9.6. Во војна со Израел
Околу 1000 години пред Христа, израелскиот цар Давид ги покорил Едомците, поставил гарнизони во целата земја и ги обврзал да плаќаат данок на Израел. Околу 150 години подоцна Едомците организирале бунт против Јорам, царот на Јуда. Тој ги поразил Едомците во битка, но тие ја задржале својата независност и повеќе не плаќале данок на Израел. Во осмиот век пред Христа била обновена војната меѓу овие два народа.
„Амасија пак се охрабри и го поведе народот свој, та отиде во Солената Долина (во близина на јужниот крај на Мртвото Море) и уби десет илјади синови Сеирови; и синовите Јудини заробија десет илјади живи и ги одведоа на врвот од карпата, и ги турнаа оттаму и тие сите сосема се разбија“ (2. Летописи 25,11.12).
Еврејскиот збор употребен за карпа е „sela“ и можеби го означува карпестото засолниште на градот Петра.
Ако е така, ова би бил тој врв од кој требало да умрат, бидејќи страните биле многу стрмни. Од друга страна, тешко е да се сфати зошто јудејската војска би одвела толку голем број луѓе 80 километри до тоа место, само за да ги убие. Веројатно постојат некои околности што не се запишани. Можеби тоа било демонстрирање на сила и закана пред едомскиот народ со цел да ги предупредат против идни востанија.
Пророштва за пропаст
Кога Вавилонците под Навуходоносор тргнале на Ерусалим во шестиот век пред Христа, Едомците застанале на нивна страна. Тоа бил одмазднички чин од страна на Едомците, кои ќе изгубеле многу од вавилонската окупација. Ова им ја запечатило судбината како народ осуден да му плаќа данок на Вавилон. Но изгледа дека тие биле подготвени да се откажат од сопствената независност со цел да му се одмаздат на јудејскиот народ, со кој биле во поблиска врска отколку што биле со Вавилонците. Тие се радувале над несреќата на Евреите и заради ова Бог ги осудил на пропаст.
За ова еврејскиот пророк Авдија напишал само една глава, но целата негова книга е посветена на пропаста на Едом.
„Не радувај се на несреќниот ден на твојот брат, ниту на пропаста на синовите Јудини… Не провалувај низ вратата на мојот народ во денот на неговата неволја… и не стој на нивните крстопати за да ги убиваш оние што бегаат“, се жалел пророкот (Книга на пророк Авдија 1,12-14).
На Авдија му била дадена визија за судбината на Едом:
„Вака му вели Господ Бог на Едом: ’…Гордоста на твоето срце те измами, тебе, кој живееш во камени пештери, во својот висок дом и му велиш на своето срце: – Кој е тој што ќе ме собори на земја? – ’И да се кренеш високо како орел, да направиш гнездо меѓу ѕвездите и оттаму ќе те симнам’, говори Господ… `Ќе ги погубам мудрите во земјата едомска и разумните во гората Исавова… Поради насилството што му го направи на братот твој Јаков, со срам ќе бидеш покриен и ќе бидеш отфрлен засекогаш’“ (Авдија 1. глава).
Еремија, кој живеел во истото време, додал:
„’И ќе стане Едом пустош… како што беа разорени Содом и Гомора и нивните соседни градови,’ вели Господ, ‘и таму нема да живее ниту еден човек’“ (Еремија 49,17.18).
Било потребно многу време за да се остварат овие предвидувања, но како што кажале пророците од Вавилон и Ниневија, конечното исполнување било сигурно.