19. Илјада години мир
Има ли некаква надеж за мир во светот? Дали глобалниот мир и сигурноста навистина се само неостварлив сон? Како народите на светот да се обидат да го достигнат? Како изгледа решението на проблемот на меѓународниот тероризам и религиските напнатости?
Централната сцена на светските судири е Средниот Исток. Секој претседател на Соединетите Држави се обидувал да донесе мир во тој дел од светот. Следната изјава на претседателот Обама е типична:
„Мојата порака до овие двајца лидери е јасна: и покрај сите пречки, и покрај целокупната историја, и покрај својата недоверба, морате да го пронајдете патот за напред“ (Искажано на состанокот на претседателите на Соединетите Американски Држави, Израел и Палестина во Вашингтон, 2009 година).
Забележете ја оваа изјава на некогашниот претседател на Палестинската ослободителна организација, Јасер Арафат:
„Оној што не го прифаќа фактот дека Ерусалим мора да биде престолнина на палестинската држава, треба да оди да се напие вода од Мртво Море и да замине во пеколот“ (Цитирано во „Unholy war“ стр. 223).
Ова е судир на култури. Судир на религии. Судир на цивилизации.
Според многумина христијани, мирот на Средниот Исток нема да се оствари сè до посебниот период под назив „милениум“. Во текот на тие илјада години Исус ќе дојде на Земјата од Небото да владее од градот Ерусалим. Дури тогаш ќе се решат сите глобални проблеми.
Секако, ова мислење не го делат сите христијани. Иако периодот од илјада години е споменат во библиските пророштва, некои христијани мислат дека тоа е временски период кој има целосно симболичка природа и дека не е вреден да се проучува. Други мислат дека ние токму сега се наоѓаме во него. Има и такви кои сметаат дека тој бил и поминал.
Какво е тоа таинствено пророштво за „посебните“ илјада години? Дали тоа навистина ќе биде време на мир во светот? Кој ќе живее на Земјата во тоа време? Каква улога има Бог во тие завршни настани во светот?
Оваа лекција ќе покаже што вели Библијата за илјадагодишниот мир. Ве молиме да ја прочитате целата дваесетта глава во книгата Откровение. Тоа пророштво е исклучително важно. Тоа одговара на големите прашања кои се однесуваат на проблемот како и кога Бог конечно ќе го уништи проклетството на гревот и какво влијание ќе има тој Негов потфат врз мирот во светот.
1. Единствено кој навистина може да донесе вистински мир на овој свет?
Не постои ниеден човечки лидер или мировна агенција кои можат да донесат траен мир во светот. Во целото библиско пророштво, завршните глетки во историјата на планетата Земја пружаат слика на востанија, бунтови и глобален стрес. Единствено Исус, Кнезот на мирот, може и сака да внесе мир во овој наш свет.
2. Колку долго спасените ќе владеат заедно со Христа во мир?
Зборот „милениум“ не се наоѓа никаде во Библијата. Тој потекнува од два латински збора, „миле“ што значи илјада, и „ано“ што значи година. Зборот едноставно значи илјада години. Овде го наоѓаме Божјиот народ, Неговата Црква, која владее во љубов, заедно со Христа, илјада години.
Крајот на милениумот не е и крај на владеењето и животот со Христа. Пророк Даниел вели дека светите ќе владеат „во век и веков“ (Даниел 7,18). Милениумот може да се спореди со илјадагодишен меден месец меѓу Христа и Неговата невеста, Црквата.
3. Според исусовите зборови, колку воскресенија ќе има?
Исус рекол дека ќе има две воскресенија. Воскресение на добрите и воскресение на злите. Во овој прирачник ќе видиме дека тие две воскресенија ги обележуваат почетокот и завршувањето на милениумот. Воскресението на добрите го обележува почетокот на милениумот. Воскресението на злите го обележува крајот на милениумот.
Само Исус, Кнезот на мирот, може и сака да внесе мир во овој наш свет.
Милениумот започнува
4. Кога започнува периодот од илјада години мир?
Илјадата години започнуваат со првото воскресение. Јасно е дека тоа е воскресението на праведните. Само оние кои имаат учество во ова воскресение ќе примат вечен живот.
5. Кога се случува првото воскресение?
Воскресението на праведните се случува во текот на второто Христово доаѓање. Тогаш „мртвите во Христа“ ќе бидат подигнати од своите гробови и заедно со своите мили и драги ќе бидат земени на облаците да се сретнат со Христа. Сосем е јасно дека овде воопшто не се ни споменува дека Исус, Неговите ангели и спасените ќе се сретнат во Ерусалим или каде било на оваа Земја. Првото воскресение се случува за време на буквалното, физичко доаѓање на Исуса Христа и Неговите ангели.
