11.9. Голгота

11.9. Голгота

„И носејќи го својот крст, тој излезе на местото наречено Черепница, а по еврејски Голгота. Таму го распнаа“ (Јован 19,17.18).

Исус бил закован на крстот во 9 часот наутро, а починал во 3 часот попладне.

„А Јосиф, штом го зеде телото, го завитка во чисто платно и го поло­жи во својот нов гроб, што го беше издлабил во камен; па откако постави голем камен над гробната врата, си отиде“ (Матеј 27,59.60).

Голгота е хебрејски збор што значи „череп“. Латинскиот збор за череп е „калварија“. И двата збора имаат исто значење. Нејзината позиција не може да се потврди со сигурност. Епископот Евсевие, околу 300 година од н.е., тврди дека храмот на тоа место некогаш бил изграден храмот на Венера. Царот Константин подоцна го отстранил тој храм и наместо него изградил црква. Црквата на Константин на Светиот гроб била уништена од муслиманскиот калиф Ал-Хаким во 1009 година, а во 12. век крстоносците ѝ го дале својот денешен изглед. Последен пат била реконструирана во 19 век. Под неа, според верувањето, се наоѓа гробот во кој било положено распнатото тело на Исус Христос.

Црквата на Светиот гроб е изградена на место за кое традиционално се смета дека го вклучува местото на Христовиот Гроб и Голгота.

Во текот на 2017 година беа преземени работи за реставрација на гробот, кој тогаш беше отворен за прв пат по скоро шест века. Гробницата се состои од каменен одар во форма на вдлабнатина во ѕидот, изделкана од варовник од кој е изградена внатрешноста на пештерата. Тоа што мермерните плочи се наоѓаат на површинските слоеви, научниците го објаснуваат како заштитата на светото место. Тие, наводно, биле поставени во минатото во обид да се спречи отстранување на делови од каменот коишто поклониците ги земале како реликвии.

Археологот Фредерик Хиберт, член на истражувачкиот тим, вели:

„Не можеме апсолутно да тврдиме, но сè укажува на јасниот доказ дека досега локацијата на гробот не е поместена, прашање што со децении го поставуваат научниците и историчарите.“

Во прилог на тезата дека навистина и пред два милениума се наоѓала гробница на местото на денешната Црква на Светиот гроб, научниците го наведуваат своето откритие на sидовите на автентичните варовнички пештери за погребување под храмот.

Сепак, постојат различни мислења за тоа дали пештерата во која Јосиф го погребал Исуса била токму таму.

Во 1883 година, генералот Гордон, кој се прославил кај Картум, бил на отсуство во Палестина. Тој бил импресиониран од обликот на една карпа што потсетувала на череп и се наоѓала на самиот излез од стариот дел на градот, на северната страна. Во близина имало празен гроб. Тој им напишал на пријателите во Англија, кои собрале средства да го купат овој терен. Денес ова место е познато како Гордонова Калварија и Градинарскиот гроб. Археолозите подоцна заклучиле дека овој гроб датира од 7 век пр. н.е.

Воскресението

„И ете, стана голем потрес; и ангел Господов слезе од небото, пристапи, го отстрани каменот од гробната врата и седна на него“ (Maтеј 28,2).

Очевидно не може да има археолошки доказ за воскреснување од мртвите. Фактот дека Градинарската гробница и Св. Гробница се празни, не е значајно во овој контекст. Има многу гробници во и околу Ерусалим и сите тие се празни, но би било тешко да се објасни почетокот на христијанството ако Исус Христос не воскреснал. Апостолите барале Месија кој ќе ги ослободи од непријателите, а не Спасител кој ќе страда и ќе умре за нивните гревови.

Дури и по неговото воскресение тие го прашале:

„Господи, во ова време ли ќе го востановиш царството Израилево?“ (Дела 1,6).

И тие се двоумеле да го прифатат фактот за неговото вос­кресение.

„Но тие, кога слушнаа дека е Тој жив и дека таа го видела, не поверуваа“ (Марко 16,11).

Затоа тие не ја измислиле приказната.

Во секој случај, повеќето од првите следбеници станале маченици и многу малку луѓе би умреле за лага што самите ја измислиле. Секако, ниту неговите непријатели не би ја поддржале ваквата идеја. Ако немало воскресение, некој едноставно ќе требало да покаже тело и целата идеја би била уништена.

Според тоа, се гледа дека Исус Христос ги исполнил сите предвидувања на месијанските пророштва и разумно е да се заклучи дека библискиот извештај за неговото воскресение е единственото логично објаснување за основање на Христијанската црква.