11.6. Ерихон и Витанија

11.6. Ерихон и Витанија

Слика: 3D реконструкција на Ерихон од времето на Исус

Ерихон

Во Евангелието според Лука во 19 глава се наоѓа сторијата за Захеј, цариник со низок раст, кој сакал да го види Исуса кој дошол во Ерихон. Бидејќи не можел да гледа над главите на насобраното мноштво, тој истрчал напред со туркање и се искачил на едно дрво за да го види Исуса кога ќе помине. Колку ли бил зачуден кога Исус застанал под дрвото и рекол:

„Захеј, слези побргу, зашто денес треба да бидам во твојот дом“ (стих 5).

Бидејќи даночниците собирале приход на сметка на омразените Римјани, Евреите ги презирале, па затоа тие се пожалиле за ваквата наклонетост покажана кон Захеј. Меѓутоа, нискиот даночник веќе почнал да се поправа и Исус му рекол:

„Денес дојде спасението за овој дом… зашто Синот Човечки дојде да го побара и да го спаси она што е загубено“ (стих 10).

Приказ на Исусовата средба со Захеј и традиционалното Захеево дрво што се наоѓа во центарот на денешен Ерихон

Има три града наречени Ерихон. Стариот град кој Исус Навин го освоил и кој уште во времето на Исус бил куп урнатини. Има и денешен град населен со арапска популација. Тој е познат за повеќето посетители на Ерихон.

Меѓутоа, тука е и градот што постоел во времето на Исус. Се наоѓа на еден висок рид југозападно од денешниот град и многу малку туристи го посетуваат. Токму овде се наоѓала палатата на Ирод Велики.

Иродовата палата

Ирод имал недоверлив карактер и живеел во постојан страв дека ќе го симнат од престолот. Било доволно само некој да му прошепоти дека некој од неговите роднини планира заговор и Ирод веднаш би наредил да го погубат.

Меѓу таквите роднини била и неговата омилена жена Мариам (Mariamne), неговите синови Аристобул (Aristobulus), Александар (Alexander) и Антипатер (Antipater), и неговиот шура Аристобул (Aristobulus). Овој последниот бил удавен по наредба на Ирод во базенот на палатата, кај Ерихон.

Кога Ирод почувствувал дека ќе умре во Ерихон, тој уапсил стотици еврејски лидери и ги затворил на хиподром, по што ў порачал на својата сестра Салома (Salome) да ги усмрти штом тој ќе почине. Тој знаел дека Евреите ќе се израдуваат заради неговата смрт, па со ова сакал да се осигура дека народот ќе биде во длабока жалост и ќе тагува кога тој ќе умре. Иако ова барање не било реализирано, тоа сепак покажува дека неговата наредба да се убијат сите бебиња во Витлеем за да се елиминира потенцијалниот наследник на неговиот трон, била во согласност со неговиот карактер.

3D реконструкција на Иродовата палата и нејзините остатоци во Ерихон

Витанија

Од Ерихон Исус се упатил кон Јудејската висорамнина до селото Витанија, каде што останал во текот на саботниот ден. Тој престојувал таму кај семејството на Лазар, Марта и Марија Магдалена. Неколку месеци претходно, Лазар починал и бил погребан во семејната гробница цели четири дена. Кога пристигнал Исус, телото на Лазар веќе било во фаза на распаѓање. Кога Марта се побунила заради отворањето на гробот, Исус ѝ кажал:

„Јас сум воскресението и животот; кој верува во мене, и да умре, ќе живее“ (Јован 11,25).

Тој првенствено зборувал за воскресението на крајот на времето, но со цел да ја покаже неговата способност да ги оживее мртвите, тој извикал со силен глас:

„Лазаре, излези надвор! И излезе умрениот, завиткан во платно по рацете и нозете“ (Јован 11,44).

Сепак, предрасудите биле толку силни што еврејските лидери, наместо да го прифатат Исус за свој Месија, тие направиле план да го убијат. За да го замолчат сведочењето за воскреснатиот Лазар, планирале да го убијат и него (Јован 11,53; 12,10).

Денеска Витанија е арапско село на јужната страна на Мас­линската Гора и патот кој води од Ерусалим до Ерихон минува низ него. На левата страна од патот се наоѓа Црквата на Лазар и во близина има гробница каде што, според преданието, се смета дека Лазар бил погребан. Но, не постои начин да се потврди автентичноста на ова тврдење. Дури постои и двоумење дали тука вооп­што се наоѓал гроб.

Гробница во Витанија каде што, според преданието, бил погребан Лазар