6.6. Златниот кип на неуморниот градител
Светски чуда
На домашен терен Навуходоносор се покажал како фасцинантен градител. Покрај тоа што ги обновувал зигуратите кај Ур, Борсипа (Borsippa) и на други места, тој завршил со обновувањето на зигуратот што го започнал неговиот татко. Изградил повеќе од 54 храмови и конструирал прекрасна улица низ срцето на Вавилон. Тој напишал:
„Кога богот Мардук, големиот Бог, ме создаде, тој свечено ми нареди да го сочувам редот на земјата, да градам градови, да ги обновам храмовите. Чувствувајќи многу страв, јас го послушав. Го основав Вавилон, величествениот град… На прагот на неговите порти поставив огромни бикови и змии со нозе, нешто што ни еден друг цар пред мене го немаше направено… Јас го обновив Етеменаки, зигуратот на Вавилон. Кај Борсипа го обновив возвишениот храм, храмот што му беше омилено светилиште на Набу; кој имаше обвивка од злато и скапоцени камења, го направив блескав како небесен свод“.
Огромна златна статуа
Навуходоносор решил на сите да им ја покаже бесмртната слава на Вавилон, градејќи идол сиот од злато.
„Царот Навуходоносор направи златен идол, висок шеесет лакти, шест лакти широк, и го постави во полето Дура, во земјата Вавилонска. И нареди царот Навуходоносор да се соберат сите локални управители, намесници, војводи, врховни судии, ризничари, законодавци, судии и сите обласни управители да дојдат на свеченото откривање на идолот“ (Даниел 3,1.2).
Ова најверојатно се случило во 594 г. пред Хр., кога Седекија го посетил Вавилон (Еремија 51,59). Сите присутни морале да се поклонат и да се молат на златната статуа, не само како чин на обожавање на вавилонско божество, туку и како признавање на авторитетот на Вавилон и долготрајната сила и моќ. Меѓутоа, имало тројца Евреи коишто не ја испочитувале одлуката на царот и биле фрлени во „врела, вжарена печка“, најверојатно голема печка за тули што била полнета со слама и смола, како што денес често се прави во Ирак. Според библискиот запис, тие на чудесен начин биле избавени од вжештениот пламен.
Вредно е да се забележат димензиите на овој лик. Тие ги надминуваат пропорциите на човечкото тело и најверојатно укажуваат дека статуата била поставена на постамент, и била висока 60 лакти, или околу 32 метри. Мерките биле деливи со шест, бидејќи Вавилон имал систем на броење кој се базирал на бројот 60. Ние не сме свесни колку многу имаме наследено од вавилонската култура. Имаме 60 секунди во минута, 60 минути во еден час, 360 степени во круг. Потеклото на сите овие работи е од древен Вавилон. Во Новиот завет стои напишано дека Антихристот го има бројот 666, заради тоа што тој се идентификува со мистичниот Вавилон (Откровение 17,5).
Закана со загуба на разумот
Навуходоносор бил понижен кога тројцата Евреи биле чудесно ослободени и јавно признал,
„Нека е благословен Бог на Седрах, Мисах и Авденаго, кој го испрати својот ангел и ги избави слугите свои што се надеваа на Него“ (Даниел 3,28).
Меѓутоа, очигледно, тој ја сочувал златната статуа, бидејќи Херодот напишал, „Во времето на Кир во оваа света градба имаше масивна човечка статуа од чисто злато, висока петнаесетина стапки (нешто помалку од 5 метри)“.
Навуходоносор требало да научи уште една лекција. Повторно сонувал сон којшто неговите мудреци не можеле да го протолкуваат. Сонувал за некое исечено дрво, чии корени и пенушка останале во земјата (Даниел 4). Пророкот го протолкувал ова и кажал дека Навуходоносор ќе биде обврзан да го отстапи својот престол седум години поради душевна болест. Тој го советувал царот да го подобри својот живот за да ја избегне заканувачката казна (Даниел 4,24-27).
Некое време царот внимавал на оваа порака, но на крајот на дванаесеттиот месец, тој отишол да се прошета на рамниот покрив од својата прекрасна палата. Гледајќи во чудесните конструкции на Вавилон што самиот ги подигнал, не можел да не викне,
„Зар не е величествен овој Вавилон што го изградив како дом на царството со силата на мојата моќ и за слава на моето величие!“ (Даниел 4,30).
Понижениот цар
Царот честопати се фалел вака. На една табла стои напишано:
„Вавилон, градот што го претпочитам, што го сакам, беше палата, за луѓето да му се восхитуваат, гордост на земјата, прекрасна палата, почивалиште на величественоста на Вавилон”.
Пофалните зборови биле изречени од неговата уста.
Всушност, тогаш била изречена фаталната одлука.
„За тебе зборуваат, царе Навуходоносоре – царството ќе ти се одземе! И ќе те одвојат од луѓето, па ќе живееш со полските ѕверови; со трева ќе те хранат како вол и седум години ќе минат преку тебе сè додека не узнаеш дека Севишниот владее над човечките царства и дека ги дава кому сака Тој“ (Даниел 4,31.32).
Не е чудно што нема познат запис за оваа случка на вавилонските таблички. Меѓутоа, во подоцнежните години на неговото владеење, постоела кобна тишина. Во 588 година пред Христа, го окупирал Ерусалим и во 586 година пред Христа градот бил освоен и целосно уништен и голем дел од жителите биле протерани во Вавилон. Во 569 година пред Христа повторно го нападнал Египет, а во 562 година тој починал. Така, се чини дека оваа душевна болест ја доживеал некаде меѓу 586 и 569 година пред Христа.