9.3. Исав го губи своето првенство
Јаков тежнеел кон религијата и високо ја вреднувал духовноста. Исав не бил насочен кон духовното и бил опседнат со ловот. Еден ден, кога Исав бил на лов, се вратил дома изнемоштен и гладен и го видел Јаков како го готви неговото омилено јадење – црвена леќа. Побарал да се послужи со тоа „црвено јадење“. Јаков, гледајќи дека брат му е подготвен на сè само да дојде до храна, видел можност за „добра зделка“.
„Продај ми го денес првородството твое!“ побарал тој. Исав одговорил: „Еве јас умирам, па што ќе ми е тоа првородство?“ (1. Мојсеева 25,32).
Ова не се однесувало на некое материјално наследство, туку на правото да биде духовен водач на семејството.
Исав не придал некое големо значење на оваа повластеност и веднаш се согласил.
Како што стареел, Исак ослепел и веројатно стравувајќи од скорешна смрт (иако всушност живеел уште 43 години по таа случка), одлучил да го повика својот најстар син Исав и да му го упати традиционалниот семеен благослов. Најпрво побарал од него да го земе својот лак и да улови елен, бидејќи многу сакал дивеч. Исав ја презел обврската, се подготвил и заминал на лов.
Но жената на Исак, Ревека, била тивок сведок на сето ова. Присетувајќи се на пророштвото што било дадено во времето кога се родиле момчињата, и бидејќи била понаклонета кон Јаков, таа решила да ги земе работите во свои раце и да го осигура исполнувањето на пророштвото. Кога Исав веќе заминал, таа го повикала Јаков и му дала инструкции да убие две јариња и да ги зготви за таткото, преправајќи се дека е Исав. Дури ни препредениот Јаков не бил сигурен во успехот на овој план, протестирајќи дека не е толку влакнест како брат му и дека татко му ќе го препознае. Но Ревека имала соодветно решение за овој проблем. Таа му кажала на Јаков да стави јарешка кожа на своите раце и на вратот и да се претстави пред татка си како да е Исав. Решителната мајка била упорна, а и Јаков не се противел многу против предноста што би ја стекнал на тој начин.
Ги заклал јарињата и, претставувајќи се како Исав, го зготвил јадењето за татко му. Слепиот старец се посомневал, но, откако ги почувствувал рацете на Јаков, продолжил да го искажува семејниот благослов.
Кога вистинскиот Исав се вратил со уловот, измамата се открила и гневот на Исав бил бескраен. Тој одлучил да го убие Јаков штом ќе почине татко им. Но, за да ја спречи таквата трагедија, Ревека го испратила Јаков во својот роден град Харан, оддалечен околу 800 километри и Јаков останал таму наредните 20 години.
Исав заминува во Едом
Изгледа дека Исав за тоа време заминал од домот и се населил во блиската област Петра. Кога Јаков се вратил, тој „прати гласници кај Исав, братот свој, во земјата Сеир, во областа Едом“ (1. Мојсеева 32,2; за поцелосен преглед на извештајот, прочитајте 1. Мојсеева 32,2). Гласниците се вратиле со вознемирувачка вест:
„Отидовме кај братот твој Исав, и ете, тој ти доаѓа во пресрет со четиристотини души“ (стих 6). Очевидно, Исав сакал да се пресмета со Јаков. Дошло времето за одмазда.
Јаков бил преплашен, но ги презел сите превентивни мерки да се спречи заканувачката трагедија. Најпрво тој испратил многу подароци на Исав со намера да се воспостави мир со него и да покаже дека не се враќа за да го бара семејното наследство. Подароците откривале дека Јаков имал доволно материјални добра. Како второ, Јаков го поделил своето семејство и го организирал во две групи кои би се сретнале со Исав одвоено, во случај ако едната група биде убиена, другата да може да избега.