3. Знаците на времето

3. Знаците на времето

Една од областите која поттикнува сè поголем интерес во денешното општество е астрологијата. Угледни личности, политичари и милиони други луѓе гледаат кон ѕвездите и очекуваат помош, мислејќи дека ѕвездите ќе им ја откријат иднината. Една од големите гледачки на подрачјето на астрологијата е медиумот познат под името „Ники“. Ники се појавува на радио и на телевизија на целото подрачје на Соединетите Американски Држави и тврди дека ја прорекла смртта на ловецот на крокодили Стив Ирвинг и на глумецот Хит Леџер. Секоја година таа гледа во ѕвездите и навестува низа случувања и тенденции, почнувајќи од природни катастрофи до стилови на машка мода.

Мапирањето на небесниот свод и проучувањето на небото започнало во мистичните вавилонски религии. Ѕвездите и планетите се прогласени за богови и божици на природата и според нив можела да се одредува волјата на боговите. Древните народи ги барале претскажувањата на небото за да ги одредат идните временски услови, појавата на глад, војни, но и судбината на владетелите и народите.

Дали астрологијата е вештина или наука? Колку се точни нејзините предвидувања? Има ли нешто во тоа, или сето тоа е само измама? Како и да гледате на астрологијата, откриените тајни преку библиските пророштва се и прецизни и извонредно точни. Имено, Бог, кој ги создал ѕвездите, ги напишал пророштвата, и токму Тој е оној што ги открива.

Бог Создателот го заснова својот авторитет на апсолутната точност на пророштвата во Библијата (Исаија 46,9.10).

Во овој прирачник ние ќе проучиме едно од најважните пророштва за нашето време – пророштвото за знаците кои се поврзани со второто Христово доаѓање.

Како подготвително читање би било добро да ја прегледаме целата 24 глава од Евангелието според Матеј. Најважна тема во таа глава е токму Второто Христово доаѓање.

1. Што прогласил Исус дека е поважно од читањето на небесните тајни?

Матеј 16,2.3: „Тој, одговарајќи им, рече: Навечер велите: ‘ќе биде ведро, зашто небото е црвено‘; а наутро: ‘денес ќе има невреме, зашто небото е матно‘. Лицемери, изгледот на небото можете да го распознавате, а знаците на времињата не можете?“

Религиските водачи во Исусовите денови знаеле да го читаат небото, но не и пророчките знаци во Библијата. Стариот завет е полн со пророштва кои се однесуваат на доаѓањето на Месија, а тие ги разбрале сосем погрешно. Сега Исус стоел пред нив, а тие сепак не ги виделе „знаците на времињата“, непосредното исполнување на пророштвата кои укажувале на Него дека Тој е Месија.

2. За кои посебни знаци најмногу се интересирале Исусовите ученици?

Матеј 24,3: „Кажи ни, кога ќе биде тоа, и каков ќе биде знакот за Твоето доаѓање и за крајот на светот?“

Учениците правилно го согледувале второто Христово доаѓање и крајот на овој свет како еден ист настан. Побарале од Исуса да им каже кои знаци ќе покажат дека Неговото доаѓање е пред врата.

3. Дали некој го знае точниот датум на второто Христово доаѓање?

Матеј 24,36: „А за тој ден и час никој не знае, ниту ангелите небесни, туку само Мојот Отец.“

Во текот на изминатите години голем број луѓе се обиделе да го одредат точниот датум на Исусовото доаѓање. Меѓутоа, воочете што рекол еден коментатор: „Сите кои го прeдвидувале крајот на светот имаат нешто заедничко. Не биле во право“ (Ј. Гордон Мелтон). Исус рекол дека никој не го знае датумот освен Бог. Одредувањето на датумот не само што носи разочарување и обесхрабрување туку и ги поттикнува луѓето да ја исмеваат Библијата.

4. Можеме ли да знаеме  дали Христовото доаѓање се приближило?

