17. Живoт пo смртта

17. Живoт пo смртта

Една од најголемите тајни на животот е смртта. Што се случува со луѓето кога ќе умрат? Каде одат? Дали е тоа конечен крај на целото патување или само негов почеток? Дали човекот по смртта е целосно мртов или некој негов дел продолжува да живее?

Во различните култури во светот, умрените се погребуваат на различни начини. Во западниот свет, ковчегот и гробот ископан во земја претставува типичен закоп. Будистите во Тибет повеќе сакаат „небесен погреб“. Тие упатуваат молитви за своите умрени, а потоа ги изложуваат на високи места да ги јадат птици. Посетата на Каиро ќе ве соочи со мумиите на фараоните и со големите пирамиди во кои тие биле погребувани.

Можеби сте имале можност да видите хиндуистичко спалување на умрени на отворено, на брегот на реката Ганг. Остатоците потоа церемонијално се фрлаат во реката. Археолозите откриле илјадници гробови во Стара Персија; сите тие се наоѓале во пукнатините на карпите свртени кон омилената планина Рахмат („планината на милоста“).
Одредиштето на мртвите го поделило светот. Во христијанството многумина веруваат дека „душата“ оди право на Небото или, можеби, во пеколот. Други веруваат во место наречено чистилиште – подрачја на духовно чистење пред заминувањето на Небо. „Лимбо“ е местото на кое одат луѓето кои не се доволно добри за Небото, но ни доволно лоши за пеколот. Во некои религии, животот по смртта се одвива на местото кое се нарекува „рај“. Многумина во светот сепак веруваат дека мртвите не одат никаде.

Речиси половина свет верува во реинкарнација, кога душата проживува еден по друг повеќе животи на планетата Земја. Обликот на тој живот може да биде ниж или повисок од претходниот. Сè зависи од моралната висина на животот во кој моментално се живее.

Заинтересираноста за натприродното е обележје на 21. век. Многумина денес се сеќаваат на искуства на блиска смрт кога им изгледало како да го напуштиле своето тело и влегле во некоја сфера на блескава светлина и необјаснива убавина.

Високоценети телевизиски програми прикажуваат „премин преку границата“. Се прикажуваат „директни“ разговори на живите со мртвите. Цртаните филмови, илјадници страници на интернет, најдобро продаваните книги и популарните игри со помош на штици или плочи исто така претставуваат настојување да се овозможат отворени разговори со мртвите.

Луѓето гледаат прикажувања на Блажената Девица низ целиот свет. Мислат дека таа ги храбри во нивната вера и дека им упатува пораки на надеж и мир во светот.

Сè повеќе и повеќе луѓе посетуваат медиуми и „духовни водачи“ со надеж дека ќе стапат во врска со саканите умрени роднини. Тие на тој начин сакаат да добијат пријателска помош за да стекнат смиреност, поддршка и сила и да се соочат со своите емоционални тешкотии и губитоци.

Има ли живот по смртта? Што е тоа душа? Што е тоа дух? Можеме ли да разговараме со нашите сакани по нивната смрт и, ако е можно, треба ли да го правиме тоа?
Оваа лекција ги открива тајните на животот по смртта. Во неа се истакнува зошто е потребно правилно да се разбере оваа тематика, која е толку значајна за нашата иднина.

1. Каква улога ќе имаат натприродните појави во последното време?

Откровение 16,14: „Зашто тоа се ѓаволски духови кои прават чуда; тие одат кај царевите на целиот свет, за да ги соберат за војна во оној голем ден на Бог Седржителот.“

Библиското пророштво најавува дека демони ќе изведуваат натприродна чуда за да го прелажат светот. Тие чудесии ќе опфатат појавување на „лажни пророци и лажни христоси“ (Матеј 24,24). Милиони ќе бидат прелажани од демони и од самиот сатана кој ќе се појавува во ликот на умрените исцелители и водачи.

Можете ли да замислите што би се случило кога Исус Христос, или Буда, или Мухамед, или Ганди, или Блажената Девица би се појавиле уште еднаш на светот? Замислете едноставно сеопшт мировен план за светот измачен од природни катастрофи и тероризам. Колку лесно би биле наведени народите и религиите во светот да ја жртвуваат вистината за да создадат „еден единствен свет“ со нов светски поредок?

2. Со која метода треба да ги испитуваме натприродните феномени?

