6.8. Набонид, Белшазар и падот на Вавилонската империја
Набонид владее со империјата
Во 560 г. пред Христа. Амел-Мардук бил убиен и го наследил неговиот зет Нергал-шур-усур (Nergal-shur-usur). По кратко владеење од четири години, го заменил неговиот син Лабаши-Мардук (Labashi-Marduk). Само по два месеци, тој бил убиен и убијците назначиле еден од нивната група, Набонид (Nabonidus), да владее на престолот. Тој владеел 17 години и бил последниот владетел на империјата.
Набонид бил необична личност. Тој бил оженет со ќерката на Навуходоносор, а неговата мајка била свештеничка на богот на месечината, Нанар (Nannar). Исто така, тој бил приврзаник на неговото божество и се обидел да ја наметне својата религија на жителите на Вавилон. Ова било причина тој да не биде популарен и можеби затоа се повлекол од главниот град. Тој поминал 12 години во Тема, град во Арабија. Во 552 г. пред Христа тој го крунисал својот син Валтазар (Белшазар) за да може да се грижи за Вавилон во негово отсуство. Валтазар имал разузден карактер и под неговото лошо владеење, империјата се распаѓала.
Не го загрижувале бурните облаци кои се собирале на источниот хоризонт и се препуштил на уживање и пијанство.
Во Вавилон пристигнала веста дека Кир од Персија го освоил поголемиот дел од вавилонската империја, но Валтазар се чувствувал сигурен зад ѕидовите на тврдината во Вавилон. Дури и кога персиската војска дошла пред портите на Вавилон, во 540 г. пр. Христа, Валтазар изгледал незаинтересирано. Вавилон бил добро подготвен за опсада.
Гозбата на Валтазар
Според Ксенофонт (Xenophon), еднаш годишно Вавилонците приредувале гозба на која се пиело цела ноќ. Валтазар не сакал да дозволи таква незначајна работа, како што била персиската војска што се наоѓала надвор од ѕидовите, да го попречи таквото значајано случување.
Во Библијата стои напишано:
„Царот Валтазар приреди голема гозба за илјада свои достоинственици и заедно со нив пиеше вино. Откако се напи од виното, Валтазар заповеда да се донесат златните и сребрените садови, кои татко му Навуходоносор ги беше зел од Ерусалимскиот храм за да пијат од нив царот, достоинствениците негови, жените негови и наложниците негови… Пиеја вино и ги славеа боговите златни и сребрени, бакарни и железни, дрвени и камени. Во истиот момент се појавија прсти од човечка рака и пишуваа спроти светилникот на ѕидот од царскиот дворец” (Даниел 5,1-6).
Буквално записот на ѕидот се однесувал на разуздениот цар и неговата империја. Астролозите и мудреците биле повикани да го прочитаат записот и да го протолкуваат неговото значење. Кога тие не можеле да го протолкуваат, бил повикан и стариот Даниел.
„А еве што е напишано: МЕНЕ, МЕНЕ, ТЕКЕЛ, ПАРСИН“,
рекол тој. Тогаш следувало злокобното толкување.
„А еве го значењето на зборовите: Мене – го изброи Бог царството твое и му стави крај; Текел – измерен си на кантар и се најде многу лесен; Парсин – царството ти е разделено и дадено им е на Медите и Персијците“ (Даниел 5,1-5.25-28), .
Истата ноќ персиската војска влегла во Вавилон и Валтазар бил убиен. Славните денови на вавилонската империја завршиле. Само по 66 години, сонот на Навуходоносор за бесмртно владетелство останал неостварен. Рацете и градите од сребро веќе ја замениле главата од злато.
Вавилон продолжил да биде град со просперитет во медо-персиската империја сѐ до 480 година пред Христа, кога Ксеркс (Xerxes) од Персија ги уништил палатите, храмовите и ѕидовите одмаздувајќи се за Вавилонското востание. Сепак големиот град преживеал и кога Александар Македонски се вратил од своето освојување на Азија во 323 година пред Христа, тој планирал да го направи истиот главен град на неговата нова империја, меѓутоа, тоа никогаш не се случило. Умрел истата година во Вавилон.
Така се исполниле две пророштва: Вавилон никогаш не бил обновен со старата слава, а по Александар дошло до распаѓање на неговото царство и подем на Римското царство.
Неговиот наследник, Селеук (Seleucus), го напуштил Вавилон и во 312 година пред Христа изградил нов град на север, наречен Селевкија (Seleucia). Милион тули биле земени од Вавилон за да се изгради новиот град. Тоа бил почетокот на крајот.
Реката Еуфрат, што течела на средината од Вавилон, го променила својот тек и жителите поради тоа се преселиле. Подоцна била изградена огромна брана кај Хиндија (Hindiya) и за оваа брана повторно се користеле тули од древниот Вавилон. Поголемиот дел од сегашниот арапски град Хила (Hilla), што лежи 6 километри на југ, е изграден со тули од Вавилон. Последните неколку години ирачката влада работела на еден огромен план за градење на местото на древниот Вавилон, притоа правејќи го огромен парк на задоволство и одмор.
За време на проектот на голема реконструкција во почетокот на осумдесеттите, Садам Хусеин започна со изградба на реплика на палатата на вавилонскиот император Навуходоносор II над урнатините на древната палата на Навуходоносор. Хусеин инвестирал во обновата и повторната изградба на Вавилон, како и Нинива, Нимруд и Асур, за да ја покаже величественоста на арапските достигнувања. Тој поставил свој портрет како и портрет на Навоходоносора на влезот во урнатините и го засилил патот на Процесијата, широк булевар од древен камен, и Вавилонскиот лав, скулптура од црн камен стара околу 2600 години. Тој го испишал своето име на многу тули, имитирајќи го Навуходоносора чие име било испишано на тулите со кои го градел древниот Вавилон, со натписи како што се:
„Ова го изгради Садам, синот на Навуходоносор, за да го прослави Ирак“.
Овие тули беа мошне баран материјал од колекционерите по падот на Садам.
По инвазијата на Ирак и падот на Садам Хусеин, подрачјето Вавилон ќе се најде под контрола на американските војници кои ќе ја окупираат таа областа за време на војната во Ирак и во голема мера во својата небрежност ќе ги уништат остатоците на древниот град. Подоцна, илјадници полски војници ќе живеат на тоа подрачје користејќи тешки возила, тенкови и хеликоптери и градејќи воена инфраструктура, а сето тоа ќе предизвика огромна штета на археолошките места.
Поголемиот дел од древниот Вавилон сè уште е закопан и можеби никогаш повторно нема да може да се види.
Пред 2700 години, во 8 век пр. н. е., библискиот пророк Исаија очигледно знаел за што зборува кога предвидел дека некогаш прекрасниот Вавилон ќе остане во урнатини засекогаш:
„Нема да се насели никогаш, во него нема да има жители од род во род; нема Арапин да го распне шаторот свој, овчари таму со стадата свои нема да пладнуваат“ (Исаија 13,20).