12.8. Веродостојноста на Светото писмо
Точен превод
Важноста на свитоците не се состои во стариот материјал од којшто се направени, ниту заради старото писмо на кое се напишани, туку заради нивната содржина. Тоа биле преписи на Библијата многу постари од кои било други дотогаш пронајдени копии.
Што било напишано таму? Дали научниците ќе откријат дека нашата сегашна Библија е всушност само искривена верзија на оригиналните списи? Нетрпеливо започнале со работа споредувајќи ги текстовите од овие свитоци со оние што ги имаме во Библијата која се користи денес.
Да бидеме искрени, имало несогласувања. На пример, во книгата на пророкот Исаија 6,3 запишано е дека ангелот кажал:
„Свет, свет, свет е Господ Саваот!“
Во свитоците од Мртвото Море пишува:
„Свет, свет е Господ над војските!“ – Тука има едно „свет“ помалку.
Во современата Библија на неколку места каде што пишува „Господ“, во свитоците стои „Бог“.
Во Прва Самоилова 1,24 нашата Библија вели дека Ана го одвела Самоил во храмот „со три јунци“. Во свитоците пишува дека таа го однела со „тригодишен јунец“. Значи, има некои несовпаѓања, но понатамошните испитувања покажале дека немало ништо што го сменило есенцијалното значење на текстот, па така оние што го читаат Стариот завет денеска можат да бидат сигурни дека тоа што го читаат е во суштина она што го напишале пророците пред илјадници години.
Пред 3000 години, Давид напишал:
„Зборовите на Господ се зборови чисти… Ти Господи, ќе нè одбраниш и ќе нè запазиш од овој род довека“ (Псалм 12,6.7).
Богатството на Писмото
Но што е со Новиот завет кој бил напишан по времето на Исус Христос? Еден од најважните документи бил најден во манастирот Света Катарина на планината Синај. Мошне рано во христијанскиот период, некои монаси се населиле таму и изградиле мала црква. Кога Света Елена, мајката на римскиот император Константин, дошла во Ерусалим, слушнала за маките на синајските монаси и изградила кула – засолниште на подножјето на Мојсеевата гора. Во ова време некои писари направиле копија од Новиот завет и некои делови од Стариот завет. Тие напишале текстови на грчки јазик на листови од пергамент. На секој лист имало 4 колони со 48 реда во секоја колона. Текстот бил чуван во манастирската библиотека и заради потрагата по вистината на грофот Фон Тишендорф, не биле обелоденети.
Константин Фон Тишендорф бил роден во 1815 година и студирал на Универзитетот во Лајпциг. Во 1840 година тој заминал во Париз заради едно истражување во големата библиотека. Во тоа време биле изнесени сомнежи во врска со веродостојноста на библиските текстови. Критичарите укажувале на „очигледните несогласувања на различните преводи“ на Библијата и Тишендорф сметал дека прифатениот текст треба да се прочисти, со што прецизно би се прикажал оригиналот.
Во 1843 година, заминал да истражува во Италија, а следната година заминал во Египет и на Синај. Додека проучувал во манастирот, имал можност да погледне многу пергаменти. Ракописите што се наоѓале на нив биле постари од кои било други дотогаш видени и тој брзо сфатил дека содржеле делови од Септуагинтата, (познати како LXX), грчка верзија на Стариот завет, која потекнува од околу 250 година пред нашата ера. Тој зел 43 листа и му било дозволено да ги задржи, но кога се распрашал и сфатил дека има уште 80 листа, монасите почнале да ја сфаќаат нивната вредност и одбиле да ги делат.
Девет години подоцна, во 1853 година, Тишендорф се вратил во Синај, но не можел да ги најде другите листови што ги видел. Во 1859 година повторно се вратил, и на последниот ден од неговиот престој му биле покажани уште 199 листа од Стариот завет и 148 листа на кои, со уницијален ракопис*, бил напишан целиот Нов завет. Тој се понудил да ги откупи свитоците, но бил одбиен. За среќа, требало да биде назначен нов архиепископ и монасите сакале да ја осигураат наклонетоста на рускиот цар, кој бил заштитник на грчката црква. Така, преку низа вешти преговори, успеал да ги убеди монасите да му дозволат да му ги покаже свитоците на царот. Биле пратени во Санкт Петербург каде што останале сè до 1933 година.
Откритија на дваесеттиот век
Во тоа време Русија го прифатила комунизмот кој не придавал голема важност на библиските ракописи, па кога Британската влада понудила 100 000 фунти за тоа, договорот бил направен. Овој непроценлив ракопис сега е изложен во Британскиот музеј и е познат како „Синајски кодекс“ (Codex Sinaiticus).
Во 1977 година во манастирот Света Катерина на гората Синај избувнал пожар при што бил оштетен дел од еден ѕид. Додека го поправале ѕидот, работниците откриле уште 3000 страници од еден ракопис, од кои четиринаесет биле дел од Синајскиот кодекс кои се сметале за изгубени. Веста за ова откритие не била веднаш објавена. Но кога монасите конечно ги објавиле, тоа претставувало непроценлив придонес на нашето познавање на оригиналниот библиски текст. Страниците на Кодексот биле реставрирани и објавени на интернет. Достапноста на ракописот во виртуелна верзија им овозможува на научниците ширум светот можност за истражување и соработка што не би можеле да се замислат до пред неколку години. Посетителите на www.codexsinaiticus.org сега можат да видат фотографии од овој ракопис со димензии 40 х 35 см.
Божјата реч
Библиските пророштва за градовите и царствата во минатото во целост се исполниле, па тоа треба да ни влева доверба во пророштвата кои се однесуваат на иднината. Според тврдењата на самата Библија, нејзините вистини се од витално значење за стекнување на вечен живот.
„Светите Писанија… можат да те направат мудар за спасение преку верата во Христос Исус. Целото Писмо е од Бога вдахновено и полезно за поука, за казнување, поправање и поучување во праведност“ (2. Тимотеј 3,15.16).
________________
* уницијала: книжевно мајускулно (составено од големи букви) писмо со заоблени букви