7.7. Бисер на Блискиот Исток – Персепол
Дариј почувствувал потреба да има еден претставителен персиски град и изградил величествена палата и град што бил познат како Персепол или Град на Персијците. Ретко престојувал тука зашто почесто одел во Екбатана, во Медија и во Суза во Елам. Меѓутоа, градот Персепол бил гордоста на Персијците, а дури и денеска тој е познат како бисер на урнатините на Блискиот Исток.
Кога Дариј починал во 486 г. пред Христа, на престолот дошол неговиот син Кшајаркша (Khshayarsh). Во Библијата е познат како Ахасвер (Ahasuerus), а на Грците им е познат како Ксеркс (Xerxes) (Книга за Естира 1,2). За време на своето владеење тој морал да се бори во различни востанија.
Востанието во Египет било задушено и во Вавилон следеле немири околу 480 година пред Христа и градските ѕидови, палати и храмови биле демолирани.