1.9. Градење на пирамидите
Како ги граделе фараоните овие џиновски градби и како ги поставиле овие огромни камења на право место? Идеите за генијални механички средства, неидентификувани летачки објекти (НЛО) или таканаречената моќ на пирамидата, се чисти шпекулации. Нема записи, ниту слики на ѕидовите да ни кажат како биле изградени пирамидите
Имаме само еден вистински патоказ кој го наоѓаме на првиот пилон1 од храмот на Карнак. Сликата покажува како камењата за оваа структура биле влечени во позиција кон платформата што била направена од тули сушени на сонце. Го знаеме ова затоа што многу од тулите сè уште се наоѓаат околу пирамидите.
Колку време било потребно за да се изгради пирамида? Историчарот Херодот изјавува:
„Работата течеше во 3 месечни смени, 100 000 луѓе во смена. Беа потребни десет години макотрпна тиранска работа на робовите за да се изградат шините по кои се влечеа камените блокови… За да се изгради самата пирамида, потребни беа дваесет години“.
Меѓутоа, ние знаеме дека Искривената пирамида била изградена приближно за две години. Судејќи според датумите за кралевите забележани на записите на подножјето на пирамидата и на половина пат нагоре, може да се каже дека има разлика од една година. Така, пирамидата на Куфу може да била изградена за три или четири години. Бројката на Херодот можеби била преувеличена, но неодамна д-р Maрк Ленер (Mark Lehner) ископал огромна пекарница во близина на пирамидите и таму пронашол огниште, садови за тесто и грниња за леб. Тој пресметал дека пекарницата имала можност да произведе доволно леб за да се нахранат 30 000 работници секој ден.
Во Египет има остатоци од околу осумдесет пирамиди, но ниту една не може да ја достигне големината на групата во Гиза. Подоцнежните пирамиди биле направени од помали и сурово обликувани камења или руини, и биле прекриени со измазнети блокови, со варовник. Сепак, крадци влегле во сите пирамиди и ги украле богатствата и телата на нивните кралеви.
* пилон – порта; голема врата; особено: висока зграда, слична на кула, на влезот на древните египетски палати и храмови, обично покриена однадвор со обоени фигури и слики – Милан Вујаклија, Лексикон на странски зборови и изрази, 1986 година.