1. Сакаме да бидеме здрави
ВИСТИНСКИ ВРЕДНОСТИ
Во едно американско основно училиште учениците требало да набројат седум светски чуда. Што би одговориле вие?
Имало различни одговори, но сепак поголемиот број одговори се вртеле околу египетските пирамиди, Таџ Махал, Панамскиот Канал, Големиот Кањон, Емпаер стејт билдинг, базиликата Свети Петар и Кинескиот ѕид.
И додека децата ги предавале своите одговори, учителката забележала едно девојче кое сè уште не го предало својот одговор. Го прашала дали има некакви проблеми со одговорите. На тоа девојчето возвратило: „Па, да, не можам да се одлучам бидејќи има толку многу чуда“. Учителката рекла: „Прочитај ни што напиша, па заедно ќе се обидеме да ти помогнеме“. Најпрво девојчето се колебало, но потоа сепак почнало да чита: „Јас мислам дека во седумте светски чуда спаѓаат: нашите сетила за вид, слух, допир, вкус“, малку подзастанало, па потоа продолжило: „нашите чувства, насмевката и љубовта“. Во училницата завладеала мртва тишина.
Појавите кои ги сметаме за сосема обични, впрочем се најголемите вредности на светот. Тие со ништо не можат да се купат, но на сите ни се бесплатно подарени!
ЧУДЕСНА СЛОЖЕНОСТ
Дали случајно, кога станавте ова утро, размислувавте за тоа што сè се случувало во вашето тело минатата ноќ? Сношти легнавте в кревет уморни и исцрпени, а сега сте силни и подготвени да се соочите со новиот ден и со сите предизвици што тој ќе ви ги донесе.
Од каде ви е таа прекрасна енергија која ве турка напред и ви влева сила за извршување на сите ваши активности? Дали некогаш воопшто сте си поставиле такво прашање? Ако размислувате како просечен човек, тогаш одговорот на ова прашање е главно негативен. Ние сме толку навикнати дека во нас сè функционира како што треба, така што му обрнуваме внимание на нашето тело само во моментите кога нешто во него ќе се „расипе“.
Меѓутоа, ако малку се задлабочиме во проучувањето на градбата на нашето тело како и на различните функции што се одвиваат во нас, секогаш одново ќе се воодушевуваме на неговата сложеност и убавина. Повеќе ќе го цениме и сакаме, ќе се потрудиме да го зачуваме здравјето на тоа најсовршено битие на нашата планета – нас самите!
Без оглед на неговата сложеност, нашиот крвоток е посовршено осмислен од најмодерниот систем за наводнување. Неговата организација и конструкција сама по себе е восхитувачка, но уште потешко е да ја разбереме неговата способност за приспособување на различни ситуации и промени. Понекогаш изгледа како нашето тело да поседува своја сопствена интелигенција. На пример, кога ќе се случи некое поголемо крвавење и крвотокот не може да ги задоволи потребите на сите делови на телото, крвта се пренасочува во виталните органи (мозокот, срцето, белите дробови), чии потреби е неопходно да се задоволат во дадениот момент за да не настапи смрт. Во тие моменти, срцето ја зголемува брзината на отчукувања за да помогне во решавањето на постојниот проблем. Бидејќи крвните садови по целата своја должина се под директна контрола на мозокот, тој добива информации за новонастанатото оштетување и веднаш стапува во акција. Истата секунда, десетици илјади наредби од различни делови на мозочното ткиво тргнуваат кон жлездите на ендокриниот систем, кои излачуваат хормони во крвотокот. Кога тие хормони ќе навлезат во крвотокот, влијаат врз регулацијата на крвниот притисок, работата на срцето, неговиот ритам и самиот крвоток.
Така целото тело, со различни реакции кои меѓусебно се тесно поврзани, ќе се обиде да го реши проблемот настанат со крвавењето. А сето тоа се случува без наше знаење и без никакво влијание на нашата волја. Нашите одлуки, впрочем, и немаат никаква улога во дејствувањето на тие механизми на нашиот прекрасен организам.
Освен несфатливата сложеност на севкупниот систем од клетки, ткива и органи, би можеле да кажеме дека во нивното дејствување се огледува совршенство.
Затоа секогаш треба да бидеме свесни дека ние самите, како човечки суштества, сме најголемото чудо на оваа планета. Да го чуваме љубоморно тоа богатство што сме го добиле, бидејќи совршенството најчесто трае сè додека ние самите не го уништиме!
Преку оваа дописна школа, би сакале да ви приближиме некои законитости и начела во врска со оптималното функционирање на вашето тело.
