3.2. Исчезнати градови
Исчезнат град близу до Богазкале
Во 1834 г. францускиот истражувач Шарл Тексие (Charles Texier) патувал низ централна Турција во потрага по изгубениот римски град Тавиум (Tavium). Во текот на своето патување тој стигнал до едно мирно село наречено Богазкале (Bogazkale). Според својот обичај, тој почнал да се распрашува за древните урнатини и му било посочено дека погоре на ридот има уште многу такви. Бил восхитен од тоа што го видел. Имало скулптури од камења, напуштени улици опкружени со ѕид долг пет километри. Тоа не бил Тавиум. Oва било нешто многу поголемо; но за што станувало збор? Кој го изградил и го населувал овој голем град? Не се вклопувал ниту еден антички народ, па Тексие си заминал збунет.
Урнатините што ги видел Тексие припаѓале на древниот исчезнат хетитски град Хатуша (Hattusas), близу до денешното село Богазкале, познато и како Богазкој („богаз“ значи уста или теснец, „кале“ е тврдина, а кој е населба).
Релјефот на Јазиликаја
Пријателски расположен Турчин го повел Тексие низ една долина до местото каде што имало големи карпи коишто ѕиркале од земјата. Местото било познато како Јазиликаја (Yazilikaya). Тука, врежан во една од карпите, имало ред од фигури со зашилени шапки. Што претставувале тие? Кралеви? Војници? Богови? Тексие бил мошне збунет и зачуден. Во Јазиликаја се наоѓал уште еден комплекс на древните Хетити, на само три километри од Богазкале.
Наредната година еден британски патешественик, Вилијам Хамилтон (William Hamilton), дошол до Богазкале и го видел сето она што пред него го видел и Шарл Тексие.
Дваесетина километри северно забележал уште еден напуштен град кој Турците го нарекувале Алаџахујук (Alacahuyuk). Хамилтон бил подеднакво зачуден од тоа што го открил.
Во 1862 г. еден Французин, Жорж Перо (George Perrot), дошол во Богазкале. Освен она што го виделе неговите претходници, меѓу урнатините тој забележал „камен со лик“, познат кај локалното население како Нишан Таш (Nishan Tash), по чија должина се наоѓал подолг хиероглифски натпис. Се разбира, Перо не знаел што пишувало на карпата, но бил заинтригиран од чудните знаци.
Хаматските камења
Во 1870 г. двајца Американци, Џ. А. Џонсон (J.A. Johnson) и доктор Џесуп (Doctor Jessup), патувајќи низ пазарот во Хамат, ги забележале не само камењата што ги видел Буркхард туку виделе уште и три други. Кратко време потоа, во Алепо бил откриен друг сличен камен. Трагата станувала жешка. Биле на прагот на големо откритие.
Во 1872 г. на сцената настапува друг човек со малку поинаков профил. Тоа бил Вилијам Рајт (William Wright), ирски мисионер кој го владеел локалниот јазик, ги разбирал луѓето и што било најважно, бил во добри односи со гувернерот, Суби Паша (Subhi Pasha). Гувернерот бил просветен човек и Рајт успеал да го убеди дека камењата (карпите) треба да бидат испратени во музејот во Константинопол за да се сочуваат. Но токму тогаш почнале неволјите.
Изгледа дека локалните жители биле суеверни; верувале дека тие камења имаат моќ да лекуваат очни болести, кои не биле ретки во таа област. Кога луѓето на гувернерот почнале да ги откопуваат и да ги поместуваат камењата, жителите гласно протестирале, но благодарение на воените сили на гувернерот, тој успеал да ја заврши задачата и да ги пренесе камењата во својата палата. Меѓутоа, тогаш неволјите кулминирале.
Растрчаните дервиши и паѓање на ѕвездите
Истата вечер, трчајќи низ улиците на градот, дервишите ги „подгреале“ емоциите на жителите, а згора на тоа се случило и „паѓање на ѕвездите“, што предизвикало зголемување на суеверието кај луѓето. Тие насилно влегле во палатата. Да не биле заштитени од војниците, Рајт и гувернерот не би ја дочекале зората живи.
Наредното утро толпата сè уште била таму и гувернерот ја сослушал групата која ги изложила проблемите и жалбите. Тој ги примил и мирно ги сослушал претставниците на толпата кога му зборувале дека Алах го покажал своето негодување преку „ѕвездите што паѓале“ и потоа им поставил неколку прашања: „Дали некој беше повреден од ѕвездите што паднаа?” „Не“, одговориле тие. „Дали беше убиен добитокот?“ „Не“. „Дали беа оштетени некои градби?” „Не“. „Ах“, рекол гувернерот, „тогаш има ли подобар доказ за добрата волја на Алах што камењата се преместени?“ Соочена со овој бисер на источна мудрост, толпата се повлекла и камењата од Хамат останале на сигурно во гувернеровата палата.
Експонатите сместени во музеј
Рајт тогаш имал можност да ги испита хиероглифите што биле испишани на нив, ги отпечатил и ги пратил во Британскиот музеј. Хаматските камења биле преместени во Истанбул, каде што се наоѓаат и денес.
Во Истанбул денес има два музеја во близина на палатата Топкапи на отоманските Турци. Едниот главно содржи остатоци од римско време, а во другиот има хeтитски ракотворби.
Во Хeтитскиот музеј се наоѓаат Хаматските камења, поставени на еден од ѕидовите. Тие имаат примарна важност, бидејќи се првите предмети што го привлекле вниманието на историјата на Хeтитите. Ова било време кога Хeтитите биле непознати за научниците, иако се споменуваат 46 пати во Библијата. Денес се знае дека тоа било големо кралство, кое со векови останало загубено и заборавено.