4.5. Страв и трепет на Блискиот Исток

4.5. Страв и трепет на Блискиот Исток

Да се вратиме сега на историјата на Асирија. Во десеттиот век пред нашата ера., под Асур Дан II, во 933 година пр. н.е., и Адад Нирари II, во 910-889 година пр. н.е., повторно наоѓаме извештаи за асирските успеси.

Потоа на власт дошол Ашур-Насир Пал II, страв и трепет на Блискиот Исток, чија статуа се наоѓа во Британскиот музеј. Тој е познат по суровоста со која ги водел војните.

Неговите непријатели биле набодувани на колци, обезглавувани или, пак, биле живи дерени.

Тој изградил прекрасна палата во Калак. Тоа било првото асирско здание украсено со релјефи на ѕидовите кое водело кон ерата на асирската релјефна уметност што цветала сè до падот на кралството.

Тоа била палатата која Лејерд ја открил кога започнал со своите ископувања.

Ашур-Насир-Пал II (Лувр) и Дрвото на животот (Музејот во Бруклин) – артефакти ископани во Нимруд

Синот на Ашур-Насир-Пал (или Асурнасирпал), Салманасар III, го одржал кралството, иако се чини дека доживеал неуспех во битката кај Каркар, каде што му се спротивставиле Бен-Адад од Сирија и царот Ахав од Израел, кој има значајна улога во библискиот извештај за пророкот Илија во 1. Книга за Царевите 18 – 22 глава. Ова е тој Салманасар чиј обелиск, на кој е прикажан Јеху како му се поклонува, бил пронајден од Лејерд во Нимруд. Него го наследил неговиот втор син, Шамши-Адад V (Shamshi-Adad V) во 824 година пред Христа.

Значајно е да се забележи за тој историски период библискиот извештај тврди дека:

„Дојде слово Господово до Јона, синот на Амитај: Стани и оди во Нинива, градот голем, и проповедај во него, зашто неговите лоши дела стигнаа до мене“ (Книга на пророкот Јона 1,1.2).

Исто така е значајно дека асирските записи споменуваат религиозна реформа за време на владеењето на Адад-Нирари III, синот на Семирамад со Самси Адад V.

Очевидно, кога Јона се појавил на улиците на Нинива со застрашувачката најава:

„Уште четириесет дена и Нинива ќе биде разурната“,

жителите ја прифатиле пораката и го промениле својот начин на живот.

Реконструираните капии во Ниневија

Напади на Израел и Самарија

Но покајничкото расположение набрзо поминало. Во 745 г. пред Христа Тиглат-пилесер III (Tiglat Pileser III) седнал на престолот и дивеел насекаде со својата војска. Библијата го забележува неговиот упад во Израел:

„Тогаш Бог Израилев го поттикна духот на асирскиот цар Пул и духот на асирскиот цар Тиглат-пилесер, и тие ги преселија Рувимците и Гадовците и половината од племето Манасиево“ (1. Дневникот 5,26).

Неговиот син, Салманасар V, ја продолжил освојувачката политика на својот татко. Неговиот главен воен поход бил насочен против главниот град на Израел:

„Во четвртата година од владеењето на царот Езекија… асирскиот цар Салманасар тргна против Самарија и ја опсади“ (2. Книга за царевите 18,9).

Опсадата траела три години, но пред да биде поразена Самарија, се случил воен преврат и престолот го презел Саргон II, па тој си ја припишал заслугата за освојувањето на Самарија.

Библискиот извештај едноставно додава:

„…и по три години ја презеде“ (2. Книга за царевите 18,10).

Саргон II

Владеењето на Сенахерим

Синот на Саргон бил Сенахерим (Сенахериб). Тој ја преселил својата престолнина најнапред во Асур, а потоа во Нинива, каде што изградил нова палата. Таа палата ја ископал Лејерд, откривајќи многу вешто изработени релјефи. Владеењето на Сенахерим го одбележале серија востанија. Вавилон се побунил, и во 689 г. пред Христа Сенахерим го освоил, го ограбил и го уништил, го сменил текот на Еуфрат и го поплавил градот.

Јудејскиот цар Езекија одбил да плаќа данок и Сенахерим го опколил Ерусалим. На една глинена призма која сега се наоѓа во Британскиот музеј, запишана е фалбата на Сенахерим:

„Што се однесува за Евреинот Езекија, бидејќи тој не се потчини под мојот јарем, јас опколив 46 од неговите добро утврдени градови… Него го заробив во Ерусалим, во неговата царска престолнина, како птица во кафез“.

Значајно е тоа што тој не тврди дека го освоил Ерусалим, зашто и Херодот и Библијата тврдат дека тој бил принуден на понижувачко повлекување. Во Библијата е запишано:

„Затоа вака говори Господ за асирскиот цар: тој нема да влезе во овој град, нема да фрли во него стрела… и во таа ноќ ангел Господов отиде и во асирскиот логор уби 185 000 војници“ (2. Книга за Царевите 19,32-35).

Набргу по враќањето во Нинива, Сенахерим бил убиен од своите синови, и престолот го наследил Есархадон (Esarhaddon).

Сенахерим

Владеењето на Есархадон и Асурбанипал

Есархадон го проширил асирското кралство многу повеќе од неговите претходни граници со тоа што го освоил Египет. Мемфис бил заземен а земјата била поделена на 22 области кои биле под управа на асирски гувернери. Тој (Есархадон) изградил нова палата во Нинива. Таа досега не е ископана и веројатно никогаш нема ни да биде, бидејќи врз неа е изградена голема џамија. Муслиманите веруваат дека тука бил закопан пророкот Јона, па местото се нарекува Неби Јунус (Nebi Yunus). Меѓутоа, во 1990 година на надворешниот ѕид се појавиле пукнатини и темелите морале да се поправат. Во таа прилика бил ископан еден бик од камен, а во 2014 година џамијата била урната и со тоа палатата, која била скриена илјадници години, станала достапна за истражување. За време на првите ископувања пронајдено е парче мермер со траги од клинесто писмо, а подоцна е утврдено дека овој текст го опишува кралот Есархадон.

Следниот и последен голем владетел на Асирија бил Асур-Бани-Пал. Тој не само што повторно го окупирал Египет, туку со трупите навлегол на југ сè до Луксор и го освоил. Според обичајот на асирските кралеви, тој изградил нова палата во Нинива. Бил учен човек и наполнил една огромна библиотека во својата палата. Не само што собрал голем број глинени плочки со клинесто писмо туку кога не му биле достапни оригинали, тој наредил да се изработат копии за неговата библиотека. Тоа биле глинените плочки кои Лејерд ги пронашол и ги испратил во Британскиот музеј.

Но времето на големата асирска империја полека одминувало. Израелските пророци веќе ја објавувале нејзината пропаст.

Aсурбанипал во лов (лево); Табличка со „Eпот за Гилгамеш“ (десно)