Научете како да го спречите разгорувањето на најраширените смртоносни болести кои денес пустошат по Земјата!
Откријте ги практичните чекори кои можете да ги преземете за да ги примените овие сознанија во животот и да создадете здрави навики. Постигнете поголема телесна сила и убавина однадвор и однатре. Уживајте во себеси и во подлабоките чувства на самопочитување, благосостојба и управување со сопствениот живот!
Чекор по чекор, од лекција во лекција, навлезете подлабоко во тајната на патот кој води во подобар живот!
НАЈГОЛЕМОТО БОГАТСТВО
Многу често можеме да ја слушнеме изреката дека на овој свет нема поголемо богатство од сопственото здравје. Францускиот писател Франсоа Рабле уште во XVI век изјавил:
„Без здравје, животот е само состојба на слабост и страдање – вистинска слика на смртта“.
Што вам ви значи здравјето? Колку го цените и што сте подготвени да направите за да го зачувате?
Општо земено, човекот не е ни свесен за богатството што го носи во себе, сопственото здравје, сè додека не го загуби. Сите ние, свесно или несвесно, жртвуваме некои вредности со желба да ги оствариме своите животни цели и идеали. За жал, го жртвуваме најчесто тоа што е најскапоцено – здравјето, семејството и духовните вредности за, од друга страна, да се здобиеме со минливи задоволства, какви што се материјалната благосостојба, општествената положба, угледот, кариерата, моќта или славата!
Замислете го животот како игра, во која како циркуски забавувач се обидувате да жонглирате со пет топки во воздух, трудејќи се ниедна од нив да не ви падне наземи. Тие топки претставуваат: работа, семејство, здравје, пријатели и духовен живот. Како одминува животот, сфаќате дека топката која ја претставува работата и кариерата е гумена. Ако во еден момент ви се лизне од раката, ќе отскокне од подот и, кога – тогаш, ќе се врати на своето место. Но, останатите топки се покршливи. Ако едната од нив ви падне, сигурно ќе се оштети, ќе се здобие со трајни гребаници или можеби ќе се скрши на парчиња. Во секој случај, повеќе никогаш нема да биде како порано.
Камо среќа човекот ова да го разбере што порано на својот животен пат и во иднина својата сила да ја насочи кон зачувување на најдлабоките вредности што му се подарени, вредности кои ја сочинуваат најголемата среќа и смислата на човековото постоење!
Меѓутоа, иако во нашиот живот тргнуваме со голем потенцијал, здрави и полни со сила, стварноста е сепак сосем различна. Сведоци сме на недоброј болки, страдања, тага и болести. Чија грешка е тоа? Кој е одговорен за нашето здравје и кој го определува?
ЗДРАВЈЕ
ШТО Е ЗДРАВЈЕ?
Здравје, во вистинска смисла на зборот, значи многу повеќе отколку само отсуство на болести или инвалидитет од кој било вид.
Светската здравствена организација го дефинира здравјето како целосна телесна, душевна и социјална благосостојба.
Наполно здрав е оној организам кој е способен да ги извршува сите свои нормални задачи и функции без потешкотии и без надворешна помош по пат на хемиски и медицински помагала. Меѓутоа, дури и луѓето со одреден вид инвалидитет или луѓето кои имаат долготрајна хронична болест, понекогаш можат да уживаат во чувството на благосостојба и да имаат квалитетен живот без оглед на своевидната ограниченост во одделни активности.
Здравјето не е статичка вредност. Тоа е динамично и секогаш може да напредува!
Дури и кога не чувствуваме никаква болка, подобро здравје значи повеќе енергија, посреќен и посмирен живот, поквалитетни биохемиски процеси во нас кои го водат телото во болест и стареење, иако за тоа ние не сме свесни.
Проширената дефиниција за здравјето го зема предвид човекот како целокупно суштество. Според неа, целосната благосостојба би била резултат на урамнотежен живот во кој е задоволена нашата телесна, друштвена, умствена, чувствена и духовна димензија. Со други зборови, на човекот му се многу важни телесната сила и здравјето, но и квалитетните односи со други луѓе, урамнотежените и зрели чувства, бистрото размислување, памтењето, донесувањето заклучоци и другите интелигентни функции. Освен тоа, во духовната димензија, како составен дел на едно човечко суштество, се вклучени личниот поглед на светот и разбирањето на постоењето, па и на самата смисла на животот.
Да се чувствува сигурност, да се знае насоката на своето движење и да се има смисла во животот се значајни предуслови за животна благосостојба и задоволство.
ЗОШТО ВООПШТО РАСПРАВАМЕ ЗА ЗДРАВЈЕТО?
