5. Воено подрачје
„Злото е спореден производ, компонента на создавањето. Во светот кој еволуира кон сè повисоки облици на живот, омразата, насилството, агресијата и војната претставуваат дел од планот на еволуцијата“ (Howard Bloom, The Lucifer Principle, стр. 2).
Дали воопшто некогаш сте се запрашале зошто постојат омразата, насилството и злото? Кој или што има одговорност за тоа? Дали Бог го создал ѓаволот или Хауард Блум има право кога тврди дека злото е само дел од планот на еволуцијата? Ако Бог е навистина толку добар, зошто светот изгледа толку лошо? Зошто лоши работи им се случуваат на добри луѓе? Дали постои каква било потреба за грев, болка и страдања?
Оваа планета се наоѓа во средиштето на воено подрачје.
Што се случува на Земјата?
Старите природни религии го набљудувале својот свет како две спротивности – како добро и зло, светлина и темнина, живот и смрт, машко и женско. Нивните богови и божици ја одржувале глобалната хармонија, одржувајќи ја рамнотежата помеѓу тие две сили.
Истокот ги имал јин и јанг – двете спротивни но комплементарни и меѓузависни сили.
Според истражувачката група „Барна“, западното општество исто така ја вклучува и помрачната страна. Обичајот вика (wicca – магија, вражање и фрлање магија) многу брзо се развива во Соединетите Држави, особено меѓу младите луѓе. Спроведените истражувања во текот на пописот на населението укажуваат дека природните религии (пагани, друиди, пантеисти и вика) спаѓаат меѓу религиите кои најбрзо растат во земјите како што е Австралија.
Дали е добро да се бара рамнотежа меѓу силите на доброто и злото? Треба ли нашата духовност да опфаќа и некакво здружување со темнината? Дали е стварен ѓаволот? Ако е стварен, дали е опасен?
Овaa лекција, заедно со дополнителниот прирачник „Дали сме му важни на Бога?“ ја истражува и таинствената тематика за доброто наспрема злото. Ние ќе фрлиме поглед зад сцената и ќе го разгледаме космичкиот судир што беснее веќе илјадници години.
Фокусот на ова проучување е потеклото на злото.
1. Каде започнал гревот?
Според Писмото, гревот започнал со ѓаволот. Злото не е само сила, или дел од природата, или еден аспект од човековата свест. Злото се шири од самиот ѓавол. Многумина го сликаат ѓаволот како некое митско суштество од цртаните филмови со копита, рогови и со вила за превртување на несреќните души кои се печат во пеколот. Меѓутоа, ѓаволот е стварен. Тој е одговорен за злото, болката и страдањата во нашиот денешен свет. Всушност, ѓаволот многупати се споменува и во Библијата. Името „ѓавол“ се појавува над 60 пати, додека називот „сатана“ – друго име за ѓаволот – се споменува над 50 пати.
2. Кои симболи ги користи Библијата за да го опише ѓаволот?
Ѓаволот е наречен голема ламја, аждер или змев. Тој е опасен, смртоносен и страшен противник. Ѓаволот е и змија. Лукав и препреден, тој ви се приближува и неговото каснување е отровно. Интересно, во многу пагански култури, змејот и змијата се наоѓаат во средиштето на богослуженијата и обожавањата. Нивните симболи и денес може да се видат.
3. Кое име ги носел ѓаволот додека сè уште бил ангел на небесата?
Името Луцифер буквално значи „светлоносец“, име кое е сосем различно од името кое го носи и денес – сатана, со значење „противник“ и ѓавол, кое значи „обвинител“ или „клеветник“.
4. Дали Бог го создал ѓаволот?
Бог го создал Луцифер како совршено битие, како совршен ангел. Негов роден крај било Небото. Бил музички талентиран и заземал водечко место меѓу другите ангели. Луцифер бил чудесно убав, бистар и совршено мудар (Езекиел 28,12-15).
