2.6. Тутанкамон
Тутанкамон повторно го обожава Амон
Кога умрел Ехнатон, се раширила голема одбивност спрема новата религија. Градот Акетатон бил напуштен, а обожавањето на Амон од Теба било обновено. Мумијата на кралот никогаш не била пронајдена, па се смета дека тој веројатно станал жртва на бесот на неговите прогонувачи. Но, токму оваа побуна довела до едно од најголемите археолошки пронајдоци досега.
Наjбогата гробница
Ехнатона требало да го наследи неговиот брат, Семенкаре, кој бил оженет со ќерката на Ехнатон, Меритатон, но изгледа дека Семенкаре умрел набрзо по Ехнатон, така што веројатно не доживеал да седне на египетскиот престол.
Тој му припаднал на Тутанкатон, веројатно син на Ехнатон од неговата жена Кија. Тој бил момче на возраст од девет или десет години кога станал фараон и се оженил со ќерката на Ехнатон, Анкесенатон. Младата брачна двојка, несомнено под притисок на Амоновите свештеници од Теба, одново почнала да го обожава Амон и повторно ја назначила Теба за главен град. Нивните имиња биле променети во Тутанкамон и Анкесенамен, со што се означило нивното враќање на обожавањето на Амон.
Ова веројатно биле среќни години за момчето-крал и за неговата млада сопруга. Во тој период не се воделе никакви војни, па популарноста на фараонот главно се должела на неговото прифаќање на старата религија. Но, тој имал само околу деветнаесет години кога му се случила некоја несреќа и тој умрел.
Причината за смртта на Тутанкамон долго време не била позната. Телото за прв пат беше прегледано од тимот на Хауард Картер во 20-тите години на минатиот век. Во 2005 година, египетскиот археолог Захи Хавас ги претстави резултатите од истражувањето на Тутанкамоновата мумија, според кои нема податоци кои би укажувале на тоа дека фараонот бил убиен. Имал дупка во главата, но најверојатно таа настанала при самото мумифицирање. Во почетокот на 2010 година, тим научници од Соединетите Американски Држави ги објавија резултатите од ДНК-анализата и рендгенските снимки на коските на Тутанкамон, во кои заклучија дека фараонот најверојатно умрел од маларија во комбинација со коскено заболување.
Последното истражување од август 2010 година откри дека Тутанкамон е плод на инцест и дека неговите родители биле всушност брат и сестра. Овие податоци се добиени со ДНК-тестирање на 16 мумии. Снимките покажаа дека Тутанкамон имал генетски деформитет на стапалото и расцеп на усните што му го отежнувало животот. Според истражувањата на египтологот Крис Наунтон, за фараонот се смета дека удрил во тркалото од кочиите што се движеле со голема брзина и дека затоа неговото тело било обезобразено и барало балсамирање. Поради лошо извршеното балсамирање, неговото тело се запалило во саркофагот поради хемиска реакција.
Mладиот фараон бил погребан со кралски почести во Долината на кралевите, а неговата гробница била наполнета со прекрасни драгоцености.
Чудесните богатства на Долината на кралевите
Во минатото гробниците на фараоните биле постојано цел на ограбувачи кои речиси секогаш успевале да влезат во нив и да ги ограбат. Несомнено, истото сценарио ќе се повторело и со гробницата на Тутанкамон, ако не се случило нешто необично.
Еден од наредните владетели, Рамзес VI, наредил да се ископа гробница за него во близина на гробницата на Тутанкамон, па камењата што биле ископувани од оваа нова гробница биле фрлани на влезот од гробницата на Тутанкамон, па така затрупана, таа била сосема заборавена.
Откритието на гробницата на Тутанкамон од страна на Хауард Картер (Howard Carter), спонзорирано од лорд Карнарвон (Carnarvon), во 1922 година, претставува едно од најимпресивните откритија во современата археологија. Огромната количина злато која била извадена од оваа гробница, извонредните скулптури и украсите на погребните драгоцености, претставуваат чуда кои предизвикуваат восхит кај сите што го посетуваат музејот во Каиро.