11. Царот доаѓа

11. Царот доаѓа

Библиска заднина:
Дела на апостолите 22-28; 1. Солуњаните 1-4; 1. Коринќаните 15

Павле проповедал за тоа како Бог преку Месија ги обединил и ги исцелил човештвото и светот дејствувајќи со својот Дух преку Црквата. Меѓутоа, на христијаните им станало јасно дека тие самите, ако распнатиот Месија наскоро не се врати како неприкосновен цар, ќе се најдат во очигледен проблем.

Приказната продолжува…

Приказната за заточеништвото на Павле во Ерусалим, за тоа како ја избегнал смртта со помош на верниот внук, за неговото заточеништво во Цезарија и патувањето во Рим, за бродоломот, за каснувањето од змија, обидот да му се додели статус на божество, се изнесени на толку возбудлив начин во книгата „Дела на апостолите“, и толку се исполнети со случувања што би било бесмислено да се прераскажуваат овде.

Читајте сами за тоа во оригиналната верзија (Дела 20-28).

Меѓутоа, има многу на што би вредело да се обрне внимание:

По бродоломот на Малта, апостол Павле бил каснат од змија и, спротивно на очекувањата на мештаните, тој не умира

Одбраната од Евреите

Во последните глави од книгата „Дела на апостолите“ не е опишано ниту едно обратување. Тоа не значи дека тие не се случувале, туку дека едноставно тоа овде не е главна тема. Намерата на овие глави е да го одбранат Павле, особено од нападите на Евреите, но исто така и од незнабошците, и да покаже како Павле, и покрај неверојатно неповолните изгледи (каменувањето, заговорот за убиство, лажните обвиненија, корумпираните власти, бродоломот, каснувањето од змија итн.), стигнал во Рим, како што и планирал. Тој целата своја служба ја посветил на тоа да биде светлина на незнабошците, но сега сведочел главно на Евреите. Книгата завршува со извештајот за тоа како го напуштаат Евреите. Додека жолчно расправаат меѓу себе (Дела 28,28.29), Павле продолжува непречено да проповеда за Божјото царство.

Јазот се проширува

Јазот меѓу Евреите и христијаните се проширувал. Евреите не сакале да прифатат дека Исус е исполнување на старозаветниот план за спасението преку кој Бог сакал да се спасат сите народи. Една од причините зошто Римјаните ги мразеле Евреите била токму таа што тие биле толку селективни и исклучиви.

Меѓутоа, Павле примил посебен повик да го проповеда еврејскиот Месија меѓу народите – а сега требало Римјаните да го спасуваат од еврејското мноштво. Тоа е основната тема на овој дел од извештајот.

Еврејските христијани во Ерусалим го прифатиле Павловото дело како исполнување на пророштвото. Јаков, Исусовиот брат и нивни водач, во текот на соборот објаснил како дејствува сето тоа.

Читајте: Дела 15,14-17.

Што се однесува на другите Евреи, самата помисла за тоа дека храмот треба да го делат со незнабошците била доволна да ги разбесни (Дела 21,27-30; 22,21-22), иако тоа било во согласност со Божјиот план опишан во Книгата на пророкот Исаија:

„Јас ги познавам добро нивните дела и нивните намери. Доаѓам да ги соберам сите народи и јазици, и тие ќе дојдат и ќе ја видат Мојата Слава!“ (Исаија 66,18)

Прочитајте го описот на она што ќе се случува кога Духот ќе се спушти и кога луѓето од сите народи ќе го слушнат проповедањето на својот сопствен јазик (Дела 2 глава).

„…И ќе ги испратам преживеаните од нив кон народите во Тарсис, Фул, Луд, Мошек, Рош, Тувал и Јаван – при далечните острови кои не чуле глас за Мене ниту ја виделе Мојата Слава – и тие ќе им ја навестуваат Мојата Слава на народите“ (Исаија 66,19).

Споредете го тоа со она за што говори втората глава од книгата „Дела на апостолите“. Подоцна, а особено во 3. глава, опишано е како евангелието непрекинато се ширело понатаму, особено на територијата на денешна Турција и Грција. Тоа е територијата на која се наоѓале повеќето претходно споменати места.