Исаија 8,19.20: „И кога ќе ви речат: Обратете се кон оние, што извикуваат мртовци, и кон маѓесници, кон бајачи и оние што говорат од стомак, тогаш одговарајте: не треба ли народот да се обрнува кон својот Бог? Се прашуваат ли мртви за живи? Допрашајте се до законот и откровението! Ако некои речат дека не е така, тогаш за нив нема светлина.“

Наместо да бараме медиуми и астролози како свои „духовни водачи“, Библијата вели дека треба да бараме насочување од Создателот. Впрочем, Тој е единствениот кој навистина ја знае иднината (Исаија 49,9.10).

Постои јасна проверка на која треба да се стави сè што е натприродно – „законот и сведоштвата“. Божјата Реч е патот по кој треба да го бараме Божјото насочување. Ако сакаме да се обезбедиме дека демоните нема да нè прелажат, тогаш Божјата Реч – законот и сведоштвата – е извор на заштита и вистина.

Еден од најуспешните методи на ѓаволот е да ја поткопа довербата во Библијата, на тој начин што ќе влијае на сетилата и чувствата. Посета на медиум може да го трогне срцето. Со него расправате за прашања како што се односи, успешна иднина, тага и осаменост. Ви изгледа сосем природно што понекогаш емоциите надвладуваат над разумот. Дури може да се случи да видите, да слушнете или да допрете некого за кого сте мислеле дека е засекогаш загубен за вас.

Измамите во последните денови ќе претставуваат предизвик за нашата вера во Бога и во Неговата Реч. Сега е време да покажеме вера, ставајќи го на проверка, со помош на Библијата, сето она со што се соочуваме во животот.

 

3. Дали Бог ни упатил некакво предупредување против барањето средба со умрените?

5. Мојсеева 18,10-12: „Да не се најде меѓу вас човек кој го тера синот свој или ќерката своја да помине преку оган, заради очистување, или да претскажува, да гата, или, пак, маѓепсник, бајач, или што повикува духови, ниту, пак, волшебник, ни таков што разговара со мртви; зашто, секој, кој го прави тоа, е гнасен пред Господ, и токму поради тие гнасотии Господ, твојот Бог, ги изгонува од пред тебе.“

Бог му упатувал постојани предупредувања на својот народ да се држи подалеку од секакво дружење со медиуми и зли духови (3. Мојсеева 19,31). „Блиските духови“ ги вклучуваат и оние личности кои сте ги познавале и сте ги сакале многу години, а кои сега се наоѓаат во нивните гробови.

Разбирливо е зошто луѓето сакаат да стапат во врска со своите умрени роднини. Само еден збор на охрабрување и љубов им носи утеха и надеж на ожалостените. Според тоа, зошто Бог толку решително застанува противи тоа човек да бара да стапи во врска со умрените?

Ако сакаме да бидеме сигурни дека злите духови нема да нè измамат, тогаш Библијата (законот и сведоштвото), претставува Божји извор на заштита и вистина.

4. Дали е воопшто можно мртвите да разговаат со вас?

Проповедник 9,5: „Живите знаат дека ќе умрат, а мртвите ништо не знаат, и веќе за нив нема награда, зашто и споменот за нив е предаден на заборавот.“

Првобитниот „медиум“ била змијата во Едемската градина. Бог ги опоменал Адама и Ева дека непослушноста донесува смрт. Ѓаволот ја изговорил својата прва лага на Земјата преку змијата – „нема вие да умрете“ (1. Мојсеева 3,4). Од тоа време ѓаволот направил таа лага да стане клучно учење практично во секоја лажна религија. Луѓето денес го прифаќаат мислењето дека во моментот на смртта умира само телото, додека „душата“ продолжува да живее.

Оваа тема е исклучително важна за сите. Гледиштето, кое се сложува со првата лага што ја изговорил ѓаволот, ќе ги подготви луѓето за големата измама во последното време.

Во преостанатиот текст на овој прирачник ќе разгледуваме што вели Библијата за животот по смртта.

5. Kако Бог ги создал човечките битија?

1. Мојсеева 2,7: „И Господ Бог го создаде човекот од земен прав и му дувна во лицето дух животен; и човекот стана жива душа.“

Разбирањето на смртта започнува со разбирање на животот. Бог чудесно ги обликувал човечките битија од земниот прав и тогаш во нив вдахнал живот.
Битие или „душа“ се поими кои наизменично се употребуваат во многу преводи на Библијата (еврејскиот збор за битие – „нефеш“ – се преведува стотици пати во Библијата како „душа”). Извештајот за создавањето ја дава најдобрата дефиниција за душата која може да се најде во Библијата.

Земен прав + животен здив = жива душа

Библијата вели дека вие сте жива душа. Бог не ставил душа во Адама и Ева. Тој вдахнал во нив животен здив (животна енергија или животен дух) и тие станале жива душа. Во мигот на смртта вие престанувате да бидете жива душа.