6. Што ќе се случи со неправедните за време на второто Христово доаѓање?
Кога Исус ќе се врати, оние луѓе кои одлучиле да живеат без Бога ќе бидат уништени со светлината и чистотата на Неговото доаѓање. Кога само еден ангел дошол на Земјата при воскресението на Исуса Христа, стражарите попаѓале како мртви (Матеј 28,2.4). Можете ли да ја замислите глетката „кога ќе дојде Синот Човечки во својата слава и сите свети ангели со Него“ (Матеј 25,31)? Беззакониците ќе паднат како да ги удрила молња и ќе останат мртви во текот на следните илјада години.
Второто доаѓање ќе предизвика целата земја да опусти. Тоа ќе биде најголемиот земјотрес во историјата. Ќе ги снема островите. Планините ќе се израмнат, големи парчиња мраз како град ќе паднат на земјата (Откровение 16,18-21). Сите тие настани ќе ги уништат живите беззаконици. Неправедниците, кои веќе биле мртви, ќе останат во своите гробови сè до крајот на милениумот (Откровение 20,5).
7. Како пророкот Еремија го опишува уништувањето на беззакониците во текот на второто Христово доаѓање?
Уништувањето на планетата Земја ќе биде целосно. Никој нема да плаче над мртвите и нема да има погреби. Мртвите едноставно ќе останат на површината на земјата. Светот, кој достигна околу седум милијарди жители, сега ќе биде целосно пуст и ненаселен. Веќе нема да има ниедно човечко битие кое би живеело на Земјата по второто Христово доаѓање.
Една од најлукавите измами на сатаната е замислата позната како „теорија на втората можност”. Многу евангелски христијани веруваат во теоријата на „втората можност“, во можноста дека ќе се покајат по „тајното Христово доаѓање“. Меѓутоа, Библијата е јасна. Кога Исус ќе се врати, беззакониците ќе бидат уништени и веќе нема да има никаква друга можност за покајание. Секој човек имал можност да го прифати дарот на спасението. Секој случај е заклучен пред второто Христово доаѓање (Откровение 22,11.12). Нема никаква друга можност. Нема никакво средно решение. Нема неутралност. Сега е време да се подготвиме и да бидеме спремни за Неговото второ доаѓање!
Сиже:
Милениумот започнува со првото воскресение, кое се случува во текот на Христовото второ доаѓање. Умрените праведници ќе станат од своите гробови. Тие ќе се сретнат со Исуса и заедно со живите праведници ќе бидат земени на Небото. Сите беззаконици ќе бидат уништени во тоа време и Земјата ќе остане целосно пуста и ненаселена.
Настаните во текот на милениумот
8. Каде Исус ќе ги однесе спасените по своето второ доаѓање, и каде тие ќе ги минат следните илјада години?
Омилената теорија за Исусовото владеење над овој свет во текот на милениумот, со Ерусалим како главен град, не се наоѓа никаде во библиското пророштво. Целокупната цел на второто Христово доаѓање е да ги собере праведните и да ги однесе на Небото за да живеат таму со Него. Исус им ветил на своите следбеници дека ќе им подготви станови на Небото. Им рекол: „Таму каде што сум јас, и вие ќе бидете!“ Токму затоа праведниците се среќаваат со Исуса на облаците, а не на планетата Земја.
9. Какви околности ќе владеат на земјата во текот на илјада години?
Овој свет ќе лежи опустошен во текот на милениумот. Тоа нема да биде место на мир и напредок. Земјата ќе биде „празна“ (Исаија 24,1). Исус рекол дека ќе биде уништена како Содом и Гомора (Лука 17,28-30). Далеку од тоа да биде место на слава, Земјата ќе изгледа како што изгледала пред седмицата на создавањето – „без обличје и пуста“. Планетата Земја ќе стане пустош.
Второто Христово доаѓање зад себе ќе остави целосно пуста, ненаселена Земја.
10. Што ќе се случува со сатаната во текот на милениумот?
Сатаната не бил уништен при Второто Христово доаѓање. Тој е врзан и фрлен во „бездна“. И овде пророштвото се служи со сликовит јазик. Ајде да истражиме што значи!
Сатаната е фрлен во бездна
Грчкиот збор во оригинал гласи „абисос“. Тоа значи мрачен хаос, пустош, опустошено подрачје. Тоа не означува огромна пукнатина која буквално нема дно. Состојбата на светот во текот на милениумот е иста каква што била пред седмицата на создавањето. „Абисос“ – без обличје и пуста – бездна (1. Мојсеева 1,2).
