своите мртви, кои се во него; и смртта и Подземјето ги предадоа мртвите, кои се во нив, и секој беше суден според своите дела“ (Откровение 20,11-13).

Додека безбожниците стојат пред престолот на правдата, ќе имаат можност да го согледаат целиот свој живот. Во согласност со записите што се наоѓаат на Небото, Исус, праведниот Судија, изнесува целосен извештај на своето постапување кон паднатите луѓе и ангели.

Целата вселена напнато следи. Стоејќи пред Божјиот престол, Исус секому му дава целосен увид во своето дело на откупување. Тој потврдува дека дошол да ги пронајде и да ги спаси загубените. Тој дошол на нашиот свет во човечко тело, живеел безгрешен живот среде борби и искушенија, за на крајот да се жртвува на крстот и да служи како наш Првосвештеник на Небото. Кога Исус ќе истапи напред и ќе им изрече пресуда на оние кои до крајот ја отфрлале Неговата милост, секое суштество во вселената ќе ја признае праведноста и нужноста на завршниот чин на божествениот Суд.

„Зашто, сите ќе застанеме пред Христовиот судски престол, зашто е напишано: Јас Сум Жив – вели Господ – Мене ќе Ми се поклони секое колено; и секој јазик ќе Го исповеда Бога“ (Римјаните 14,10.11).
 
„Се понизи Самиот Себе и стана послушен до смрт, дури до смрт на крст. Затоа и Бог го превозвиши и Му подари име, што е над секое име, и во Исусовото име да се поклони секое колено на оние: кои се на небото, и на земјата, и под земјата; и секој јазик да исповеда дека Исус Христос е Господ, за слава на Бог Отецот“ (Филипјаните 2,8-11).

Откако почнала историјата на гревот, сатаната го валка Божјиот карактер обвинувајќи Го за неправедност. Меѓутоа, сега сите прашања се решени и сите нејаснотии се разјаснети. Сега секое суштество во вселената признава, повеќе од кога било, дека Исус, Божјото Јагне, е достоен за нашата љубов и обожавање. Големиот хор пее со силен глас „Достојно е Јагнето“ (Откровение 5,12).

Сите Божји планови и намери сега се откриени во целост, а Божјиот карактер е оправдан.

„Сите народи ќе дојдат и ќе се поклонат пред Тебе, зашто се покажаа Твоите праведни судови!“ (Откровение 15,4)
 
„И го чув секое создание, кое е на небото и на земјата, и под земјата и во морето, и сè што е во нив, да зборуваат: На Оној, Кој седи на престолот, и на Јагнето, благослов и чест; и слава и власт, во сите векови!“ (Откровение 5,13)

Не само спасените, туку и злите ангели и самиот сатана ќе признаат дека нивниот пат бил погрешен, а дека Божјите патишта се добри и праведни. Сите согледуваат дека злото и себичноста се причина за секоја несреќа и незадоволство, и дека таквиот живот не е вреден за вечност.

7. Гревот е уништен

Иако сатаната и безбројното мноштво безбожници признаваат дека Божјиот пат е вистинскиот пат, нивните срца не се менуваат, нивната природа останува зла. По изрекувањето на пресудата, самите безбожници тргнуваат во пресрет на својот трагичен крај:

„И излегоа на земната ширина, и го опкружија логорот на светите и возљубениот град, и слезе оган од небото, од Бога, и ги проголта. А ѓаволот, кој ги заблудуваше, беше фрлен во огненото и сулфурното езеро… И смртта и Подземјето беа фрлени во огненото езеро. Тоа е втората смрт, огненото езеро. И кој не беше запишан во Книгата на Животот, беше фрлен во огненото езеро“ (Откровение 20,9.10.14.15).

