6.1. Вавилонските победи
Победа над Асирија
По уништувањето на Нинива од страна на здружените сили на Набополасар од Вавилон и Кијаксар од Медија, пропаста на големото асирско кралство била запечатена, но сепак останале уште некои обиди за отпор. Ашур-убалит (Ashur-uballit) го присвоил разнишаниот трон и се обидел да управува од Харан (Harran), град околу 400 километри западно од Нинива. Против него се свртел Набополасар и во 610 пред Хр., го освоил градот, но Ашур-убалит успееал да избега. Следната година Асирците се вратиле, поддржани од фараонот Нехо (Necho) II од Египет.
Тие се обиделе повторно да го заземат Харан, но Набополасар дошол и го скршил нивниот отпор. По овој пораз Асирците престанале да постојат како народ, но го задржале својот идентитет како етничка група.
Со пристигнувањето на христијанството, многу Асирци ја прифатиле новата религија. Лејерд, во својата книга „Нинива и нејзините остатоци“ („Nineveh and its Remains“), кажува многу за неговите искуства со aсирските христијани. Многу од нив заминале во други земји. Во денешно време, на пример, има околу 4 000 aсирски христијани кои живеат во Сиднеј, Австралија.
Вавилонските победи
Во Сирија останала египетската војска која му помогнала на Ашур-убалит и Набополасар го прифатил предизвикот. Борбите продолжиле во областа на Каркемиш со синот на Набополасар, престолонаследникот Навуходоносор, кој одиграл многу голема улога. Во 605 г. пр. Хр., Набополасар останал во Вавилон, а Навуходоносор ја предводел вавилонската армија и победил во битката кај Каркемиш. Египќаните избегале, упорно прогонувани од страна на победниците, Вавилонците. Во Хамат, северна Сирија, се случил последниот судир и Египќаните биле уништени. Блискиот Исток сега лежел под нозете на Вавилонците и се родила Нововавилонската или Неовавилонската империја (Neos е грчки збор што значи „ново“).