5.1. Најстариот град во светот

5.1. Најстариот град во светот

Вавилон (или Бабилон), најстариот град во светот, има мошне интересна историја. Приказната почнува со библискиот извештај за сеопштиот потоп во деновите на Ное.

„Господ виде дека човечкиот неморал беше голем на земјата и дека секоја мисла во човековото срце беше постојано само зла… И рече Господ: ’Ќе ги истребам од земјата луѓето што сум ги создал – од човекот до добитокот, малите гадинки и небесните птици’… И му рече Бог на Ное: ’…Изгради си за себе ковчег од дрвото гофер и направи прегради во ковчегот; потоа намачкај го со смола однатре и однадвор. Јас ќе пуштам потоп, вода, на земјата, за да го истребам под небото секое суштество, во кое има животен дух; сè што е на земјата, ќе изгине. И внеси во него, исто така, од сите животни по две… и земи со себе секаква храна, со каква што се хранат, и чувај ја кај себе’“ (1. Мојсеева 6,3.7.13.14.17.19.21).

„И влезе Ное во ковчегот, и синовите негови, и жената негова, и жените на синовите негови, поради водниот потоп… Бликнаа сите извори на големата бездна и се отворија окната небески; и лиеше дожд на земјата четириесет дена и четириесет ноќи… И нарасна водата на земјата толку многу, што ги покри сите високи планини, какви што има под небото… А водата беше над земјата сто и педесет дена“ (1. Мојсеева 7,7.11.12.19.24).

Водата се повлекува

„И се запре ковчегот во седмиот месец на седумнаесеттиот ден на ридовите од планината Арарат… А по четириесет дена, Ное го отвори прозорецот на ковчегот, што го беше направил, и пушти гавран; гавранот леташе сè додека водата не се повлече од земјата. Потоа пушти гулаб, за да види дали исчезнала водата од површината на земјата; но гулабот, бидејќи не наjде каде да застане со своите нозе, се врати кај него во ковчегот… Тој почека уште други седум дена, и повторно го пушти гулабот од ковчегот. Гулабот се врати кај него приквечер; во клунот свој тој имаше свежо маслиново гранче; и Ное разбра дека се повлекла водата од земјата. Потоа почека уште седум дена, и го пушти гулабот а тој повеќе не му се врати… Tогаш му рече Бог на Ное: ’Излезете од ковчегот’… и излегоа; и му направи Ное жртвеник на Господ, и зеде од секој чист добиток и од сите чисти птици и ги принесе на жртвеникот како жртви сепаленици. И Господ го почувствува пријатниот мирис, па рече во срцето свое: ’Нема повеќе да ја проколнувам земјата’“ (1. Мојсеева 8,4.6-9.10-12.15.16.18.20.21).

„И му рече Бог: ’Еве го знакот на заветот, што го поставувам меѓу мене и вас, и меѓу секоја жива душа, која е со вас, за сите идни поколенија. Божилак свој поставувам во облакот, за да биде знак на вечниот завет меѓу мене и земјата’“ (1. Мојсеева 9,12.13).

Да не бил откриен Епот за Гилгамеш, некој можеби би помислил дека ова е легенда без историска основа. Во претходната тема (за Асирија) го следевме откривањето на илјадниците глинени плочки во библиотеката на Асурбанипал во Нинива. Овие плочки биле натоварени на брод и префрлени во Британскиот музеј. Бидејќи имало многу работа околу преводот, дури во 1872 година дошло до тоа извонредно откритие.