Токму затоа што ние самите многу влијаеме на своето здравје со начинот на кој живееме, што работиме и како се однесуваме спрема другите луѓе и спрема својата околина. Значи, со однесувањето за кое ние ќе се одлучиме или ќе го унапредиме нашето здравје, или ќе го зголемиме ризикот да се разболиме. Одлуката е само наша! Да ја искористиме оваа предност и да ги усвоиме позитивните и здрави животни навики!
КОЈ Е НАЈОДГОВОРЕН ЗА НАШЕТО ЗДРАВЈЕ?
За кој од понудените одговори би се одлучиле:
- Наследните особини,
- Начинот на живот,
- Влијанието на околината во која живеам,
- Состојбата на здравствениот систем во мојата земја.
Во нашето општество постои верување дека здравјето го добиваме спакувано во таблети, облоги или медицински третмани. Со други зборови, ние често не ни размислуваме за здравјето сè додека не го загубиме, а кога тоа ќе се случи, бараме каков било лек или средство со кое на најбрз начин ќе се ослободиме од нашата болка. Се уверуваме себеси дека медицинските сознанија и технологијата сè речиси семоќни кога сме ние во прашање.
Вакво сфаќање за здравјето го стекнуваме рано во животот. Овој факт добро го илустрира резултатот на една едноставна анкета која е спроведена меѓу ученици од прво одделение во основно училиште. Кога биле прашани кој според нивното мислење е најодговорен за нивното здравје, тие еднодушно одговориле – докторот. Дури и возрасните главно сметаат дека враќањето на здравјето во моментот кога ќе се разболат е исклучиво задача на нивниот лекар.
Здравствените работници, специјалистичките прегледи, разните медицински терапии и лековите имаат свое место во процесот на лекување и како такви мораме да ги цениме. Меѓутоа, ние мораме да сфатиме дека здравјето не е погодност што можеме да ја купиме во моментот кога ќе ни притреба.
Истражувањата кои се занимаваат со прашањето со кое ние го почнавме ова поглавје, укажуваат на фактот дека здравството опфаќа само околу 10% од нашето здравје! На наследството и околината им отпаѓаат околу 15-20%, а најодговорно за здравствената состојба е влијанието на сопствениот начин на живот – на него паѓа товар од околу 50-60% одговорност!
ПРЕЗЕМАЊЕ ОДГОВОРНОСТ
ПОТРЕБАТА НА СОВРЕМЕНИОТ ЧОВЕК
Кога повеќе би размислувале за превентивните навики и би му придавале поголемо значење на нашиот начин на живеење, општо гледано, должината и квалитетот на нашиот живот несомнено би се зголемиле. Вистината, од друга страна, сведочи како луѓето најчесто ни оддалеку не ја земаат предвид можноста за спречување на разните болести со едноставните начела на здравиот начин на живот.
Кога на своето тело ќе му пружиме сè што му е потребно за правилно функционирање, ако се наоѓа во вистинско опкружување и има правилна нега и најквалитетно „гориво“, тоа природно ќе се стреми кон најдобро здравје.
Ако свесно ги планираме чекорите за одржување на здравјето и ако како цел ја поставиме превенцијата од разни болести, на чиј развој можеме да влијаеме, во својот живот сигурно ќе ги почувствуваме позитивните резултати од тој избор.
Во современите услови на живот, особено е важно да се размислува на тој начин, бидејќи во развиениот свет, па и кај нас, најголемите здравствени проблеми се последица од начинот на живеење. Тука спаѓаат срцевите болести, мозочните удари, зголемениот крвен притисок, многу видови карцином, дијабетес итн. Иако во следната лекција сево ова ќе го образложиме уште подетално, дури и во овој момент е добро да се напомене дека денес од пресудно значење е човекот да сфати дека здравјето е негова лична сопственост и дека самиот треба да преземе одговорност за да го сочува.
Повеќето луѓе сакаат сами да управуваат со својот живот и не сакаат околностите или другите луѓе да ги одредуваат нивните животи.
Кога некој го менува своето однесување, за што ќе зборуваме во подоцнежните лекции, со одредена цел и цврста одлука, самиот на себеси си докажува дека е навистина способен „да ги преземе уздите во свои раце“ и да управува со важните работи во својот живот.
За жал, според истражувањата спроведени во 2006 година и според советите и сознанијата по ова прашање, 62,2% од населението ништо не изменило во својот живот во текот на минатата година. Од преостанатите 38,7% испитаници,
20,8% го направиле тоа поради болест.
