10.1. Аврам, таткото на верата
Аврам со право се смета за татко на израелскиот народ.
Тој бил роден во Ур Халдејски околу 1950 г. пред Христа (1. Мојсеева 11,31). Седумдесет и пет години подоцна тој бил повикан да го напушти Ур и да тргне кон земјата која што Бог ветил дека ќе му ја покаже. Аврам го придружувале неговиот татко Тара, неговата жена Сара, внукот Лот и голем број слуги како и многуброен добиток, овци и кози.
Аврам ја следел реката Еуфрат северозападно сè додека не дошол во Харан, во северна Сирија.
Тука починал неговиот татко, Тара, и уште еднаш Божјиот глас му заповедал да оди кон „ветената земја“, кажувајќи му дека таму неговите потомци ќе станат голем народ.
(1. Мојсеева 12,1-5).
Ветената земја
Палестина ја населувале Хананците, кои потекнувале од синот на Хам, Ханан, и така најчесто таа територија е позната како „земјата Ханан”. Подоцна, поголем дел од областа била населена со Филистејци и тогаш станала позната како „Палестина”. Било очигледно дека Аврам не нашол соодветно место на кое би се сместил, бидејќи пропатувал низ земјата од север сё додека не стигнал до Негев на југ, а тоа е област во пустината. Бидејќи имало сеопшта глад во земјата, Аврам го продолжил своето патување сè додека не стигнал во Египет. Оттаму се вратил во Ветил (Бетел), околу 15 километри северно од Ерусалим. Тука, поради расправија меѓу овчарите на Аврам и Лот, двајцата се одделиле. На висорамнината се населил Aврам, а Лот со неговиот логор тргнал надолу накај јорданската долина и се населил во близина на неморалниот град, Содом. Подоцна Аврам се преселил на југ, во околината на Хеброн, околу 30 километри јужно од Ерусалим. Според еврејската традиција, Ерусалим го основале Аврамовите прататковци Сим и Евер.
Ветениот син
На Aврам му бил ветен син преку кој требало да настане избраниот народ, но дотогаш Сара не му родила ниту едно дете. Бидејќи тогаш имала седумдесет и шест години, било очигледно дека не е можно да му роди дете. Затоа, таа му предложила на Аврам да ја земе нејзината слугинка Агара како втора жена; овој обичај бил застапен и општествено прифатлив во тоа време.
По одредено време Агара родила син и го нарекле Исмаил (што значи „Господ слуша“). Меѓутоа, планот што го смислиле не наишол на одобрување од Бога, кој му се јавил на Аврам и го уверил дека Сара ќе му роди син и дека преку него ќе дојде ветеното наследство.
Кога Сара имала деведесет години, на чудесен начин забременила и го родила синот, Исак, што значело „Смеа”. Му било дадено ова име бидејќи таа се насмеала на помислата дека ќе роди син на нејзини години.
Потеклото на судирите
Љубомората меѓу двете мајки била неизбежна. Непријателството станало толку силно што на крајот Аврам бил принуден да ги прати Агара и Исмаил надвор од неговиот логор. Расправиите меѓу двете семејства никогаш не престанале и тие и денес претставуваат корен на многу светски проблеми. Евреите се потомци на Исак, а Арапите се потомци на Исмаил, така што. Така можеме да кажеме дека конфликтот на Блискиот Исток започнал пред скоро четири илјади години.