Сатаната е врзан со синџири
Ѓаволот ќе биде врзан на оваа Земја без никаква можност кого било да искушува или да мачи. Тој веќе нема да може кого било да мами зашто праведните се на Небото, а беззакониците се мртви. Синџирот со кој е врзан сатаната не е некој физички синџир. Тој е духовно битие кое многу лесно може да го отфрли и најјакиот синџир. Ѓаволот ќе биде врзан со синџирот на околности кои го спречуваат да го прави она што инаку би го правел. Дури и денес, ако се најдеме во околности кои се надвор од нашата контрола, се служиме со изразот „врзани ми се рацете“. Бог на сатаната му дал илјада години да размислува за своите дела и за страшните последици од одлуката да застане на страната на гревот.
11. Што ќе прават спасените на небото во текот на илјада години?
Праведните нема да владеат на Земјата. Тие ќе бидат на Небото со Христа. За тоа време, тие ќе продолжат да го градат своето блиско пријателство со Исуса. Ќе бидат вклучени и во судењето на беззакониците (1. Коринќаните 6,2.3). Бог ќе им ги отвори небесните книги на записите и ќе им го покаже на своите избавени животот на беззакониците и одлуките што ги носеле.
Во текот на тој период ќе ги добиеме одговорите на своите многубројни прашања. Зошто серискиот убиец е на Небото, а мојата мајка не е? Луѓето ќе ги видат доказите кои ќе им покажат колку се трудел Бог да го спаси секој човек и сите ќе бидат задоволни и осведочени дека Бог е праведен и вистинит судија. Тоа е и време кога Божјиот народ ќе мора заедно со Исуса да донесува одлуки за казнувањето на беззакониците. Бог ги вклучува своите избавени во тој процес за да биде сигурен дека ќе ја разберат природата на Неговата љубов и праведност.
Сиже:
Во текот на милениумот праведните ќе бидат на Небото. Тие ќе минуваат квалитетно време со Исуса и ќе бидат вклучени во разгледувањето на пресудите и во судењето на неправедните. Тоа е време кога ќе ги добиеме одговорите на своите многубројни прашања. Ќе дојдеме до вечна извесност дека Бог е праведен и чесен во своите судови. На Земјата, единствени жители ќе бидат сатаната и неговите демони. Тие демони ќе бидат врзани со синџирот на околности кој ќе овозможи да не можат да прават ништо друго освен да размислуваат за Божјата љубов и за ужасните последици на своите одлуки дека грешат.
Крајот на милениумот
12. Што ќе се случи со беззакониците на крајот на милениумот?
На крајот од илјада години сите беззаконици од целата историја на планетата Земја ќе станат од своите гробови. При овој настан „сатаната ќе биде пуштен од затворот свој“ (Откровение 20,7). Ѓаволот е пуштен затоа што сега повторно има што да прави. Покрај себе има милијарди луѓе за врз нив да ја испробува успешноста на своите лукавства. Сега повторно може да ги заведува и мами.
13. Кој и што ќе се спушти од небото на земјата на крајот на милениумот?
На крајот од илјада години, Светиот град слегува од Небото населен со Божјиот народ. Златниот град слегува на Маслиновата Гора (Захарија 14,4). Сега е време Исус да владее од Ерусалим. Меѓутоа, тоа не е стариот град во современиот Израел. Тоа е нов град што го направил самиот Бог. Светиот град е толку величествен што е опишан како невеста променета за својот маж (Откровение 21,2). Градот има ѕидишта направени од скапоцени камења и улици од злато. Има и дванаесет врати од бисери и темели направени од различни скапоцени камења (Откровение 21).
14. На што ќе ги наговара сатаната беззакониците кои станале од мртвите?
Дури ни по илјада години размислување сатаната нема да се промени. Тој ќе излезе да ги измами сите беззаконици да му се придружат во конечната битка против Бога. Еден од најтажните текстови во Библијата го опишува бројот на беззакониците како „морскиот песок“. Овде, буквално, милијарди луѓе му се придружуваат на сатаната во последниот залуден напор да стекнат власт над вселената и над Светиот Божји град. Тоа е последниот сатанин напор – напор кој ќе го доведе до неговата конечна пропаст.
15. Што ќе им се случи на беззакониците кога ќе се обидат да го заземат Божјиот град?
