9.1. Патување во изгубениот град
Во денешно време, Петра е опишанa како „Град црвен како роза, стар колку половина од времето“. Римските историчари го опишувале со најубави зборови додека раскажувале за неговото богатство и архитектура. Патниците кои го посетиле, се вратиле со впечатливи описи на неговите споменици и храмови. Сепак, кога градот бил напуштен во 1200. година, тој бил изгубен и заборавен. Знаеле за неговото постоење и за неговата историја, но никој не знаел каде точно се наоѓа, сè до 1812 година.
Јохан Лудвиг Буркхарт (Johann Ludwig Burckhardt) бил роден во Лозана, Швајцарија, на 24 ноември 1784 година. Тој се образувал во Германија и во 1806 година отишол во Англија каде што три години студирал на Кембриџ. Во 1809 година, кога имал 25 години, Африканската асоцијација во Англија побарала од него да го истражува регионот јужно од Сахара. Во тоа време Африка почнала на Западот да му ги открива своите темни тајни. Тоа било 31-та година пред Дејвид Ливингстон (David Livingstone) да организира пловидба за Африка, а мистериите на „Темниот континент“ штотуку почнале да се отклучуваат. Иако задачата била тешка, младиот авантурист Буркхарт го прифатил предизвикот.
Меѓутоа, бидејќи регионот низ кој требало да помине бил строго држен под исламската вера, од Асоцијацијата му дале инструкции прво да оди во Сирија и да се привикне на животот меѓу муслиманите, да го запознае арaпскиот јазик и нивната религија. Јохан Буркхарт сторил многу повеќе од тоа. Тој толку убаво го изучил арапскиот јазик, што дури ни Арапите не можеле да го препознаат како туѓинец. Тој бил толку упатен во Коранот што успешно дискутирал со муфтиите за теолошките прашања. Всушност, има причина за верувањето дека тој ја прифатил муслиманската вера. Се знае дека неколку години подоцна заминал на аџилак во Мека; тоа била посета која можела да му донесе брза смрт ако бил разоткриен како немуслиман. Се разбира, тој носел арапска облека и се претставувал под името Шеик Ибрахим ибн Абдулах (Shaikh Ibrahim ibn Abdullah).
Додека престојувал во Сирија, тој ги видел камењата од Хамат, за кои зборувавме во статијата за Хeтитите. Тој пишувал за овие камења во своите мемоари, кои биле издадени од Лондонската африканска асоцијација во 1822 година, пет години по неговата смрт.
Во 1812 година тој бил подготвен да продолжи во Африка. Тргнал за Каиро, од каде што сакал да се приклучи на карван кој патувал кон југ. Но никогаш не стигнал до крајната дестинација и починал во Каиро во 1817 година, на возраст од триесет и три години, чекајќи го карванот за да ја преминат Сахара. На своето патување од Дамаск до Каиро открил нешто спектакуларно.
Напуштениот град
Буркхарт ја следел маршрутата покрај Црвеното Море, продолжувајќи накај Акаба. Во негово друштво имало водич кој го познавал патот и зборувал за некој чуден напуштен град, скриен меѓу карпестите ридови во близина на Вади Муса (Wadi Musa). Буркхарт многу сакал да го посети ова место, но неговиот водич не се согласувал и упорно тврдел дека тоа е надвор од нивната маршрута и дека било опасно да се оди натаму. Буркхарт сфатил дека ако инсистира да тргне кон Вади Муса ќе предизвика сомнеж, и затоа смислил генијален план. Знаел дека Вади Муса бил блиску до планината Ор каде што бил погребан Арон и неговиот гроб бил обележан со мало муслиманско светилиште. Не било невообичаено за муслиманите да принесат жртва во близина на овој гроб. Во своите мемоари Буркхарт напишал:
„Затоа се преправав дека сум дал завет да жртвувам јарец во чест на Харун (Арон), за чиј гроб знаев дека се наоѓа на крајот од долината, па со таквата стратегија мислев дека ќе можам да ја посетам долината на мојот пат кон гробот. На ваквата моја изјава водичот не можеше да се спротивстави; стравот дека може да го навлече врз себе гневот на Харун ако ја попречи таквата жртва, во целост го замолкна“.
Локалните селани го одвеле до изворот Аин Муса (Ain Musa), каде што бил принуден да ја принесе својата жртва, а оттаму се гледала гробницата, иако била доста оддалечена. Откако се доближил до остварувањето на својата цел, тој немал намера да дозволи да ја пропушти можноста и богобојазно изјавил дека верата не му дозволува какво било попречување во неговата намера. Во селото Елџи (Elji) тој ангажирал некого да ја носи неговата коза и да го одведе до гробницата.
Зачудувачки древни споменици
Следејќи го човекот до влезот на долината тој забележал дека „оттука почнуваат древните споменици”.
Не се осмелил да застане и да ги разгледа плашејќи се да не предизвикува сомнеж. Брзајќи од Сик (Siq), како што е наречен процепот во ридовите низ кој се доаѓа до долината, се восхитил од тоа што го видел. Не се знае како, но познато е дека успеал да види некои од извонредните градби и остатоци од градот Петра, бидејќи тоа го запишал во своите белешки. Но кога се обидел да се доближи до древниот храм, неговиот водич го обвинил дека е трагач по богатство и му се заканил дека ќе го застрела. Така Буркхарт набрзина го жртвувал јарецот и вечерта се вратил во селото. Не видел повеќе урнатини, но видел доволно за да му каже на изненадениот свет дека го пронашол прочуениот град Петра.