12.5. Вдахновениот канон и апокрифите
Макавејската книга не е вклучена во повеќето Библии. Таа е една од седумте книги напишани на грчки јазик во периодот помеѓу крајот на Стариот завет и почетокот на Новиот завет. За нив не се тврди дека се вдахновени. Изразите како „Така вели Господ“, или „видов во визија“ се вообичаени за другите книги во Библијата, но ги нема во Апокрифите, како што е наречена оваа колекција. Всушност, Втората книга Макавејска завршува со зборовите:
„Ако ова мое излагање сум го составил добро и убаво, тогаш и мојата желба е исполнета. Ако, пак, сум го направил слабо и недоволно, тогаш сум го направил она што сум можел… Со ова завршувам“ (2. Книга Макавејска 15,38.39).
Иако се смета дека оваа книга не била божествено вдахновена, сепак содржи вредни историски информации и забелешките во врска со криењето на ковчегот во кој се наоѓаат Десетте заповеди се најверојатно точни.
Римокатоличката Библија и некои други верзии ги содржат апокрифните книги.
Тврдењето на критичарите
Кога критичарите ги забележале несогласувањата што постојат во различните ракописи на Библијата, тие победнички тврделе дека во тој случај „најверојатно има уште многу грешки во нашата сегашна Библија“. И уште повеќе, поради грешките во препишувањето тие тврделе дека нашата денешна Библија можеби не соодетствува со оригиналните книги првично напишани од пророците, па според тоа таа е „безвредна“…
Бидејќи најстарите списи од Стариот завет, најдени на почетокот од минатиот век, се стари само околу илјада години, било тешко да се одговори на приговорите на критичарите.
Но тогаш биле откриени свитоците од Мртвото Море!