1.1. Потекло и настанок
Потекло и настанок
Првиот факт што станува очигледен за љубопитниот истражувачки ум укажува на тоа дека oвие древни народи не биле примитивни пештерски луѓе кои напорно се искачувале по некоја еволутивна скала. Тие, всушност, биле мошне интелигентни, технички вешти градители и занаетчии.
Првите можни показатели што ги имаме за потеклото на овој неверојатен народ се наоѓаат во историските записи во Библијата. Таму откриваме дека еврејскиот збор преведен како „Египет“, всушност е – „Мисраим“, и во Првата книга Mojсеева* 10,1-6 кажано ни е дека Мисраим бил син на Хам, кој, пак, бил син на Ное. Хам по потопот добил четири сина, а тогаш постоел само „еден јазик“ (1. Мојсеева 10,32 и 11,1).
Египет го основале Мисраимовите потомци. Интересно е да се забележи дека зборот „Mиср“ е име кое Египќаните го применуваат и денеска, па така посетителите ќе забележат „Misr Bank“ („Египетска банка“), „Misr Travel Company“ („Египетска туристичка агенција“), „Misr Insurance Company“ („Египетска осигурителна компанија“).
Египет се наоѓа во Северна Африка. Не се знае кога Mисраим или неговите потомци се преселиле во тие краишта, но познато е дека првите населени жители ги погребувале мртвите во топлиот сув песок. Благодарение на сувата клима (Kаиро во просек годишно има врнежи од околу 50 mm, а во Луксор, каде што се пронајдени многу мумии, скоро и да нема врнежи), телата бргу дехидрираат (ја губат течноста) и за подолго време остануваат сочувани од пропаѓање. Едно такво тело е изложено во Британскиот музеј во Лондон.
Несомнено е дека старите Египќани ја забележале оваа појава и сигурно тука нашле поткрепа за своето верување во бесмртност на душата. Тие веројатно мислеле дека, ако телото може да биде толку добро сочувано, тогаш и душата на покојникот, би требало да живее. Во секој случај, старите Египќани вложувале голем труд за да ги сочуваат телата на нивните умрени пријатели, па така, телата на починатите, балсамирани и мачкани со разни масла, познати ни се како мумии.
Реката Нил, извор на животот
Египет бил населен главно во долината на Нил, тесен дел од плодна земја во опсег од околу 12 км во ширина и илјада километри во должина од југ кон север. Поради тоа што еден дел е на поголема надморска височина, јужниот дел е наречен Горен Египет, а северниот дел е наречен Долен Египет.
Да се оди по реката Нил значи да се оди на југ. Нил тече кон север, од Горен кон Долен Египет.
Во Мемфис, блиску до современиот град Каиро, Нил се дели на неколку дела и како лепеза се шири на плодната делта.