Во завршницата на Судот, огнот на вечниот Бог ќе го уништи гревот и оние кои тврдоглаво се држат за него. Сатаната и сите оние што ги завел ќе ги снема во „втората смрт“, вечна смрт по која повеќе нема будење. Бунтот направил безбожниците да станат неспособни за вистинската среќа и затоа ќе бидат уништени заедно со сатаната и неговите ангели. Небесниот оган целосно ја чисти земјата од пустошот на гревот, Божјата вселена повторно е чиста и никогаш повеќе нема да биде загадена од гревот. Големата борба меѓу доброто и злото, меѓу Христа и сатаната, конечно е завршена и Христос станува владетел.

Каде имате намера да бидете тој ден? Дали сте решени да бидете со Христа во градот, спасени за цела вечност? Или ќе останете надвор од градските ѕидишта, без Христа и засекогаш изгубени? Ако сега му го предадете својот живот на Христа, без разлика што донесува животот, ќе бидете откупени и ќе стигнете со Христа во градот. Ако тоа сè уште не сте го сториле, сега предајте му го своето срце на Исус, а Тој ќе ве обвие со својата љубов и милостиво проштавање. Ова е вашата можност. Ова е вашиот ден на спасение.

8. Земјата – очистена и обновена

Од пепелот на овој завршен оган кој чисти, Бог ќе создаде нов свет:

„И видов ново небо и нова Земја, зашто првото небо и првата земја поминаа… Тогаш јас, Јован, го видов Светиот Град – Новиот Ерусалим, како слегува од небо, од Бога… И чув силен глас од небото, велејќи: Еве го Божјиот Шатор меѓу луѓето, и Тој ќе живее со нив, и тие ќе бидат Негов народ, и Самиот Бог ќе биде со нив, и ќе ја избрише секоја солза од нивните очи, и смрт нема да има веќе, ни тага, ни плач, ниту болка, зашто првото помина… Ете, правам сè ново“ (Откровение 21,1-5).

Наметната со својата првобитна убавина, Земјата станува дом за откупеното човештво за цела вечност. Ослободени од себичноста, болестите и страдањата, ќе можеме да ја истражуваме целата вселена, да создаваме нови пријателства во текот на целата вечност, крај Исусовите нозе да слушаме, да учиме од Него и да Го сакаме.

Драмата на гревот е завршена. Почнува славата на новиот свет на неограничени можности. За Исус, Владетелот на новиот свет, читаме:

„Зашто, ни се роди Дете, Син ни се даде, власта му е на рамото. Името ќе Му биде: Чудесен Советник, Силен Бог, Вечен Татко, Кнез на Мирот. Неговата власт ќе се шири надалеку и ќе нема крај на мирот над Давидовиот престол, над неговото царство; ќе го зацврсти и ќе го утврди во правина и во праведност, отсега и довека“ (Исаија 9,6-7).

Сите можеме засекогаш да живееме со нашиот прекрасен Советник и вечен Татко. Зошто да не се најдеме меѓу ѕидовите на Новиот Ерусалим во оној ден кога целото човештво, двете страни, ќе се соочат лице в лице? Да му го предадеме својот живот на Исус за да не го доживееме страшното искуство на оние кои ќе останат надвор од градот и ќе сфатат дека засекогаш се загубени. Да го прифатиме Исуса како наш личен Спасител и да станеме сигурни дека Исус на Судот ќе рече за нас: „Јас умрев за него, и нему, на мојот возљубен, му го припишувам својот совршен живот!“

„Драг Татко, Ти благодарам за неизмерната добрина! Благодарен сум за Исуса, и за сè што Тој направил и секој ден прави за мене! Благодарен сум што со својата смрт ме спасил, за да можам да влезам во Светиот Град и да бидам спасен засекогаш! Татко, сакам да бидам таму, во Светиот Град. Те молам, направи да Ти бидам верен. Ти благодарам во Исусово име. Амин.“

Доколку сакате да добиете диплома на крајот од овој курс, треба да се регистрирате, да ги прочитате сите лекции на курсот и да ги изработите сите тестови, а потоа ќе ви ја врачиме дипломата.