10.11. Крајот на предвавилонската историја на Израел и Јуда
Падот на Самарија
Во осмиот век пред Христа Асирците тргнале во воен поход и Тиглат-пилесeр III го нападнал Израел.
Тој протерал многу луѓе во Асирија (2. Царевите 15,29).
Јудејскиот цар Ахаз, во очајнички обид да ја одбегне асирската закана, отишол во Дамаск да се сретне со царот на Асирија и да договори примирје (1. Царевите 16,8-10).
Но алчниот апетит на Асирците не можел да се задоволи толку лесно. Во 724 г. пред Христа, под водство на Салманасар V, Асирците повторно се вратиле, но тогаш почнале со опсада на израелската престолнина Самарија.
Градот бил соборен во 722 година пред Христа, а десетте израелски племиња биле протерани во Асирија.
Господ објавил преку пророкот Михеј: „Затоа од Самарија ќе направам купишта урнатини во полето, место за садење лози; ќе ги сринам камењата нејзини во долина и ќе ў ги разголам основите“ (Михеј 1,6).
Дали го исполниле Асирците ова пророштво или не, тешко е да се каже, но археолозите сигурно го исполниле.
Обновувањето на Самарија
По асирското освојување на Самарија таа била обновена, а Ирод Велики ја разубавил и во чест на римскиот император ја нарекол Себаста (Sebaste; грчки еквивалент на римското Augusta).
За време на христијанската ера таа станала епископско седиште, но по крстоносникот период, постепено ја напуштиле, иако еден мал арапски град сè уште се наоѓа во нејзиното подножје.
Сега на местото на стариот град успева лозје. Во 1910 година тим од универзитетот Харвард започнал со ископувања на ова место и тука ги откриле темелите на царската палата (Михеј 1,6).
Денес ова место претставува значајна туристичка атракција во Израел.
Асирија ја напаѓа Јуда
Потоа Асирците го свртеле своето внимание кон Јуда и неколку години подоцна Сенахериб го опколил Лахис (Lachish).
За време на оваа опсада тој испратил голем одред војници против Ерусалим и барал да се предадат, но Езекија бил подготвен.
Претходно го поткупил Сенахериб, го истругал златото од вратите на храмот и им го дал на Асирците (2. Царевите 18,16).
Во меѓувреме Езекија бил излечен на чуден начин од фатална болест и верата му била доволно силна за да одговори на предизвикот.
Езекија се спротивставува на Асирците
Езекија го обновил ѕидот на Ерусалим и го зајакнал градот. Ископал тунел низ цврста карпа за да донесе во градот вода од изворот Гион (Gihon) (2. Книга летописи 32,2-6).
Посетителите на Ерусалим денес можат да поминат низ овој тунел. Долг е петстотини метри и на јужниот крај Езекија врежал натпис со кој кажува како бил направен тунелот. Натписот сега се наоѓа во музејот во Истанбул. Бидејќи тунелот водел до Силоамската бања, познат е како Силоамскиот натпис и е еден од најстарите еврејски записи што постојат. Така Езекија се спротивставил на големата асирска војска. Гледајќи ги шокантните свирепости што ги правеле Асирците кон оние што давале отпор, ова бил храбар чин за кој била потребна многу силна вера.
Пророштво за ослободување
Меѓутоа, верата на Езекија била наградена. Пророкот Исаија му пренел порака на царот велејќи дека Бог ја чул неговата молитва и дека Асирците нема да истрелаат ниту една стрела во градот.
„И ова се случи во таа ноќ: ангел Господов отиде и во асирскиот логор уби сто осумдесет и пет илјади војници… Тогаш царот на Асирија, Сенахирим тргна, се врати во Нинива и таму остана“ (2. Царевите 19,35.36).
Падот на Јуда
Меѓутоа, крајот на Јуда веќе се гледал. Непрекината низа на безбожни цареви ја губеле божествената заштита и во 605 година пред Христа Ерусалим паднал под власта на Вавилонците. Иако градот бил поштеден, Даниел, заедно со други луѓе, бил протеран во Вавилон. Следеле низа востанија и Навуходоносор бил принуден да се врати за да ги покори. Во овој период Лахис бил повторно под опсада, но сега од страна на Вавилонците.
Во ископувањата од 1935 година биле пронајдени осумнаесет скршени глинени садови во Лахис на кои биле напишани некои пораки со мастило. Тие потекнуваат од воен заповедник кој нетрпеливо барал некој знак од опколениот град и се молел за негово ослободување. Овие трогателни молби се познати како Писмата од Лахис.
Меѓутоа, кога на Лахис му дошол крајот, во 586 година пред Христа и Ерусалим бил повторно освоен. Овојпат бил целосно уништен. Неговите жители биле испратени во вавилонско ропство. И така завршила историјата на Израел и Јуда пред прогонството во Вавилон.