9.8. Римската окупација, христијаните и крстоносците
Кога Римјаните го освоиле Блискиот Исток, почнале да кружат гласови за богатствата на Петра, но римската војска не успеала да влезе во градот до 106 година. Императорот Трајан изградил убав пат што минувал низ Петра, поврзувајќи ја Сирија со Црвеното Море.
Калдрмата сè уште може да се види во Сик и во долината.
На овој пат била издигната „триумфална капија“ и дел од лакот на капијата сè уште постои.
На северниот крај од оваа патека има голем набатејски храм изграден од камени блокови. Половина од овој храм сè уште се гледа.
Под влијание на Римјаните се сменила архитектурата на гробниците.
Една од нив е висока три ката и има фасада што личи на римска палата.
Во планината е ископан голем амфитеатар со капацитет од 2000 седишта. При изградбата на трибините биле пресечени многу гробови, од кои останале отворени дупки во карпата. Петра изгледа била зафатена од нов бран на просперитет. Библиското пророштво за пропаста било заборавено.
Антички луксуз
Во 2001 г. археолозите откриле голем церемонијален комплекс со набатејски редови од столбови на чии врвови имало егзотичен азиски капител во облик на глава на слон и набатејско-коринтски градби од столбови исто толку раскошни како што биле и другите палати во античкиот свет.
Петра денеска е врела, сува и неплодна земја. Меѓутоа, неодамнешните ископувања биле концентрирани на ридот на јужната страна на римскиот пат и археолозите биле многу изненадени кога откриле нешто како „рај” – место кое некогаш сигурно било прекрасна градина и комплекс со базени во чиј луксуз уживале тамошните префинети жители – сосема спротивно од тоа што Петра изгледа сега – сува и правлива.
Христијаните и крстоносците
Во четвртиот век во Петра било воспоставено христијанството. Подоцна биле откриени остатоци од голема црква. Во соседниот манастир биле пронајдени и некои стари, подгорени но читливи написи. Некои од најголемите гробници биле испразнети и претворени во цркви. На ѕидовите од некои гробници биле вдлабнати крстови и така Петра станала седиште на епископија.
Но кога се смениле трговските патишта, се намалувал и бројот на карваните што поминувале низ Петра и животот во градот полека згаснувал.
Во 12. век уште еднаш вниманието за кратко било свртено кон овој некогаш величествен град. Крстоносците издигнале тврдина на врвот на една карпа зад римскиот храм. Откако заминале, земјата станала тивка и единствено што се слушало било блеењето на овците што биле чувани од неколку номади кои минувале низ празните гробници. Библиското пророштво навистина го имало последниот збор, и сјајот на Петра исчезнал засекогаш.