Матеј 24,32.33: „Со смоквата направете споредба: штом ќе се подмладат нејзините гранки и пуштат лисја, знаете дека е близу летото. Така и вие, кога ќе го видите сето тоа, знајте дека е близу, пред вратата.“

Иако Исус нè предупредува против одредувањето на датумот, сепак нè повикува да ги истражуваме пророштвата и настаните во светот за да видиме дали Неговото доаѓање се приближува. Исто како што имало многу пророштва кои говореле за Неговото прво доаѓање, постојат и јасни пророштва кои се однесуваат на Неговото второ доаѓање.

5. Со која слика се послужил Исус кога ги опишувал знаците на своето второ доаѓање?

Матеј 24,8: „А сето тоа е почеток на страдањата!“

Откако опишал извесен број пророчки знаци, Исус рекол дека тие претставуваат само „почеток на страдањата“. Зборот „страдање“ доаѓа од грчкиот збор „один“, кој буквално значи „почеток на породилните болки“. Исус се послужил со сликата за раѓање за да ги опише знаците на своето доаѓање.

Исто како што зачестуваат породилните болки кога мајка се приближува кон моментот на раѓањето на детето, така е и кај знаците на Христовото доаѓање. Тие стануваат сè почести и посилни додека се приближуваме кон последното време.

6. Кои знаци се поврзани со последните денови што му претходат на Христовото доаѓање?

А) Знаци на политичко поле:

• војни

Матеј 24,6.7: „Ќе слушате за војни и повици на војни. Гледајте да не се уплашите, зашто сето тоа треба да биде; но тоа уште не е крајот. Зашто ќе се крене народ против народ, и царство против царство, и на разни места ќе има глад, помор и потреси.“

Исус укажал на меѓународните војни како на еден од знаците на последните денови. Во текот на последниот век имавме две светски војни и, според процените, околу 30 војни на планетава секоја година.

Во согласност со меѓународните истражувања, секој час светот троши преку 100 милиони долари на војска, муниција и војни. Всушност, светот троши околу 80 пати повеќе пари на воени издатоци отколку што би требало да се обезбеди за вода за пиење и за хигиена во целиот свет. Со најмалку девет вооружени држави со нуклеарно оружје и со проценети 27 илјади нуклеарни бомби во резерва, Исусовите зборови сигурно звучат вистинито.

• тероризам

Лука 21,25.26: „А на земјата тага кај народите од неизвесноста и од бучењето на морето, и од брановите; луѓето, пак, ќе умираат од страв и од исчекување на она што ќе го снајде светот, зашто и силите небесни ќе бидат разнишани.“

Никогаш порано не сме виделе таква напнатост, очај и страв меѓу народите и луѓето како што гледаме денес. Брзо променливиот свет и зголемената опасност од тероризам предизвикуваат луѓето да чувствуваат несигурност. Во време кога световните поглавари зборуваат за мирот и сигурноста (1. Солуњаните 5,3), ние чувствуваме како да ја губиме власта над својот живот. Сè поголемиот број на срцеви удари, напнатост и стрес внесуваат загриженост во сечиј живот.

Б) Знаци во физичкиот свет:

• земјотреси, глад и болести

Maтеј 24,7: „Зашто ќе се крене народ против народ, и царство против царство, и на разни места ќе има глад, помор и потреси.“

Сè до деветнаесеттиот век имало нешто над две илјади забележани земјотреси. Според истражувањата на Американската геолошка програма, сега може да забележиме околу 500 илјади земјотреси годишно. Зголемувањето на бројот на земјотресите, како и цунамите што тие ги предизвикуваат, претставуваат втор знак дека се ближи Исусовото доаѓање.

Што се однесува до гладот, статистиките се уште поалармантни. Програмата на Обединетите нации известува дека околу милијарда луѓе не добиваат доволно храна; околу 500 милиони се хронично потхранети.

Населението на планетата Земја броело околу 250 милиони во времето на Исус Христос. Тоа достигнало број околу две милијарди во 1900 година, а следните 75 години додало уште 2 милијарди, а потоа биле потребни само 25 години да ги достигне следните две милијарди. Оваа Земја се населува со толкава брзина што токму сега сме ја преминале границата и веќе немаме доволно обработлива почва за да го прехраниме зголеменото население, дури и да сакаме да го сториме тоа. Кон ова треба да се додаде дека нивото на питка вода се спушта со толкава брзина, па стручњаците предвидуваат дека половина свет ќе живее на подрачјата со критичен недостиг од вода за пиење веќе за 20 години.