Кога ѓаволот и неговите војски ќе го опколат градот, Бог ќе се вмеша и ќе стави крај на сиот нивен обид. Беззакониците се осудени во согласност со своите дела и огнот ќе ги проголта. Тоа е вистинскиот пекол за кој говори Библијата. Беззакониците – вклучувајќи ги и ѓаволот и неговите демони – ќе бидат уништени во огнено и сулфурно езеро (Откровение 20,10-14).
Уништувањето на беззакониците е дело на праведноста, а не на суровоста. Овој настан е исто толку болен за Божјото срце како и смртта на Неговиот Син на Голгота. Сепак, Тој знае дека тоа мора да се случи. Бог направил сè што можело да се стори за да ги спаси оние кои сега ќе мора да ги уништи. Тој ги сакал и го дал својот живот за нив. Меѓутоа, тие истрајале во своето одбивање на Неговата љубов. Бог не може да дозволи грешниците да се населат и на новата Земја. Кога би го сторил тоа, само би го продолжил владеењето на гревот, страдањата и бедата.
Сиже:
По милениумот Светиот град слегува од Небото на Земјата со Исус и со спасените. Беззакониците станале од своите гробови при второто воскресение. Ѓаволот ги наговара да се соединат во последниот напад против Бога и Неговиот град. И додека тргнуваат да го нападнат градот, Бог дејствува и ја извршува казната со огнот. Ѓаволот е уништен. Беззакониците се уништени. Гревот и грешниците засекогаш ги снемува од вселената.
Нoвaта Зeмјa
16. Што ќе стори Бог на оваа Земја кога сатаната и гревот ќе бидат уништени?
Бидејќи морале да го гледаат делото на огнот, очите на праведните ќе се исполнат со солзи, но Исус ќе ја отстрани секоја солза од нивните очи. Бог ќе направи никој да не се сеќава на оваа жална завршна глетка (Исаија 65,17). Сите траги на гревот ќе ги снема. Божјиот народ ќе ужива во вечноста исполнета со среќа и ќе живее на сосема новата совршена Земја.
17. Како ќе изгледа животот на новата Земја?
Никому нема да му биде досадно на новата Земја. На неа ќе има задоволства кои ќе траат вечно. Тоа ќе биде место на кое ќе можеме да создаваме и да градиме како сакаме (Исаија 65,21.22). Исус ќе живее со нас така што ќе можеме да минуваме квалитетно време во Негово друштво (Откровение 21,3). Новата Земја ќе биде и рај за љубителите на животни; лавови и јагниња, мечки и крави – сите ќе играат заедно, а мали деца ќе ги водат (Исаија 11,6.7). Господ посебно ќе ја обликува новата Земја да уживаме на неа и секој момент да Го запознаваме сè подобро.
Три факти што треба да ги запомниме:
- Постојат две воскресенија – воскресение за живот и воскресение за суд.
- Меѓу двете воскресенија ќе изминат илјада години.
- Во текот на тие илјада години спасените ќе бидат со Исуса Христа на Небото.
Случка:
Нил бил младич, по потекло од Германија, кој одлучил да престане да оди во црква и да почне да експериментира: алкохол, девојки и забава. Секогаш кога се враќал дома доцна во ноќта, мајка му го чекала и го прашувала каде бил и што правел.
Еднаш, кога ги посетил некој семеен пријател, мајката го замолила да разговара со нејзиниот син. Кога тој пријател го прашал Нил што мисли Бог за него поради тоа во што се впушта, Нил одговорил отсечно: „Тој ме мрази!“ Пријателот веднаш сфатил дека допрел до болната точка во Ниловото срце. Нил не сакал да живее вечно во Господовото друштво, зашто погрешно ги сфатил Божјите намери. Освен тоа, сатаната го измамил да мисли дека Бог го сака само кога прави добро, а дека го мрази кога прави зло.
Пријателот на Нил му покажал текст од Книгата на пророкот Еремија: „Со вечна љубов те засакав и затоа останав милостив кон тебе“ (Еремија 31,3). Гледајќи како на момчето му течат солзи низ образите, пријателот го запрашал дали би сакал да го прифати Исуса како свој пријател и Спасител. Таа вечер Нил и неговиот пријател клекнале заедно крај Ниловата постела и Нил донел одлука да живее вечно со Исуса.
Дали ти веќе си ја донел одлуката да го прифатиш Исуса?
1. Што би му кажал на некој кој тврди дека не сака да оди на Небото доколку и целото негово семејство не биде на Небото?
2. Замисли го својот прв разговор со Исуса. Што би сакал да му кажеш?
3. Што мислиш, што би ти се допаднало најмногу на новата Земја?