9.7. Набатејците ги потиснуваат Едомците
Околу третиот век пред Христа, арапското племе наречено Набатејци (Nabataeans) ги заменило Едомците. Тие најверојатно потекнуваат од Исмаиловиот најстар син Набајот (Nabaioth) (1. Летописи 1,29). Не се знае дали се случило тоа со окупирање или инфилтрирање, но Едомците биле истиснати од карпестиот дел и потоа живееле во Негев, јужно од Јудеја. Околу 100 години пред Христа, макавејскиот борец Јован Хиркански (John Hyrcanus), ги окупирал и ги присилил да се обрежат и да ја прифатат еврејската религија. Набргу потоа Евреите ги трпеле последиците, бидејќи од оваа лоза дошол Ирод Велики, кој презел контрола врз еврејскиот народ и подоцна ги убил новороденчињата во Витлеем.
Наскоро Набатејците го изградиле градот Петра, како силно и сигурно засолниште, и го украсиле со уникатни скулптури. Храмовите, гробниците и куќите биле издлабени во меките песочни карпи на падините на планината, откривајќи преубави многубојни карпести слоеви.
Таму каде што Сик се отвора кон долината, посетителите ги дочекува прекрасен храм вдлабен во карпа. Во денешно време им е познат на Арапите како „Ел Казне“ (El Khazneh), што значи „ризница“, и на самиот врв има нешто што личи на урна или вазна. Арапите мислеле дека можеби во него има некакво богатство, па затоа пукале во садот со надеж дека ќе успеат да го отворат и така богатството ќе се истури во нивните раце. Но се разочарале. Садот бил од камен и единствениот резултат бил што на оваа грациозна градба останале дупки од рафалите што биле испукани.
Храмот Ел Деир
Височини
На спротивниот крај на долината има патче кое води до врвот на планината, до прекрасен храм, исто така вдлабен во карпа.
Храмот е наречен Ел Деир (El Deir) што значи „манастир“.
Некои сметаат дека се овие места гробници, но тие содржат камени платформи кои изгледа биле наменети за статуите на божествата.
Набатејците практикувале идолопоклонство и имале две „високи места“ за такви служби.
Едното било на врвот на камената височина и било вдлабено во цврста карпа.
На врвот од планината се наоѓале и два огромни обелиска вдлабени од предната страна на планината.
Тие биле симболи на плодноста.
Некои сметаат дека овие „високи места“ всушност биле центри за принесување на човечки жртви, но за ваквите тврдења нема докази.
Од друга страна, камената плоча на која се принесувала жртвата изгледа голема само колку да собере животно со големина на овца или коза. Другото такво место е конструирано од камени блокови и има кружен облик.