6.2. Јудејците одведени во ропство во Вавилон

6.2. Јудејците одведени во ропство во Вавилон

Победничката вавилонска војска марширала кон југ, опколувајќи го Ерусалим. Нивното пристигнување не било неочекувано. По смртта на побожниот цар Јосија, кој починал на рацете на египетскиот фараон Нехо (Necho), моралните стандарди во Јудеја многу опаднале и јудејските пророци ги предупредиле Евреите за претстојната Божја казна.

„Законот ја изгуби силата, а правдата е згазена“,

се жалел пророкот Авакум и тогаш ги опоменал жителите на Ерусалим:

„Зашто јас ќе ги кренам Халдејците, народ жесток и необуздан, кој оди по ширините земни за да завладее населби кои не му припаѓаат… јавачите му доаѓаат од далечина, налетуваат како орли што се спуштаат врз пленот. Сите тие доаѓаат по грабеж; со лица вжештени, грабаат робови како песок“ (Книга на пророкот Авакум 1,4.6.8.9).

Вавилонската војска ги води заробениците од Јудеја во Вавилон.

Јудеја го плаќа својот данок

Предупредувањата на пророците не биле сфатени сериозно и сега страшните Вавилонци се наоѓале пред портите на градот. Јоаким, 28-годишниот цар, имал најголема причина да се плаши од безмилосните напаѓачи. Пророкот Еремија лично го предупредил за опасноста што им се заканувала.

„Бегајте, не се запирајте, зашто Јас ќе донесам од север зло и голема погибел. Излегува лав од својот честар, тргнува истребителот на народите; тој излегува од местото свое за да ја направи земјата твоја пустина, градовите твои ќе бидат сосипани, ќе останат без жители… Затоа вака вели Господ за Јоаким… Јас ти зборував, кога ти беше добро, но ти рече: нема да послушам. Такво беше твоето поведение уште од младоста, ти не го слушаше гласот мој… Како магаре тој ќе биде погребан, ќе го изнесат и ќе го фрлат далеку од ерусалимските порти“ (Еремија 4,6.7; 22,18.21.19).

Нема зачувани записи за оваа битка. Најверојатно во очаен обид да ја избегне проречената пропаст, Јоаким барал и добил поволни услови од вавилонскиот цар. Биле предадени скапите садови од храмот на Соломон, на земјата ў било наметнато да плаќа данок, а некои членови од царското семејство биле заробени и обучувани во градот Вавилон.

Заробениците донесени од Јудеја тагуваат над својата судбина.

Во ропство во Вавилон

Меѓу овие заробеници било и момчето по име Даниел, кое го забележало овој настан.

„Во третата година од царувањето на јудејскиот цар Јоаким се крена вавилонскиот цар Навуходоносор против Ерусалим и го опсади. И го предаде Господ во раката негова јудејскиот цар Јоаким и дел од садовите на домот Божји и тој ги испрати во земјата Сенаар (Вавилонија, Јужна Месопотамија), во домот на својот бог, и ги внесоа тие садови во ризницата на својот бог. И му рече царот на Асфеназ, началникот на дворјаните, да му доведе од синовите Израилеви, од царски и кнежевски род, момчиња кои немаа никаков телесен недостаток, лични за гледање и способни за секаква наука, добро воспитани, бистри, што ќе одговараат за служење во царските палати, и да ги научи халдејски јазик“ (Книга на пророк Даниел 1,1-5).

Но градот бил сочуван и на царот му било дозволено да ја задржи круната како вавилонски вазал.