Епидемиите се еден од знаците на крајот. Тие „епидемии“ не се само наезда скакулци што јадат сè што се зеленее, туку во прв ред се болестите. Списанието „Национална географија“ известува дека секојдневно во светот умираат три илјади луѓе само од каснување на комарец, а во најголем дел тоа се децата во Африка. Колку повеќе се приближуваме кон крајот на светот, ќе се појават низа нови болести, кои ќе се прошират по целиот свет благодарение на патниците или бегалците. Една од најголемите опасности претставуваат разните облици на грип – птичји, свински, итн. – кои изгледа дека ги има сè повеќе според обликот, зачестеноста и тежината. Тука е и Корона вирусот кој коси во светот денеска. Изгледа дека се умножуваат и болестите што се предизвикани од прехранбените производи што ги јадеме, особено месните производи.

Брзо се трошат и нашите енергетски извори – јаглен, гас и нафта, а климатските промени се случуваат во толкава мера и огромна брзина што почнуваат да се сметаат за една од најголемите закани за опстанокот на човештвото.

Јасно е дека дури и природата околу нас покажува оти дошло времето за Христовото второ доаѓање.

Милијарда луѓе не добиваат доволно храна; 500 милиони се хронично потхранети.

В) Знаци во деловниот свет:

• капитализам и глобализам

Јаков 5,1-8: „Ајде сега вие, богати, плачете  и липајте  за страшните маки што идат на вас. Богатството ваше изгни, а алиштата ваши молци ги изгризаа… Сте насобрале богатство за последните дни. Гледајте, вика платата на вашите работници … и вие им ја задржавте… Се веселевте на земјата и се насладувавте; ги згоивте срцата ваши!… Бидете трпеливи, браќа мои, до доаѓањето на Господ!“

Овде наоѓаме богаташи кои се користат со ниските плати на сиромашните, додека тие самите живеат во изобилство. Капитализмот, со мала социјална грижа, претставува клучен аспект за движењето кон глобалната економија во овие последни денови. Најбогатите луѓе на светот го зголемуваат своето богатство множејќи го, а не додавајќи го. Обединетите нации известуваат дека 500 најбогати луѓе во светот имаат повеќе богатства во свои раце отколку што е вкупниот приход на 416 милиони најсиромашни жители на планетава.

Дури и во Соединетите Американски Држави еден процент од најбогатите луѓе имаат повеќе богатства отколку 95 проценти на целиот народ. Библијата претскажува дека непосредно пред второто Христово доаѓање ќе се урне финансискиот систем во светот. Тешко ќе се доаѓа до пари, а и богатите, кои ги искористувале сиромашните, ќе го изгубат своето големо богатство (Откровение 18,11).

• Умножување на знаењето и технологијата

Даниел 12,4: „Мнозина ќе талкаат овде-онде, обидувајќи се да разберат што се случува.“

Штом ќе излезе нов компјутер, телефон или звучен систем, набрзо застарува и новата технологија го надминува. На конференција во Рим, „Сони” објави дека се појавува нова технологија на секои две години. Секоја година има повеќе нови информации отколку што има вкупно во изминатите 5 илјади години. Просечна личност секоја седмица добива повеќе информации отколку што добивала просечна личност во 18-тиот век во текот на целиот живот. Секако дека е вистина оти денешните луѓе се под стрес, дека трчаат „таму-ваму” и дека знаењето е намножено.

Библијата предвидува дека непосредно пред второто Христово доаѓање ќе се урне светскиот економски систем.

Г) Знаци на општествен план:

• морален колапс

Матеј 24,37: „Но, како што беше во деновите на Ное, така ќе биде и при доаѓањето на Синот Човечки.“
1. Мојсеева 6,5: „И Господ виде дека лошотиите меѓу луѓето на земјата се умножуваа, и дека сите мисли и помисли во срцата нивни беа зли во секое време…“

Исус рекол дека непосредно пред Неговото второ доаѓање Земјата ќе биде во истата морална состојба како и пред Потопот. Во тоа време светот станал толку расипан што само осуммина решиле да ги следат божествените совети и да се спасат. Сите други, по своја сопствена одлука, биле уништени со Потопот.