„И ќе ги доведам сите ваши браќа од сите народи како принос на Господа – на коњи, на бојни коли, на носилки, на мазги и на едногрби камили – на Својата Света Гора во Ерусалим – зборува Господ – како што Израелевите синови принесуваат принос во чисти садови во Господовиот Дом“ (Исаија 66,20).

Споредете го тоа со следниов текст:

„За да ги доведат твоите синови од далеку, а со нив нивното сребро и злато, заради Името на Господа, твојот Бог….“ (Исаија 60,9).

Дали овде станува збор за тоа дека библискиот мандат на Павле бил донесување големи суми пари во Ерусалим?

„И од нив ќе земам свештеници и левити, вели Господ“ Исаија 66,21.

Павле немал проблеми да го прифати тоа дека и незнабошците треба да му служат на израелскиот Бог. Меѓутоа, тоа за многумина Евреи и еврејски христијани сè уште била чудна помисла. Од друга страна, за христијаните, обратените од незнабоштвото, храмот во Ерусалим немал некое посебно значење (Галатјаните 4,25-26).

„Зашто, како што новата небеса и новата земја, што ќе ги создадам, ќе траат пред Мене – слово е Господово – така ќе ви траат името и потомството. Од нова месечина до нова месечина, од сабота до сабота, секое тело ќе доаѓа за да се поклони пред Моето лице – говори Господ“ (Исаија 66,22.23).

Уште еднаш гледаме како Божјиот план ја опфаќа целата земја, вклучувајќи ги сите народи, и како саботата треба да биде ден кој ќе ги поврзува.

Евреите го отфрлиле тој дел од Божјиот план и приказната завршува така што Евреите го напуштаат Павле (и евангелието) од истата причина. Во последните стихови читаме:

„Затоа, да знаете дека ова Божјо спасение им е испратено на народите, и тие ќе го чујат! Кога го рече тоа, Јудејците си отидоа, препирајќи се многу меѓу себе“ (Дела 28,28.29).

Божјиот план ја опфаќа целата Земја, вклучувајќи ги сите народи, а саботата треба да биде ден што ќе ги поврзува

Oстра сатира

На крајот, Павле побарал во неговиот случај да се примени римскиот правосуден систем затоа што било очигледно дека немал никакви изгледи за успех во еврејскиот систем. Упатувајќи му повик на цезарот, тој не сакал да стане маченик, туку, напротив, сакал тоа да го избегне. Извештајот јасно открива оти и на Павле и на Фест им било јасно дека, праќањето во Ерусалим, значело исто како да го праќаат во смрт (Дела 25,10.11). Сепак, Павле упатува повик кон Цезар. Соочен со изборот меѓу „побожните“ Евреи и идолопоклониците Римјани, сепак очекувал дека овие вториве ќе бидат поправедни. Може ли да постои поостра сатира од оваа која се наоѓа во заднината на целава приказна?

Павле – Евреинот кој го следи Писмото

Лука го претставил Павле (а и тој самиот така се претставувал) како Евреин кој го следи Писмото. Тоа е посебно нагласено во говорот што го одржал во своја одбрана, обраќајќи им се на Евреите во Рим.

„По три дни Павле ги повика првенците јудејски и кога се собраа, тој им зборуваше: ’Мажи браќа, иако не направив ништо против народот или татковските обичаи, од Ерусалим ме предадоа окован во рацете на Римјаните. И, откако ме судеа, сакаа да ме пуштат, зашто во мене не најдоа никаква вина што заслужува смрт; но, бидејќи Јудејците се противеа, бев принуден да барам суд пред царот; но не за тоа да го обвинувам во нешто својот народ. Поради тоа и ве повикав да се видиме и да позборуваме; зашто заради надежта на Израел сум окован во овие синџири‘“ (Дела 28,17-20. Да се види и 23,1; 24,10-21).

Дали можеби една од главните цели на сторијата на Лука е да го разјасни односот меѓу христијанството и јудаизмот, да покаже дека нивниот судир се заснова на неразбирање и дека Исус, всушност, претставува исполнување „на надежта на Израел“?

Како Исус може да биде Месија?

