11.4. Галилејското Езеро
Галилејското Езеро, каде што Исус го извршувал најголемиот дел од својата јавна служба, дефинитивно е автентично. Тоа е слатководно езеро, 13 километри долго и 8 километри широко. Неговата вода изобилува со риби. Не било чудо што апостолите според Исусовиот збор ги фрлиле мрежите и фатиле толку многу риба што тие почнале да се кинат. Чудото се огледувало во тоа што уловот се случил преку ден. Навечер езерото е полно со многубројни точкести светла на рибарските бродови кои можат да извлечат и по дваесет тони риба во еден добар вечерен лов. Сепак, преку ден ретко може да се види рибарски брод во езерото.
Не е чудо што Петар рекол:
„Учителе, цела ноќ се трудевме и ништо не уловивме; но по Твојот збор ќе ја фрлам мрежата“ (Лука 5,6).
Тоа било направено со вера. Петар знаел дека без божествена помош немало надеж за лов преку ден.
Во две пригоди ненадејна бура се заканила да ги голтне чамците со кои патувале учениците. На езеро со ваква големина ова изгледа како неочекуван и неверојатен настан. Меѓутоа, оние што пловат по ова езеро, тоа воопшто не го сметаат за неверојатно. Овие две случки се одиграле ноќе (Mатеј 8,24; 14,24) и не е необично безмилосни ветрови да се спуштат од падините на источната страна на езерото и да удрат по водата создавајќи бранови високи и до четири метри. Меѓутоа, ова се случува само ноќе.
Во нормални услови глетката кон езерото шири спокој и убавина. Светликавата сина вода, дивите цвеќиња што толку обилно цутат во пролет, плантажите со банани и маслиновите шумички кои успеваат во оваа суптропска клима на повеќе од 100 метри под нивото на морето, обезбедиле божествено опкружување за Проповедта на Гората и хранењето на петте илјади луѓе.
Исус ја одржал Проповедта на гората веројатно седејќи на брегот кој гледа кон градот Магдала, над тесниот брег на езерото. Ова место се наоѓа недалеку од Црквата на блаженствата која е подигната во знак на сеќавање на Исусовата проповед.