Бидејќи Бог е љубов, последното што би го сакал е некој да го обожава и слуша од страв или под принуда. Тој сака Неговите суштества да бидат придвижувани од љубов. Бог можел да го создаде Луцифер како робот, но роботот не може да сака или да донесува морални одлуки, па Бог му дал на Луцифер слободна волја да ја избере својата насока во животот. Бог го прави истото тоа и со нас денес. Тоа е голем ризик на кој е изложена љубовта. Прашајте кого било од родителите. Тие не се сигурни дали, кога нивните деца ќе пораснат, ќе бидат послушни или непослушни, но го преземаат тој ризик затоа што сакаат да имаат некого кого ќе го сакаат и кој нив ќе ги сака.
Луцифер избрал да се побуни против Бога и Неговата љубов. Тој го избрал злото наместо доброто. И како последица – од ангел станал демон.
Бог не го создал ѓаволот; Тој создал совршено битие кое самото направило ѓавол од себе.
5. Кој е првиот грев што го направил Луцифер?
Луцифер станал зол и себичен. На својата убавина и добрина почнал да гледа како нешто што треба да се обожава и посакал да биде како Бог. Бил љубоморен на Бога. Сакал и другите ангели да го обожаваат и да го слушаат него наместо Бога.
Дури и денес, во срцето на речиси секое зло, стојат горделивоста и себичноста. Тоа е насочување при кое ги почитуваме само своите желби и барања. Јас, мое и мене ги надвладуваат сите други лица и облици при граматичките промени. Токму по тој пат Луцифер ја започнал историјата на гревот со својата љубов спрема себеси.
6. Што се случило на небото кога Луцифер застанал против Бога?
Откровение 12,7-9: „И настана војна на небото: Михаил и неговите ангели војуваа против змевот, а змевот и неговите ангели војуваа против нив…“
Тешко е и да се замисли „војна“ на Небото, но тоа навистина се случило кога ѓаволот застанал против Бога, кој е полн со љубов. Овој судир е централно прашање на целокупното Писмо. Доброто против злото, вистината против лагата, Христос против сатаната, Љубовта против омразата. Иако сатаната ја изгубил војната на Небото, судирот продолжува и ние се наоѓаме сред него.
Суштината на таа војна била и останала обожавањето. Ние сме најсреќни кога го обожаваме само Бога (2. Мојсеева 20,3). Кога Исус дошол на оваа Земја, ѓаволот доживеал неуспех во своето настојување да го наведе Исуса да го обожава (Матеј 4,8-11). Сега, кога Исус си заминал, ѓаволот го насочува своето внимание на нас. Последниот голем судир на планетата Земја повторно ќе се води во врска со обожавањето. Бог го повикува светот да го обожава од љубов како Бог Создател (Откровение 14,6.7), додека завршниот напад на сатаната ќе биде да ги принуди луѓето да го обожаваат него или да се изложат на опасноста да загинат (Откровение 13,15).
7. Кого ѓаволот уште го има на своја страна?
Ѓаволот бил толку лукав во својата измама што една третина од ангелите му се придружиле на неговите сили против Бога и биле исфрлени од Небото заедно со него (Откровение 12,4). Не се знае колкумина биле, можно е да се милијарди, но тие ангели станале демони. Тие демони и сега дејствуваат како претставници на ѓаволот (Откровение 16,14).
Бидејќи Бог е љубов, Тој сака да го обожаваме од љубов.
8. Зошто Бог веднаш не го уништил ѓаволот?
1. Јованово 4,8: „Кој не љуби, тој не го познал Бога, зашто Бог е љубов.“
Бидејќи Бог е љубов, Тој сака да го обожаваме од љубов. Кога погрешил Луцифер, Бог можел веднаш да го уништи. Тоа би го решило проблемот за некое време, но другите ангели – кои не знаеле ништо за природата на гревот – би продолжиле да му служат на Бога од страв, а не од љубов. Тие постојано би се прашувале дали биле вистинити обвинувањата на сатаната против Бога?
И така Бог го избрал второто решение. Тој го ставил својот карактер „на проверка“ пред целата вселена. Му дозволил на ѓаволот да ги покаже резултатите од гревот, така што секој може да види дека Бог е љубов и дека е достоен да биде обожаван, додека единствениот исход од гревот ќе бидат болка, маки и страдања. Овој свет сега е централна сцена на таа голема драма (1. Коринќаните 4,9) и насекаде околу нас можеме да ги видиме тие страшни последици на гревот.