Меѓутоа, проповедањето за Исус како Месија и „надеж на Израел“ во целост зависело од неговото повторно доаѓање на земјата како прославен цар. И тогаш, како што се чини и сега, Евреите им напоменувале на оние што веруваат во Исуса дека Тој сè уште не им „донел дарови“. Месија требало да го ослободи Израел и да донесе сеопшт мир и праведност. Ништо од тоа не се случило. Напротив, тој е распнат како обичен злосторник, а Римјаните и понатаму останале на власт.

„Зашто Јудејците сакаат знаци, а Елините бараат мудрост, ние, пак, Го проповедаме Христос (Месија) распнатиот, кој е за Јудејците соблазна, а за незнабошците безумие“ (1. Коринќаните 1,22.23).

(Напомена: Името „Христос“ е заменето со „Месија“, за да биде појасно зошто тоа било толку проблематично за Евреите).

Павле го имал одговорот. Евреите го предвиделе фактот дека истите пророци кои пишувале за Месија како за владетел на светот, исто така пишувале и за страдањата и смртта на помазаникот!

„Но, откако добив помош од Бога, стојам до ден денес и им сведочам на мали и на големи, зборувајќи само за она што беа го зборувале Пророците и Мојсеј дека треба да се случи: дека Христос мора да пострада и, откако прв ќе воскресне од мртвите, на народот и на незнабошците ќе им проповеда светлина“ (Дела 26,22.23; да се види и: Дела 3,18; 17,3; Лука 24,26.46).
Читајте: Дела 26,20-23.

Еден од најдобрите текстови што ни ги оставил Павле, сето тоа го сумира вака:

„Кој, иако е во Божјо обличје, не го сметаше како грабнато – тоа што е еднаков со Бога, туку се лиши Самиот Себе, и зеде обличје на слуга станувајќи сличен со луѓето. И откако се најде во лик како човек, Тој се понизи Самиот Себе и стана послушен до смрт, дури и до смрт на крст. Затоа и Бог Го превозвиши и Му подари име, што е над секое име, и во Исусовото име да се поклони секое колено на оние: кои се на небото, и на земјата, и под земјата; и секој јазик да исповеда дека Исус Христос е Господ, за слава на Бог Таткото“ (Филипјаните 2,6-11).

Меѓутоа, заедно со пораката за страдањето на Месија, Павле моќно ја проповедал:

1. Пораката за Исусовото воскресение

2. Пораката за неговото враќање во слава

И едното и другото било од суштинско значење. За тоа Павле зборува сосем отворено:

„А ако Христос не воскреснал, тогаш е празна нашата проповед, празна е и вашата вера… А ако Христос не воскреснал, суетна е вашата вера; вие сте уште во вашите гревови. Тогаш и оние, кои умреле во Христа, загинале“ (1. Коринќаните 15,14.17.18).

Павле вака им пишувал на верниците на црквата во Солун кои биле сурово прогонети, и кои почнале да се прашуваат како е можно тие толку да страдаат и умираат ако Месија е навистина владетел на светот:

„Имено, самите раскажуваат за нас, каков пристап имавме кон вас и како се обрнавте кон Бога од идолите, за да Му служите на живиот и вистински Бог и да Го чекате Неговиот Син од небесата, Кого Го воскресна од мртвите, Исуса, Кој нè ослободува од гневот што доаѓа“ (1. Солуњаните 1,9.10).
 
„Зашто, кој е наша надеж, или радост, или венец, за пофалба? Та не сте ли вие пред нашиот Господ Исус при Неговото доаѓање?“ (1. Солуњаните 2,19)
 
„За да ги утврди вашите срца да бидат непорочни во светост пред нашиот Бог и Татко, при доаѓањето на нашиот Господ Исус Христос со сите Свои свети“ (1. Солуњаните 3,13).
 
„Не сакаме, браќа, да останете во незнаење за умрените, за да не жалите како другите, кои немаат надеж. Зашто ако веруваме дека Исус умре и воскресна, така и умрените во Исуса, Бог ќе ги приведе со Него. Зашто ова ви го кажуваме преку словото на Господа, дека ние, кои живееме и остануваме до Господовото доаѓање, нема да отидеме пред оние кои умреле; зашто Самиот Господ на заповед, при глас на архангел и при Божја труба, ќе слезе од небото и мртвите во Христа ќе воскреснат прво. Потоа ние живите, ние кои останавме, ќе бидеме грабнати заедно со нив на облаците, во воздух, во пресрет на Господа; и така засекогаш ќе бидеме со Господа. Затоа, утешувајте се еден друг со овие зборови“ (1. Солуњаните 4,13-18(.
 