Да илустрираме: светилка + електрицитет = светлина

Кога ќе го исклучите доводот на електрична струја, светлината престанува да постои. Светлината не патува по електричните жици назад до електричната централа. Таа едноставно престанува да постои. Земете му го на човекот животниот дух даден од Бога и веќе нема жива душа.

Друг соодветен пример би бил правењето дрвена кутија. Ако имаме неколку штици и шајки, можеме да земеме чекан и пила и да направиме дрвена кутија. Ако повторно ги извадиме шајките, кутијата ќе се распадне. Таа едноставно престанала да постои. Ја нема веќе. И повторно, му го одземеме ли на човека животниот здив, тогаш и душата престанува да постои.

Библијата вели дека Бог спасил осум души во Ноевиот ковчег (1. Петрово 3,20). Важно е да се нагласи дека се работело за осум живи луѓе, а не за осум бестелесни духови!

Старите грчки филозофи го застапувале мислењето дека луѓето имаат во себе бесмртна душа. Тоа за нив бил свесниот и бесмртен дел од личноста кој продолжува да живее и по смртта на телото. Меѓутоа, Библијата е мошне јасна. Бог го создал човекот како живо битие или жива душа од земниот прав и му вдахнал животен здив.

Библијата е јасна. Невозможно е умрена личност да разговара со вас – зашто мртвите не знаат ништо!

6. Што се случува кога некој ќе умре?

Проповедник 12,7: „И ќе се врати правот во земјата, како што си бил; а духот ќе се врати кај Бога, Кој го дал.“

Секој човек по смртта се распаѓа и повторно станува земјен прав, додека животот или животниот дух се враќа кај Бога кој го дал. Овој процес е обратен од процесот на создавање. Кога телото се враќа во правот, а животниот дух се враќа кај Бога, живата душа престанува да постои. Овде нема никаква разлика меѓу добрите и лошите луѓе. Тоа е процес низ кој минува секој човек што ќе умре.

Што е „животниот дух“ кој се враќа кај Бога? Животниот дух не е исто што и душата. Самиот збор „дух“ доаѓа од еврејскиот збор „руах“, кој едноставно значи дишење или здив. Во Новиот завет зборот за дух е грчкиот збор „пнеума“, кој исто така значи здив или воздух. Неколку зборови денес го имаат тој збор во својот корен. На пример, „пневмонија“ е болест на белите дробови кои вдишуваат воздух. „Пневматик“ е автомобилска гума која содржи воздух во себе.

„Духот“ кој се враќа на Бога не е некој дух или личност; тоа животен здив. Оваа „искра на животот“ е дар од Бога на секое живо суштество и ни овозможува да живееме.

7. Што се случува со нашите емоции кога ќе умреме?

Проповедник 9,6: „И љубовта нивна, и омразата нивна и љубомората нивна веќе исчезнале, и ќе немаат дел довека во ништо, што се случува на земјата.“

Во мигот на смртта сите емоции и чувства престануваат. Умрената личност не може да теши жива личност или да возврати љубов. Исполнето битие или душа со емоции не постои по смртта. Сите чувства ги снемува.

8. Може ли душата да умре?

Езекиел 18,4: „Која душа греши, таа ќе умре.“

Сатаната бил мошне успешен во ширењето на својата лага, „нема вие да умрете“. Речиси сите пагански религии на сите континенти и во сите култури го застапуваат мислењето дека постои душа која ја надживува смртта на телото. Единствено Библијата се истакнува како противник на замислата за „бесмртната душа“.

Библијата вели дека живата душа престанува да постои по смртта. Сите згрешија (Римјаните 3,23) и затоа секоја душа мора да умре. Иако зборовите душа и дух се појавуваат во Би­блијата повеќе од 1700 пати, нема ниту едно единствено место кое би навестувало дека постои и некоја бесмртна душа.

Живата душа престанува да постои кога телото се враќа во правта и кога здивот на животот се враќа кај Бога.

9. Единствено кој има бесмртност?

1. Тимотеј 6,15.16: „…Цар над царевите и Господар над господарите, кој е единствен бесмртен…“

Постои само едно битие кое има бесмртност – вечниот Бог. Бог постои од вечноста и ќе продолжи да постои како Бог во вечноста. Ние со доверба можеме да се надеваме во единствениот бесмртен Бог.

10. Дали добрите луѓе по смртта одат директно на небото?

