1.6. Пирамидите на Снофру
Дури во почетокот на четвртата династија дошло до вистински развој во изградбата на пирамидите. Чудно е да се каже, но изгледа дека првиот фараон на четвртата династијата, Снофру (или Снефру), бил градителот на трите пирамиди. Може да се шпекулира зошто би градел три пирамиди, бидејќи дури и фараонот-бог не би можеле да го закопаат на три места во исто време. Една веродостојна теорија тврди дека првата пирамида што ја изградил била кај Меидум, околу 64 километри јужно од Каиро. Надворешниот дел од оваа пирамида лежи како огромна маса руини на подножјето од пирамидата. Некои сметаат дека пирамидата не се распаѓала низ вековите туку се урнала кога била речиси завршена.
Можеби наместо да се обиде повторно да ја изгради оваа пирамида, Снофру наредил да се изгради следната пирамида кај Дашур, околу 45 километри на север.
Таа е позната како „Искривена пирамида“ бидејќи, почнувајќи со агол од 54 степени (приближно истиот агол како кај пирамидата во Меидум), приближно на половина пат нагоре, нејзиниот агол се намалува на 43 степени. Во оваа градба забележани се некои пукнатини кои настанале поради огромниот притисок предизвикан од тежината на каменот
Дали ова била причината зошто пирамидата во горниот дел била завршена со помал агол? Можеби градителите сакале да бидат сигурни дека барем една пирамида нема да се урне. Тие ја изградиле и третата пирамида, таканаречена Црвена пирамида, под агол од 43 степени, истиот агол со кој била завршена Искривената пирамида. Сепак, тоа бил почетен стадиум во развојот на градењето на пирамидите.
Истражување на пирамидите со космички зраци
Најновите истражувања за „Искривената пирамида“, кои користат неинвазивни методи на термографија, мионска радиографија и тродимензионална реконструкција, ги отфрлиле шпекулациите дека во самата пирамида има скриена комора со мумијата на фараонот Снофру. Скенирањето не открило дополнителна просторија во полето на скенирање со мионска радиографија.