• Обземеност со уживања

2. Тимотеj 3,1-5: „Но ова знај го: во последните денови ќе настанат тешки времиња. Зашто луѓето ќе станат саможиви… на изглед побожни, а од силата на Бога се одрекле.“

Спорт и забава – голема љубов на луѓето во последните денови. И додека се тискаме во местата за уживање, на спортските стадиони, додека минуваме безброј часови пред телевизор, можеме да го видиме непосредно исполнувањето на овој знак на последното време

• Непослушни деца

2. Тимотеј 3,1.2: „Но ова знај го: во последните денови ќе станат тешки времиња. Зашто луѓето ќе станат себељубиви, среброљубиви, самофалци, горделивци, хулители, непокорни кон родителите…“

Во наше време, навистина е тешко да се воспитуваат децата. Родителите губат секаква надеж. Некои би сакале и да се откажат. Навистина е неразумен светот во кој децата официјално се разделуваат од своите родители.

Писателот и коментатор Мајкл Медвед тврди дека просечно американско дете до својата шеста година од животот поминува повеќе време пред телевизор отколку што ќе помине во разговор со својот татко во текот на целиот свој живот. Влијанието на филмовите, телевизијата и музиката го заплиснува целото семејство.

• Раскинување на блиските односи

Матеј 24,12: „И бидејќи беззаконијата ќе се умножат, кај мнозина љубовта ќе олади.“

Денешните бракови се распаѓаат со невидена брзина. Луѓето и понатаму бараат љубов, но се свесни дека таа тешко се наоѓа. Брачните сопружници сега станаа „партнери“ и раскинувањето на семејните врски е знак на последното време.

Д) Знаци во религискиот свет:

• Луѓето ќе се исмеваат на веста за второто Христово доаѓање

2. Петрово 3,3.4: „Најнапред знајте го тоа дека во  дни ќе се јават подигрувачи, кои ќе се подбиваат и ќе живеат според своите похоти. ќе велат: Каде е ветувањето на Неговото доаѓање?“

Постои тенденција за напуштање на религијата и црквите, како и на длабоката внатрешна религиозност. Всушност, иако Исус ветил дека ќе се врати (Јован 14,1-3), многумина христијани нема сериозно да го сфатат Неговото второ доаѓање. Библијата вели дека и тоа ќе биде знак на последното време

• Измами со лажни чуда, со помош на лажни пророци и христоси

Матеј 24,24: „Зашто ќе се појават лажни месии и лажни пророци, и ќе покажат големи знаци и чуда, за да ги прелажат, ако е можно, дури и избраните.“

Четирипати во 24-тата глава на Евангелието според Матеј Исус предупредува дека ќе има религиски измами. Тие религиски измами, проследени со чуда, брзо се шират низ религиските кругови и претставуваат еден од големите знаци на последното време.

Постојат бројни личности кои денес се претставуваат како Исус Христос. Една таква личност е Луис де Хесус Миранда. Тој човек, кој го покажува тетовираниот знак „666“ на својот мускул, има глобална информатичка мрежа и се појавуваше и на големите мрежи како што се Си-ен-ен, Си-би-ес и Фокс, тврдејќи дека е „Човекот Исус Христос“ и дека зад себе има стотици цркви и милиони следбеници. Библијата кажува дека во последните денови ќе се појават лажни христоси и лажни пророци кои ќе изведуваат лажни чуда и кои ќе ги обединат народите во еден лажен религиски систем Откровение 13,13.14; 16,14).

• Спиритистички и слични движења

1. Тимотеј 4,1: „А Духот јасно зборува дека во последните времиња некои ќе отстапат од верата, слушајќи измамнички духови и ѓаволски учења.“

До пред некое време филмовите и телевизијата многу внимателно му пристапуваа на сето она што е натприродно. Денес тоа е клучна тема на многу програми. Спиритистички медиуми, вештерки, привикување на ѓаволот влегуваат на голема врата во нашите домови преку големите и мали екрани.