Дела 2,29.34: „Мажи браќа, нека ми е дозволено да ви зборувам слободно за прататкото Давид, дека тој умре и беше погребан, а гробот негов е меѓу нас сè до денешниов ден… Зашто Давид не отиде на небесата.“
Псалм 115,17: „Не ќе Те слават мртвите, Господи, ниту оние, што слегуваат во местото на молкот.“

Бог го опишал Давид како човек кој е достоен за Небото: „маж по срцето свое“ (Дела на апостолите 13,22). Во книгата „Дела на апостолите“, апостол Петар – околу илјада години по смртта на царот Давид – категорички изјавува дека Давид не е на Небото. Давид бил и сега е во својот гроб, одморајќи се до второто Христово доаѓање.
Секој кој е на Небото секако дека го возвеличува Бога. Меѓутоа, Библијата вели дека мртвите не го слават Бога (Псалм 115,17). Нема веќе никакви емоции ниту богослуженија меѓу мртвите. Освен тоа, и Исус им рекол на своите ученици дека повторно ќе бидат со Него кога Тој ќе се врати на Земјата, а не веднаш по смртта (Јован 14,3). Многу е јасно, праведниците не одат на Небото веднаш по смртта. Мртвите почиваат во своите гробови сè до Исусовото доаѓање.

11. Дали Библијата зборува за реинкарнација?

Евреите 9,27: „И како што им е на луѓето определено да умрат еднаш, а потоа – суд.“

Едно истражување на Универзитетот Монаш во Австралија покажува дека повеќе од половината млади луѓе во таа земја веруваат во реинкарнација. Библијата вели дека на секој од нас му е одредено да умре еднаш. Ние не живееме и не умираме неколку пати.

12. Како Исус ја нарекол смртта?

Јован 11,11-14: „Ова им го кажа, а потоа им рече: Лазар, пријателот наш, заспал; но ќе отидам да го разбудам…. Исус го рече тоа за смртта негова, а тие мислеа дека говори за заспивање со сон. Тогаш Исус рече отворено: Лазар умре!“

Кога Исус говорел за смртта на Лазар, Тој ја споредил со „сон“, „спиење“. Лазар не заминал на Небото, туку останал во својот гроб, спиејќи со смртен сон. Исус рекол: „Лазаре, излези надвор!“ а не „Лазаре, слези долу!“ (Јован 11,43). Замислете колку би било нечесно, доколку Лазар уживал бесмртен живот на Небото, Исус да го повика да се врати на Земјата и да продолжи да живее со овој смртен живот.

Повеќе од 50 пати во Библијата смртта е наречена „сон“. Луѓето ги затвораат своите очи во мигот на смртта и следното што ќе го видат ќе биде Исусовото доаѓање; дури тогаш ќе се соединат со своите мили и драги и дури тогаш ќе тргнат кон Небото.

13. Дали Исус му рекол на разбојникот на крстот дека ќе оди на Небото оној ден кога ќе умре?

Лука 23,42.43: „А Исус му рече: ’Вистина ти велам денес ќе бидеш со мене во рајот’.“

Изгледа како Исус да му ветил на разбојникот на крстот дека тој ден ќе биде со Него во рајот. Сигурно е дека многумина христијани веруваат дека текстот го потпира таквото гледиште. Меѓутоа, кога го проучуваме овој текст, треба да видиме каде е ставена запирка. Во оригиналниот грчки ракопис немало ни точка ни запирка во реченицата. Последица: преведувачите ставале интерпункција таму каде што мислеле дека треба да стои.

Во поглед на овие Исусови зборови, контекстот јасно сведочи дека запирката мора да биде ставена зад зборот „денес“, наместо пред него. „Вистина ти велам денес, ќе бидеш со мене во рајот.“

Ние сигурно знаеме дека разбојникот не бил во рајот тој ден, на Велипеток, зашто не ни умрел тој ден. Војниците му ги скршиле нозете подоцна тоа попладне, зашто сè уште не бил умрен (Јован 19,31.32). Второ, ни самиот Исус не отишол на Небото тој ден. По своето воскресение, Исус ѝ рекол на Марија: „И рече Исус: ’Не допирај се до Мене, зашто уште не сум се вратил кај мојот Отец’“ (Јован 20,17). Како можел да биде на Небото во петок, ако сè уште не бил на Небото ни во неделата? Доколку се стави запирката на местото на кое ја ставиле преведувачите, таа предизвикува изразито несовпаѓање во Библијата. Многу современи преведувачи ја исправиле таа грешка ставајќи ја запирката на нејзиното право место.

Разбојникот на крстот ќе биде на Небото, но дури откако ќе биде воскреснат при второто Христово доаѓање.

14. Што ќе се случи со праведните покојници во текот на Христовото второ доаѓање?

