5.5. Законикот на Хамураби
Во вториот милениум пред Христа, Аморејците го окупирале Вавилон. Хамураби бил шестиот владетел на новата династија. Тој водел бројни воени походи, и го основал најголемото кралство уште од времето на Саргон од Акад. Неговото најистакнато достигнување е камениот столб што го поставил во Вавилон, направен од црн диорит, два и пол метри висок, на кој се наоѓала релјефна слика, на која е прикажан како прима обележје на крал и судија од главното божество на Вавилон, Мардук. Под овој знак се наброени 282 закони, кои го сочинуваат познатиот законик.
Со помош на нив изучувачите на Библијата стекнале многу подобар поглед на општествените околности во времето на Стариот завет. Тие го објаснуваат однесувањето на некои истакнати библиски ликови и обезбедуваат основа за одредени прописи што се наоѓаат во законот што му бил даден на Мојсеј.
Шеснаесеттата глава во 1. Книга Мојсеева зборува за тоа како жената на Аврам, Сара, предлага тој да се ожени со нејзината слугинка Агара, сё со цел таа да роди дете, бидејќи Сара не можела да роди. Кога се родил син, бил наречен Исмаил. Меѓутоа, наскоро Агара почнала да се однесува надмено и Сара се покајала за својот предлог, па се однесувала толку грубо кон Агара, што оваа си го зела својот син и избегала. Нејзиниот син станал прататко на Арапите.
Многу луѓе го толкувале овој случај како неморален и неправеден. Се разбира, Бог не одобрува ниту бигамија ниту неправда, но ние сега можеме да видиме дека нивното однесување било во согласност со постојните општествени обичаи.
Одредбата 146 од зборникот со закони на Хамураби гласи:
„Доколку еден граѓанин се ожени со жена и таа му даде робинка која што ќе му роди деца, и ако таа робинка стане еднаква со својата господарка, тогаш господарката не може да ја продаде робинката за пари бидејќи робинката има родено деца. Меѓутоа, може да ја назначи робинката за свое власнишство и да ја врати меѓу останатите робинки“.
Око за око
Законот во 2. Мојсеева 21,23. 24 кој кажува:
„Нека се даде живот за живот, око за око, заб за заб, рака за рака“,
на некои луѓе им изгледа строго, меѓутоа, мора да се сетиме дека народите во тоа време немале полиција, и во повеќето случаи немале угледна војска за да го осигурува законот и редот. Немало ни затвори каде што би ги затворале престапниците. Овие закони го одразувале тоа што во тоа време главно било прифатено за праведно. Одредбите 196, 197, 200 од зборникот со закони на Хамураби велат вака:
„Ако граѓанин го извадил окото на друг граѓанин, тогаш нека му го уништат и неговото око. Ако тој скршил коска на граѓанин, тогаш и нему нека му ја скршат коската. Ако граѓанин го скрши забот на некој друг граѓанин со ист статус, и неговиот заб треба да му се скрши“.
Но можеби би можеле да погледнеме набрзина дел од Божествената правда во некои Мојсееви закони. Одредбата 209, 210 од зборникот на Хамураби наведува,
„Ако граѓанин удри ќерка на друг граѓанин, и таа… последователно умре…, тие ќе ја убијат неговата ќерка“.
За Аморејците, тоа било само логично продолжение на концептот, око за око, заб за заб. Но ги игнорирале правата на невината ќерка. Од друга страна, Библијата учела:
„Душата којашто греши ќе умре. Синот нема да страда за грешките на таткото, ниту пак таткото ќе страда за грешките на синот“ (Езекиел 18,20).