„Тоа е знак на праведниот Божји суд, за да се сметате достојни за Божјото Царство, за кое и страдате. Зашто е праведно пред Бога: да им врати мака на оние кои ве измачуваат, а вам, на измачуваните, олеснување заедно со нас, кога ќе се јави Господ Исус од небото, со  ангелите на Својата сила, во пламенен  оган, за да даде одмазда на оние кои не Го познаваат Бога и кои не му се послушни на Евангелието на нашиот Господ Исус Христос; кои ќе бидат казнети со вечна пропаст далеку од лицето на Господа и од славата на Неговата сила, кога ќе дојде, во оној Ден, да се прослави во Своите свети и да Му се восхитуваат сите верни, зашто вие му поверувавте на нашето сведоштво. Затоа и се молиме секогаш за вас: нашиот Бог да ве смета достојни на звањето, и да ја исполни секоја добра волја во добрина и делото на вашата вера во сила, за да се прослави името на нашиот Господ Исус, во вас, и вие во Него, по благодатта на нашиот Бог и Господ Исус Христос“ (2. Солуњаните 1,5-12).
 

Павле ги користел поуките од секојдневниот живот во Римското царство за да го објави евангелието

Слики од Римското царство

Павле користел очигледни поуки за да им помогне на луѓето полесно да ги разберат работите. Секој цар или гувернер на провинција во Римското царство морал да отиде во Рим за да биде официјално поставен во служба од страна на царот пред да може да се врати во својата земја, да ја преземе власта над своето царство и да почне да владее. Откако ќе се врател, најпрво се пресметувал со своите непријатели. Секој предавник бил казнет. Од друга страна, своите пријатели би ги наградувал, како и сите оние што му останале верни.

Павле сигурно размислувал за Исуса на ист начин. Војната против сатаната е добиена (Колошаните 2,15). Новиот цар, Исус, поставен е од Бога (со знаците, чудесата и воскресението од мртвите) (Дела 2,22; 17,30-31). Тој заминал на небото за да го прими своето царство. Исус го пратил Светиот Дух пред себе и било само прашање на време кога ќе се врати. Во меѓувреме, човештвото добило можност да ја покаже својата верност кон новиот цар. Сега – пред Неговото враќање – мора да изберат на чија страна ќе бидат. Оние кои се подбивале со него, кои го мачеле а неговите сојузници ги убивале, немаат многу на што да се надеваат!

Читајте: 2. Петрово 3,3-9.

И самиот Исус рекол:

„И ова Евангелие за Царството ќе биде проповедано по целиот свет, за сведоштво на сите народи, и тогаш ќе дојде свршетокот“ (Maтej 24,14).

Второто послание на апостол Петар објаснува зошто Исус го одложува своето враќање.

А Павле пишува:

„Зашто, како што сите умираат во Адама, така и во Христа сите ќе оживеат. Но секој по својот ред: првенец Христос, после оние кои се Христови, во времето на Неговото доаѓање. Тогаш доаѓа крајот, кога ќе Му го предаде Царството на Бог и Таткото; откако ќе ги уништи: секое началство, и секоја власт и сила. Зашто, Тој треба да царува ’додека не ги положи сите свои непријатели под Своите нозе.’ Смртта ќе биде уништена како последен непријател. Зашто ’сè покорил под Неговите нозе.’ А кога вели, дека е покорено сè, јасно е дека е покорено сè, освен Оној, Кој Му покорил сè. Кога ќе Му биде потчинето сè, тогаш и Самиот Син ќе Му се потчини на Оној, Кој Нему Му потчинил сè, за да биде Бог сè во сè“ (1. Коринќаните 15,22-28).

За Павле и за првите христијани враќањето на Месија било исто толку важно како и неговото воскресение. Можеби Исус наскоро – кога доволно луѓе ќе копнеат по тоа – конечно ќе се врати за да ги соедини засекогаш небото и земјата!

Доколку сакате да добиете диплома на крајот од овој курс, треба да се регистрирате, да ги прочитате сите лекции на курсот и да ги изработите сите тестови, а потоа ќе ви ја врачиме дипломата.