Јован 5,28.29: „Не чудете се на ова, зашто иде часот кога сите, кои се во гробовите, ќе го чујат гласот на Синот Божји, и ќе излезат: кои правеле добро – ќе воскреснат за живот, а кои правеле зло, ќе воскреснат за осудување.“ 
1. Солуњаните 4,15-17: „Ова, пак, ви го велиме преку словото Господово, дека ние, живите, што ќе останеме до доаѓањето на Господ, нема да стигнеме пред упокоените. Бидејќи Сам Господ по заповед, на гласот на архангел и при труба Божја, ќе слезе од небото, и најнапред ќе воскреснат мртвите; а потоа, ние, што сме останале живи, заедно со нив ќе бидеме грабнати на облаците, за да се сретнеме со Господ во воздухот, и така секогаш ќе бидеме со Господ.“

Надежта на христијаните не е смртта, туку воскресението. Смртта не е нешто од што треба се плашиме, затоа што Исус ги има клучевите од гробот (Откровение 1,18). Тој ќе го отвори и вашиот гроб за време на воскресението и вие ќе станете да се сретнете со Него на облаците.

Замислата дека луѓето одат на Небото веднаш по смртта, како да се исмева на двете најважни вистини во Библијата. Второто Христово доаѓање би било бесмислено, а воскресението уште побесмислено. Исус рекол дека повторно ќе дојде со награда за секој човек, во согласност со делата кои ги направил во текот на животот (Матеј 16,27). Би било тогаш многу чудно и необично кога праведниците веќе би уживале во својата награда на Небото!

Библиската вистина за состојбата на мртвите е прекрасна вест. Можете ли да замислите како бебето кое умрело оди на некое ново место сосем само без таткото и мајката? Можете ли да замислите колку би било жално човек да престојува на Небото и да гледа долу кон своите сакани како се мачат и тагуваат? Не! Тоа не е начинот на кој Библијата ја опишува смртта. Библијата вели дека се одмораме во гробот спиејќи. А тогаш, навидум во следниот миг, доаѓа Исус. Од тој момент ние ќе живееме со Исуса и со нашите мили на место на кое веќе нема да има ни грев ни жалост.

Повеќе од 50 пати во Библијата смртта се нарекува „спиење“. Луѓето ги затвораат своите очи кога умираат и првото што ќе го видат кога ќе ги отворат повторно ќе биде Исус кој повторно дојде.

15. Какво тело ќе добијат праведниците при второто Христово доаѓање?

1. Коринќаните 15,51-54: „А кога ова распадливо ќе се облече во нераспадливост, и она смртното – во бесмртност.“

Уште добри вести! При воскресението вие ќе добиете ново тело. Ќе добиете нов живот кој е совршен – и физички и духовно, живот кој никогаш нема да престане. Некои луѓе се прашуваат што ќе стори Господ со оние чиишто тела се раскинати, изгубени или запалени. Ако Бог можел да го создаде човекот од земниот прав и да му вдахне животен дух и човекот да стане жива душа, нема потреба да бидеме загрижени околу тоа како Тој одново ќе го стори тоа. Бог ќе ни даде ново тело и ние ќе живееме вечно.


Три факти што треба да ги запомниме:

  • Душа е живото битие – душите се создаваат, живеат и умираат.
  • Умрените луѓе се враќаат во земниот прав, додека животниот дух си оди назад кај Бога кој го дал.
  • Надежта на христијаните е воскресението за време на второто Христово доаѓање.

Случка:

Марко чувствувал болки во стомакот и докторот му одредил медицински тест при кој била потребна целосна анестезија. Марко бил мошне вознемирен поради тие процедури, зашто се плашел дека ќе се „разбуди“ во текот на операцијата. Во моментот кога Марко помислил дека ја губи свеста, им довикнал на сестрите: „Не започнувајте ја операцијата зашто сè уште не сум целосно опиен.“

Кога медицинската сестра му кажала на Марко дека операцијата е веќе завршена, тој не можел да се изначуди. Додека размислувал за својата ситуација, му се јавила мислата дека ова негово искуство е слично на смртта. Вие дури не сте ни свесни дека сте спиеле, а следното што го доживувате е учеството во воскресението.
Зошто мислите дека овој библиски концепт за смртта е толку добра вест?

Неколку лични прашања:
1. Дали се плашите од умирање? Зошто да, или зошто не?
2. Зошто мислите дека она што се случува за време на смртта е важно и од божествена перспектива?
3. Како мислите дека можете да се изборите со болката поради губиток на некој што го сакате? Од кого би побарале утеха и кој вид утеха би ви била потребна?

Ве молиме да го изработите тестот за да преминете на следната лекција.