7.5. Дариј Велики и Бехистунскиот натпис
Во септември 522 г. пред Христа, поддржан од своите пријатели заговорници, Дариј одлучил да го преземе престолот. Тие пробиле во харемот, го убиле Смердис и го прогласиле Дариј за законски цар.
Но работите не се одвивале како што сакал Дариј. Ударот врз палатата бил сигнал за револт меѓу племињата кои до тогаш биле поданици на Персијците. Во наредните две години, Дариј морал да војува со непослушните водачи. Меѓутоа, токму тогаш тој ги покажал своите квалитети што му ја донеле титулата Дариј Велики. Кога конечно ги ставил бунтовниците „под нозе“, наредил начинот на кој ги поразил бунтовниците да се запише на камен на планината Загрос, во близина на селото Бехистун, на висина од 150 метри. Тој е познат како Бехистунски натпис и токму овој натпис бил клучот што помогнал да се дешифрира асирското клинесто писмо.
Бехистунскиот натпис
Хенри Ролинсон (Henry Rawlinson) отишол во Индија во 1827 година како вработен во компанијата Источна Индија (East India Company). Шест години подоцна го пратиле во Персија со некои други офицери, за да ги реорганизира трупите на шахот. Додека бил таму, тој се заинтересирал за Бехистунскиот натпис и за период од две години бил во состојба да го препише поголемиот дел. Ова не било едноставно. Откако писарите на Дариј ја измазниле површината на карпата и ја запишале пораката, тие оставиле остар раб под записот и го пресекле каменот под ликот на карпата точно под работ, скоро вертикално. За да го препише напишаното, Ролинсон требало да го спуштаат со јажиња од горниот дел на планината надолу.
Бехистунското клинесто писмо
Во 1840 година Ролинсон станал политички претставник во Кандахар во Авганистан, а подоцна се преселил во Багдад и таму бил во можност да го препише останатиот дел од Бехистунскиот натпис и да посвети голем дел од своето време во негово дешифрирање. Прво го идентификувал името Дариј и некои други имиња на владетели кои биле напишани на персиски јазик, јазик кој го зборувал течно.
Потоа продолжил да го преведува остатокот од персискиот натпис. Споредувајќи го персискиот извештај со истиот текст на асирски и на еламски јазик, на кој е напишан записот, тој бил во можност пред Кралското азиско друштво (Royal Asiatic Society) во 1846 година да претстави иста таква копија од натписот, заедно со неговиот превод.
Меѓутоа, таму биле присутни неизбежните скептици, кои одрекувале дека таков комплексен запис е возможно да се преведе, и толку гласно ги кажувале своите критики што од Кралското азиско друштво биле принудени да преземат невиден чекор. Тие направиле копија од неодамна откриеното „клинесто писмо“ и го испратиле текстот до свои четворица образовани луѓе, кои тврделе дека можат да го прочитаат и по налог да го преведат и запечатено да го испратат на здружението.
Истражувачите, Ролинсон, Талбот, Хинкс и Оперт (Rawlinson, Talbot, Hincks и Oppert) го исполниле барањето, и во определен период се добиени одговорите и прочитани пред сведоци. Се покажало дека „клинестото писмо“ претставувало запис за асирскиот крал Тиглат-пилесер (Tiglath-pileser), а преводите на четворицата биле во согласност еден со друг. Со ова конечно се решило прашањето и оттогаш натаму ваквите натписи со клинесто писмо биле отворена книга за истражувачите.
Дариј ја проширува империјата
Дариј ја проширил Медо-персиската империја со цел да има поголема територија од која било друга империја во минатото. На исток границата се протегала дури до долината Инд во Индија. На запад, неговата војска влегла во Европа и ја окупирала Македонија и северна Грција.
Следен логичен чекор бил да се освои Грција и тој се обидел да го направи тоа во 492 и во 490 г. пред Христа, но секој обид бил неуспешен. Тој се подготвувал за трет поход во 486 година, кога починал.