7.1. Потеклото на Иран
Медите и Персијците населувале територија на Исток која денеска му припаѓа на Иран. Тие имале индоевропско потекло и се доселиле во оваа област околу 1500 г. пред Христа Тие најверојатно биле дел од големата миграција на Аријците кои дошле од јужна Русија до Индија. Иако некои од нив преминале преку преминот Кајбер (Khyber Pass) во Индија, потиснувајќи ги локалните жители на југ, другата група отишла западно и само кратко се задржале во долината на реката Еуфрат.
Бидејќи биле Аријци, земјата што ја освоиле била наречена, по нив, Аријана. Затоа денес оваа земја се вика Иран.
Медите го зазеле северозападниот планински предел и нивниот главен град бил Екбатана (Ecbatana), денес познат како Хамадан (Hamadan).
Персијците го зазеле југозападниот предел.
Во пределот којшто бил помеѓу нив, на крајниот запад, живееле Еламците, кои имале еврејско потекло.
Главниот град на Еламците бил Суза (Shushan), (заб. прев. во некои преводи Шушан или Сусан), денес познат како Шуш (Shush). Кога Елам станал дел од Медо-персиската империја, градот Суза станал главна престолнина.
Кијаксаровиот гроб во Курдистан
Нападот на Аријана
Малку се знае за раните аријски освојувања. Тие немале свое писмо и најраниот запис што го имаме за нив бил најден во летописите на Салманасар III (Shalmaneser III) од Асирија, кој ја нападнал Медија (Media) во 836 г. пред Христа. Инвазијата продолжила и за време на следните асирски владетели сè до 715 година пред Христа, кога Саргон II (Sargon II) го одвел во прогонство поглаварот на Медите, Дејох (Deioces), со целото негово семејство. Овие неиспровоцирани напади ги направиле Медите свесни за потребата од етнични идентитет и сто години подоцна, тие сурово се одмаздиле.
Фраорт (Phraortes), синот на Медиецот Дејох, прво тргнал во поход против Персијците, а потоа организирал напад против Нинива. Тоа бил смел потег, но Медите сè уште не биле дораснати за еден таков противник и Фраорт го изгубил својот живот.
Медите биле принудени да се повлечат.
Синот на Фраорт, Кијаксар (Cyaxeres), ја продолжил војната и имал поголем успех. Неговиот напредок бил прекинат со напад од страна на Скитите, меѓутоа, според Херодот, Медите конечно го решиле овој проблем со тоа што повикале „поголем број од нив на гозба, каде што ги напија и ги убија, и на овој начин си ја обновија поранешната моќ и власт”.
Меѓутоа, додека Медите биле преокупирани со инвазијата на Скитите, Персијците си ја вратиле својата независност. На почетокот од седмиот век, Ахајмен (Achaemenes) ја утврдил својата власт над Еламитите и неговиот син Теиспес (Teispes) им го освоил градот Аншан (Anshan). Тој го поделил своето кралство меѓу неговите два сина, Аријарамнес (Ariaramnes) и Кир I (Cyrus I). Кога Медите го решиле проблемот со Скитите, тие тргнале во поход на југ, ги нападнале овие двајца владетели и ги протерале. Некое време во Медо-Персија доминирале Медите.
Медите во поход
Конечно Медиецот Кијаксар се почувствувал доволно силен да ја собори асирската империја. Во 614 г. пред Христа Медите го освоиле Ашур, а потоа воспоставиле сојуз со вавилонскиот владетел Набополасар. Тогаш двата народа заедно ја нападнале Нинива и во 612 година пред Христа големиот град паднал и бил уништен.
Многу малку се знаело за освојувањето на Асирија сè до 1923 година, кога еден истражувач во Британскиот музеј забележал една плочка за која се покажало дека содржи хроника за оваа војна; дури се наведува и точниот датум за падот на Нинива.
Оттогаш Вавилон владеел со Месопотамија, Сирија и Палестина. Медите ја контролирале северна Асирија, Ерменија, а Кијаксар ги нападнал дури и Лидијците на територија денес позната како западна Турција.
Токму за време на војната се случил чуден настан. Додека се бореле Медите и Лидијците, одеднаш бојното поле потонало во мрак. Противниците толку многу се уплашиле од овој натприроден феномен, што веднаш ја прекинале борбата и објавиле мир. Лидијците ја задржале територијата западно од реката Халис (Halys River) во централна Турција, а Медите ја зазеле областа источно од Халис.
Всушност, ова затемнување на сонцето било претскажано од страна на античкиот астроном Талес, а современите астрономи утврдиле дека помрачувањето настанало на 28 мај 585 година пред Христа. Подоцна таа година починал Кијаксар којшто бил наследен од неговиот син Астијаг (Astyages).