1.3. Каменот од Розета
Францускиот војсководец Наполеон Бонапарта го освоил Египет во 1798 година. Во август следната година, еден од неговите офицери бил ангажиран при поправката на тврдината Св. Јулиј, близу до градот Рашид или Розета.
Овде тој пронашол голем црн камен, изработен од гранитна карпа со импозантни димензии: височина 112 см, широчина 82 см, дебелина 28 см и тежина 762 кг. На него бил запишан текст во три писма – најгоре со хиероглифи, во центарот со демотско писмо, а на дното со грчко писмо. Грчкиот дел од текстот, кој можел да се разбере, бил запис во спомен на доаѓањето на престолот на грчкиот владетел Птолемај (Птоломеј) V, во 196. година пред Христа. Научниците заклучиле дека ова бил тријазичен извештај на еден ист настан и дека со споредување би можело да се дешифрира значењето на непознатите египетски хиероглифи. Но, пред да можат Французите да ја остварат работата околу дешифрирањето, во 1801 година Британците го освоиле Египет, па Каменот од Розета дошол во нивни рацете и со брод бил пренесен во британскиот музеј, каде што останал до денес.
Шамполион ги дешифрира хиероглифите
Меѓутоа, Французите направиле копија од записот на каменот од Розета, па така, и француските и британските научници можеле да работат на преведувањето. Англичанецот Томас Јанг (Thomas Young) постигнал извесен напредок, но младиот француски генијалец по име Жан Франсоа Шамполион (Jean Francois Champollion) конечно ги дешифрирал хиероглифите.
Шамполион бил роден на 23 декември 1790 година. Имал извонредна меморија и талент за странски јазици. На 11-годишна возраст тој веќе ги владеел латинскиот, грчкиот и еврејскиот јазик. Школскиот службеник Фурие (Fourier), кој се придружил на Наполеоновата експедиција во Египет, бил импресиониран од извонредната интелигенција на момчето и го повикал во својот дом каде што му ја покажал својата египетска колекција.
Момчето било восхитено кога го здогледало папирусот со хиероглифско писмо и прашало: „Умее ли некој да го прочита ова?“
Фурие одмавнал со главата.
„Тогаш јас ќе го сторам тоа!“ – самоуверено изјавило момчето.
На дванаесетгодишна возраст Шамполион ја напишал својата прва книга, а на тринаесет почнал да изучува арапски, сириски, халдејски и коптски јазик. Тој станал толку вешт во зборувањето на овој последен јазик, што повеќето свои статии ги напишал на коптски. Чудно е што тој никогаш не го видел оригиналниот Розета-камен. Кога на осумнаесетгодишна возраст му била дадена копија од ракописите, почнал да ја проучува.
Наредните четиринаесет години тој се обидувал да го преведе овој текст. Неговата задача била уште потешка, бидејќи горниот дел од каменот каде што биле испишани хиероглифите бил скршен и недостасувал. Останале само четиринаесет реда и ниту еден од нив не бил комплетен.
Во 1822 година, на возраст од 32 години, Шамполион конечно објавил дека знае да ги чита мистериозните египетски хиероглифи. По шест години, само четири години пред неговата смрт, тој за првпат го посетил Египет.
Но клучот за хиероглифите бил пронајден. Историските информации напишани на спомениците и папирусите сега можеле да се прочитаат и проучувачите конечно можеле да ги состават сите делови од историјата на стариот Eгипет.