2.4. Еретичкиот крал Ехнатон и убавата кралица Нефертити
Еретичкиот крал Ехнатон
Следниот крал бил мошне невообичаена личност. Аменофис IV понекогаш го нарекувале еретички владетел на Египет. Во почетокот на владеењето тој прифатил монотеистичка религија, обожавајќи го богот-сонце во вид на сончев диск, Атон. Тој го променил своето име од Аменофис, што значи „Амон е задоволен“, во Ехнатон, што веројатно значи „во служба на Атон“. Очигледно, откако сфатил дека не може да го преобрати свештенството во Теба кон новата религија, Ехнатон го напуштил главниот град и изградил нова престолнина која се наоѓала на половина пат меѓу Каиро и Теба и ја нарекол Акетатон (денес познат како ел-Амарна), што значи „хоризонтот на Атон (сонцето)“.
Судејќи според неговите скулптури и портрети, Ехнатон бил гротескна фигура, со издолжено лице, дебели усни, голем стомак и ненормално дебели бутови. Но тој бил индивидуалист, неверојатен во своите барања. Наместо да ги крие своите физички недостатоци, тој вовел нова уметничка форма во Египет. Неговите скулптори веројатно добиле инструкции да го прикажат „таков каков што е“. Не само што сите негови абнормалности се верно репродуцирани туку и неговите ќерки и високите службеници на дворот, исто така, се прикажани со слично нагласени физички особини. Ова претставувало голема револуција во египетската уметност, во која дотогаш фараоните не се прикажувани онакви какви што навистина биле, туку какви што би сакале да бидат.
Убавата кралица Нефертити
Ехнатон имал шест ќерки со својата прекрасна жена, Нефертити, чија позната статуа била пронајдена од страна на германски археолози меѓу урнатините на Ехнатон и однесена во Музејот во Берлин, каде што е изложена и денес. На статуата левото око на Нефертити е прикажано слепо. Дали таа навистина била слепа или, пак, статуата не била довршена е предмет на шпекулации. Во своите подоцнежни години, Ехнатон се оженил со една од своите ќерки, Анкесенатон, па можеби Нефертити била симната од престолот, иако е очигледно дека не паднала во немилост, бидејќи за неа била изградена прекрасна палата на северниот крај од градот, во која живеела.