3.3. Спомениците во Каркемиш
Во 1876 г. вршени се ископувања на подрајчето на древниот Каркемиш, околу сто километри североисточно од Алепо, во близина на границата меѓу Турција и Сирија. Таму биле откриени голем број историски споменици од истиот стил како оној забележан во Турција, а имало и повеќе камења на кои биле вдлабнати истите таинствени хиероглифни симболи.
Откритијата сега се случувале во поголем број и почесто. Натписи биле пронајдени дури и во Смирна, на западниот брег на Турција, а сепак никој не се обидувал да погодува кој ги направил сите тие историски споменици. Како и да е, едно било сигурно: со овие простори некогаш владеел еден голем и култивиран народ, и јавноста почнала да им поставува на научниците некои мошне непријатни прашања во врска со неговиот идентитет.
Библиските Хетити
Во 1880 година се случила т. н. „експлозија на археолошки бомби“. На еден состанок на Здружението за библиска археологија во Лондон (Society for Biblical Archaeology) еден млад, но мошне познат научник, ориенталистот Арчибалд Хенри Сејс (Archibald Henry Sayce), изјавил дека е убеден дека сите овие историски обележја потекнуваат од библиските Хeтити.
Хeтити? Критичарите гласно се изнасмеале. Па сите знаат дека Хeтитите биле само производ на библиската имагинација, или, во најдобар случај, тоа било некое безначајно племе кое окупирало некој агол на Палестина во времето на израелската инвазија.
Но Сејс останал на својот став. Тој веќе добро го проучил овој предмет, а направил и одредени истражувања на самото место во Турција, по што продолжил со натамошно проучување. Дебатата не само што ги вжештила односите меѓу научниците туку се проширила и меѓу новинарите и британската јавност, чија имагинација отсекогаш лесно се распламтувала за археолошки откритија.
Во 1881 година било објавено ново издание на енциклопедијата Британика и овој пат, под името „Хeтити“, немало само осум и пол реда туку цели две страници. Параграфот завршувал со следниот текст: „Со нетрпение чекаме професорот Сејс да го потврди своето гледиште дека Хeтитите биле автори на хиероглифите од Хамат… Доколку се докаже ова… овој прекрасен народ ќе заземе позиција која тешко ќе биде надмината од кој било друг народ на далечниот Исток“. Овие зборови звучеле како пророчки и ние дури сега можеме да ја насетиме нивната важност.