Дали некогаш сте почувствувале задоволство затоа што сте успеале да изгубите некој килограм, сте ги зајакнале мускулите или сте постигнале некое друго подобрување на кондицијата или изгледот? Дали поради тоа ви било мило и поттикнувачко? Сте почувствувале дека управувате со својата благосостојба и со квалитетот на животот! Таквите постигнувања на сите многу ни значат и се голем поттик да издржиме на тој пат.
НАЧИНОТ НА ЖИВОТ
Во идните лекции ќе ги проучуваме, анализираме и ќе ги менуваме животните навики. Во нив ќе бидат понудени практични совети со намера да доживееме вистински процут на здравјето.
Здравиот начин на живот ја намалува можноста да се разболиме од одредени болести. Меѓутоа, за жал, тоа не е целосна сигурност дека никогаш нема да се разболиме. Затоа е многу важно да побараме стручна лекарска помош не само во моментите кога сме болни, туку и пред тоа, по пат на планирани систематски прегледи, за што е можно порано откривање на болеста. Многу од болестите можат да се надминат ако се откријат навреме и ако веднаш се лекуваат.
Освен тоа, важно е да одберете лекар во кој можете да имате доверба. Не двоумете се да поразговарате за својата состојба и поставувајте му прашања кои ве интересираат. Преземете го својот дел од одговорноста за своето здравје!
НЕШТА КОИ СЕ НАДВОР ОД НАШАТА КОНТРОЛА
Од друга страна, многу е важно да се прифати фактот дека некои животни ситуации, кои неизбежно ќе нè снајдат, се надвор од нашата контрола. Ако во семејството имате некој роднина кој боледува од тешка болест, како што се рак, дијабетес, срцеви заболувања или мозочен удар, вие можете со својот начин на живот и со одбрани навики, како и со редовни лекарски прегледи, многу да го намалите ризикот да заболите од истите болести. Слично на ова, почитувајќи ги сообраќајните знаци и придржувајќи се кон сообраќајните прописи, многу ќе го намалите ризикот од сообраќајни незгоди. Но, за жал, тоа не гарантира дека некогаш нема да доживеете сообраќајна несреќа, или, во овој случај, да заболите од сериозна болест.
Затоа одговорноста за сопственото здравје на најсеопфатен начин значи и заземање правилен став во моментот кога ќе се доживее такво тешко искуство. Ако се почитуваат сообраќајните правила и ако се живее најздраво колку што се знае и умее, тогаш не би требало да се оптоваруваме со грижа на совеста, чувство на вина или неспособност и безвредност што можат да се јават во новонастанатата ситуација. Таквите чувства само го онеспособуваат човекот на здрав начин да се носи со тешкиот проблем. Од друга страна, способноста за поднесување и совладување на ваквата состојба многу зависи од системот на вредности кој личноста веќе го изградила дотогаш, како и од нејзиниот став спрема животот.
Нашата одговорност кон здравјето се состои од:
-
Избор на правилен и најздрав начин на живот,
-
Прифаќање на правилна нега и лекување во моменти на потреба,
-
Прифаќање на фактот дека некои здравствени проблеми се надвор од дофатот на нашата контрола.
ЗАКЛУЧОК
Доброто здравје најчесто е личен избор и зависи од нашите сопствени одлуки.
Иако самите не можеме да ги избереме своите гени или да управуваме со несреќните околности кои можат да настапат во нашиот живот, со својот сопствен избор често можеме да одлучиме во какво опкружување ќе живееме, какви навики ќе негуваме, во какви ситуации ќе се доведеме и колку со сето тоа ќе го подобриме или ќе го загрозиме своето здравје.
Да се впуштиме во тој краен предизвик на преземање сопствена одговорност за своето здравје и да не заборавиме дека ќе доживееме целосна благосостојба единствено ако живееме урамнотежено, на најдобар начин негувајќи ја нашата телесна, социјална, умствена, емоционална и духовна димензија на своето битие.
Навлезете подлабоко во вредните сознанија на овој курс за да почнете да живеете поздраво и посреќно! Можеби тоа е една од најважните работи во овој момент кои можете да ги направите за себе и за оние кои ви се драги, така што, според научните истражувања, ќе си го продолжите животниот век за десетина и повеќе години…
ИЗВОРИ
Светска здравствена организација, www.who.int/about/definition/en (мај 2005)
ЈЗУ Институт за јавно здравје на Р. Македонија, Извештај за здравје на населението во Република Македонија за 2015, 2016, 2017 година.
D-r Nil R. L, „Lifestyle Disease and Risk Reduction“, предавање, Лома Линда, Калифорнија, 2002.
WHO, Primary health care now more than ever, World Health Report 2008.