11.5. Тиберијада, Капернаум и Јераш
Фотографија: Остатоци од римски градби од I век во Тиберијада и монета означена со ознака на Ирод Антипа
Секој ден голем моторен чамец за крстосување го напушта малото пристаниште кај Тибериј (Tiberius) и со бучно бревтање на моторот стигнува до кибуцот кај Еин–Гев (Ein-Gev) од другата страна на езерото. Патот ги носи посетителите назад во времето кога се кажува дека Исус Христос одел по вода и смирил силна бура. Во 1987 година бил откриен брод од времето на Исус на северозападниот брег на Галилејското Езеро. Неодамна една компанија направила неколку зголемени копии од овој брод и ги нарекла „Исусовите бродови“. Сега патниците можат да пловат преку езерото во овие бродови.
Капернаум
На северниот крај на езерото се наоѓаат урнатините на стариот град Капернаум. Се кажува дека на ова место Исус ја излекувал мајката на жената на Петар (Марко 1,29-34), излекувал болен од лепра (стих 40-42), му ја вратил силата на фатениот човек (1,1-12), го излекувал синот на благородникот (Јован 4,46-54), ја подигнал ќерката на Јаир од мртвите (Лука 8,41-56) и го излекувал слугата на капетанот (Лука 7,1-10).
За овој римски капетан еврејските водачи кажале:
„Го сака нашиот народ, а и синагогата тој ни ја направи“ (Лука 7,5).
Ископувањата на тоа место ги изнеле на светлина урнатините на една синагога, која делумно била обновена. Под патеката во дворот било пронајдено богатство со повеќе од 20 000 монети, кои потекнуваат од крајот на четвртиот век, па така, градбата што ја посетуваат околу половина милион туристи секоја година, не може да биде вистинската синагога изградена од римскиот капетан. Меѓутоа, најверојатно таа била изградена на местото на споменатата синагога.
Сиот овој терен им припаѓа на фрањевските монаси, кои имаат црква што се присоединува со синагогата. Тие извршиле ископувања меѓу 1968 и 1977 година во блиската област и откриле шестоаголна градба на која било впишано името Петар. Не е сигурно дали навистина ова била куќата на Петар, но барем некогашните поклоници мислеле дека била и го напишале таму неговото име. Што се однесува на самиот град, ништо не можело да се види пред да почнат ископувањата.
Во Капернаум биле направени некои од најмоќните чуда на Исус, но и покрај тоа, луѓето од овој град не го признале. Тој предвидел:
„И ти Капернауме, што си се воздигнал до небото? До пеколот ќе бидеш спуштен“ (Maтеј 11,23).
Тоа значи дека Капернаум би бил спуштен до гроб или закопан, а освен она што го ископале археолозите, градот сè уште стои закопан под правта на вековите.
Јераш
Највпечатливите римски урнатини на Блискиот исток може да се најдат во Јераш (Jerash), околу четириесет километри северно од Aман. Овој бил еден од десетте градови на римскиот Декаполис. Исус проповедал во оваа област (Maрко 7,31) и од овие градови потекнувале многу негови следбеници (Матеј 4,25). Во една пригода Исус истерал легија на демони од еден човек во областа Гадара, друг град од Декаполис. Откако бил излечен, човекот „си отиде, и почна да раскажува по Десеттоградието што му направи Исус“ (Maрко 5,20).