Основната Божја цел во текот на ова време е да спаси што е можно повеќе луѓе, да го отстрани гревот од целата планета и да обезбеди гревот никогаш повеќе да не се појави (Наум 1,9).
9. Како нашата планета се нашла вмешана во бунтот на сатаната?
Ѓаволот и неговите ангели биле отфрлени на Земјата. А како последица на тоа, тој со своите измами се нафрлил на луѓето. Бог ги создал Адам и Ева како совршени битија. Всушност, тие биле совршена двојка во совршена животна средина, под раката на совршениот Бог.
Слично на Луцифер, и Адам и Ева добиле можност слободно да изберат меѓу доброто и злото. Бог на Адам и Ева им ставил на располагање прекрасна градина, многубројни пријателски расположени животни и лично пријателство еден со друг и со самиот Бог. Меѓутоа, побарал од нив да не го допираат и да не ги јадат плодовите од едно дрво во градината, од дрвото на спознавањето на доброто и злото. Тоа била проверка на обожавањето и послушноста. ѓаволот се послужил со змијата како посредник за да ја измами Ева и да ја наведе на непослушност спрема Бога. Ева одлучила да се потпре на своите чувства и на зборовите на змијата наместо да ја послуша Божјата реч.
10. Кого сега напаѓа ѓаволот и најмногу го мрази?
Ѓаволот тогаш ги насочил своите напади на „жената“ – симболот на Божјата Црква (Еремија 6,2). Можеби веќе сте го чуле изразот „се бори како ѓавол“? Ѓаволот сега навистина се бори против Божјата последна Црква. Таа вистинска Црква ги опфаќа оние кои ги држат сите Божји заповеди и целосно веруваат во Исусовото сведоштво – што претставува израз кој ги опфаќа сите големи пророштва на Писмото (Откровение 19,10).
11. Која е основната цел на сатаната?
Основната цел на сатаната е да го лиши човекот од живот. Тој се обидува да нè наведе да се чувствуваме бедно, да се чувствуваме ранети и обесхрабрени и да се откажеме од животот, прекинувајќи го своето пријателство со Бога. Исус, од друга страна, дошол да ни дарува живот – живот во изобилие, живот полн со задоволства и радости.
12. Кое е основното оружје на сатаната против Божјиот народ?
Ѓаволот е измамник. Големиот судир помеѓу Христа и сатаната не е судир на сили; тоа е војна на вистината против лагата. Препредениот сатана ја меша вистината со лаги толку лукаво што успева да измами мноштво луѓе. Кога бил толку лукав да измами третина совршени ангели кои живееле со Бога, колку денес ние би морале да бидеме внимателни за да не паднеме како жртви на неговите лаги.
13. Може ли ѓаволот да биде добар?
2. Коринќаните 11,14: „И не е за чудење! Па и самиот сатана се преправа во ангел на светлината.“
Всушност, ѓаволот е најопасен кога е „добар“. Тој станува двократен агент во христијанството за да ги измами христијаните. Ние мора да бидеме многу претпазливи и да веруваме единствено во Божјата Реч, а не на она што го гледаме, слушаме или искусуваме.
14. Со кои клучни тактики се служи сатаната?
-
Погрешно ја цитира Библијата за да измами (Матеј 4,5.6)
-
Ја прогонува Божјата Црква за да ја обесхрабри во верата (Откровение 12,13)
-
Прави чуда за да привлече кон лажни религии (Откровение 16,13)
-
Работи преку лажни проповедници на евангелието за да ги измами луѓето (2. Коринќаните 11,13-15)
-
Донесува болка и болести за да ги обесхрабри луѓето и да го посрамоти Бога (За Јов 2,7)
-
Го опседнува човекот со демони за да воспостави целосна власт над нив (Лука 13,16)
-
Нè наведува на грев (2. Тимотеј 2,26)
Ѓаволот ја знае вредноста на успешната комуникација. Тој се обидува да ги расипе нашите линии за комуникација со Бога, влијаејќи на нас да ги занемариме личната молитва, размислувањето и проучувањето на Библијата. Тој потоа ги отвора своите линии за комуникација преку кои гледаме, слушаме и чувствуваме – првенствено преку медиумите. Многу филмови, телевизиски програми, книги, интернет сајтови и списанија вршат голема работа во наведувањето да поверуваме во ѓаволските лаги за Бога и за големите прашања за животот.
