8.8. Владетели, династии и освојувачи
Првата династија на Ур била уништена од освојувањето на Саргон од Акад, кој ја воспоставил својата власт во земјите од Блискиот Исток. Кога варварските Гути се појавиле од ридовите зад Елам, ја збришале династијата на Саргон.
Единствен град кој изгледа ја преживеал оваа туѓинска окупација бил Лагаш, чиј гувернер Гудеа оставил зад себе околу дваесет статуи со негов лик. Гудеа станал многу познат сумерски владетел. Тоа не се должело на неговата политичка моќ, која била минимална, туку на неговите статуи кои го нашле својот пат до светските музеи.
Ур процветал за време на третата династија која била формирана од Ур-Наму и неговиот син Ур-Дунги, поточно изговорен како Ур-Шулги. Меѓутоа, тогаш дошле дивите Еламци коишто не само што го освоиле Ур туку целосно го уништиле. Најпосле Еламитите биле избркани, но Ур никогаш повеќе не бил ист. По периодот на анархија се појавиле две моќни држави: Исин (Isin) и Ларса (Larsa). Поголемиот дел на квалитетно изградени објекти кои ги ископале археолозите и денес можат да се видат во Ур, се тврди дека доаѓаат од овој период. Последниот владетел на Ларса, Рим-Син, успеал да го обедини поголемиот дел од земјата.
Кралот на Аморитите, Хамураби, го поразил Рим-Син и успеал да ја обедини целата земја под своја власт. Меѓутоа, славната култура и цивилизација на Сумерците веќе почнала да изумира. Јазикот на Акаѓаните пополека го заменил јазикот на Сумерците и сумерискиот начин на живот почнал да се менува. Асирската ѕвезда се издигнувала на север и оттогаш Ур бил потчинет град.
Нововавилонски зигурат
Под владеењето на Нововавилонската империја, Ур добил ново значење. Навуходоносор го обновил зигуратот, а последниот цар на Вавилон, Набонид, го украсил. Во 1854 година Тејлор ги пронашол цилиндрите кои биле вградени во четирите ќошиња на храмот, дело на Набонид, чие име било впишано таму. Набонид израснал во Харан, далеку на север, а неговата мајка таму била свештеничка на богот на месечината, Нанар. Бидејќи храмот во Ур бил посветен на Нанар а Ур бил центар за обожавање на масечината, се разбира дека Набонид чувствувал наклонетост кон градот.
Конечната димензија на зигуратот била 64 х 42 метри, и се состоела од три нивоа. Првото било обоено во црно, второто имало црвени камења, и на третото ниво биле користени сини тули, кои го означувале сводот на небото. Мало светилиште го крунисувало третото ниво, каде што требало да биде одајата со кревет за Нанар, за кого се верувало дека тука спиел секоја ноќ.
Ур паѓа во заборав
Но, како што минувале вековите и Персискиот залив губел на значење, Ур бил сè подалечно трговско морско пристаниште. Реката Еуфрат го сменила својот тек со што го лишила Ур од вода и пловење. Тоа резултирало со преселување на населението.
Песокот од пустината полека се спуштал врз храмовите и куќите, и некогашниот значаен град потонал во тивок заборав. Неговиот идентитет бил заборавен и загубен, а критичарите гласно тврделе дека такво место никогаш не постоело.
Само 1. Книга Мојсеева го сочувала извештајот за овој град од кој патријархот Аврам бил повикан да излезе.
Ур лежел закопан додека лопатата на археолозите не ги откопала неговите тајни за да сведочат за веродостојноста на библиската историја.