• Опаѓање на вистинското христијанство

2. Тимотеј 3,1-5: „Но ова знај го: во последните денови ќе настанат тешки времиња… зашто луѓето ќе станат себељубиви… кои имаат изглед на побожност, а се одрекле од нејзината сила.“

Исус рекол дека во последното време многумина луѓе однадвор ќе личат на христијани, но дека духовноста ќе им биде туѓа. Има безброј христијани „само еден ден во седмицата“. Тие велат дека се христијани, но немаат никакво искуство со Божјата сила.

• Евангелието ќе се проповеда по целиот свет

Матеј 24,14: „И ќе биде проповедано ова Евангелие за царството по целиот свет, за сведоштво на сите народи; и тогаш ќе дојде крајот.“

Многу од знаците на Христовото доаѓање се одраз на бројните зла и жалната состојба во светот. Сега се слуша и една радосна вест. Единствената порака за надеж ќе се прошири во целиот свет во последните денови. Евангелската порака запишана во Откровение 14,6-12 сега може да се објавува преку сателити и интернет. Исус ветил дека, кога оваа порака ќе им биде објавена на сите во целиот свет, ќе дојде и крајот на овој свет.

7. Која е најголемата опасност што е поврзана со второто Христово доаѓање?

Матеј 24,44: „Затоа и вие треба да бидете подготвени, зашто Синот Човечки доаѓа во часот кога не очекувате.“

Дури и ако знаеме дека Исус наскоро ќе дојде, мораме да бидеме подготвени како Тој да ќе дојде токму денес. Петар вели дека Исус ќе дојде „како крадец во ноќно време“ (2. Петрово 3,10). Ние ги заклучуваме своите врати и прозорци секоја ноќ бидејќи знаеме дека може да се појават крадци. Сепак, кога тоа ќе се случи, многу сме изненадени. Ние не можеме да си дозволиме да ја одлагаме својата подготовка за Исусовото доаѓање. Ние уште сега мора да бидеме подготвени.

8. Како можеме да се подготвиме за Исусовото доаѓање?

Откровение 3,20: „Ете, стојам пред вратата и чукам. Ако некој го чуе гласот Мој и ја отвори вратата, ќе влезам кај него и ќе вечерам со него, и тој со Мене.“

Прво, треба да слушаме за да го чуеме Исусовото чукање на вратата, и Неговиот глас кој прашува дали може да влезе во нашиот живот. Второ, треба да ја отвориме вратата и да Го повикаме да влезе. Дали го прифативте Исус како свој личен Спасител, дали Го замоливте да стане важен дел од вашиот живот?


Три факти што треба да ги запомниме:

  • Никој не знае точно кога Исус ќе дојде
  • Знаците навестуваат дека Исусовото доаѓање е блиску
  • За да бидеме подготвени кога ќе дојде Исус, треба да бидеме подготвени уште сега.

Случка:

Една ноќ, некое момче од Австралија мирно си спиело во својот дом во Сиднеј. Сепак, во текот на ноќта се разбудило и видело дека некој човек стои покрај неговата постела и го набљудува. Исплашено, момчето си помислило дека се работи за опасен провалник кој ќе му направи некакво зло. Затоа помислило дека најдобро за него би било да ги затвори очите, да остане без глас и да се надева на најдоброто. По некое време, крадецот навистина ја напуштил куќата и момчето било спасено.

Кога момчето пораснало, во Библијата прочитало што рекол Исус за „крадецот во ноќта“ и за оние кои не биле подготвени. Додека размислувал за тоа, сфатил дека тој ден нема да биде доволно да ги затвори очите, да не каже ни еден единствен збор и да остане мирен. Вистинската сигурност е во тоа да го прифати Исуса како свој Пријател уште сега. Решил да го предаде својот живот во Исусовите раце, да биде подготвен и да чека Исус да дојде.

Каква поука можете да извлечете од оваа случка?

Лични прашања:
1. Зошто мислиш дека Второто Христово доаѓање е важна тема?
2. Што точно треба да направиш во својот живот за да бидеш сигурен дека си подготвен за Исусовото доаѓање? Постојат ли некои пречки кои токму сега треба да ги отстраниш?
3. Што мислиш, што ќе му кажеш прво на Исус кога ќе Го здогледаш?
 

Ве молиме да го изработите тестот за да преминете на следната лекција.