15. Како можам да му се спротивставам на сатаната и да го победам?
Важно е да го победиме ѓаволот на тој начин што ќе донесуваме правилни одлуки и ќе бараме божествена сила. Прво, треба да го предадеме или да го потчиниме својот живот на Бога. Тогаш мораме да му кажеме „не“ на ѓаволот. Ние треба да се соочиме со него лице в лице. Забележете дека ниеден дел од оклопот што е споменат во Ефесјаните не е ставен на наш грб; сите делови се наоѓаат од предната страна. Исус му се спротивставил на ѓаволот соочувајќи се со него, служејќи се со Божјата сила и цитирајќи го Писмото (Матеј 4,10). Ние не можеме да го победиме ѓаволот со своја сила. Мораме да побараме од Бога натприродна сила за победа.
16. Што ќе се случи со ѓаволот и со неговите демони?
На оние кои сакаат да го внесат животот на темнината во својот секојдневен живот, упатена им е опомена дека ѓаволот и сè што е поврзано со него ќе биде уништено. Тајната на мрачниот натприроден свет може да биде интересна, но одредиштето на еден таков сојуз јасно е назначено.
17. Како се чувствува Бог кога знае дека ќе мора да ги уништи злите?
Езекиел 33,11: „Кажи им, жив сум Јас, вели Господ Бог: Јас не ја посакувам смртта на грешникот, туку грешникот да се одврати од својот пат и да остане жив. Вратете се, вратете се од вашите лоши патишта; зошто да умирате вие, доме Израелов?“
Божјото срце мора да било тешко ожалостено кога Луцифер се побунил. Бог го сакал и сторил сè што било можно да го врати од неговите патишта. Денес Бог и тебе те сака, без оглед какви одлуки си донел во животот. Тој знае дека конечните резултати на злото се уништување и смрт, та затоа нè повикува сите нас да се свртиме од своите зли патишта и да му служиме. Тој знае дека само во тој случај имаме можност да стекнеме вистински мир и среќа.
Три факти што треба да ги запомниме:
- Бог е Бог на љубовта, кој создал битија со слобода за избор.
- Причината зошто страдаме и умираме мора да се припише на влијанието на злото и на сатаната.
- Ѓаволот ќе биде уништен и гревот никогаш повеќе нема да се појави.
Случка:
Седумдесет и тригодишен старец во Кенија бил нападнат од леопард покрај неговото поле со компири. Можел да бира – да се обиде да побегне и да си го спаси животот или да возврати на нападот. Овој земјоделец, Даниел М’мбуругу, решил да му се спротивстави на леопардот. „Глас, кој сигурно доаѓаше од Бога, ми шепна да ја фрлам мачетата и да ја бутнам раката во отворената челуст на ѕверот. Послушав“, рекол Даниел. Старецот успеал да го преживее нападот, влечејќи му го јазикот на леопардот. Успеал да го убие разгневениот ѕвер со голи раце.
Библијата го споредува сатаната со едно друго големо животно од светот на мачките. „Бидете трезвени, бидете будни, зашто вашиот противник, ѓаволот, обиколува како лав што рика и бара некого да проголта“ (1. Петрово 5,8).
Каква поука можеш да изведеш од оваа случка, поука која ќе ти помогне да го надвладееш сатаната?
1. Зошто е важно да сфатиме дека сатаната е реална личност што навистина постои?
2. Зошто е важно да го разбереш прашањето за големата борба меѓу Христа и сатаната?
3. Дали си пронашол каков било успешен начин да се спротивставиш на сатаната?
4. Постои ли некое подрачје во твојот живот во кое, по твое мислење, сатаната има власт над тебе, а ти би сакал тоа да биде потчинето на Исус?